Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 48

Гледај напред кон иднината

Гледај напред кон иднината

Твоите очи нека гледаат право напред, и погледот насочи го пред себе (ИЗР. 4:25)

ПЕСНА 77 Светлина во мрачен свет

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Како може да го послушаме советот од Изреки 4:25? Наведи пример.

РАЗМИСЛИ за следниве три примери. Една постара христијанка размислува за старите добри времиња. Иако нејзиниот живот сега е потежок, таа и понатаму прави сѐ што може за Јехова (1. Кор. 15:58). Оваа сестра секој ден си замислува како живее заедно со своите најмили во ветениот нов свет. Друга сестра се сеќава дека некој соверник ја повредил во една прилика, но одлучува да не држи лутина (Кол. 3:13). Еден брат е длабоко свесен за некои грешки што ги направил во минатото, но решен е да дава сѐ од себе за да му остане верен на Јехова (Пс. 51:10).

2 Што им е заедничко на овие тројца христијани? Иако сите се сеќаваат на она што им се случувало, тие не живеат во минатото. Наместо тоа, „гледаат право напред“ кон она што им го носи иднината. (Прочитај Изреки 4:25.)

3. Зошто треба да го насочиме погледот „право напред“ кон иднината?

3 Зошто е важно да го насочиме погледот „право напред“ кон иднината? Кога некој постојано се свртува наназад, не може да оди право. Така и ние не би можеле целосно да му служиме на Јехова ако постојано мислиме на она што било во минатото (Лука 9:62).

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа статија ќе разгледаме три работи што би можеле да нѐ наведат да живееме во минатото. * Тие се: 1) да жалиме по минатите денови, 2) да држиме лутина и 3) да нѐ измачува претерано чувство на вина. Ќе видиме како библиските начела можат да ни помогнат да не мислиме на она што е зад нас, туку да се концентрираме на она што е пред нас (Фил. 3:13).

ЗОШТО Е ОПАСНО ДА ЖАЛИМЕ ПО МИНАТИТЕ ДЕНОВИ?

Што може да нѐ спречи да го насочиме погледот кон иднината? (Види во пасуси 5, 9, 13) *

5. На која опасност нѐ предупредува Проповедник 7:10?

5 Прочитај Проповедник 7:10. Забележи дека овој стих не вели дека е погрешно да се прашаме: „Зошто поранешните времиња беа добри?“ Убавите спомени се дар од Јехова. Наместо тоа, во стихот пишува: „Не вели: ’Зошто поранешните времиња беа подобри од сегашниве?‘“ Со други зборови, опасно е да ги споредуваме поранешните со сегашните околности и да заклучиме дека сега сѐ е полошо од порано.

Каква грешка направиле Израелците откако го напуштиле Египет? (Види во пасус 6)

6. Зошто не е мудро постојано да мислиме на „старите добри времиња“? Наведи пример.

6 Зошто не е мудро постојано да мислиме на „старите добри времиња“? Бидејќи тоа може да нѐ наведе да се сеќаваме само на убавите работи, а да ги заборавиме лошите. На пример, размисли за Израелците. Откако го напуштиле Египет, брзо заборавиле колку им било тешко таму. Наместо тоа, мислеле само на убавата храна што ја јаделе. Тие велеле: „Добро се сеќаваме на рибите што ги јадевме без пари во Египет, и на краставиците, на лубениците, на празот, на кромидот и на лукот!“ (4. Мој. 11:5). Но, дали навистина јаделе храна „без пари“? Не. Израелците скапо платиле за тоа. Во тоа време, тие биле сурово угнетувани како робови во Египет (2. Мој. 1:13, 14; 3:6-9). Сепак, подоцна заборавиле на сите тие маки. Жалеле по старите добри времиња наместо да мислат на сите убави работи кои Јехова штотуку ги направил за нив. На Бог воопшто не му се допаднал нивниот став (4. Мој. 11:10).

7. Што ѝ помогнало на една сестра да не жали по минатото?

7 Како може да ја избегнеме замката во која паднале Израелците? Да го разгледаме примерот на една сестра која дошла да служи во Бетелот во Бруклин во 1945 год. Неколку години подоцна, таа се омажила за еден брат од истиот Бетел, и заедно продолжиле да служат многу години. Но, во 1976 год., нејзиниот сопруг се разболел. Кога сфатил дека ќе умре, ѝ дал неколку добри совети кои многу ѝ помогнале по неговата смрт. Тој ѝ рекол: „Имавме среќен брак. Многу луѓе никогаш не го искусуваат тоа“. Но, исто така ја поттикнал: „Немој да живееш во минатото — иако спомените ќе ти останат. Времето ќе те излечи. Немој да станеш огорчена и да се сожалуваш себеси. Радувај се што си ја имала оваа радост и овие благослови. Спомените ни се дар од Бог“. Зарем ова не е убав совет?

8. Како на една наша сестра ѝ помогнало тоа што не живеела во минатото?

8 Оваа сестра го послушала советот на својот маж, и верно му служела на Јехова сѐ до својата смрт. Починала на 92 години. Неколку години пред тоа, таа рекла: „Кога ќе погледнам назад на преку 63 години полновремена служба за Јехова, можам да речам дека навистина имав задоволувачки живот“. Зошто? Таа објаснила: „Она што навистина го прави животот задоволувачки е нашето прекрасно братство и надежта да живееме со нашите браќа и сестри на рајска земја, служејќи му на нашиот Голем Творец, единствениот вистински Бог, Јехова, во сета вечност“. * Оваа сестра е навистина извонреден пример за некој што го насочил погледот „право напред“ кон иднината!

ЗОШТО Е ОПАСНО ДА ДРЖИМЕ ЛУТИНА

9. Според 3. Мојсеева 19:18, кога можеби ќе ни биде многу тешко да простиме некому што ни згрешил?

9 Прочитај 3. Мојсеева 19:18. Честопати ни е тешко да не држиме лутина ако оној што ни згрешил е некој наш соверник, близок пријател или член на семејството. На пример, една сестра била неосновано обвинета од друга сестра дека ѝ украла пари. Иако подоцна сестрата што го изнела тоа обвинение ѝ се извинила, таа не можела да престане да мисли на она што се случило. Дали и ти си доживеал такво нешто? Дури и да не сме биле во иста ситуација, повеќето од нас чувствувале лутина и мислеле дека никогаш нема да можат да му простат на оној што им згрешил.

10. Што може да ни помогне ако сме огорчени?

10 Што може да ни помогне ако сме огорчени? Прво, не смееме да заборавиме дека Јехова гледа сѐ. Тој е свесен за сите работи низ кои минуваме, како и за неправдите што можеби ги трпиме (Евр. 4:13). Бог сочувствува со нас кога страдаме (Иса. 63:9). Освен тоа, ветува дека на крајот ќе ја отстрани секоја болка поради неправдите што сме ги доживеале (Отк. 21:3, 4).

11. Зошто е за наше добро да не држиме лутина?

11 Не сакаме да заборавиме дека тоа што нема да држиме лутина е за наше добро. Тоа го сфатила и сестрата која била неосновано обвинета. Со текот на времето, таа успеала да прости. Сфатила дека, кога ние им простуваме на другите, и Јехова ќе ни прости нам (Мат. 6:14). Таа не барала оправданија за постапката на другата сестра и не сметала дека тоа што ѝ било направено не е толку страшно. Сепак, решила да ѝ прости. Ова ѝ помогнало на нашата сестра да биде посреќна и да продолжи да му служи на Јехова.

ЗОШТО Е ОПАСНО ДА НЀ ИЗМАЧУВА ПРЕТЕРАНО ЧУВСТВО НА ВИНА

12. Што учиме од 1. Јованово 3:19, 20?

12 Прочитај 1. Јованово 3:19, 20. Секој од нас понекогаш чувствува вина за нешто. На пример, некои ги измачуваат чувства на вина поради работи што ги правеле пред да ја дознаат вистината од Библијата. Други се борат со вакви чувства поради некои грешки што ги направиле откако се крстиле (Рим. 3:23). Се разбира, сакаме да постапуваме исправно но, за жал, „сите ние честопати грешиме“ (Јак. 3:2; Рим. 7:21-23). Иако чувствата на вина не се пријатни, сепак можат да бидат за наше добро. Во која смисла? Тие можат да нѐ поттикнат да се исправиме кога ќе постапиме погрешно и да бидеме решени да не ги повторуваме истите грешки (Евр. 12:12, 13).

13. Зошто не треба да дозволиме да нѐ обземат чувства на претерана вина?

13 Но, можно е да чувствуваме претерана вина. Со други зборови, би можеле да нѐ измачуваат чувства на вина иако веќе сме се покајале и Јехова покажал дека ни простил. Тоа може да биде опасно (Пс. 31:10; 38:3, 4). Зошто? Размисли за една сестра која се борела со чувства на вина поради грешките во минатото. Таа рекла: „Си мислев дека нема потреба да се трудам многу во службата за Јехова бидејќи за мене и онака веќе е предоцна“. Мнозина од нас можеби се чувствуваат исто како оваа сестра. Не треба да дозволиме да нѐ обземат чувства на претерана вина. Замисли си колку би се радувал Сатана ако кренеме раце од себе, иако Јехова не се откажал од нас! (Спореди со 2. Коринќаните 2:5-7, 11.)

14. Како можеме да бидеме сигурни дека Јехова не се откажал од нас?

14 Сепак, можеби се прашуваме: „Како можам да бидам сигурен дека Јехова не се откажал од мене?“ Самото тоа што си го поставуваме ова прашање покажува дека тој не нѐ отфрлил. Пред неколку децении, во Стражарска кула пишуваше: „Можеби одново и одново ја правиме истата грешка. Можно е тоа да е некоја лоша навика која била длабоко вкоренета во нас уште пред да почнеме да му служиме на Бог... Сепак, не очајувај. Немој да заклучиш дека си направил неопростлив грев. Сатана е тој што сака да размислуваш така. Тоа што се измачуваш и жалиш кога повторно ќе ја направиш истата грешка, само по себе е доказ дека не си лоша личност и дека Јехова може да ти прости. Продолжи понизно и искрено да го молиш Бог да ти прости, да ти помогне да имаш чиста совест и да ти даде сила да не ја повторуваш истата грешка. Слободно пристапи му како што едно детенце секогаш одново му пристапува на својот татко кога ќе има некој проблем. Јехова великодушно ќе ти помогне поради својата незаслужена доброта“. *

15-16. Како се чувствувале некои кога сфатиле дека Јехова не кренал раце од нив?

15 Многу Јеховини слуги нашле утеха кога сфатиле дека Јехова не кренал раце од нив. На пример, пред неколку години, еден брат бил многу охрабрен од едно искуство кое излезе во рубриката „Библијата менува животи“. Во статијата, една сестра рекла дека поради лошите работи кои ѝ се случувале во минатото, ѝ било тешко да верува дека Јехова може да ја сака. Таа се измачувала со вакви чувства со години откако се крстила. Но, тоа што длабоко размислувала за откупнината ѝ помогнало да гледа поинаку на работите. *

16 Како нејзиното искуство му помогнало на братот? Тој напишал: „Кога бев млад, станав зависник од порнографија. Неодамна повторно ѝ подлегнав на таа слабост. Побарав помош од христијанските старешини и полека успеав да го надминам овој проблем. Старешините ме уверија во Божјата љубов и милост. Сепак, понекогаш сѐ уште се чувствувам безвредно, како да е невозможно Јехова да ме сака. Искуството на [оваа сестра] многу ми помогна. Сега сфаќам дека, кога ќе помислам дека не е можно Бог да ми прости, тоа е исто како да велам дека жртвата на неговиот Син не е доволна за да ги покрие моите гревови. Си ја издвоив оваа статија за да можам да ја читам и да размислувам за неа секогаш кога ќе ме преплават чувства на безвредност“.

17. Што му помогнало на апостол Павле да не се измачува со чувства на претерана вина?

17 Ваквите примери нѐ потсетуваат на апостол Павле. Пред да стане христијанин, тој направил некои тешки гревови. Иако не го заборавил она што го имал направено, Павле не мислел постојано на тоа (1. Тим. 1:12-15). Тој гледал на откупнината како на дар што Бог му го дал нему лично (Гал. 2:20). На тој начин, не дозволил да се измачува со чувства на претерана вина. Наместо тоа, гледал како од тогаш натаму да му го даде своето најдобро на Јехова.

МИСЛИ НА ИДНИНАТА!

Да бидеме решени да мислиме на иднината (Види во пасуси 18-19) *

18. Што научивме од оваа статија?

18 Што научивме од оваа статија? 1) Убавите спомени се дар од Јехова. Но, сеедно колку ни бил убав животот во минатото, животот во новиот свет ќе ни биде далеку поубав. 2) Иако другите можеби ќе нѐ повредат, кога одлучуваме да им простиме, можеме радосно да продолжиме да му служиме на Јехова. 3) Претераното чувство на вина може да ни ја одземе радоста. Затоа, исто како Павле, треба да се увериме дека Јехова ни простил.

19. Од каде знаеме дека во новиот свет нема да жалиме за работите од минатото?

19 Ние имаме можност да живееме засекогаш. Во новиот свет нема да жалиме за работите од минатото. Во врска со тоа време, Библијата вели: „Она што беше порано нема да доаѓа во сеќавање“ (Иса. 65:17). Замисли си, дури и оние што остареле служејќи му на Јехова, во новиот свет повторно ќе бидат млади! (Јов 33:25). Затоа, да бидеме решени да не живееме во минатото. Наместо тоа, да го насочиме погледот кон иднината и да живееме за она што ни претстои!

ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж

^ пас. 5 Понекогаш е добро да се потсетуваме на минатото. Но, не сакаме толку многу да мислиме на минатите дни што ќе пропуштиме да ја искористиме сегашноста или да заборавиме што ни носи иднината. Во оваа статија ќе видиме кои три работи би можеле да нѐ наведат да живееме во минатото. Ќе разгледаме некои библиски начела, како и примери на браќа и сестри од нашево време кои ќе ни помогнат да не паднеме во ниту една од тие замки.

^ пас. 4 ПОЈАСНУВАЊЕ: Во оваа статија, изразот „да живееме во минатото“ значи постојано да мислиме на она што се случувало порано — без престан да зборуваме за тоа, секогаш одново да се навраќаме на минатите денови или да мислиме дека тогаш животот ни бил многу подобар.

^ пас. 14 Види во англиското издание на Стражарска кула од 15 февруари 1954, стр. 123.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Жалењето по минатите денови, лутината и претераното чувство на вина се тешки товари кои ги влечеме со нас и кои можат да нѐ спречат да одиме по патот што води во живот.

^ пас. 66 ОПИС НА СЛИКАТА: Ако се ослободиме од тие чувства што нѐ оптоваруваат, ќе ни олесни, ќе бидеме среќни и ќе ни се врати силата. Така ќе можеме да го насочиме погледот кон иднината.