Прашања од читателите
Кои биле добротворите за кои зборувал Исус вечерта пред својата смрт, и како се стекнувала таа титула?
Вечерта пред својата смрт, Исус ги советувал своите апостоли да не настојуваат да стекнат слава или посебен углед меѓу браќата. Тој им рекол: „Царевите господарат над народите, и оние што владеат над народите се нарекуваат добротвори. Но вие не бидете такви!“ (Лука 22:25, 26).
Кои биле добротворите за кои зборувал Исус? Натписите, монетите и ракописите откриваат дека во грчкото и римското општество било обичај на некои владетели и угледни луѓе да им се оддаде чест така што им се давала титулата Евергет, односно добротвор. Овие луѓе добивале таква чест поради тоа што направиле нешто значајно за општеството.
Титулата добротвор ја носеле и некои цареви. Меѓу нив биле египетските владетели познати како Птоломеј III Евергет (о. 247-222 год. пр.н.е.) и Птоломеј VIII Евергет II (о. 147-117 год. пр.н.е.). Таа титула ја носеле и римските владетели Јулиј Цезар (48-44 год. пр.н.е.) и Август (31 год. пр.н.е.-14 год. н.е.), како и Ирод Велики, царот на Јудеја. Ирод веројатно ја добил таа титула бидејќи набавил жито за својот народ кој бил погоден од глад и ги снабдил сиромашните со облека.
Според германскиот библиски изучувач Адолф Дајсман, употребата на титулата добротвор била многу раширена. Тој забележал: „Во натписите лесно може да се најдат стотина места [каде што се користи оваа титула]“.
Според тоа, на што мислел Исус кога им кажал на своите ученици: „Но вие не бидете такви“? Дали сакал да им каже дека не треба да се грижат за доброто на луѓето во нивната околина? Воопшто не. Се чини дека Исус сакал да им каже да внимаваат на тоа од кои мотиви прават добри дела.
Во времето на Исус, некои богати луѓе сакале да си стекнат добро име со тоа што финансирале разни претстави и игри во арените, граделе паркови и храмови и поддржувале слични активности. Но тоа го правеле за другите да им се восхитуваат, да станат славни или да ги убедат луѓето да гласаат за нив. Во еден библиски прирачник пишува: „Иако имало донатори кои биле дарежливи од искрени мотиви, повеќето биле поттикнати од политички интереси“. Исус ги поучил своите ученици да немаат таков себичен и амбициозен став.
Неколку години подоцна, и апостол Павле нагласил колку е важно да даваме од исправни мотиви. Тој им го напишал следново на соверниците во Коринт: „Секој нека направи како што одлучил во своето срце, не без волја, ниту со сила, зашто Бог го сака веселиот дарител“ (2. Кор. 9:7).