СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 13
Поучувај ги децата за Јехова преку неговите творби
Кој го создал тоа? (ИСА. 40:26)
ПЕСНА 11 Творештвото го слави Бог
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1. Што посакуваат родителите за своите деца?
РОДИТЕЛИ, знаеме дека сакате да им помогнете на своите деца да го запознаат и да го засакаат Јехова. Но, Бог не можеме да го видиме. Тогаш, како можете да им помогнете на своите деца да гледаат на него како на вистинска личност и да станат блиски со него? (Јак. 4:8).
2. Како можат родителите да ги поучуваат своите деца за особините на Јехова?
2 Еден важен начин на кој можете да им помогнете на своите деца да се зближат со Јехова е така што ќе ја проучувате Библијата со нив (2. Тим. 3:14-17). Сепак, Библијата ни открива уште еден начин на кој младите можат да учат за Јехова. Во книгата Изреки, еден татко очигледно го потсетува својот син никогаш да не ги изгуби од вид особините на Јехова, кои јасно се гледаат во неговите творби (Изр. 3:19-21). Ќе разгледаме неколку начини на кои родителите можат да ги користат творбите на Јехова за да им помогнат на своите деца подобро да го запознаат.
КАКО ДА ГИ КОРИСТИТЕ ТВОРБИТЕ НА ЈЕХОВА ЗА ДА ГИ ПОУЧИТЕ ДЕЦАТА?
3. Во што треба да им помогнат родителите на своите деца?
3 Библијата вели дека Божјите „невидливи својства... јасно се гледаат уште од создавањето на светот, бидејќи се распознаваат по она што е создадено“ (Рим. 1:20). Родители, вие веројатно многу сакате да поминувате време со своите деца во природа. Користете го тоа време за да им помогнете на вашите деца да ја видат врската помеѓу „она што е создадено“ и Јеховините прекрасни особини. Да видиме што можат родителите да научат од примерот на Исус.
4. Како Исус ги користел творбите на Јехова за да ги поучи своите ученици? (Лука 12:24, 27-30).
4 Забележете како Исус ги користел творбите на Јехова за да поучува. Во една прилика, тој им рекол на своите ученици да ги набљудуваат гавраните и криновите. (Прочитај Лука 12:24, 27-30.) Исус можел да го спомне кое и да било животно или растение, но тој избрал една птица и едно цвеќе кои на неговите ученици им биле добро познати. Учениците можеле да видат гаврани што летаат во нивна близина, како и цвеќиња што цветаат во полињата. Можете ли да си го замислите Исус како покажува кон тие работи додека зборува за нив? И што направил откако ги спомнал тие примери? На своите ученици тој им дал една важна поука за дарежливоста и добрината на нивниот небесен Татко — дека Јехова ќе ги храни и ќе ги облекува своите верни слуги исто како што го прави тоа за гавраните и цвеќињата во полето.
5. Кои работи од природата можат да ги користат родителите за да ги поучат своите деца за Јехова?
5 Родители, додека ги поучувате своите деца, како можете да го следите примерот на Исус? Би можеле да зборувате со вашето дете за нешто од природата што вам посебно ви се допаѓа, како на пример за вашето омилено животно или растение. Притоа, објаснете му што учиме од тоа за Јехова. Би можеле да го прашате вашето дете кое е неговото омилено животно или растение. Ако зборувате за нешто што нему му е интересно, вашето дете веројатно уште повнимателно ќе ве слуша додека се трудите да го поучите за Јехова.
6. Што учиме од примерот што го оставила мајка му на Кристофер?
6 Дали родителите мора да вложуваат многу време за да истражуваат за некое животно или растение, за да можат потоа да разговараат со своите деца и да им објаснат што учиме од нив за Јехова? Ова не е секогаш неопходно. Исус не зборувал надолго и нашироко за тоа како се хранат гавраните или за градбата на криновите. Дури и ако вашите деца сакаат да научат повеќе детали за работите што Јехова ги создал, понекогаш еден едноставен коментар или прашање се доволни за да ја сфатат поентата. Забележете на што се сеќава од своето детство еден брат по име Кристофер: „Мајка ми нѐ поучуваше на едноставен начин за да ни помогне да стекнеме ценење за работите што ги создал Јехова. На пример, кога ќе бевме близу до некоја планина, ќе речеше: ’Погледнете колку се големи и убави планиниве! Зарем Јехова не е величествен Бог?‘ Или, кога ќе бевме покрај океанот, ќе речеше: ’Погледнете колкава сила имаат брановите! Зарем ова не покажува колку е моќен Бог?‘“ Кристофер вели: „Тие едноставни, но длабоки зборови имаа големо влијание врз нас“.
7. Како можете да им помогнете на своите деца да размислуваат за она што го создал Јехова?
7 Додека вашите деца растат, трудете се да им помогнете да почнат самите да размислуваат за работите што ги создал Јехова, и од нив да учат за неговите особини. Можете да спомнете една од творбите на Јехова и да го прашате вашето дете: „Што учиш од ова за Јехова?“ Можеби ќе ве изненади и ќе ве израдува кога ќе чуете како размислува вашето дете (Мат. 21:16).
КОГА МОЖЕТЕ ПРЕКУ ТВОРБИТЕ НА ЈЕХОВА ДА ГИ ПОУЧИТЕ ДЕЦАТА?
8. Какви прилики имале родителите во Израел додека оделе „по пат“?
8 Во минатото, Израелците биле поттикнати да ги поучуваат своите деца за Јеховините заповеди кога оделе „по пат“ (5. Мој. 11:19). Патиштата во Израел минувале низ разни предели каде што имало многу животни, птици и цвеќиња. Додека патувале како семејство, Израелците имале прилики да го зголемат интересот на децата за работите што Јехова ги создал. Веројатно и вие имате слични прилики во кои можете да ги поучувате вашите деца. Да разгледаме како некои родители го прават тоа.
9. Што можеме да научиме од Пунита и Катја?
9 Една мајка по име Пунита, која живее во еден голем град во Индија, вели: „Кога одиме да го посетиме нашето семејство на село, на тоа гледаме како на прилика да ги поучиме нашите деца за прекрасните творби на Јехова. Сфатив дека моите деца повеќе учат од природата кога се далеку од метежот на преполните улици и од градскиот сообраќај“. Родители, вашите деца веројатно никогаш нема да го заборават времето што сте го поминале со нив на некое убаво место во природа. Катја, една сестра од Молдавија, вели: „Најживописните сеќавања од детството ми се оние моменти кога заедно со родителите одевме во природа. Многу сум им благодарна што од мала ме поучуваа да застанам и да ги набљудувам работите што ги создал Јехова за да можам преку нив да ги видам неговите особини“.
10. Што можат да прават родителите ако им е тешко да патуваат надвор од градот? (Види ја рамката „ Помош за родителите“.)
10 Што ако не сте во можност да патувате некаде надвор од градот? Амол, кој исто така живее во Индија, вели: „Онаму каде што живеам, родителите мора да работат повеќе часови, и едно патување надвор од градот може да биде скапо. Но, може да ги видиме творбите на Јехова и да зборуваме за неговите особини дури и кога сме во некој мал парк или на балконот од некој висок објект“. Ако внимателно набљудувате, веројатно ќе откриете и во близината на вашиот дом многу од творбите на Јехова кои можете да им ги покажете на вашите деца (Пс. 104:24). Веројатно ќе забележите птици, инсекти, растенија и др. Карина од Германија вели: „Мајка ми сака цвеќиња, и затоа кога бев мала секогаш кога шетавме заедно ми покажуваше некое убаво цвеќе“. Родители, за да ги поучите вашите деца можете да ги користите и многуте видеоклипови и публикации од нашата организација во врска со творештвото. Без разлика каде живеете, можете да им помогнете на вашите деца да го набљудуваат она што Бог го создал. Сега да разгледаме некои од особините на Јехова што можете да им ги посочите на вашите деца.
ЈЕХОВИНИТЕ „НЕВИДЛИВИ СВОЈСТВА ЈАСНО СЕ ГЛЕДААТ“
11. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да сфатат дека Јехова е полн со љубов?
11 За да им помогнат на своите деца да сфатат дека Јехова е полн со љубов, родителите би можеле да им укажат на нежноста што ја покажуваат многу животни додека се грижат за своите младенчиња (Мат. 23:37). Исто така, можат да им истакнат колку голема разноликост постои во природата. Карина, која беше цитирана претходно, вели: „Кога ќе бевме излезени на прошетка, мајка ми секогаш ме поттикнуваше да застанам и да забележам колку е уникатно секое цвеќе и како неговата убавина ја одразува Јеховината љубов. Иако од тогаш поминаа многу години, јас сѐ уште внимателно ги набљудувам цвеќињата — ја забележувам нивната разноликост, боја и изглед. Тие и понатаму ме потсетуваат колку многу Јехова нѐ сака“.
12. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ја согледаат Божјата мудрост? (Псалм 139:14; види ја и сликата).
12 Помогнете им на своите деца да ја согледаат Божјата мудрост. Јехова е далеку помудар од нас (Рим. 11:33). На пример, би можеле да им кажете на децата како од водата што испарува се создаваат облаци кои потоа лесно се движат на небото од едно место на друго (Јов 38:36, 37). Исто така, би можеле да истакнете на колку прекрасен начин е создадено човечкото тело. (Прочитај Псалм 139:14.) Размислете како еден татко по име Владимир го направил тоа. Тој вели: „Еден ден, нашиот син падна од велосипед и си го повреди коленото. По неколку дена, раната му заздрави. Јас и жена ми му објаснивме дека Јехова ги создал нашите клетки со способност самите да се обновуваат. Спомнавме дека такво нешто не може да се види во работите што ги создал човекот. На пример, една кола не може самата да се поправи после некоја сообраќајна несреќа. Ова искуство му помогна на нашиот син да сфати колку мудар е Јехова“.
13. Како можат родителите да им помогнат на своите деца да ја согледаат Божјата моќ? (Исаија 40:26).
13 Јехова нѐ поттикнува да ги подигнеме очите кон небото и да размислуваме за неговата огромна моќ со која го одржува редот во универзумот. (Прочитај Исаија 40:26.) Можете да ги поттикнете своите деца да го набљудуваат небото и да размислуваат за тоа што го гледаат. Забележете на каков настан од детството се сеќава една сестра од Тајван: „Еднаш, со мајка ми бевме на кампување и имавме можност да го гледаме ноќното небо без да ни пречат градските светла. Тоа беше во период кога бев загрижена поради притисокот од врсниците и се прашував дали ќе успеам да му останам верна на Јехова. Мајка ми ме поттикна да размислувам за моќта со која Јехова ги создал сите ѕвезди и секогаш да имам на ум дека тој може да ја употреби таа моќ за да ми помогне да се справам со секој испит на верата. По тоа патување, во кое можев да ги набљудувам творбите на Јехова, бев поттикната уште подобро да го запознаам и бев уште порешена да продолжам да му служам“.
14. Како можат родителите да им помогнат на своите деца преку творбите на Јехова да сфатат дека тој е среќен Бог?
14 Творбите на Јехова откриваат дека тој е радосен Бог и дека има смисла за хумор. Научниците забележале дека повеќето животни си играат, вклучувајќи ги и птиците и рибите (Јов 40:20). Дали вашите деца некогаш се смееле додека гледале како некое животно си игра? Можеби виделе како некое маченце брка клопче волна или како некои кутриња се борат. Следниот пат кога вашите деца ќе се смеат на лудориите од некое животно, би можеле да ги потсетите дека му служиме на еден среќен Бог (1. Тим. 1:11).
УЖИВАЈТЕ ВО ТВОРБИТЕ НА ЈЕХОВА КАКО СЕМЕЈСТВО
15. Што може да им помогне на родителите да откријат за што размислуваат нивните деца? (Изреки 20:5; види ја и сликата).
15 Понекогаш, на децата им е тешко да зборуваат со своите родители за проблемите со кои се соочуваат. Во таков случај, можеби ќе треба да им помогнете на вашите деца да ви се отворат. (Прочитај Изреки 20:5.) На некои родители им е полесно да го прават тоа кога се во природа заедно со своите деца. Една причина е тоа што таму нема многу работи кои можат да им го одвлечат вниманието на децата и на родителите. Масахико, еден татко во Тајван, спомнува уште една причина: „Кога заедно како семејство сме излезени некаде во природа — било да пешачиме на планина било да шетаме на плажа — децата обично се поопуштени. Тогаш ни е полесно да им помогнеме да се отворат и да дознаеме за што размислуваат“. Катја, која ја спомнавме претходно, вели: „По часовите, мајка ми обично ме носеше во еден прекрасен парк. Во една таква опуштена атмосфера, ми беше полесно да ѝ кажам што се случуваше на училиште и што ме загрижуваше“.
16. Како можат семејствата да се опуштат и да се забавуваат додека уживаат во творбите на Јехова?
16 Додека семејствата уживаат во творбите на Јехова, тоа им дава можност да се опуштат и да се забавуваат, а ова им помага уште повеќе да се зближат еден со друг. Библијата вели дека има „време за смеење“ и „време за танцување“, односно за забавување (Проп. 3:1, 4). Јехова на Земјата создал прекрасни места каде што може да правиме работи во кои уживаме. Многу семејства сакаат да одат заедно во парк, на село, на планина или на плажа. Некои деца сакаат да трчаат и да играат во парк, да ги гледаат животните, или пак да пливаат во река, во езеро или во море. Навистина имаме прекрасни можности да се рекреираме во природата, опкружени со работите што Јехова ги создал!
17. Зошто родителите треба да им помогнат на своите деца да уживаат во Божјите творби?
17 Во Божјиот нов свет, како никогаш порано, родителите и децата ќе можат да уживаат во работите што ги создал Јехова. За разлика од денес, нема да имаме никаква причина да се плашиме од животните, ниту пак тие ќе се плашат од нас (Иса. 11:6-9). Ќе имаме време во сета вечност да уживаме во творбите на Јехова (Пс. 22:26). Но родители, немојте да чекате дотогаш за да им помогнете на своите деца да почнат да уживаат во работите што Јехова ги создал. Додека го користите творештвото за да ги поучите своите деца за Јехова, и тие веројатно ќе бидат поттикнати да го кажат истото што го кажал цар Давид: „Јехова... нема такви дела како твоите“ (Пс. 86:8).
ПЕСНА 134 Децата се скапоцен дар од Бог
a Многу браќа и сестри имаат убави спомени од времето кога заедно со своите родители уживале во природата. Тие сѐ уште се сеќаваат како нивните родители ги користеле тие прилики за да ги поучат за Јехова. Ако и ти имаш деца, како можеш да ги поучиш за особините на Бог преку она што тој го создал? Во оваа статија ќе добиеме одговор на ова прашање.