Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Кој го обликува твоето размислување?

Кој го обликува твоето размислување?

Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет (РИМ. 12:2)

ПЕСНИ: 88, 45

1, 2. а) Како одговорил Исус кога Петар му кажал да биде милостив кон себе? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Зошто Исус одговорил на тој начин?

 ВО ЕДНА прилика, Исус им кажал на своите ученици нешто што ги запрепастило. Тие мислеле дека Исус ќе го обнови царството на Израел, но тој им кажал дека наскоро треба да страда и да умре. Апостол Петар веднаш му рекол: „Биди милостив кон себе, Господару. Тоа никако нема да ти се случи тебе“. Исус му одговорил: „Бегај од мене, Сатано! Ти си ми камен за спрепнување, зашто твоите мисли не се Божји, туку човечки“ (Мат. 16:21-23; Дела 1:6).

2 Со тие зборови, Исус јасно покажал дека Јеховиниот начин на размислување се разликува од размислувањето на овој свет кој е под власта на Сатана (1. Јов. 5:19). Зборовите што Петар му ги кажал на Исус го одразуваат себичниот став што преовладува во светот. Но, Исус знаел дека Јехова сака тој да се подготви за маченичката смрт која стоела пред него. Од одговорот што му го дал на Петар, јасно се гледа дека Исус го прифатил размислувањето на Јехова, а го отфрлил она на светот.

3. Зошто е полесно да размислуваме како луѓето во светот отколку како Јехова?

3 А како е со нас? Дали размислуваме како Јехова или како луѓето во светот? Без сомнение, како Божји слуги, ние даваме сѐ од себе за да го радуваме Бог со нашето однесување. Но како е со нашето размислување? Дали се трудиме да размислуваме како Јехова, односно да гледаме на работите од негова гледна точка? Треба да вложиме многу труд за да успееме во тоа. Од друга страна, многу е лесно да размислуваме како луѓето во светот бидејќи духот на светот е насекаде околу нас (Еф. 2:2). Освен тоа, размислувањето на светот може да ни биде привлечно бидејќи нѐ поттикнува најважно да ни биде да си угодуваме само на себе. Навистина, многу е полесно да размислуваме како луѓето во светот отколку како Јехова.

4. а) Што ќе се случи ако дозволиме светот да го обликува нашето размислување? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Ако дозволиме светот да го обликува нашето размислување, веројатно ќе станеме себични и ќе сакаме самите да одлучуваме што е исправно, а што погрешно (Мар. 7:21, 22). Затоа, многу е важно да се трудиме да размислуваме како Бог, а не како луѓето во светот. Оваа статија ќе ни помогне во тоа. Ќе дознаеме неколку причини зошто тоа што гледаме на работите од Јеховина гледна точка не нѐ ограничува непотребно, туку многу ни користи. Исто така, ќе видиме што треба да правиме за да не дозволиме ставовите на овој свет да влијаат врз нас. А во следната статија ќе дознаеме што може да ни помогне да размислуваме како Јехова.

ЗОШТО Е ЗА НАШЕ ДОБРО ДА РАЗМИСЛУВАМЕ КАКО ЈЕХОВА

5. Зошто некои луѓе не сакаат никој да влијае врз нив?

5 Некои луѓе не сакаат никој да влијае врз нивното размислување. Тие сакаат сами да носат одлуки и сметаат дека тоа е нивно право. Не сакаат никој да ги контролира или да ги присилува да бидат како другите. *

6. а) Каква слобода ни дава Јехова? б) Дали оваа слобода е неограничена?

6 Добро е да задржиме на ум дека, ако размислуваме како Јехова, не значи дека не можеме да имаме свои ставови. Во 2. Коринќаните 3:17 пишува: „Каде што е Јеховиниот дух, таму е слободата“. Јехова ни дава слобода да станеме личности какви што сакаме да бидеме. Сите имаме право на личен вкус и можеме да имаме свои интереси. Всушност, Јехова нѐ создал на овој начин. Но ова не значи дека имаме неограничена слобода. (Прочитај 1. Петрово 2:16.) Кога треба да процениме дали нешто е исправно или неисправно, Јехова сака да ја користиме неговата Реч, од која дознаваме како тој размислува. Дали тоа премногу нѐ ограничува, или е за наше добро?

7, 8. Дали тоа што гледаме на работите како Јехова нѐ ограничува непотребно? Наведи пример.

7 Да разгледаме една споредба. Родителите се обидуваат да им всадат на своите деца добри вредности. Можеби ги поучуваат да бидат чесни, трудољубиви и да се грижат за другите. Овие работи не ја ограничуваат премногу нивната слобода. Напротив, така родителите ги подготвуваат своите деца да водат успешен живот кога ќе пораснат. Кога децата ќе пораснат и ќе си отидат од дома, ќе можат сами да носат одлуки. Ако одлучат да живеат според вредностите за кои ги поучиле нивните родители, поголема е веројатноста дека ќе носат добри одлуки. Така ќе избегнат многу проблеми, грижи и разочарувања.

8 Како еден добар родител, Јехова сака неговите деца да имаат колку што е можно поисполнет живот (Иса. 48:17, 18). Затоа ни дава начела кои ни помагаат да бидеме чисти во морален поглед и добро да постапуваме со другите. Тој нѐ поттикнува да научиме да размислуваме како него и да живееме според неговите мерила. Ова не нѐ ограничува непотребно. Напротив, ни помага да бидеме помудри и да носиме одлуки кои ќе нѐ направат среќни, а во исто време ни остава простор да имаме свои желби и вкусови (Пс. 1:2, 3; 92:5; Изр. 2:1-5; Иса. 55:9). Кога размислуваме како Јехова, тоа ни користи на многу начини.

ЗОШТО ЈЕХОВИНИОТ НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ Е НАЈДОБАР

9, 10. Што покажува дека Јеховиниот начин на размислување е далеку подобар од оној на светот?

9 Друга причина зошто сакаме нашето размислување да биде послично на Јеховиното е затоа што неговото размислување е многу подобро од она на луѓето во светот. Некои во светот даваат совети за тоа кое однесување е исправно во морален поглед, како да имаме среќен семеен живот, како да сме успешни во работата и за други подрачја од животот. Но повеќето од тие совети не се во склад со Јеховиното размислување. На пример, светот честопати ги поттикнува луѓето да се истакнуваат себеси и да имаат попустлив став кон сексуалниот неморал. А кога брачните парови имаат мали несогласувања, светот понекогаш ги советува да се разведат или да живеат одвоено за да бидат посреќни. Таквите совети се сосема спротивни на она што го вели Библијата. Но дали советите што ги дава светот се посоодветни за нашево време?

10 Исус рекол: „Мудроста ја оправдуваат нејзините дела“ (Мат. 11:19). Иако светот постигнал голем напредок на полето на технологијата, сѐ уште нема решение за поголемите проблеми, како што се војните, расизмот и криминалот — проблеми кои ги спречуваат луѓето да бидат среќни. А дали има последици од попустливиот став на светот кон сексуалниот неморал? Многу луѓе се свесни дека тоа ги уништува семејствата, предизвикува здравствени проблеми и носи други лоши последици. Од друга страна, Божјите слуги кои размислуваат како Јехова имаат посреќен семеен живот, подобро здравје и мирољубиви односи со соверниците низ целиот свет (Иса. 2:4; Дела 10:34, 35; 1. Кор. 6:9-11). Ова јасно покажува дека Јеховиниот начин на размислување е далеку подобар од оној на светот.

11. Кој го обликувал размислувањето на Мојсеј, и каков бил резултатот од тоа?

11 Верните Божји слуги во минатото знаеле дека Јеховиниот начин на размислување е најдобар. На пример, иако бил поучен „за сета египетска мудрост“, Мојсеј знаел дека вистинската мудрост доаѓа од Јехова (Дела 7:22; Пс. 90:12). Затоа го молел Јехова: „Објави ми ги своите патишта“ (2. Мој. 33:13). Бидејќи му дозволил на Јехова да го обликува неговото размислување, Мојсеј имал значаен удел во извршувањето на Јеховината намера. Исто така, Божјата Реч за него вели дека бил човек со голема вера. Каква голема чест! (Евр. 11:24-27).

12. На чија мудрост се потпирал Павле?

12 Апостол Павле бил интелигентен и образован човек, и зборувал најмалку два јазика (Дела 5:34; 21:37, 39; 22:2, 3). Сепак, тој не се потпирал на световната мудрост, туку на Божјата, и своите ставови ги темелел на Светото писмо. (Прочитај Дела 17:2; 1. Коринќаните 2:6, 7, 13.) Како резултат на тоа, Павле бил многу успешен во службата и очекувал да добие вечна награда (2. Тим. 4:8).

13. Каква одговорност има секој од нас?

13 Јасно е дека Божјиот начин на размислување е далеку подобар од световниот. Ако живееме во склад со Божјите мерила, ќе бидеме вистински среќни и успешни. Но Јехова не нѐ присилува да размислуваме како него. Ниту „верниот и разборит роб“ ниту старешините не ги контролираат нашите мисли (Мат. 24:45; 2. Кор. 1:24). Напротив, секој од нас има лична одговорност да го доведе своето размислување во склад со Божјето. Како можеме да успееме во тоа?

НЕ ДОЗВОЛУВАЈ ДА ТЕ ОБЛИКУВА СВЕТОТ

14, 15. а) За што треба да размислуваме ако сакаме да го стекнеме Јеховиното гледиште за работите? б) Зошто не смееме да дозволиме световните ставови да влијаат врз нашиот ум? Наведи пример.

14 Во Римјаните 12:2 пишува: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум, за да утврдите која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“. Од овој стих учиме дека, без разлика што влијаело врз нашето размислување пред да ја дознаеме вистината, сепак можеме да ги усогласиме нашите мисли со Божјите. Иако врз нашиот начин на размислување до одредена мера влијаат генетските фактори и нашите искуства во животот, нашиот ум може постојано да се менува. Таквите промени главно ќе зависат од она за што ќе избереме да размислуваме. Ако длабоко размислуваме за Јеховиното гледиште за работите, ќе се увериме дека неговиот начин на размислување е секогаш исправен. Тоа во нас ќе роди желба да гледаме на работите како што гледа тој.

15 Меѓутоа, за да го доведеме нашиот начин на размислување во склад со Јеховиниот, не смееме да дозволиме да нѐ обликува овој свет. Ова значи дека мора да престанеме да гледаме, да читаме и да слушаме сѐ што не е во склад со Божјето размислување. За да разбереме колку е важно ова, ќе разгледаме една споредба со храна. Некој што сака да има подобро здравје може да реши да јаде поздрава храна. Но целиот труд би бил залуден ако редовно јаде и расипана храна. Слично на тоа, целиот наш труд да научиме да размислуваме како Јехова ќе биде залуден ако дозволиме штетните ставови на светот да влијаат врз нашиот ум.

16. На што треба да внимаваме?

16 Можеме ли целосно да ги избегнеме световните ставови? Не, до одредена мера ќе бидеме изложени на нив бидејќи не можеме дословно да излеземе од светот (1. Кор. 5:9, 10). Дури и кога проповедаме, ние слушаме како луѓето изнесуваат погрешни ставови и лажни верувања. Но, иако не можеме сосема да ги избегнеме таквите безбожни гледишта, не треба да размислуваме за нив или да ги прифатиме. Исто како Исус, треба брзо да ги отфрлиме мислите кои Сатана сака да ни ги наметне. Освен тоа, можеме да се заштитиме така што ќе внимаваме да не се изложуваме непотребно на световните ставови. (Прочитај Изреки 4:23.)

17. Што ќе ни помогне да не се изложуваме непотребно на световниот начин на размислување?

17 Многу е важно внимателно да ги избираме блиските пријатели. Библијата нѐ предупредува дека, ако станеме блиски пријатели со луѓе кои не му служат на Јехова, ќе почнеме да размислуваме како нив (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:12, 32, 33). Исто така, треба да внимаваме при изборот на забава и рекреација. Ако не гледаме емисии и филмови со кои се поддржува теоријата на еволуција или во кои има насилство или неморал, нема да си го труеме умот со ставови кои се „против познавањето на Бог“ (2. Кор. 10:5).

Дали им помагаме на нашите деца да ја отфрлат штетната забава? (Види во пасуси 18-19)

18, 19. а) Зошто мора да се чуваме од световните ставови кои се пренесуваат на прикриен начин? Наведи пример. б) Кои прашања треба да си ги поставиме, и зошто?

18 Исто така, треба да вложиме труд да ги препознаеме и веднаш да ги отфрлиме световните ставови кои се пренесуваат на прикриени начини. На пример, некои информации на медиумите се изнесуваат на таков начин со кој им се дава поддршка на одредени политички гледишта. А некои емисии и статии индиректно ги поттикнуваат луѓето да си поставуваат цели и да прифатат вредности на кои светот им се восхитува. Некои филмови и книги ги поттикнуваат луѓето да мислат дека најважно е да си угодат на себе и на своето семејство. Тие ги прикажуваат ваквите ставови како разумни и исправни. Но, тие ставови не се совпаѓаат со она што го вели Библијата — дека ние и нашето семејство ќе бидеме вистински среќни ако најмногу од сѐ го сакаме Јехова (Мат. 22:36-39). Исто така, некои приказни, цртани филмови и емисии за деца, кои иако главно се прифатливи, може да се проткаени со идеи и пораки што можат да влијаат врз децата да прифатат неморално однесување.

19 Ова не значи дека не смееме да се забавуваме и да се рекреираме на соодветен начин. Но треба да се прашаме: „Дали ги препознавам ставовите на овој свет дури и кога се пренесуваат на прикриен начин? Дали се штитам себеси и своите деца така што внимавам да не гледаме ниту да читаме материјали кои можат штетно да влијаат врз нас? Дали им помагам на децата да научат да размислуваат како Јехова за да не потпаднат под влијание на световните ставови?“ Ако правиме јасна разлика меѓу Божјиот начин на размислување и оној на светот, нема да дозволиме да нѐ обликува овој свет.

КОЈ ТЕ ОБЛИКУВА ТЕБЕ?

20. Од што зависи кој ќе го обликува нашето размислување?

20 Не смееме да заборавиме дека има само два извора на информации — едниот е Јехова, а другиот е светот кој е под власта на Сатана. Кој од нив те обликува тебе? Оној од кој црпиш информации. Ако ги прифаќаме размислувањата на овој свет, тој ќе нѐ стави во свој калап и тогаш ќе размислуваме и ќе постапуваме себично. Затоа е многу важно внимателно да избираме што ќе гледаме, што ќе читаме, што ќе слушаме и за што ќе размислуваме.

21. Што ќе разгледаме во следната статија?

21 Во оваа статија видовме дека, ако сакаме да размислуваме како Јехова, не е доволно само да се чуваме од лоши влијанија. Мора и да го полниме нашиот ум со Божји мисли, со цел сѐ повеќе да размислуваме како Јехова. Во следната статија ќе дознаеме како можеме да го правиме тоа.

^ Всушност, дури и врз најнезависните луѓе некој извршил одредено влијание. Без разлика дали размислуваат за нешто толку длабоко како што е прашањето за потеклото на животот или едноставно за тоа што да облечат, луѓето барем до одредена мера се под нечие влијание. Сепак, ние сами избираме кому ќе му дозволиме да влијае врз нас.