Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 10

Зошто треба да се крстиш?

Зошто треба да се крстиш?

Секој од вас нека се крсти (ДЕЛА 2:38)

ПЕСНА 34 Да живееме беспрекорно

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1-2. Што обично се случува кога некој ќе се крсти, и што ќе разгледаме во оваа статија?

 ДАЛИ некогаш си набљудувал група кандидати за крштавање? Сигурно си можел да слушнеш како со увереност одговараат на двете прашања пред да се крстат. Си видел како нивните семејства и пријатели се гордеат со нив. А кога кандидатите за крштавање излегле од водата, си го чул аплаузот на присутните и си ја видел радоста која зрачела од нивните лица. Во просек, секоја седмица, илјадници поединци кои му го заветувале својот живот на Јехова стануваат негови крстени Сведоци.

2 А како е со тебе? Ако размислуваш да се крстиш, ти си нешто скапоцено среде овој злобен свет бидејќи си некој што го бара Јехова (Пс. 14:1, 2). Оваа статија е наменета за тебе без разлика дали си млад или стар. Но и ние, кои веќе сме крстени, исто така сакаме да ја зајакнеме нашата решеност да му служиме на Јехова засекогаш. Затоа, да разгледаме три од многуте причини зошто сакаме да му служиме на Јехова.

ГИ САКАШ ВИСТИНАТА И ПРАВДАТА

Сатана го оцрнувал Јеховиното име илјадници години, и продолжува да го прави тоа (види во пасуси 3-4)

3. Зошто слугите на Јехова ги сакаат вистината и праведноста? (Псалм 119:128, 163).

3 Јехова му заповедал на својот народ да ја сака вистината (Зах. 8:19). Исус ги поттикнал своите следбеници да ја сакаат праведноста (Мат. 5:6). Ова значи дека треба да имаме силна желба да го правиме она што е исправно, добро и чисто во Божји очи. Дали ги сакаш вистината и праведноста? Уверени сме дека е така. Ти ја мразиш лагата и сѐ што е погрешно и злобно. (Прочитај Псалм 119:128, 163.) Оној што лаже го следи примерот на Сатана, владетелот на овој свет (Јован 8:44; 12:31). Една од неговите цели е да го оцрни светото име на Јехова Бог. Сатана шири лаги за нашиот Бог уште од побуната во рајската градина Еден. Тој го претставил Јехова како еден себичен и нечесен Владетел кој им ускратува некакво добро на луѓето (1. Мој. 3:1, 4, 5). Сатана со своите лаги сѐ уште се обидува да ги затруе умовите и срцата на луѓето. Кога луѓето ќе изберат да не ја сакаат вистината, Сатана може да ги наведе да прават најразлични неправедни и злобни работи (Рим. 1:25-31).

4. Како Јехова покажал дека е Бог на вистината? (Види ја и сликата.)

4 Јехова е Бог на вистината, и тој великодушно ги поучува за вистината оние што го сакаат (Пс. 31:5). На тој начин ги ослободува од лагите на Сатана. Исто така, Јехова ги поучува своите слуги да бидат чесни и праведни. Со тоа им помага да имаат поголема самопочит и внатрешен мир (Изр. 13:5, 6). Дали Јехова го сторил тоа и за тебе додека си ја проучувал Библијата? Си дознал дека мерилата на Јехова се најдобри за целото човештво, а и за тебе лично (Пс. 77:13). Затоа, ти сакаш да го правиш она што е исправно во Божји очи (Мат. 6:33). Ти сакаш да им ја кажуваш вистината на другите и да докажеш дека она што Сатана го тврди за нашиот Бог, Јехова, е лага. Како можеш да го правиш тоа?

5. Како можеш да покажеш дека ги сакаш вистината и праведноста?

5 Ти можеш да избереш начин на живот со кој всушност велиш: „Јас ги отфрлам лагите на Сатана, и се држам за вистината. Сакам Јехова да биде мој Владетел и да го правам она што тој вели дека е исправно“. Како можеш да покажеш дека и ти избираш таков начин на живот? Така што ќе му ветиш на Јехова во молитва дека ќе му служиш засекогаш и потоа ќе се крстиш. Љубовта кон она што е вистинито и праведно е силен мотив да одлучиш да се крстиш.

ГО САКАШ ИСУС ХРИСТОС

6. Според Псалм 45:4, кои добри причини ги имаш да го сакаш Исус Христос?

6 Зошто го сакаш Исус Христос? Забележи некои добри причини кои се запишани во Псалм 45:4. (Прочитај.) Исус ги застапува вистината, понизноста и праведноста. Ако ги сакаш вистината и праведноста, сосема е разбирливо што го сакаш и Исус Христос. Помисли колку храбро Исус ги бранел вистината и правдата (Јован 18:37). А како Исус ја застапува понизноста?

7. Што ти остава посебен впечаток во врска со понизноста на Исус?

7 Исус, со својот пример, нѐ поттикнува да бидеме понизни. Еден начин на кој го прави тоа е така што секогаш му ја припишува сета слава на својот Татко, а никогаш на себеси (Мар. 10:17, 18; Јован 5:19). Што мислиш за ваквата понизност на Исус? Сигурно те поттикнува да го сакаш и да го следиш. Зошто е Исус понизен? Бидејќи го сака својот понизен Татко, и го следи неговиот пример (Пс. 18:35; Евр. 1:3). Зарем ова не те поттикнува уште повеќе да го сакаш Исус, кој совршено ги одразува особините на Јехова?

8. Зошто сме среќни што Исус е наш Цар?

8 Ние сме среќни што Исус е наш Цар бидејќи тој е најдобриот владетел. Лично Јехова го обучил својот Син и го поставил да владее (Иса. 50:4, 5). Размисли и за самопожртвуваната љубов што Исус ја покажал (Јован 13:1). Како твој Цар, тој потполно ја заслужува твојата љубов. Исус објаснил дека оние што вистински го сакаат — оние што ги нарекува свои пријатели — ја покажуваат својата љубов така што се послушни на неговите заповеди (Јован 14:15; 15:14, 15). Навистина е голема чест да бидеме пријатели со Јеховиниот Син.

9. На кој начин крштавањето на христијаните е слично со крштавањето на Христос?

9 Една од заповедите на Исус е дека неговите следбеници треба да се крстат (Мат. 28:19, 20). Тој ни оставил и пример. Во некои работи неговото крштавање се разликува од крштавањето на неговите следбеници. (Види ја рамката „ Крштавањето на Исус и крштавањето на неговите следбеници — кои се разликите“.) Но, во некои други работи тие се слични. Кога се крстил, Исус покажал дека е спремен да ја врши волјата на својот Татко (Евр. 10:7). Слично на тоа, кога следбениците на Христос ќе се крстат, тие јавно покажуваат дека му го заветувале својот живот на Јехова Бог. Од тој момент, најважната работа во нивниот живот е да ја вршат Божјата волја, а не својата. На овој начин тие го следат примерот на својот Господар.

10. Зошто љубовта кон Исус треба да те поттикне да се крстиш?

10 Ти веруваш дека Исус е единородниот Син на Јехова, и среќен си дека тој е царот што Бог го поставил да владее над нас. Ти знаеш дека Исус е понизен и дека совршено го следи примерот на својот Татко. Си дознал дека тој ги хранел гладните, ги тешел обесхрабрените, па дури и дека ги лекувал болните (Мат. 14:14-21). Гледаш како тој го води своето собрание денес (Мат. 23:10). А знаеш и дека ќе направи многу повеќе во иднина како Цар на Божјето Царство. Како можеш да покажеш дека го сакаш? Така што ќе го следиш неговиот пример (Јован 14:21). Една од првите работи што можеш да ги направиш за да го следиш Исус е да му го заветуваш твојот живот на Јехова и да се крстиш.

ГО САКАШ ЈЕХОВА БОГ

11. Која е најважната причина зошто некој треба да се крсти, и зошто?

11 Која е најважната причина зошто некој треба да се крсти? Исус открил која е најголемата Божја заповед кога рекол: „Сакај го Јехова, својот Бог, со сето свое срце, и со сета своја душа, и со сиот свој ум, и со сета своја сила“ (Мар. 12:30). Дали овие зборови ја опишуваат и твојата љубов кон Бог?

Јехова ти ја дал секоја убава работа во која си уживал во животот (види во пасуси 12-13)

12. Зошто го сакаш Јехова? (Види ја и сликата.)

12 Постојат многу причини за да го сакаме Јехова. На пример, си сфатил дека тој е „изворот на животот“ и дека од него доаѓа „секој добар дар и секој совршен подарок“ (Пс. 36:9; Јак. 1:17). Секоја убава работа во која уживаш ти ја дал нашиот великодушен, грижлив Бог.

13. Зошто откупнината е прекрасен подарок?

13 Откупнината е прекрасен подарок што ни го дал Јехова. Зошто може да го кажеме тоа? Размисли колкава блискост постои помеѓу Јехова и неговиот Син. Исус рекол: „Таткото ме сака“ и „[јас] го сакам Таткото“ (Јован 10:17; 14:31). Во текот на милијардите години, блискоста меѓу нив станувала сѐ посилна (Изр. 8:22, 23, 30). Помисли колкава болка мора да чувствувал Бог кога дозволил неговиот Син да страда и да умре. Јехова толку многу го сака човештвото, вклучувајќи те и тебе, што бил спремен да го даде својот сакан Син како жртва за да можеме сите ние да живееме вечно (Јован 3:16; Гал. 2:20). Ова е најголемата причина зошто треба да го сакаме Бог.

14. Која е најдобрата цел што можеш да си ја поставиш во животот?

14 Колку повеќе си учел за Јехова, толку повеќе твојата љубов кон него растела. Без сомнение, ти сакаш да стануваш сѐ поблизок со него сега и во сета вечност. И, ти можеш да успееш во тоа. Јехова љубезно те поттикнува да го радуваш неговото срце (Изр. 23:15, 16). Тоа можеш да го правиш не само со зборови туку и со постапки. Начинот на кој го живееш својот живот ќе покаже дека навистина го сакаш Јехова (1. Јов. 5:3). Тоа е најдобрата цел што можеш да си ја поставиш во животот.

15. Како можеш да покажеш дека го сакаш Јехова?

15 Како можеш да покажеш дека го сакаш Јехова? Прво, во една посебна молитва треба да му го заветуваш твојот живот на единствениот вистински Бог (Пс. 40:8). Потоа, треба јавно да покажеш пред другите дека си му го заветувал својот живот на Јехова со тоа што ќе се крстиш. Како што спомнавме во почетокот на оваа статија, твоето крштавање ќе биде многу радосен и важен момент во твојот живот. Ќе почнеш да живееш нов живот, но не за себеси туку за Јехова (Рим. 14:8; 1. Пет. 4:1, 2). Можеби ти се чини дека ова е голема одлука што треба да ја донесеш, и навистина е така. Но таа ќе ти овозможи да го живееш најдобриот можен начин на живот. Како?

16. Според Псалми 41:12, како Јехова ќе ги награди оние што го користат својот живот за да му служат?

16 Јехова е најдарежливата личност. Без разлика колку ти ќе му дадеш нему, тој секогаш за возврат ќе ти даде многу повеќе (Мар. 10:29, 30). Тој ќе ти овозможи да водиш најинтересен и најисполнет можен начин на живот уште сега во овој злобен свет. А ова е само почеток. Животниот пат по кој ќе почнеш да одиш откако ќе се крстиш, не мора никогаш да заврши. Можеш да продолжиш да му служиш на твојот сакан Татко засекогаш. Љубовта меѓу тебе и твојот Татко ќе продолжи да расте. И всушност, ќе живееш толку долго колку што ќе живее тој — во сета вечност. (Прочитај Псалм 41:12.)

17. Што е тоа што можеш да му го дадеш на Јехова, а тој сѐ уште го нема?

17 Кога ќе му го заветуваш својот живот на Бог и ќе се крстиш, ќе имаш чест да му дадеш на твојот Татко нешто многу скапоцено. Тој ти ја дал секоја убава работа, секој среќен момент во кој си уживал. За возврат, ти можеш да му дадеш на сопственикот на небото и на Земјата нешто што тој сѐ уште го нема — твојата спремност верно да му служиш (Јов 1:8; 41:11; Изр. 27:11). Зарем има подобар начин на кој би можел да го користиш твојот живот? Без сомнение, твојата љубов кон Јехова е најдобрата причина да се крстиш.

ЗОШТО СЀ УШТЕ ЧЕКАШ?

18. Кои прашања би можел да си ги поставиш?

18 Како би одговорил ако некој те праша: „Дали ќе се крстиш?“ Само ти можеш да одговориш на ова прашање. Но можеби ќе ти биде од корист ако се прашаш: „Зошто сѐ уште чекам да се крстам?“ (Дела 8:36). Сети се на трите причини што ги разгледавме. Прво, ги сакаш вистината и правдата. Прашај се: „Дали сакам да го видам денот кога секој ќе ја зборува вистината и ќе го прави она што е исправно?“ Второ, го сакаш Исус Христос. Прашај се: „Дали сакам Божјиот Син да биде мој Цар, и дали сакам да го следам неговиот пример?“ Трето, и најважно, го сакаш Јехова. Прашај се: „Дали сакам да го радувам срцето на Јехова така што ќе му служам?“ Ако одговорот на овие прашања е „да“, тогаш зошто не се крстиш? Зошто сѐ уште чекаш? (Дела 16:33)

19. Зошто не треба да се двоумиш да се крстиш? Наведи пример (Јован 4:34).

19 Ако се двоумиш дали да се крстиш, размисли за една споредба што ја дал Исус. (Прочитај Јован 4:34.) Забележи дека Исус рекол дека за него вршењето на волјата на неговиот Татко е како храна. Зошто? Храната е корисна за нас. Исус знаел дека сѐ што Јехова бара од нас да правиме е корисно за нас. Јехова не сака да правиме нешто што би ни наштетило. Дали Јехова сака да се крстиш? Да (Дела 2:38). Затоа можеш да бидеш сигурен дека, ако ја послушаш заповедта да се крстиш, тоа ќе биде за твое добро. Сигурно не би се двоумел да јадеш од најубавото јадење што можеш да си го замислиш. Тогаш зошто да се двоумиш да се крстиш?

20. Што ќе разгледаме во следната статија?

20 На прашањето: „Зошто сѐ уште чекаш?“, многумина можеби ќе одговорат: „Сѐ уште не сум спремен“. Факт е дека одлуката да му го заветуваш својот живот на Јехова и да се крстиш, е најважната одлука што треба да ја донесеш. Затоа треба внимателно да размислиш за оваа одлука, и да вложиш време и труд за да ги исполниш условите. Но ако имаш искрена желба да го преземеш овој чекор, што можеш да направиш уште сега за да се подготвиш? Одговорот на ова прашање ќе го разгледаме во следната статија.

ПЕСНА 28 Да бидеме пријатели со Јехова

a Крштавањето е многу важен чекор што треба да го направи секој што ја проучува Библијата. Но што може да поттикне еден интересент да го преземе овој чекор? Со еден збор, љубовта. Но љубов кон што и кон кого? Во оваа статија ќе го најдеме одговорот на овие прашања и ќе разгледаме каков живот може да очекува секој што ќе стане крстен христијанин.