Прашања од читателите
Зошто човекот „тој и тој“ рекол дека ќе си го упропасти своето наследство ако се оженел со Рут? (Рут 4:1, 6, фус.).
Во библиски времиња, ако еден маж кој бил женет умрел без да има деца, се покренувале некои прашања: Кој ќе ја наследел неговата земја? Дали неговото име ќе било засекогаш заборавено? Мојсеевиот закон давал одговор на овие прашања.
Што ќе се случело со земјата на еден маж кој умрел, или пак поради сиромаштија морало да ја продаде својата земја? Некој негов брат или близок роднина можел да ја откупи земјата. Така земјата ќе останела во рамките на семејството (3. Мој. 25:23-28; 4. Мој. 27:8-11).
Како можело да се зачува името на починатиот? Преку деверски брак, како што било во случајот со Рут. Еден од браќата на починатиот можел да се ожени со неговата жена и со неа да има дете, кое потоа ќе го наследело името на починатиот и неговиот имот. Освен тоа, преку овој деверски брак била згрижена и вдовицата (5. Мој. 25:5-7; Мат. 22:23-28).
Да го разгледаме примерот со Ноемина. Таа била во брак со еден човек по име Елимелех. Кога тој и нивните два сина починале, повеќе немало маж во семејството кој ќе се грижел за неа (Рут 1:1-5). Кога се вратиле во Јуда, Ноемина ѝ рекла на својата снаа Рут да го замоли Вооз да ја откупи нивната земја. Тој бил близок роднина на Елимелех (Рут 2:1, 19, 20; 3:1-4). Но Вооз знаел дека еден друг роднина, кој во Библијата е наречен „тој и тој“, му бил поблизок роднина на Елимелех. Затоа, најпрво тој имал право да одлучи дали ќе биде нивни откупител (Рут 3:9, 12, 13).
Отпрвин, „тој и тој“ сакал да им помогне (Рут 4:1-4). Тој знаел дека ќе треба да даде пари за да ја купи земјата, но знаел и дека Ноемина е престара за да има дете кое ќе ја наследи земјата на Елимелех. Затоа ова изгледало како добра инвестиција, бидејќи земјата ќе останела во наследство на „тој и тој“.
Но „тој и тој“ се предомислил кога дознал дека ќе треба да се ожени со Рут. Тој рекол: „Не можам да ја откупам за да не си го упропастам своето наследство“ (Рут 4:5, 6). Зошто се предомислил?
Ако „тој и тој“ или некој друг се оженел со Рут, и таа родела син, тој син ќе ја наследел земјата на Елимелех. Како ова ќе го упропастело наследството на „тој и тој“? Во Библијата не пишува ништо за тоа, но има неколку можни причини.
Прво, парите залудно ќе си ги потрошел затоа што на крајот, земјата на Елимелех немало да биде негова, туку ќе ја наследел синот на Рут.
Второ, ќе имал одговорност да се грижи и за Рут и за Ноемина.
Трето, доколку Рут му родела и други деца на „тој и тој“, тие деца ќе требало да земат дел од наследството на другите негови деца доколку ги имал.
Четврто, доколку „тој и тој“ немал други деца, синот на Рут ќе имал право да ја наследи и земјата на Елимелех и земјата на „тој и тој“. Така неговата земја ќе ја наследело детето кое ќе го носело името на Елимелех, а не неговото. „Тој и тој“ не сакал да ѝ помогне на Рут за да не го доведе во ризик своето наследство. Сметал дека е подобро таа одговорност да ја преземе Вооз, кој бил следниот најблизок откупител. Вооз го сторил тоа затоа што сакал да го подигне името на умрениот (Рут 4:10).
Очигледно, на „тој и тој“ му било поважно да си ги зачува своето име и своето наследство. Тој бил себичен. Иако правел сѐ за да си го зачува своето име, денес ние не ни знаеме кое му било името. Исто така, ја пропуштил посебната чест што ја добил Вооз — да стане еден од предците на Месијата, Исус Христос. Колку жално што „тој и тој“ не ги добил тие благослови од Јехова бидејќи бил себичен и одбил да му помогне на некој што бил во мака! (Мат. 1:5; Лука 3:23, 32).