Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 14

„По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици“

„По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици“

По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг (ЈОВАН 13:35)

ПЕСНА 106 Да развиваме љубов!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

Како влијае врз многумина тоа што ќе ја видат љубовта што владее меѓу Јеховините слуги? (види во пасус 1)

1. Што им остава впечаток на многу луѓе кога за првпат ќе дојдат на нашите состаноци? (Види ја и сликата.)

 ЗАМИСЛИ СИ еден брачен пар кој за прв пат присуствува на состанок во една сала на Јеховините сведоци. Тие двајца се импресионирани од срдечниот пречек на браќата и сестрите, како и од љубовта што владее меѓу нив. После состанокот на пат кон дома, жената му вели на својот сопруг: „Многу убаво си поминавме. Има нешто посебно кај Јеховините сведоци, не се како другите луѓе“.

2. Од која причина некои престанале да му служат на Јехова?

2 Љубовта што постои меѓу Јеховиниот народ е навистина нешто посебно. Се разбира, Јеховините сведоци не се совршени (1. Јов. 1:8). Затоа, колку повеќе ги запознаваме другите во собранието, поголема е веројатноста дека ќе видиме некои од нивните слабости (Рим. 3:23). За жал, некои дозволиле поради несовршеностите на другите да престанат да му служат на Јехова.

3. По што можат да се препознаат вистинските следбеници на Исус? (Јован 13:34, 35).

3 Да го видиме повторно стихот на кој се темели оваа статија. (Прочитај Јован 13:34, 35.) По што можат да се препознаат вистинските следбеници на Исус? Не по совршенството, туку по љубовта. Исто така, забележи дека Исус не рекол: „По тоа вие ќе знаете дека сте мои ученици“. Тој рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици“. Со тоа Исус укажал дека не само неговите следбеници туку и оние кои не се дел од собранието ќе ги препознаат неговите вистински следбеници по несебичната љубов што ја покажуваат еден кон друг.

4. Кои прашања некои можеби си ги поставуваат во врска со вистинските христијани?

4 Некои луѓе кои не се Јеховини сведоци можеби се прашуваат: „Зошто може да се каже дека љубовта ни помага да ги препознаеме вистинските следбеници на Исус? Како Исус покажал љубов кон своите апостоли? Како можеме да го следиме примерот на Исус денес?“ Добро е и ние кои сме Сведоци да размислиме за одговорот на овие прашања. Тоа ќе ни помогне да покажуваме љубов во поголема мера, особено кога ќе треба да се справиме со несовршеностите на другите (Еф. 5:2).

ЗОШТО САМО ВИСТИНСКИТЕ ХРИСТИЈАНИ МОЖЕ ДА СЕ ПРЕПОЗНААТ ПО ЉУБОВТА?

5. Објасни што значат зборовите на Исус кои се запишани во Јован 15:12, 13.

5 Исус јасно кажал дека неговите следбеници ќе си покажуваат љубов на еден посебен начин. (Прочитај Јован 15:12, 13.) Забележи дека Исус им заповедал: „Сакајте се еден со друг како што јас ве сакав вас!“ Што значи ова? Како што објаснил Исус потоа, тоа е самопожртвувана љубов — љубов која поттикнува некој христијанин доколку е потребно дури и да умре за некој свој соверник. b

6. Како се гледа од Божјата Реч дека љубовта е многу важна?

6 Божјата Реч поучува дека љубовта е многу важна. На многу луѓе им се омилени следниве библиски стихови: „Бог е љубов“ (1. Јов. 4:8). „Сакај го својот ближен како себеси“ (Мат. 22:39). „Љубовта покрива мноштво гревови“ (1. Пет. 4:8). „Љубовта никогаш не престанува“ (1. Кор. 13:8). Од овие и од други стихови, јасно се гледа дека е многу важно да ја покажуваме оваа прекрасна особина.

7. Зошто Сатана не може да ги поучи луѓето да се сакаат и да бидат обединети?

7 Многу луѓе се прашуваат: „По што можам да ја препознаам вистинската религија? Сите религии тврдат дека поучуваат за вистината. Но сите тие имаат различни учења за Бог“. Сатана создал многу лажни религии, и затоа луѓето се збунети и тешко им е да ја препознаат вистинската религија. Но тој никогаш не може да создаде едно меѓународно братство од христијани кои вистински се сакаат. Само Јехова може да го направи тоа. Ова е логично бидејќи вистинската љубов доаѓа од Јехова. Само оние кои го имаат неговиот дух и благослов можат вистински да се сакаат еден со друг (1. Јов. 4:7). Токму затоа Исус рекол дека само неговите следбеници ќе покажуваат несебична љубов еден кон друг.

8-9. Како врз многу поединци влијаело тоа што виделе дека меѓу Јеховините сведоци владее љубов?

8 Токму како што прорекол Исус, многумина ги препознале неговите вистински следбеници по искрената љубов што ја покажуваат меѓу себе. На пример, еден брат по име Јан се сеќава на првиот конгрес на кој присуствувал, а се одржал на еден спортски стадион близу до неговиот дом. Неколку месеци претходно, бил на истиот стадион за да гледа спортски натпревар. Тој вели: „Разликата со овој конгрес беше огромна. Сведоците беа културни и убаво облечени, а нивните деца добро воспитани“. Тој додава: „Што е уште поважно, изгледаше дека овие луѓе се задоволни и имаат душевен мир — работи по кои јас копнеев. Не се сеќавам ниту на едно предавање што беше одржано тој ден, но однесувањето на Сведоците ми остави траен впечаток“. c Се разбира, таквото однесување е резултат на искрената љубов што владее меѓу нас. Бидејќи ги сакаме нашите браќа и сестри, ние се однесуваме со нив љубезно и со почит.

9 Еден брат по име Џон имал сличен впечаток за Сведоците кога почнал да присуствува на собраниските состаноци. Тој вели дека бил воодушевен од срдечноста на луѓето таму. „Ми изгледаа како светци! Љубовта меѓу нив ме увери дека ја пронајдов вистинската религија“. d Овие и многу други искуства покажуваат дека Јеховините слуги се вистински христијани.

10. Кога особено имаме можност да покажеме христијанска љубов? (Види ја и фуснотата.)

10 Како што беше спомнато на почетокот, ниту еден од нашите соверници не е совршен. Понекогаш некој ќе каже или ќе направи нешто со што ќе нѐ вознемири (Јак. 3:2). e Особено во таквите прилики имаме можност да покажеме христијанска љубов со начинот на кој ќе реагираме. Што можеме да научиме од примерот на Исус во тој поглед? (Јован 13:15).

КАКО ИСУС ПОКАЖАЛ ЉУБОВ КОН СВОИТЕ АПОСТОЛИ?

Исус покажувал љубов кон апостолите иако тие правеле многу грешки (види во пасуси 11-13)

11. Кои лоши особини ги покажале Јаков и Јован? (Види ја и сликата.)

11 Исус не очекувал совршенство од своите следбеници. Напротив, со љубов им помагал да ги исправат своите непожелни карактерни црти за да можат да го радуваат Јехова. Во една прилика, двајца од апостолите, Јаков и Јован, ја пратиле својата мајка кај Исус за да го замоли да ги постави на високи положби во Царството (Мат. 20:20, 21). Со таа постапка, Јаков и Јован покажале дека се горди и амбициозни (Изр. 16:18).

12. Дали Јаков и Јован биле единствените што покажале лоши особини? Објасни.

12 Јаков и Јован не биле единствените што покажале лоши особини во таа прилика. Забележи како реагирале другите апостоли: „Кога го чуја тоа, останатите десетмина им се налутија на двајцата браќа“ (Мат. 20:24). Можеме да замислиме каква расправија настанала меѓу нив и колку остри зборови си кажале еден на друг. Другите апостоли можеби им го рекле следново на Јаков и Јован: „Што се замислувате? Мислите дека сте нешто подобри од нас, па затоа барате повисоки положби во Царството? Само вие ли правите многу во службата заедно со Исус? Ако вие заслужувате високи положби, тогаш заслужуваме и ние“. Без разлика што точно кажале, во таа прилика заборавиле дека секогаш треба да си покажуваат љубов и убаво да се однесуваат еден со друг.

13. Како Исус реагирал кога ги гледал мааните што ги имале неговите апостоли? (Матеј 20:25-28).

13 Како постапил Исус со апостолите во таа ситуација? Тој не се разгневил. Не рекол дека ќе си бара подобри апостоли, некои со поголема понизност кои секогаш постапуваат со љубов еден со друг. Наместо тоа, Исус стрпливо разговарал со нив бидејќи знаел дека сакаат да го прават она што е исправно. (Прочитај Матеј 20:25-28.) Тој секогаш постапувал љубезно со нив, иако тие често се расправале за тоа кој од нив е поголем (Мар. 9:34; Лука 22:24).

14. Во каква средина растеле апостолите на Исус?

14 Без сомнение, Исус ја зел предвид културата во која пораснале неговите апостоли (Јован 2:24, 25). Во средината во која тие растеле, верските водачи ставале голем нагласок на угледот и положбата во општеството (Мат. 23:6). f Исто така, еврејските верски водачи биле самоправедни (Лука 18:9-12). g Исус бил свесен дека таквата средина може да влијае врз гледиштето што го имале апостолите за себеси и за другите (Изр. 19:11). Тој имал реалистични очекувања од своите апостоли и секогаш бил стрплив со нив кога ќе згрешеле. Знаел дека тие имаат добри срца, и затоа стрпливо им помагал да бидат понизни и да покажуваат љубов, наместо да бидат горди и амбициозни.

КАКО МОЖЕМЕ ДА ГО СЛЕДИМЕ ПРИМЕРОТ НА ИСУС?

15. Што можеме да научиме од случката со Јаков и Јован?

15 Можеме многу да научиме од случката со Јаков и Јован. Тоа што побарале да имаат високи положби во Царството било погрешно. Но, и другите апостоли постапиле погрешно, затоа што дозволиле таа ситуација да им го наруши единството. Но, Исус бил благ и љубезен со сите 12 апостоли. Што учиме од тоа? Не е важно само што прават другите, туку како ние реагираме на нивните грешки и слабости. Што може да ни помогне во тоа? Кога некој наш соверник ќе нѐ вознемири со нешто, може да се прашаме: „Зошто тоа што тој го направи ме вознемири толку многу? Дали тоа открива некоја негативна особина на која треба јас да работам? Дали лицето кое ме вознемирило се бори со некоја тешкотија? Дури и ако имам оправдана причина да бидам вознемирен, дали сепак можам да покажам несебична љубов и да простам?“ Секогаш кога покажуваме љубов кон другите, докажуваме дека сме вистински следбеници на Исус.

16. Што друго можеме да научиме од примерот на Исус?

16 Од примерот на Исус учиме и дека треба да се трудиме да ги разбереме нашите соверници (Изр. 20:5). Точно, Исус можел да ги чита срцата. Ние не можеме. Но може да се потрудиме да покажеме разбирање за несовршеностите на нашите браќа и сестри, и да бидеме стрпливи со нив кога ќе нѐ изнервираат (Еф. 4:1, 2; 1. Пет. 3:8). Полесно ќе ни биде да го правиме тоа ако подобро ги запознаеме. Да разгледаме еден пример.

17. Како му користело на еден покраински надгледник тоа што се потрудил подобро да запознае еден брат?

17 Еден покраински надгледник, кој служи во источна Африка, се сеќава на еден брат за кого сметал дека има незгоден карактер. Што направил овој покраински надгледник? Тој вели: „Наместо да го избегнувам братот, решив подобро да го запознаам“. Правејќи го тоа, тој дознал дека начинот на кој братот пораснал влијаел врз неговиот карактер. Покраинскиот надгледник додава: „Откако сфатив колку многу се бори братот за да ја смени својата личност и колку многу работи веќе успеал да промени, му се восхитувам. Сега сме добри пријатели“. Навистина, ако се трудиме да ги разбереме нашите браќа и сестри, ќе ни биде полесно да им покажуваме љубов.

18. Какви прашања би можеле да си поставиме кога ќе нѐ повреди некој наш соверник? (Изреки 26:20).

18 Понекогаш можеби сметаме дека треба да разговараме со некој соверник што нѐ повредил. Но, прво ќе биде добро да си поставиме некои прашања, како на пример: „Дали ги имам сите факти? (Изр. 18:13). Дали можеби тој ненамерно ме повредил? (Проп. 7:20). Дали јас некогаш сум направил слична грешка? (Проп. 7:21, 22). Ако разговарам со тоа лице, дали само ќе ја влошам ситуацијата наместо да ја решам?“ (Прочитај Изреки 26:20.) Ако одвоиме време да размислиме за вакви прашања, можеби ќе бидеме поттикнати да покажеме љубов така што едноставно ќе престанеме да размислуваме за она што се случило.

19. Што си решен да правиш?

19 Како група, Јеховините сведоци си покажуваат љубов и со тоа докажуваат дека се вистински следбеници на Исус. Секој од нас поединечно докажува дека е вистински следбеник на Исус кога покажува несебична љубов кон браќата и сестрите и покрај нивните несовршености. На тој начин можеме да им помогнеме на другите да ја препознаат вистинската религија и заедно со нас да почнат да му служат на Јехова, Богот на љубовта. Да бидеме решени и понатаму да ја покажуваме љубовта по која се препознаваат вистинските христијани.

ПЕСНА 17 „Сакам“

a Многу луѓе се привлечени кон вистината бидејќи гледаат дека меѓу нас владее искрена љубов. Сепак, ние сме несовршени и затоа некогаш не ни е лесно да си покажуваме љубов еден кон друг. Да разгледаме зошто љубовта е толку важна, и како можеме да го следиме примерот на Исус додека се трудиме да се справиме со несовршеностите на другите.

c Види ја статијата „Конечно најдов смисла во животот!“, која излезе во Стражарска кула од 1 ноември 2012, стр. 13-14.

d Види ја статијата „Ми одеше добро во животот“, која излезе во Стражарска кула од 1 мај 2012, стр. 18-19.

e Во оваа статија не станува збор за сериозни гревови за кои старешините ќе мора да преземат нешто, како оние што се наведени во 1. Коринќаните 6:9, 10.

f Спореди со видеоклипот The Front Seats in the Synagogue во белешката за проучување за Матеј 23:6, во англиското издание на Превод Нов свет.

g Се вели дека многу подоцна еден рабин рекол: „Во светот има најмалку триесет праведни луѓе како Авраам. Ако се триесет, јас и син ми сме двајца од нив. Ако се десет, јас и син ми сме двајца од нив. Ако се пет, јас и син ми сме двајца од нив. Ако се двајца, тоа сме јас и син ми. А ако е само еден, тогаш тоа сум јас“.