Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 46

Млади брачни парови — ставете ја службата за Јехова на прво место

Млади брачни парови — ставете ја службата за Јехова на прво место

Јехова ми е сила. Во него имаше доверба моето срце, и добив помош (ПС. 28:7)

ПЕСНА 131 „Двајцата ќе бидат едно тело“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Зошто новите брачни парови треба да имаат доверба во Јехова? (Псалм 37:3, 4). б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

ДАЛИ наскоро ќе стапиш во брак, или можеби од неодамна си во брак? Ако да, сигурно многу се радуваш на животот што ти претстои со саканата личност. Се разбира, бракот си има свои предизвици, а треба да се носат и важни одлуки. Од начинот како ќе се справите со предизвиците и од одлуките што ќе ги донесете, ќе зависи колку среќни ќе бидете во иднина. Ако се потпирате на Јехова, ќе носите мудри одлуки, вашиот брак ќе станува поцврст и ќе бидете радосни. Но, ако не ги применувате советите од Божјата Реч, веројатно ќе се соочите со проблеми кои ќе го стават вашиот брак под притисок и нема да бидете среќни. (Прочитај Псалм 37:3, 4.)

2 Иако оваа статија главно е наменета за оние што неодамна стапиле во брак, во неа ќе бидат разгледани некои предизвици со кои можат да се соочат сите брачни парови. Ќе видиме што може да научиме од примерот на некои верни мажи и жени за кои зборува Библијата. Од нив ќе извлечеме некои поуки кои може да се применат на разни полиња од животот, вклучувајќи го и бракот. Ќе видиме и што може да научиме од примерот на некои брачни парови од нашево време.

СО КОИ ПРЕДИЗВИЦИ МОЖЕ ДА СЕ СООЧАТ НОВИТЕ БРАЧНИ ПАРОВИ?

Кои одлуки би можеле да ги спречат новите брачни парови да прават повеќе во службата за Јехова? (Види во пасуси 3-4)

3-4. Со кои предизвици може да се соочат новите брачни парови?

3 Некои можеби ги поттикнуваат новите брачни парови да живеат онака како што живеат повеќето луѓе денес. На пример, родителите и роднините можеби им вршат притисок што поскоро да имаат деца. Или, пак, некои добронамерни пријатели и членови на семејството можеби ги поттикнуваат да си купат куќа и да ја опремат со убави работи.

4 Ако не се внимателни, брачните парови би можеле да донесат некои одлуки поради кои ќе заглават во големи долгови. Тогаш, и мажот и жената веројатно ќе треба да работат по цели денови за да ги исплатат долговите. Работата можеби ќе им го одзема времето што би требало да го посветат за лично проучување, Семејна вечер и служба на проповедање. Тие можеби ќе работат прекувремено за да заработат повеќе пари или за да си го зачуваат работното место, и поради тоа можеби дури и ќе почнат да ги пропуштаат состаноците. Така ќе испуштат убави прилики да си ја зголемат службата за Јехова.

5. Што учиш од примерот на Клаус и Мариса?

5 Искуството покажува дека нема да бидеме среќни ако животот ни се врти околу материјалните работи. Размисли за она што го научиле Клаус и Мариса. * Кога стапиле во брак, и двајцата работеле полновремено за да имаат многу пари и материјални работи. Но, длабоко во себе тие не се чувствувале исполнето. Клаус признава: „Имавме и повеќе отколку што ни беше потребно, но немавме никакви духовни цели. Да бидам искрен, животот ни беше комплициран и бевме под голем стрес“. Можеби и вие како брачен пар гледате дека тоа што сте фокусирани на материјалните работи не ве прави среќни. Но, не се обесхрабрувајте. Тоа што ќе размислите за убавите примери на некои луѓе може да ви помогне да ги направите потребните промени. Прво, да видиме што можат да научат сопрузите од примерот на цар Јосафат.

ИСТО КАКО ЦАР ЈОСАФАТ, ИМАЈТЕ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

6. Како Јосафат го применил советот од Изреки 3:5, 6 кога се соочил со еден голем предизвик?

6 Сопрузи, дали понекогаш имате чувство дека не можете да се носите со одговорностите што ги имате? Ако да, може да ви помогне примерот на цар Јосафат. Како цар, тој имал одговорност да се грижи за доброто на целиот народ. Што правел за да ја исполни таа сериозна одговорност? Тој направил сѐ што можел за да им пружи заштита на луѓето. Ги утврдил градовите на Јуда и собрал моќна војска од преку 1.160.000 војници (2. Лет. 17:12-19). Подоцна, Јосафат се соочил со еден голем предизвик. Нему, на неговото семејство и на неговиот народ им се заканила опасност од бројна војска составена од Амонци, Моавци и луѓе од сеирските планини (2. Лет. 20:1, 2). Што направил Јосафат? Тој побарал помош и сила од Јехова. Тоа било во склад со мудриот совет од Изреки 3:5, 6. (Прочитај.) Понизната молитва на Јосафат, запишана во 2. Летописи 20:5-12, открива колку голема доверба имал во својот грижлив небесен Татко. Како одговорил Јехова на неговата молитва?

7. Како одговорил Јехова на молитвата на Јосафат?

7 Јехова му се обратил на Јосафат преку еден левит кој се викал Јазиел. Јехова рекол: „Наредете се, стојте и гледајте како Јехова ќе ве спаси!“ (2. Лет. 20:13-17). Тоа било многу необична воена стратегија. Но, таквите упатства не дошле од некој човек, туку од самиот Јехова. Со потполна доверба во својот Бог, Јосафат постапил онака како што му било кажано. Кога со својот народ тргнал да се соочи со непријателот, тој во првите борбени редови не ги поставил највештите војници, туку поставил невооружени мажи кои пееле фалбени песни. Јехова го исполнил ветувањето што му го дал на Јосафат — ја поразил непријателската војска (2. Лет. 20:18-23).

Новите брачни парови ќе можат да ја стават службата за Јехова на прво место ако се молат и ако ја проучуваат неговата Реч (Види во пасуси 8, 10)

8. Што можат сопрузите да научат од примерот на Јосафат?

8 Сопрузи, можете да извлечете поука од примерот на Јосафат. Вие имате одговорност да се грижите за членовите на вашето семејство, и затоа работите напорно за да ги имаат неопходните работи и да се чувствуваат сигурно. Кога имате проблеми, можеби сметате дека вие самите можете да ги решите. Меѓутоа, внимавајте да не се потпирате на својата сила. Наместо тоа, насамо молете му се на Јехова за помош. Исто така, сесрдно молете се со својата сопруга. Барајте водство од Јехова така што ќе ја проучувате Библијата и публикациите од Божјата организација, а потоа применувајте ги тие совети. На другите можеби нема да им се допаднат одлуките што сте ги донеле на темел на Библијата, па можеби дури и ќе ви кажат дека постапувате неразумно. Можеби ќе велат дека најдобрата заштита за вашето семејство се парите и она што може да се купи со нив. Но, имајте го на ум примерот на Јосафат. Тој имал доверба во Јехова, и тоа го покажал со своите постапки. Јехова не го оставил тој верен човек, а нема да ве остави ни вас (Пс. 37:28; Евр. 13:5). Што друго можат да прават брачните парови за да имаат исполнет и среќен живот?

ИСТО КАКО ПРОРОКОТ ИСАИЈА И НЕГОВАТА ЖЕНА, СТАВЕТЕ ЈА СЛУЖБАТА ЗА ЈЕХОВА НА ПРВО МЕСТО

9. Што може да кажеме за пророкот Исаија и неговата жена?

9 На пророкот Исаија и на неговата жена најважно нешто во животот им била службата за Јехова. Исаија бил пророк, а веројатно и неговата жена извршувала пророчки задачи бидејќи е наречена „пророчицата“ (Иса. 8:1-4). Како брачен пар, тие очигледно давале сѐ од себе за да ја задржат службата за Јехова на прво место во својот живот. Колку убав пример за брачните парови денес!

10. Како тоа што ќе ги проучуваат библиските пророштва ќе ги поттикне брачните парови да прават повеќе за Јехова?

10 Брачните парови денес можат да го следат примерот на Исаија и на неговата жена така што ќе го даваат своето најдобро во службата за Јехова. Тие можат да си ја зајакнат довербата во Јехова ако ги проучуваат библиските пророштва и размислуваат за тоа како тие секогаш се исполнуваат (Тит 1:2). Брачните парови може да размислуваат за уделот што можат да го имаат во исполнувањето на некои библиски пророштва. На пример, тие може да имаат свој придонес во исполнувањето на пророштвото на Исус дека добрата вест ќе се проповеда по целиот свет пред да дојде крајот (Мат. 24:14). Колку поуверени се брачните парови дека библиските пророштва се исполнуваат толку порешени ќе бидат да прават колку што е можно повеќе за Јехова.

ИСТО КАКО ПРИСКИЛА И АКИЛА, СТАВЕТЕ ГО ЦАРСТВОТО НА ПРВО МЕСТО

11. Што биле во можност да прават Прискила и Акила, и зошто?

11 Младите брачни парови можат да учат од примерот на Прискила и Акила — брачен пар Евреи кои живееле во Рим. Тие ја слушнале добрата вест за Исус, и станале христијани. Без сомнение, биле задоволни со околностите во кои живееле. Сепак, животот неочекувано им се сменил кога императорот Клавдиј наредил сите Евреи да го напуштат Рим. Размисли што значело тоа за Акила и Прискила. Тие требало да си заминат од местото што го познавале, да најдат нов дом и да започнат да работат на ново место. Дали ваквите отежнати околности ги спречиле и понатаму да го ставаат Царството на прво место во животот? Веројатно го знаеш одговорот. Во Коринт, нивното ново место на живеење, Акила и Прискила се вклучиле во активностите на собранието и соработувале со апостол Павле за да ги зајакнуваат тамошните браќа. Подоцна, тие се преселиле и во други градови каде што имало поголема потреба од проповедници (Дела 18:18-21; Рим. 16:3-5). Тие навистина имале среќен и исполнет живот!

12. Зошто брачните парови треба да си поставуваат духовни цели?

12 Денешните брачни парови можат да го следат примерот на Прискила и Акила така што ќе го ставаат Царството на прво место. Всушност, најдоброто време да зборуваат за своите духовни цели е уште пред да стапат во брак. Ако си поставуваат цели во врска со службата за Јехова и вложуваат заеднички напори за да ги остварат, ќе имаат многу можности да видат како Јехова им помага во животот (Проп. 4:9, 12). Да го разгледаме примерот на Расел и Елизабет. Расел вели: „Уште додека бевме во врска, конкретно зборувавме за нашите духовни цели“. Елизабет додава: „Разговаравме за тоа бидејќи сакавме да се осигураме дека во иднина нема да донесеме некои одлуки кои ќе нѐ оддалечат од нашите духовни цели“. Нивните околности им дозволиле да се преселат во Микронезија и да служат на место каде што има поголема потреба од објавители.

Новите брачни парови ќе можат да ја стават службата за Јехова на прво место ако си поставуваат духовни цели (Види во пасус 13)

13. Според Псалм 28:7, кој ќе биде резултатот ако имаме доверба во Јехова?

13 Исто како Расел и Елизабет, и многу други одлучиле да водат едноставен начин на живот за да имаат повеќе време да учествуваат во делото на проповедање и поучување. Кога брачните парови си поставуваат цели кои ќе им овозможат да прават повеќе во службата за Јехова, и потоа заеднички се трудат да ги остварат, ќе имаат убави резултати. Ќе видат како Јехова се грижи за нив, нивната доверба во него ќе се зголеми и ќе бидат вистински среќни. (Прочитај Псалм 28:7.)

ИСТО КАКО АПОСТОЛ ПЕТАР И НЕГОВАТА ЖЕНА, ИМАЈТЕ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВИНИТЕ ВЕТУВАЊА

14. Како апостол Петар и неговата жена покажале дека имаат доверба во ветувањето запишано во Матеј 6:25, 31-34?

14 Брачните парови можат да учат и од примерот на апостол Петар и на неговата жена. Петар требало да донесе важна одлука откако поминале околу шест месеци до една година по неговата прва средба со Исус. За да може да си го издржува семејството, тој се занимавал со рибарење. Затоа, кога Исус го повикал да го следи и да го посвети својот живот на проповедањето, Петар требало да ја земе предвид својата семејна ситуација пред да ја донесе одлуката (Лука 5:1-11). Тој решил да му се придружи на Исус во проповедничкото дело. Тоа било мудра одлука! И, имаме добри причини да заклучиме дека неговата жена го поддржала. Од Библијата дознаваме дека, по воскресението на Исус, барем некое време таа патувала со Петар (1. Кор. 9:5). Без сомнение, поради нејзиниот добар пример како сопруга, Петар можел со слобода на говорот да им даде совет на сопрузите и сопругите (1. Пет. 3:1-7). Очигледно, и Петар и неговата жена имале доверба во ветувањето дека Јехова ќе се грижи за нивните потреби ако го ставаат Царството на прво место во својот живот. (Прочитај Матеј 6:25, 31-34.)

15. Што учиш од примерот на Тијаго и Естер?

15 Ако сте во брак веќе неколку години, како може да ја разгорите желбата да правите повеќе во службата за Јехова? Еден начин е така што ќе учите од искуствата на други брачни парови. На пример, би можеле да ги читате статиите од рубриката „Тие се ставиле на располагање“. Таквите статии им помогнале на Тијаго и Естер, брачен пар од Бразил, да развијат желба да служат на место каде што има поголема потреба од објавители. Тијаго објаснува: „Додека читавме искуства за тоа како Јехова им помагал на своите слуги во нашево време, сакавме и ние да искусиме како Јехова нѐ води и се грижи за нас“. По некое време, тие се преселиле во Парагвај, каде што од 2014 год. служат на подрачје на кое се зборува португалски. Естер вели: „Еден стих кој и двајцата многу го сакаме е Ефешаните 3:20. Во нашата служба, многу пати се уверивме во вистинитоста на тие зборови“. Во писмото до Ефешаните, Павле напишал дека Јехова ќе ни даде неизмерно повеќе од она што го бараме од него. Можеме да бидеме силно уверени во ова ветување!

Новите брачни парови ќе можат да ја стават службата за Јехова на прво место ако бараат совети од поискусни брачни парови (Види во пасус 16)

16. Кога размислуваат за своите цели во животот, од кого може да побараат совет младите брачни парови?

16 На младите брачни парови може да им користи искуството на оние кои научиле да се потпираат на Јехова. Некои брачни парови со децении се во полновремена служба. Доколку размислувате за тоа какви цели да си поставите, зошто не ги прашате нив за совет? Тоа е уште еден начин да покажете дека имате доверба во Јехова (Изр. 22:17, 19). И старешините можат да им помогнат на младите брачни парови да си постават духовни цели и да ги остварат.

17. Што се случило со Клаус и Мариса, и што може да научиме од нивниот пример?

17 Сепак, понекогаш може да се случи да решиме да ја зголемиме службата за Јехова на некој конкретен начин, но потоа работите да излезат поинаку од она што сме го планирале. Ова се случило со Клаус и Мариса, кои ги спомнавме претходно. Откако биле во брак три години, тие го напуштиле својот дом и отишле да помагаат како доброволци на еден градежен проект во подружницата во Финска. Меѓутоа, дознале дека не можат да останат таму подолго од шест месеци. На почетокот биле разочарани. Но, кратко потоа биле поканети на курс по арапски јазик, и сега радосно служат во друга земја на подрачје на кое се зборува арапски. Размислувајќи за она што го доживеале, Мариса вели: „Ми беше страв да се нафатам на нешто сосема ново и да се препуштам во рацете на Јехова. Но, видов како тој секогаш ни помагаше на неочекувани начини. Ваквото искуство ми помогна да си ја зајакнам довербата во него“. Како што покажува овој пример, може да бидете уверени дека Јехова ќе ве благослови ако покажете потполна доверба во него.

18. Што можат да прават брачните парови за да ја задржат довербата во Јехова?

18 Бракот е дар од Јехова (Мат. 19:5, 6). Тој сака брачните другари да уживаат во овој дар (Изр. 5:18). Млади брачни парови, добро е да размислите во кој правец оди вашиот живот. Дали правите сѐ што можете за да му покажете на Јехова дека сте благодарни за сето она што ви го дава? Зборувајте со него во молитва. Барајте начела во неговата Реч кои се однесуваат на околностите во кои се наоѓате. А потоа следете ги советите што доаѓаат од Бог. Може да бидете уверени дека ќе имате среќен и исполнет живот ако на прво место ја ставите службата за Јехова!

ПЕСНА 132 Сега сме едно

^ пас. 5 Некои одлуки што ги носиме можат да влијаат врз тоа колку време и сили ќе ни останат во службата за Јехова. Особено новите брачни парови стојат пред одлуки кои ќе влијаат врз нивниот понатамошен живот. Оваа статија ќе им помогне да донесат мудри одлуки кои ќе им овозможат да водат среќен и исполнет живот.

^ пас. 5 Некои имиња се сменети.