Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 48

Доврши го она што си го започнал

Доврши го она што си го започнал

Довршете го тоа дело, кое го започнавте (2. КОР. 8:10)

ПЕСНА 35 Проценете што е најважно

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што ни дозволува Јехова?

ЈЕХОВА ни дозволува да одлучиме како ќе живееме. Тој нѐ поучува како да донесуваме добри одлуки. А кога носиме одлуки што го радуваат, ни помага да ги спроведеме (Пс. 119:173). Колку повеќе ги применуваме мудрите совети од Божјата Реч, толку подобри одлуки носиме (Евр. 5:14).

2. Со каква тешкотија можеби ќе се соочиме откако ќе донесеме некоја одлука?

2 Дури и кога ќе донесеме некоја мудра одлука, можеби сепак не ни е лесно да ја спроведеме до крај. Да разгледаме некои примери: Еден млад брат одлучува да ја прочита целата Библија. Неколку седмици редовно ја чита, но потоа, од некоја причина престанува. Една сестра решава да служи како општ пионер, но постојано го одложува датумот кога ќе започне. Едно старешинство донесува едногласна одлука да прави повеќе пастирски посети кај браќата и сестрите од собранието, но дури и по многу месеци сѐ уште не почнале да го прават тоа. Овие ситуации се разликуваат, но имаат нешто заедничко. Тие одлуки не се спроведени до крај. Раните христијани од Коринт се соочиле со слични тешкотии. Да видиме што можеме да научиме од нив.

3. Каква одлука донеле Коринќаните, но што се случило?

3 Околу 55 год. од н.е., Коринќаните донеле важна одлука. Тие дознале дека нивните браќа во Ерусалим и Јудеја се во немаштија, и дека поради тоа се наоѓаат во тешка ситуација. Исто така, дознале дека други собранија собираат прилози за да им помогнат. Бидејќи биле сочувствителни и великодушни, Коринќаните решиле да дадат прилог за сиромашните браќа, и затоа го прашале апостол Павле како можат да го сторат тоа. Тој му испратил упатства на собранието и го замолил Тит да помогне околу собирањето на прилозите (1. Кор. 16:1; 2. Кор. 8:6). Но, неколку месеци подоцна, Павле дознал дека Коринќаните не ја спровеле својата одлука. Поради тоа, нивниот подарок немало да биде подготвен навреме за да биде однесен во Ерусалим заедно со прилозите од другите собранија (2. Кор. 9:4, 5).

4. Како што се гледа од 2. Коринќаните 8:7, 10, 11, каков поттик им дал Павле на браќата од Коринт?

4 Коринќаните донеле добра одлука, и Павле ги пофалил за нивната извонредна вера и за нивната искрена желба да покажат дарежливост. Сепак тој морал и да ги поттикне да го довршат тоа што го започнале. (Прочитај 2. Коринќаните 8:7, 10, 11.) Од нивниот пример учиме дека дури и на верните христијани може да им биде тешко да спроведат до крај некоја добра одлука.

5. На кои прашања ќе добиеме одговор?

5 Слично на Коринќаните, можеби ни е тешко да ги спроведеме нашите одлуки. Зошто? Бидејќи сме несовршени, можеби ги одложуваме работите. Или, пак, некои непредвидени настани можеби ни отежнуваат да го спроведеме до крај она што сме го одлучиле (Проп. 9:11; Рим. 7:18). Како можеме да преиспитаме некоја наша одлука и да процениме дали треба да ја промениме? И што можеме да правиме за да ги спроведеме нашите одлуки до крај?

ПРЕД ДА ДОНЕСЕШ НЕКОЈА ОДЛУКА

6. Кога можеби ќе биде потребно да промениме некоја одлука?

6 Некои важни одлуки никогаш нема да ги промениме. На пример, цврсто се држиме за одлуката да му служиме на Јехова, и решени сме да му останеме верни на нашиот брачен другар (Мат. 16:24; 19:6). Но, можеби ќе треба да промениме некои други одлуки. Зошто? Бидејќи околностите се менуваат. Кои чекори ќе ни помогнат да ги донесеме најдобрите можни одлуки?

7. За што треба да се молиме, и зошто?

7 Моли се за мудрост. Преку светиот дух, Јехова го поттикнал Јаков да напише: „Ако некому од вас му недостига мудрост, нека бара од Бог, зашто тој им дава на сите великодушно“ (Јак. 1:5). Може да се каже дека, во некој поглед, на сите ни „недостига мудрост“. Затоа потпирај се на Јехова кога носиш некоја одлука, но и кога ја преиспитуваш таа одлука. На тој начин, Јехова ќе ти помогне да носиш мудри одлуки.

8. Какво истражување треба да направиме пред да донесеме некоја одлука?

8 Темелно истражувај. Провери што пишува во Божјата Реч, читај ги публикациите на Јеховината организација и разговарај со оние за кои знаеш дека ќе ти дадат мудар совет (Изр. 20:18). Таквото истражување е многу важно пред да донесеш одлука дали да го смениш работното место, дали да се преселиш или пред да избереш соодветно образование што ќе ти помогне да се издржуваш додека му служиш на Јехова.

9. Како ќе ни користи ако сме искрени со себе?

9 Преиспитај ги своите мотиви. На Јехова му е многу важно од кои мотиви ги правиме работите (Изр. 16:2). Тој сака да бидеме чесни во сѐ. Затоа, кога носиме одлуки, и ние треба да бидеме чесни, односно искрени со себе и со другите во врска со нашите мотиви. Ако не сме потполно искрени, веројатно ќе ни биде тешко да ги спроведеме одлуките до крај. На пример, еден млад брат одлучува да почне со пионерска служба. Но, по некое време, тешко му е да ја исполни бараната квота часови, и затоа службата повеќе не му носи радост. Можеби тој си мислел дека главниот мотив да служи како пионер му била желбата да го радува Јехова. Сепак, можеби главен мотив му била желбата да им угоди на родителите или на некој друг.

10. Што е потребно за да направиме некоја промена?

10 Размисли за ситуацијата на еден интересент што одлучува да престане со пушењето. Во почетокот, тој успева во тоа една или две седмици, но потоа попушта на искушението и повторно почнува да пуши. По некое време конечно успева да прекине со таа навика! Неговата љубов кон Јехова и желбата да го радува му помогнале да ја совлада лошата навика (Кол. 1:10; 3:23).

11. Зошто мора да си поставуваме конкретни цели?

11 Постави си конкретни цели. Ако имаш конкретни цели ќе ти биде полесно да ги оствариш. На пример, можеби ќе одлучиш повеќе да ја читаш Библијата. Но, ако не направиш конкретен распоред, можеби нема да ја оствариш таа цел. * Или, старешините во едно собрание можеби ќе одлучат почесто да прават пастирски посети кај браќата и сестрите. Сепак, иако поминало некое време, тие сѐ уште не ја спровеле таа одлука. За да успеат во тоа, тие би можеле да си ги постават следниве прашања: „Дали одредивме на кои браќа и сестри особено им е потребна пастирска посета? Дали одредивме кога точно да ги посетиме?“

12. Што можеби ќе треба да направиш, и зошто?

12 Биди реален. Никој од нас нема време, средства и сила да го прави сето она што би сакал го прави. Затоа биди реален и разумен. Кога е потребно, можеби ќе треба да смениш некоја одлука за која ќе сфатиш дека не можеш да ја спроведеш (Проп. 3:6). Но, да претпоставиме дека си ја преиспитал одлуката, си ги направил потребните промени и сметаш дека можеш да ја спроведеш до крај. Да разгледаме пет чекори што можат да ти помогнат да го довршиш она што си го започнал.

ЧЕКОРИ ШТО ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДА ГИ СПРОВЕДЕШ ОДЛУКИТЕ

13. Како можеш да ја добиеш потребната сила за да спроведеш некоја своја одлука?

13 Моли се за сила. Бог може да ти даде сила да спроведеш некоја своја одлука (Фил. 2:13). Затоа моли го Јехова да ти даде свет дух за да ја имаш потребната сила. Продолжи да се молиш дури и кога ти се чини дека сѐ уште не си добил одговор на твоите молитви. Како што рекол Исус: „Молете, и ќе ви се даде [свет дух]!“ (Лука 11:9, 13).

14. Како начелото од Изреки 21:5 може да ти помогне да ги спроведеш своите одлуки?

14 Направи план. (Прочитај Изреки 21:5, фус.) За да завршиш некоја работа што си ја започнал, потребен ти е план. Потоа треба да се држиш за тој план. Слично на тоа, кога носиш некоја одлука, направи си список со чекорите што треба да ги направиш за да ја спроведеш таа одлука. Кога треба да извршиме некоја потешка задача, добро е да ја поделиме на помали задачи. Секогаш кога ќе извршиш некоја од овие помали задачи, ќе имаш јасна слика за тоа колку си постигнал. Павле ги поттикнал Коринќаните да ставаат настрана дел од своите средства „секој прв ден од седмицата“ наместо да чекаат и да се обидуваат да ги соберат прилозите кога тој ќе пристигнел (1. Кор. 16:2). Тоа што ќе поделиш некоја потешка задача на неколку помали задачи, ќе ти помогне да не се обесхрабриш мислејќи дека не можеш да ја извршиш.

15. Што можеш да сториш откако ќе направиш план?

15 Ако го запишеш она што планираш да го направиш, ќе ти биде полесно и да го спроведеш (1. Кор. 14:40). На пример, старешинствата имаат упатство да одредат еден старешина кој ќе ја запишува секоја одлука на старешинството, вклучувајќи го и тоа кој треба да спроведе одредена одлука и до кога. Кога старешините го следат ова упатство, полесно им е да ги спроведат нивните одлуки (1. Кор. 9:26). И ти би можел да направиш нешто слично во врска со своите секојдневни обврски. На пример, за секој ден би можел да си направиш список кои работи треба да ги завршиш и да ги подредиш по важност. Ова ќе ти помогне да го довршиш она што ќе го започнеш и да направиш повеќе работи за помалку време.

16. Што друго е неопходно за да ги спроведеш своите одлуки, и како Римјаните 12:11 го потврдува тоа?

16 Дај сѐ од себе. За да го завршиш она што си го започнал, треба да вложиш труд и да се држиш за својот план. (Прочитај Римјаните 12:11.) Павле му кажал на Тимотеј да се посвети на поучувањето и да истрае во тоа за да биде подобар учител. Тој совет важи и за другите духовни цели (1. Тим. 4:13, 16).

17. Како може советот од Ефешаните 5:15, 16 да ти помогне да го направиш она што си го испланирал?

17 Мудро користи го своето време. (Прочитај Ефешаните 5:15, 16.) Одреди кога ќе ја спроведеш својата одлука и држи се за тоа време. Немој да чекаш да имаш совршени околности за да го почнеш она што го планираш, бидејќи најверојатно никогаш нема да имаш такви околности (Проп. 11:4). Не дозволувај помалку важни работи да ти ги одземат времето и силата што ти се потребни за да ги направиш поважните работи (Фил. 1:10). Ако е можно, одреди време во кое другите помалку ќе те прекинуваат. Кажи им на другите дека ти треба време за концентрација. Би можел дури и да го исклучиш телефонот или да не ги проверуваш електронските пораки што ги примаш во меѓувреме. *

18-19. Што може да ти помогне да не се откажеш од некоја добра одлука кога ќе наидеш на тешкотии?

18 Мисли на исходот. Исходот, односно резултатот од твојата одлука може да се спореди со целта на едно патување. Ако навистина сакаш да стигнеш на таа цел, ќе продолжиш да патуваш дури и ако патот е затворен и поради тоа мора да тргнеш по друг пат за да стигнеш таму. Слично на тоа, ако мислиме на исходот од нашите одлуки, нема брзо да се откажеме кога ќе наидеме на тешкотии или пречки (Гал. 6:9).

19 Не е лесно да носиш добри одлуки, а може да биде тешко и да ги спроведеш. Но со помош од Јехова, можеш да ги стекнеш мудроста и силата што ти се потребни за да го довршиш она што си го започнал.

ПЕСНА 65 Напред!

^ пас. 5 Дали жалиш за некои твои одлуки во животот? Дали понекогаш ти е тешко да донесеш добри одлуки и да ги спроведеш? Оваа статија ќе ти помогне да се справиш со овие тешкотии и да го довршиш она што си го започнал.

^ пас. 11 За да успееш редовно да ја читаш Библијата, би можел да го користиш „Распоредот за читање на Библијата“ кој е достапен на jw.org®.

^ пас. 17 Повеќе предлози за тоа како мудро да го користиш времето можеш да најдеш во статијата „20 начини да добиеш повеќе време“, која излезе во Разбудете се! од април 2010.