Дали сте знаеле?
Дали Мардохеј навистина постоел?
ЕДЕН Евреин по име Мардохеј имал важна улога во настаните кои се запишани во библиската книга Естира. Тој бил потомок на Евреи кои биле одведени во изгнанство во Вавилон и служел на царскиот двор во Персија. Тоа се случувало на почетокот од петтиот век пр.н.е., „во деновите на [цар] Ахасвер“ (денес повеќето луѓе сметаат дека овој цар бил Ксеркс I). Мардохеј го разоткрил заговорот за убиство на царот. Од благодарност, царот наредил на Мардохеј јавно да му се оддаде чест. Подоцна, по смртта на Аман, кој бил непријател на Мардохеј и на другите Евреи, царот го поставил Мардохеј за управител на целата земја. Таа положба му овозможила на Мардохеј да издаде наредба која ги заштитила Евреите во Персиското Царство од истребување (Ест. 1:1; 2:5, 21-23; 8:1, 2; 9:16).
На почетокот на 20-от век, историчарите тврделе дека настаните во книгата Естира се измислени и дека Мардохеј никогаш не постоел. Но во 1941 год., археолозите нашле доказ кој би можел да биде потврда за библискиот извештај за Мардохеј. Што нашле тие?
Истражувачите откриле глинена плочка со текст напишан со клинесто писмо во кое се спомнува дворски службеник по име Мардука (на македонски, Мардохеј). Тој веројатно служел како книговодител во Суза. Во времето кога овој документ бил откриен, Артур Унгнат, кој бил стручњак за историјата во тоа подрачје, напишал дека ова било првпат Мардохеј „да биде спомнат во документ кој не е дел од Библијата“.
Од времето кога Унгнат го напишал ова, изучувачите превеле илјадници персиски глинени плочки. Меѓу нив се и глинените плочки кои биле најдени во урнатините на градот Персеполис. Овие плочки биле најдени во близина на градските ѕидини, во урнатините на ризницата. Тие датираат од времето кога владеел Ксеркс I. Биле напишани на еламитски јазик и содржат неколку имиња кои се наоѓаат во книгата Естира. a
На неколку од плочките од Персеполис е спомнато името Мардука, кој служел како царски писар во палатата во Суза за време на владеењето на Ксеркс I. На една од плочките, Мардука е опишан како преведувач. Тој детаљ одговара на она што Библијата го вели за Мардохеј. Тој служел на дворот на царот Ахасвер (Ксеркс I) и зборувал најмалку два јазика. Мардохеј обично седел при царската порта на палатата во Суза (Ест. 2:19, 21; 3:3). Царската порта била голем објект каде што работеле дворјаните.
Има впечатливи сличности помеѓу Мардука, кој е спомнат во текстот на глинените плочки и Мардохеј, кој е спомнат во Библијата. Тие живееле во исто време и на исто место и вршеле службени задачи на истото работно место. Сите овие сличности заедно покажуваат дека археолошките откритија можат да се поврзат со Мардохеј кој е спомнат во книгата Естира.
a Во 1992 год., професорот Едвин М. Јамаучи напишал статија во која се спомнати 10 имиња од текстовите на глинените плочки од Персеполис, а кои исто така се спомнуваат во книгата Естира.