Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 45

Како ни помага светиот дух

Како ни помага светиот дух

Сѐ можам со помош на оној што ми дава сила (ФИЛ. 4:13)

ПЕСНА 104 Бог ни дарува свет дух

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Што ни помага да се справуваме со тешкотиите од ден во ден? Објасни. б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ДАЛИ некогаш си рекол: „Кога ќе се сетам низ што сѐ поминав, уверен сум дека немаше да издржам со своја сила“? Многумина од нас го рекле ова. Можеби си ги кажал тие зборови откако си размислувал како си се справил со некоја тешка болест или со смртта на некој од најблиските. Кога се присетуваш на тоа, сфаќаш дека си можел да го пребродиш секој нов ден само затоа што Јехова, преку својот свет дух, ти давал „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7-9).

2 Помошта од светиот дух ни е потребна и за да се спротивставиме на влијанието на овој злобен свет (1. Јов. 5:19). Освен тоа, мора да се бориме со „злите духовни сили“ (Еф. 6:12). Сега ќе разгледаме два начина на кои светиот дух ни помага да излеземе на крај со сите тие притисоци. Потоа ќе видиме што може да правиме за светиот дух да ни користи во најголема можна мера.

СВЕТИОТ ДУХ НИ ДАВА СИЛА

3. Наведи еден начин на кој Јехова ни помага преку својот свет дух.

3 Јехова ни помага со својот свет дух така што ни дава сила да ги извршуваме нашите одговорности иако не ни е секогаш лесно. Апостол Павле бил свесен дека може да му служи на Јехова и покрај тешкотиите со кои се соочувал затоа што се потпирал на „Христовата сила“ (2. Кор. 12:9). Во текот на своето второ мисионерско патување, тој не само што давал сѐ од себе за да проповеда, туку и работел за да се издржува. Кога бил во Коринт, Павле престојувал кај Акила и Прискила, кои изработувале шатори. Бидејќи се занимавал со истиот занает, некои денови Павле работел заедно со нив (Дела 18:1-4). Светиот дух му давал сила и да работи за да се издржува и да ја врши својата служба.

4. Според 2. Коринќаните 12:7б-9, со што се борел Павле?

4 Прочитај 2. Коринќаните 12:7б-9. Што сакал да каже Павле кога рекол дека се бори со „трн во телото“? Ако имаш дословен трн во телото, сигурно многу ќе те боли. Според тоа, Павле очигледно зборувал за некој личен проблем што му причинувал голема болка. Тој го нарекол овој проблем „ангел на Сатана“ што постојано го удирал. Можеби Сатана или неговите демони не ги предизвикале директно неволјите на Павле. Но, кога тие зли духови го виделе тој „трн“, веројатно се обиделе да му го „забодат“ уште подлабоко за да му нанесат поголема болка. Што направил Павле?

5. Како одговорил Јехова на молитвите на Павле?

5 Во почетокот, Павле сакал Јехова да му го отстрани „трнот“. Тој признал: „Трипати го молев Господарот [Јехова] да го отстрани тоа од мене“. И покрај тоа што се молел, Павле сѐ уште го чувствувал трнот. Дали ова значи дека Јехова не одговорил на неговите молитви? Воопшто не. Тој го услишил Павле. Јехова не му го отстранил проблемот, но му ја дал потребната сила за да издржи. Тој му рекол: „Мојата сила се покажува во потполност кога си слаб“ (2. Кор. 12:8, 9). Со Јеховина помош, Павле останал радосен и го зачувал својот душевен мир (Фил. 4:4-7).

6. а) Како Јехова може да ни одговори на молитвите? б) Кои ветувања од наведените стихови ти влеваат сила?

6 Дали и ти, исто како Павле, си го молел Јехова да ти отстрани некој проблем? Ако и покрај тоа што сесрдно си се молел, проблемот останал, па дури и се влошил, дали си помислил дека со нешто си го разочарал Јехова? Ако да, тогаш сети се на Павле. Исто како што одговорил на неговите молитви, Јехова ќе одговори и на твоите. Можеби нема да ти го отстрани проблемот, но преку светиот дух ќе ти ја даде силата што ти е потребна за да издржиш (Пс. 61:3, 4). Иако можеби неволјите во одреден момент ќе те соборат, Јехова нема да те напушти (2. Кор. 4:8, 9; Фил. 4:13).

СВЕТИОТ ДУХ НИ ПОМАГА ДА ПРОДОЛЖИМЕ НАПРЕД

7-8. а) Во која смисла светиот дух е како ветар? б) Како Петар го опишал дејствувањето на светиот дух?

7 На кој друг начин ни помага светиот дух? Како поволен ветар на разбранувано море, тој ни помага да ги пребродиме проблемите за да стигнеме до новиот свет кој ни го ветил Бог.

8 Како рибар, апостол Петар често пловел. Можеби токму затоа, кога го опишал дејствувањето на светиот дух, тој употребил еден израз кој по сѐ изгледа е поврзан со пловењето. Петар напишал: „Пророштво никогаш не било изречено по човечка волја, туку луѓето ги кажуваа зборовите што доаѓаа од Бог така како што ги водеше светиот дух“. Грчкиот збор кој е преведен со глаголот „води“ дословно значи „носи; понесе“ (2. Пет. 1:21).

9. Каква слика сакал да ни пренесе Петар кога рекол дека светиот дух ги водел луѓето што ја пишувале Библијата?

9 Каква слика сакал да ни пренесе Петар кога рекол дека светиот дух ги водел луѓето што ја пишувале Библијата? Сличен облик на истиот грчки глагол користи и Лука, писателот на Дела, кога зборува за еден брод кој бил носен од ветрот (Дела 27:15). Еден библиски изучувач вели дека Петар употребил „интересна метафора од морепловството“ кога напишал дека светиот дух ги водел библиските писатели. Петар, всушност, рекол дека, исто како што еден брод е носен од ветрот до крајот на патувањето, така библиските пророци и писатели биле носени од светиот дух за да ја извршат својата задача. Истиот изучувач ги споредил писателите на Библијата со бродови „кои ги распнувале своите едра“. Јехова го правел својот дел така што го давал „ветрот“, односно светиот дух, а тие го правеле својот дел така што го следеле водството на тој дух.

ПРВО: Редовно учествувај во духовните активности

ВТОРО: Прави го тоа најдобро што можеш (Види во пасус 11) *

10-11. Кои две работи треба да ги направиме за да нѐ води светиот дух? Наведи споредба.

10 Се разбира, сега Јехова не го користи светиот дух за да води некого да пишува библиски книги. Меѓутоа, преку својот дух, тој и понатаму му дава водство на својот народ. Јехова сѐ уште го прави својот дел. Но, како може неговиот свет дух да ни користи нам? И ние мора да продолжиме да го правиме својот дел. Како?

11 Размисли за следнава споредба. За да го искористи ветрот, еден едриличар мора да направи две работи. Прво, тој мора да отплови онаму каде што има ветар. Ако остане во пристаниште каде што нема ветар, едрилицата не може да се движи напред. Второ, мора да ги крене и да ги распне едрата. Сепак, дури и да дува ветар, едрилицата може да се движи напред само ако го фати ветрот. Како што една едрилица не може да се движи без ветар, така и ние не можеме истрајно да му служиме на Јехова без неговиот свет дух. Но, од нас се бараат две работи. Прво, мора да се изложиме на влијанието на Божјиот дух така што ќе го следиме неговото водство и ќе бидеме зафатени со духовни активности. И второ, мора да ги „кренеме“ и потполно да ги „распнеме едрата“ така што ќе учествуваме во тие активности најдобро што можеме (Пс. 119:2). Кога ќе ги направиме овие две работи, светиот дух ќе нѐ движи напред иако можеби ќе бидеме заплиснати од неволји и бранови на противење. Тој ќе ни помогне верно да истраеме додека не допловиме до Божјиот нов свет.

12. Што ќе разгледаме сега?

12 Видовме на кои два начина ни помага светиот дух. Тој ни дава сила и ни помага да останеме верни кога се соочуваме со неволји. Освен тоа, светиот дух нѐ движи напред и ни помага да останеме на патот што води до вечен живот. Сега ќе разгледаме четири работи што мора да ги направиме за да извлечеме потполна корист од тој дух.

КАКО ДА ИЗВЛЕЧЕМЕ ПОТПОЛНА КОРИСТ ОД СВЕТИОТ ДУХ

13. Според 2. Тимотеј 3:16, 17, како може да влијае Библијата врз нас, но што мора да правиме ние?

13 Прво, треба да ја проучуваме Божјата Реч. (Прочитај 2. Тимотеј 3:16, 17.) Бог го употребил својот дух за да ги „вдахне“ своите мисли во умот на библиските писатели. Кога ја читаме Библијата и размислуваме за прочитаното, Божјите совети влегуваат во нашиот ум и во нашето срце. Тие вдахновени зборови нѐ поттикнуваат да го доведеме нашиот живот во склад со Божјата волја (Евр. 4:12). Но, за да извлечеме потполна корист од светиот дух, мора да одвоиме време редовно да ја проучуваме Библијата и длабоко да размислуваме за она што го читаме. Тогаш Божјата Реч ќе влијае врз сите наши зборови и постапки.

14. а) Зошто може да се каже дека светиот дух е присутен на нашите состаноци? б) Како може да присуствуваме на состаноците со „распнати едра“?

14 Второ, треба да го славиме Бог заедно со соверниците (Пс. 22:22). Јеховиниот дух е присутен на нашите состаноци (Отк. 2:29). Зошто може да го кажеме ова? Затоа што, кога се состануваме со нашите браќа и сестри, ние се молиме за свет дух, пееме песни кои се темелат на Божјата Реч, и ги слушаме библиските поуки кои ги изнесуваат браќата именувани со свет дух. Истиот свет дух им помага на сестрите да ги подготват и да ги изнесат своите задачи. Но, за да извлечеме потполна корист од светиот дух, мора да дојдеме на состанок подготвени да коментираме. На тој начин, во симболична смисла, присуствуваме на состаноците со „распнати едра“.

15. Како ни помага светиот дух во службата, и што мора да правиме ние?

15 Трето, треба да проповедаме. Кога ја користиме Библијата додека проповедаме и ги поучуваме другите, му дозволуваме на светиот дух да ни помага во службата (Рим. 15:18, 19). Но, за да имаме потполна корист од Божјиот дух, мора редовно да проповедаме и да ја користиме Библијата секогаш кога е можно. Можеме да водиме подобри разговори со луѓето ако ги користиме предлозите за разговор од Нашиот живот и служба — работни листови.

16. Кој е најдиректниот начин на кој можеме да добиеме свет дух?

16 Четврто, треба да му се молиме на Јехова (Мат. 7:7-11; Лука 11:13). Најдиректен начин на кој можеме да добиеме свет дух е да го молиме Јехова да ни го даде. Ништо не може да ги спречи нашите молитви да стигнат до Јехова и ништо не може да го спречи светиот дух што ни го дарува тој да стигне до нас — ни затворски ѕидови, па дури ни Сатана (Јак. 1:17). Како треба да се молиме за да имаме потполна корист од светиот дух? За да го дознаеме одговорот, да позборуваме малку подетално за молитвата така што ќе разгледаме една споредба која е запишана само во евангелието на Лука. *

МОЛЕТЕ СЕ УПОРНО

17. Што учиме за молитвата од споредбата на Исус која е запишана во Лука 11:5-9, 13?

17 Прочитај Лука 11:5-9, 13. Со оваа споредба, Исус покажува на кој начин треба да се молиме за свет дух. Човекот од споредбата го добил она што му било потребно затоа што бил упорен. Тој не се плашел да побара помош од својот пријател иако било доцна во ноќта. * Како Исус ја поврзал оваа споредба со молитвата? Тој рекол: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори!“ Што учиме од ова? За да добиеме помош од светиот дух, мора упорно да го молиме Јехова да ни го даде.

18. Во склад со споредбата на Исус, зошто може да бидеме уверени дека Јехова ќе ни го даде својот свет дух?

18 Споредбата на Исус ни помага да сфатиме и зошто Јехова ќе ни даде свет дух. Човекот од оваа споредба сакал да биде добар домаќин. Тој сакал да го угости својот пријател иако тој дошол многу доцна, но немал што да му даде. Исус рекол дека соседот му дал леб бидејќи упорно го барал тоа од него. Каква поука ни дал Исус со ова? Ако еден несовршен човек е спремен да му помогне на некој сосед што е толку упорен, колку повеќе нашиот добар небесен Татко ќе им помогне на оние што упорно го молат за свет дух! Затоа, можеме сесрдно да бараме свет дух од Јехова потполно уверени дека тој ќе одговори на нашите молитви (Пс. 10:17; 66:19).

19. Зошто може да бидеме сигурни дека ќе победиме?

19 Иако Сатана неуморно нѐ напаѓа, можеме да бидеме сигурни дека ќе победиме. Зошто? Затоа што светиот дух ни помага на два начина. Прво, ни ја дава силата што ни е потребна за да се справиме со неволјите. Второ, тоа е силата што нѐ движи напред и ни помага и понатаму да му служиме на Јехова додека не стигнеме во неговиот нов свет. Да бидеме решени да извлечеме потполна корист од помошта што ни ја дава светиот дух!

ПЕСНА 41 Чуј ме, Јехова!

^ пас. 5 Оваа статија објаснува како Божјиот свет дух ни помага да истраеме кога имаме проблеми. Освен тоа, ќе видиме што може да правиме за светиот дух да ни користи во најголема можна мера.

^ пас. 16 Лука истакнал повеќе од сите други писатели на евангелијата колку молитвата била значаен дел од животот на Исус (Лука 3:21; 5:16; 6:12; 9:18, 28, 29; 18:1; 22:41, 44).

^ пас. 17 „Упорност“ е превод на еден грчки збор што буквално може да се преведе со „нескромност“ или „безобразност“. Човекот од споредбата на Исус не се срамел упорно да го бара она што му било потребно. Исус им рекол на своите ученици дека и тие треба на сличен начин упорно да го молат Јехова (Лука 11:9, 10).

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКИТЕ: ПРВО: Еден брат и една сестра пристигнуваат во салата за состаноци. Кога се состануваат со своите соверници, тие се изложуваат на влијанието на Јеховиниот дух, кој е присутен на состаноците. ВТОРО: Тие се подготвени да коментираат на состанокот. Овие два чекора можат да се применат и на другите активности кои се разгледани во оваа статија — проучувањето на Божјата Реч, учеството во службата и нашите молитви до Јехова.