Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 44

Дали ја цениш Јеховината лојална љубов?

Дали ја цениш Јеховината лојална љубов?

Јеховината лојална љубов трае довека (ПС. 136:1, фус.)

ПЕСНА 108 Божјата верна љубов

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. На што нѐ поттикнува Јехова?

ЛОЈАЛНАТА љубов му е многу важна на Јехова (Оси. 6:6). Тој ги поттикнува своите слуги да гледаат на оваа особина исто како него. Преку пророкот Михеј тој нѐ поттикнува да ја сакаме лојалната љубов (Мих. 6:8, фус.). Но, за да може да го правиме тоа, најпрво треба да дознаеме што е лојална љубов.

2. Што е лојална љубов?

2 Што е лојална љубов? Тоа е особина која ја покажуваме кога некого толку многу го сакаме што сме му силно приврзани, верно остануваме покрај него и никогаш не престануваме да му покажуваме љубов. Јехова ја покажува оваа особина на најдобар начин. Во оваа статија ќе видиме како тој им покажува лојална љубов на луѓето. А во следната статија ќе разгледаме на кој начин ние, како Божји слуги, можеме да се угледаме на Јехова и да си покажуваме лојална љубов едни на други.

ЈЕХОВА Е „ПОЛН СО ЛОЈАЛНА ЉУБОВ“

3. Што му открил Јехова на Мојсеј за себе?

3 Кратко откако Израелците излегле од Египет, Јехова му открил на Мојсеј нешто во врска со своето име и своите особини. Тој рекол: „Јехова! Јехова! Бог милосрден и љубезен, бавен на гнев, полн со лојална љубов и вистина, кој ја чува својата милост за илјадници, простува престап, вина и грев“ (2. Мој. 34:6, 7, фус.). Опишувајќи ги своите прекрасни особини, Јехова му открил на Мојсеј едно посебно обележје на неговата лојална љубов. Да видиме за што станува збор.

4-5. а) Како Јехова се опишал себеси? б) Кои прашања ќе ги разгледаме?

4 Во описот што го дал за себеси, Јехова не само што открил дека има лојална љубов туку рекол дека е „полн со лојална љубов“. И други библиски стихови ни откриваат дека Јехова изобилува со лојална љубов. * Ваквиот опис се однесува само на него, а никогаш на луѓето. Зарем не е впечатливо тоа што Јехова многу пати се опишал себеси на ваков начин во Библијата? Без сомнение, лојалната љубов му е многу важна. Затоа цар Давид бил поттикнат да каже: „Јехова, твојата лојална љубов е до небесата... Колку е драгоцена твојата лојална љубов, о Боже! Во сенката на крилјата твои наоѓаат прибежиште синовите човечки“ (Пс. 36:5, 7, фус.). Дали и ние како Давид длабоко ја цениме Божјата лојална љубов?

5 За подобро да разбереме што е лојална љубов, да разгледаме две прашања: Кон кого Јехова покажува лојална љубов? Како ни користи тоа што Јехова ни покажува лојална љубов?

КОН КОГО ЈЕХОВА ПОКАЖУВА ЛОЈАЛНА ЉУБОВ?

6. Кон кого Јехова покажува лојална љубов?

6 Кон кого Јехова покажува лојална љубов? Библијата кажува дека може да сакаме разни работи како, на пример, „земјоделството“, „виното и маслото“, „опомените“, „знаењето“, „мудроста“ (2. Лет. 26:10; Изр. 12:1; 21:17; 29:3). Меѓутоа, лојална љубов никогаш не може да се покаже кон материјални или апстрактни работи — таа се покажува само кон луѓе. Но, Јехова не ја покажува оваа особина кон секого, туку само кон оние што имаат близок однос со него. Нашиот Бог им е лојален на своите пријатели. Тој има прекрасна намера за нив и никогаш нема да престане да ги сака.

Јехова обезбедува добри работи за сите луѓе, дури и за оние кои не му служат (Види во пасус 7) *

7. Како Јехова покажал љубов кон човештвото?

7 Јехова покажал љубов кон целото човештво. Тоа го потврдил и Исус кога на еден човек по име Никодим му рекол: „Бог толку многу го сакаше светот [човештвото] што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:1, 16; Мат. 5:44, 45).

Според она што го рекле цар Давид и пророкот Даниел, Јехова им покажува лојална љубов на оние што го познаваат, се бојат од него, го сакаат и ги држат неговите заповеди (Види во пасуси 8-9)

8-9. а) Зошто Јехова им покажува лојална љубов на своите слуги? б) Што ќе разгледаме понатаму во оваа статија?

8 Како што веќе видовме, Јехова им покажува лојална љубов само на оние што имаат близок однос со него, односно неговите слуги. Ова може да го видиме од она што го кажале цар Давид и пророкот Даниел. На пример, Давид рекол: „Твојата лојална љубов нека биде врз оние што те познаваат“. „Милоста [лојалната љубов] на Јехова е од век до век над оние што се бојат од него“. А Даниел кажал: „О Јехова, Боже вистински, ти... им покажуваш лојална љубов на оние што те сакаат и ги држат твоите заповеди“ (Пс. 36:10, фус.; 103:17; Дан. 9:4, фус.). Од овие зборови гледаме дека Јехова им покажува лојална љубов на своите слуги бидејќи го познаваат, се бојат од него, го сакаат и ги држат неговите заповеди. Тој ја чува својата лојална љубов само за оние што му служат на исправен начин.

9 Кога не му служевме на Јехова, тој ни ја покажувал љубовта што му ја покажува на целото човештво (Пс. 104:14). Меѓутоа, сега, како негови слуги, ние ја чувствуваме и неговата лојална љубов. Всушност, Јехова ги уверува своите слуги: „Мојата лојална љубов нема да отстапи од тебе“ (Иса. 54:10, фус.). Навистина, како што рекол и самиот Давид, „Јехова ќе постапува на посебен начин со оној што му е лојален нему“ (Пс. 4:3). На што треба да нѐ поттикне тоа што знаеме дека Јехова се грижи за нас на таков начин? Псалмистот напишал: „Кој е мудар? Тој ќе размисли за сето ова и ќе набљудува внимателно што прави Јехова во својата милост [лојална љубов]“ (Пс. 107:43). Имајќи го на ум овој убав совет од Јехова, да разгледаме три начини на кои тој ни ја покажува својата лојална љубов, и како тоа ни користи.

КАКО НИ КОРИСТИ ТОА ШТО ЈЕХОВА НИ ПОКАЖУВА ЛОЈАЛНА ЉУБОВ?

Јехова им дава и други благослови на оние што му служат (Види во пасуси 10-16) *

10. Како ни помага тоа што знаеме дека Божјата лојална љубов трае довека? (Псалм 31:7).

10 Божјата лојална љубов трае довека. Ова важно обележје на лојалната љубов се спомнува 26 пати во Псалм 136. Во првиот стих пишува: „Благодарете му на Јехова зашто е добар — зашто неговата лојална љубов трае довека“ (Пс. 136:1, фус.). И во вториот до дваесет и шестиот стих читаме дека неговата милост, односно лојална љубов, „трае довека“. Додека го читаме овој псалм, восхитени сме од многуте начини на кои Јехова постојано ја покажува својата лојална љубов. Зборовите „неговата лојална љубов трае довека“ нѐ уверуваат дека љубовта на Бог кон неговите слуги не се менува. Колку е утешно тоа што знаеме дека Јехова не се откажува лесно од своите слуги! Наместо тоа, тој се приврзува кон оние што му служат и не ги остава, особено кога поминуваат низ тешки ситуации. Како ова ни користи: Тоа што знаеме дека Јехова секогаш е со нас, нѐ исполнува со радост и ни ја дава потребната сила за да се справиме со неволјите и да продолжиме да му служиме. (Прочитај Псалм 31:7.)

11. Според Псалм 86:5, што го поттикнува Јехова да простува?

11 Лојалната љубов го поттикнува Бог да простува. Кога Јехова ќе забележи дека некој што направил грев се кае и ги прави потребните промени, лојалната љубов го поттикнува да му прости. Во врска со Јехова, псалмистот Давид запишал: „Не постапува со нас според нашите гревови и не ни го враќа она што го заслужуваме за нашите престапи“ (Пс. 103:8-11). Давид од лично искуство знаел колку голем товар може да биде нечистата совест. Но, тој знаел и дека Јехова е спремен да прости. Што го поттикнува Јехова да простува? Одговорот го наоѓаме во Псалм 86:5. (Прочитај.) Како што рекол Давид во оваа молитва, Јехова простува затоа што е голема неговата лојална љубов кон сите што го повикуваат, односно го молат да им прости.

12-13. Што може да ни помогне ако сме преплавени со чувства на вина поради грешките од минатото?

12 Ако сме направиле грев, сосема е на место, па дури и корисно, да чувствуваме жал. Тоа може да нѐ поттикне да се покаеме и да ги преземеме потребните чекори за да го исправиме нашето однесување. Меѓутоа, некои Божји слуги се преплавени од чувства на вина поради грешките што ги направиле во минатото. Нивното срце толку многу ги осудува што мислат дека Јехова никогаш не би можел да им прости — иако се покајале и се промениле. Ако и ти се чувствуваш така, многу може да ти помогне тоа што ќе дознаеш колку многу Јехова сака да им покажува лојална љубов на своите слуги.

13 Како ова ни користи: И покрај тоа што сме несовршени, можеме радосно да му служиме на Јехова со чиста совест. Ова е возможно бидејќи „крвта на Исус, неговиот Син, нѐ исчистува од секаков грев“ (1. Јов. 1:7). Кога се чувствуваш потиштено поради своите слабости, имај на ум дека Јехова има голема желба да му прости на секој што вистински се кае. Забележи како Давид ја поврзал лојалната љубов со простувањето. Тој напишал: „Како што се небесата повисоки од земјата така и неговата милост [лојална љубов] ги надвишува оние што се бојат од него. Колку што е исток далеку од запад толку ги оддалечува од нас нашите престапи“ (Пс. 103:11, 12). Јехова навистина е спремен да му „прости великодушно“ на секој што вистински се кае (Иса. 55:7).

14. Со кои зборови Давид опишал како Божјата лојална љубов нѐ штити?

14 Божјата лојална љубов нѐ штити во духовен поглед. Во една молитва, Давид му рекол на Јехова: „Ти си ми скривалиште, ти ќе ме штитиш од маката. Ќе ме опколиш со радосни извици поради избавувањето... Оној што има доверба во Јехова, него го опкружува лојалната љубов“ (Пс. 32:7, 10, фус.). Во библиски времиња, градовите биле опкружени со ѕидини кои ги штителе луѓето од непријателите. На сличен начин, Јеховината лојална љубов нѐ опкружува и нѐ штити од сѐ што би можело да ни го наруши пријателството со него. Освен тоа, Јехова нѐ привлекол кон себе поради својата лојална љубов (Ерем. 31:3).

15. Во која смисла Јеховината лојална љубов е како тврдина?

15 Давид употребил друга споредба за да опише како Бог го штити својот народ. Тој напишал: „Бог е мојата сигурна тврдина на високо место, Бог кој ми покажува лојална љубов“. Освен тоа, Давид рекол за Јехова: „[Тој е] мојата лојална љубов и мојата тврдина, мојата сигурна тврдина на високо место и мојот избавител, мојот штит, моето прибежиште“ (Пс. 59:17, фус.; 144:2, фус.). Зошто Давид ја споредил Јеховината лојална љубов со тврдина? Без оглед на тоа каде живееме, сѐ додека верно му служиме на Јехова, тој ќе ни ја дава потребната заштита за да не може ништо да ни го наруши нашето скапоцено пријателство со него. Нешто слично читаме во Псалм 91. Писателот на овој псалм напишал: „Ќе му речам на Јехова: ’Ти си моето засолниште и мојата тврдина‘“ (Пс. 91:1-3, 9, 14). И Мојсеј употребил слична споредба за да покаже дека Јехова нѐ штити (Пс. 90:1). Освен тоа, при крајот на својот живот тој напишал нешто многу утешно: „Прадревниот Бог е твоето засолниште, под тебе се вечните [Божји] раце“ (5. Мој. 33:27). Што учиме за Јехова од изразот „под тебе се вечните [Божји] раце“?

16. На кои два начина ни помага тоа што знаеме дека можеме да се потпреме на Бог? (Псалм 136:23).

16 Штом сме уверени дека Јехова е наша тврдина, се чувствуваме сигурно. Сепак, можеби понекогаш сме потиштени и не ни е лесно да се избориме со тие чувства. Што ќе направи Јехова за нас во таквите моменти? (Прочитај Псалм 136:23.) Тој ќе ги стави своите раце под нас, нежно ќе нѐ подигне и ќе ни помогне повторно да застанеме на нозе (Пс. 28:9; 94:18). Како ова ни користи: Тоа што знаеме дека секогаш можеме да се потпреме на Бог ни помага на два начина. Прво, сеедно каде живееме, знаеме дека Јехова секогаш ќе нѐ штити. Второ, нашиот небесен Татко, кој е полн со љубов, покажува голема грижа кон нас.

БОГ ЌЕ ПРОДОЛЖИ ДА НИ ПОКАЖУВА ЛОЈАЛНА ЉУБОВ

17. Во што може да бидеме уверени? (Псалм 33:18-22).

17 Како што видовме, кога се соочуваме со неволји, може да бидеме уверени дека Јехова ќе ни ја дава потребната помош за да му останеме верни (2. Кор. 4:7-9). Пророкот Еремија рекол: „Поради Јеховината лојална љубов не загинавме сосема, бидејќи неговите милосрдија никако не престануваат“ (Плач 3:22, фус.). Може да бидеме уверени дека Јехова ќе продолжи да ни покажува лојална љубов затоа што Библијата вели: „Јеховиното око е насочено кон оние што се бојат од него, кон оние што ја чекаат неговата лојална љубов“. (Прочитај Псалм 33:18-22.)

18-19. а) Што треба да задржиме на ум? б) Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Што треба да задржиме на ум? Кога не му служевме на Јехова, тој ни ја покажувал љубовта што му ја покажува на целото човештво. Меѓутоа, сега, како негови слуги, ние ја чувствуваме и неговата лојална љубов. Таа љубов го поттикнува да нѐ штити и да нѐ чува во неговата прегратка. Тој секогаш ќе ни помага да бидеме блиски со него и ќе ја исполни својата намера со нас луѓето. Тој сака засекогаш да бидеме негови пријатели! (Пс. 46:1, 2, 7). Затоа, сеедно со каква неволја ќе се соочиме, Јехова ќе ни ја дава силата што ни е потребна за да му останеме верни.

19 Видовме како Јехова им покажува лојална љубов на своите слуги. Меѓутоа, тој очекува и ние да си покажуваме лојална љубов еден на друг. Како може да го правиме тоа? Следната статија ќе ни го даде одговорот на ова важно прашање.

ПЕСНА 136 Јехова ги наградува своите слуги

^ пас. 5 Што е лојална љубов? Кон кого Јехова покажува лојална љубов и како им користи на оние што ја добиваат? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во првата од двете статии во кои се зборува за оваа прекрасна особина.

^ пас. 54 ОПИС НА СЛИКАТА: Јехова покажува љубов кон сите луѓе, вклучувајќи ги и неговите слуги. На малите слики над луѓето се прикажани некои начини на кои Бог ја покажува својата љубов. Најистакнатиот израз на љубов е откупната жртва на неговиот Син.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Јехова им покажува љубов на посебен начин на оние што му служат и покажуваат вера во откупната жртва. На своите слуги Јехова им покажува не само љубов каква што му покажува на целото човештво туку и лојална љубов. На малите слики се прикажани некои изрази на Божјата лојална љубов.