СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 46
Како Јехова ни помага да истраеме со радост
Јехова ќе чека да ви се смилува и... ќе стане да ви покаже милост (ИСА. 30:18)
ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба
КРАТОК ПРЕГЛЕД a
1-2. а) Кои прашања ќе ги разгледаме? б) Што покажува дека Јехова има силна желба да ни помогне?
ЈЕХОВА може да ни помогне да се справиме со проблемите во животот и да бидеме радосни додека ја извршуваме службата за него. На кои начини ни помага Јехова? И како може да извлечеме потполна корист од помошта што ни ја дава? Одговорот на овие прашања ќе го добиеме во оваа статија. Но претходно, да разгледаме едно друго прашање кое е поврзано со тие прашања. Дали Јехова навистина сака да ни помогне?
2 Апостол Павле во своето писмо до Евреите користи еден збор што може да ни помогне да го добиеме одговорот. Тој напишал: „Јехова е мојот помошник, нема да се плашам. Што може да ми направи човек?“ (Евр. 13:6). Според некои библиски изучувачи, зборот кој во овој стих е преведен со „помошник“ на изворниот јазик се однесува на личност која брза да му помогне некому кој вика за помош. Замисли си го Јехова како брза да спаси некого кој е во тешка ситуација. Сигурно ќе се согласиш дека овој опис истакнува колку Јехова сака, односно колку силна желба има, да биде наш помошник. Кога Јехова е со нас, можеме да истраеме во неволјите со радост.
3. На кои три начини Јехова ни помага да истраеме во неволјите со радост?
3 Кои се некои начини на кои Јехова ни помага да истраеме во неволјите со радост? Одговорот ќе го најдеме во книгата Исаија. Многу од пророштвата што Јехова му ги дал на Исаија да ги запише се однесуваат на Божјите слуги денес. Исто така, Исаија честопати го опишува Јехова со изрази кои можат лесно да се разберат. Да го земеме за пример Исаија поглавје 30. Во ова поглавје, Исаија користи прекрасни споредби за да опише како Јехова им помага на своите слуги. Тој напишал дека Јехова ни помага така што 1) внимателно ги слуша и одговара на нашите молитви, 2) ни дава водство и 3) ни дава благослови сега, а ќе ни дава и во иднина. Да го разгледаме подетално секој од овие три начини на кои Јехова ни помага.
ЈЕХОВА ГИ СЛУША И ОДГОВАРА НА НАШИТЕ МОЛИТВИ
4. а) Како Јехова ги опишал Евреите од времето на Исаија, и што дозволил да се случи? б) Каква надеж им дал Јехова на своите верни слуги? (Исаија 30:18, 19).
4 На почетокот од Исаија поглавје 30, Јехова ги опишал Евреите како тврдокорни синови кои „додаваат грев врз грев“. Тој понатаму рекол: „Тие се бунтовен народ... кои не сакаат да го слушаат Јеховиниот закон“ (Иса. 30:1, 9). Исаија прорекол дека, поради нивната непослушност, Јехова ќе дозволи да трпат неволји. Токму тоа се случило. Тие биле одведени во ропство во Вавилон (Иса. 30:5, 17; Ерем. 25:8-11). Сепак, меѓу нив имало и верни Евреи за кои Исаија имал порака на надеж. Тој им рекол дека еден ден Јехова повторно ќе ги врати во Ерусалим. (Прочитај Исаија 30:18, 19.) И тоа навистина се случило. Јехова ги ослободил од заробеништво. Сепак, поминале многу години пред Јехова да го направи тоа. Изјавата „Јехова ќе чека да ви се смилува“ покажува дека ќе поминело одредено време пред верните Евреи да бидат избавени. Всушност, дури откако поминале 70 години во ропство во Вавилон, еден остаток од Евреите се вратил во Ерусалим (Иса. 10:21; Ерем. 29:10). Кога се вратиле во својата земја, солзите од тага кои ги ронеле во заробеништво се претвориле во солзи радосници.
5. Во што нѐ уверува Исаија 30:19?
5 Денес ние може да се охрабриме од зборовите: „Тој навистина ќе ти се смилува кога ќе го чуе твојот лелек“ (Иса. 30:19). Исаија нѐ уверува дека Јехова ќе слуша внимателно кога ќе го повикуваме да ни помогне и дека брзо ќе одговори на нашите молитви. Исаија додава: „Штом ќе го чуе, ќе те услиши“. Овие зборови нѐ уверуваат дека нашиот Татко има голема желба да им помогне на оние што го молат за помош. Тоа што го знаеме овој факт ни помага да истраеме со радост.
6. Како зборовите на Исаија покажуваат дека Јехова ги слуша молитвите на секој свој слуга?
6 Што друго дознаваме од овој стих во врска со нашите молитви? Јехова внимателно слуша кога секој од нас му се моли. Зошто можеме да го кажеме ова? Во првиот дел од Исаија поглавје 30, Јехова им се обраќа на своите слуги како група. Сепак, во стих 19 пораката е упатена до поединци. Исаија напишал: „Повеќе нема да плачеш“, „Тој навистина ќе ти се смилува“, „Ќе те услиши“. Бидејќи е татко полн со љубов, Јехова не му кажува на својот обесхрабрен син или ќерка: „Треба да бидеш цврст како твојот брат или твојата сестра“. Напротив, Јехова обрнува внимание на секој од нас поединечно, и лично тој ги слуша нашите молитви (Пс. 116:1; Иса. 57:15).
7. Како Исаија и Исус истакнале колку е важно упорно да се молиме?
7 Кога му се молиме на Бог во врска со нешто што нѐ мачи, тој на почеток можеби ќе ни ја даде само потребната сила за да истраеме. Но ако тешката ситуација не заврши толку брзо колку што сме се надевале, можеби ќе треба да го молиме Јехова повеќе пати за да ни даде сила да истраеме. Тој нѐ поттикнува да го правиме тоа. Ова се гледа од следниве зборови на Исаија: „Не давајте му мир [на Јехова]“ (Иса. 62:7). Што значат овие зборови? Треба толку упорно да се молиме што, така да се каже, нема да му даваме мир на Јехова. Зборовите на Исаија нѐ потсетуваат на споредбите на Исус во врска со молитвата кои се запишани во Лука 11:8-10, 13. Таму Исус нѐ поттикнува упорно да се молиме за свет дух. Исто така, можеме да го молиме Јехова да ни даде водство за да носиме мудри одлуки.
ЈЕХОВА НИ ДАВА ВОДСТВО
8. Како се исполниле зборовите од Исаија 30:20, 21 во минатото?
8 Прочитај Исаија 30:20, 21. Кога вавилонската војска го опсадила Ерусалим во период од година и пол, Евреите доживувале толку многу маки што тие им станале толку вообичаени како лебот и водата. Но во стихови 20 и 21, Јехова им ветил дека, ако се покајат и се сменат, тој ќе ги избави. Исаија го нарекол Јехова нивен „Најголем Учител“ и им ветил дека Јехова ќе ги поучи како да го обожаваат на прифатлив начин. Тие зборови се исполниле кога Евреите биле ослободени од ропство. Јехова докажал дека е нивниот Најголем Учител и, благодарение на неговото водство, народот повторно почнал да го обожава на исправен начин. Ние сме среќни што Јехова е и нашиот Најголем Учител.
9. Кој е еден начин на кој ние денес добиваме водство од Јехова?
9 Во овие стихови, Исаија нѐ опишува нас како ученици кои се поучени од Јехова на два начина. Прво, Исаија вели: „Твоите очи ќе го гледаат твојот Најголем Учител“. Во оваа споредба, учителот стои пред своите ученици. Денес, ние имаме чест да бидеме поучени од Бог. Како нѐ поучува Јехова? Тоа го прави преку својата организација. Многу сме благодарни за јасното водство што го добиваме преку Јеховината организација. Поуките што ги добиваме преку состаноците, конгресите, собирите, публикациите, нашата онлајн-телевизија и на многу други начини ни помагаат да истраеме со радост кога се соочуваме со тешкотии.
10. Во која смисла ја слушаме „речта зад [нас]“?
10 Исаија запишал кој е вториот начин на кој Јехова нѐ поучува. Тој рекол: „Вашите уши ќе ја чујат речта зад вас“. Тука, пророкот го опишал Јехова како грижлив учител кој оди позади своите ученици и им кажува по кој пат да одат. Денес, ние го слушаме Божјиот глас зад нас. Во која смисла? Божјите зборови биле запишани во Библијата многу одамна, во време кое е далеку зад нас. Според тоа, кога ја читаме Библијата, како да го слушаме Божјиот глас да доаѓа од зад нас (Иса. 51:4).
11. Кои чекори треба да ги преземеме за да истраеме со радост, и зошто?
11 Како можеме да извлечеме потполна корист од водството што Јехова ни го дава преку својата организација и својата Реч? Забележи дека Исаија спомнал две работи. Прво, „тоа е патот“. Второ, „одете по него“ (Иса. 30:21). Не е доволно само да знаеме кој е патот. Треба и да одиме по него. Од Јеховината Реч и од објаснувањата што ги добиваме од неговата организација учиме што Јехова очекува од нас. Исто така, дознаваме како да го примениме она што го учиме. За да можеме со радост да му служиме на Јехова, треба да ги правиме и двете работи. Само така можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе нѐ благослови.
ЈЕХОВА НЀ БЛАГОСЛОВУВА
12. Како во минатото се исполнило пророштвото од Исаија 30:23-26?
12 Прочитај Исаија 30:23-26. Како ова пророштво се исполнило на Евреите откако се вратиле во Израел од ропството во Вавилон? Тие добиле многу благослови — и во физички и во духовен поглед. Јехова го благословил својот народ со изобилство дословна храна. Но што е уште поважно, тој ги благословил со изобилство духовна храна, што им помогнало да се зближат со него и повторно да го обожаваат на исправен начин. Никогаш претходно Божјиот народ не доживеал толку многу духовни благослови од Јехова. Стих 26 покажува дека Јехова им дал многу повеќе духовна светлина, односно им помогнал да ја разберат неговата Реч (Иса. 60:2). Благословите од Јехова им дале сила на неговите слуги да продолжат да му служат воскликнувајќи „од радост во срцето“ (Иса. 65:14).
13. Како пророштвото за обновата се исполнува денес?
13 Дали пророштвото за обновата на обожавањето на вистинскиот Бог се однесува и на нас денес? Апсолутно. На кој начин? Од 1919 год. од н.е., милиони луѓе биле ослободени од ропството на големиот Вавилон, кој ги претставува сите лажни религии. Тие биле одведени на многу подобро место од Ветената земја во Израел. Биле одведени во духовен рај (Иса. 51:3; 66:8). Што е тој духовен рај?
14. Што е духовниот рај, и кој живее во него денес? (Види ја фуснотата.)
14 Од 1919 год. од н.е., помазаните христијани живеат во еден духовен рај. b Со текот на времето, оние кои имаат земна надеж, другите овци, исто така почнале да се населуваат во оваа духовна земја и да уживаат во изобилството благослови од Јехова (Јован 10:16; Иса. 25:6; 65:13).
15. Каде се наоѓа духовниот рај?
15 Каде денес се наоѓа духовната земја, односно духовниот рај? Јеховините слуги живеат во сите делови од Земјата. Според тоа, духовниот рај во кој тие се наоѓаат исто така постои низ целиот свет. Значи, денес, без разлика каде живееме, ние можеме да бидеме дел од духовниот рај сѐ додека ревносно му служиме на вистинскиот Бог.
16. Како можеме да продолжиме да ја гледаме убавината на духовниот рај?
16 За да останеме во духовниот рај, меѓу другото, мора и понатаму да покажуваме благодарност за нашето меѓународно братство. Како можеме да го правиме тоа? Така што ќе се концентрираме на убавите особини, а не на несовршеностите што ги имаат нашите браќа и сестри (Јован 17:20, 21). Зошто ова е толку важно? Размисли за следнава споредба. Во еден убав парк или градина очекуваме да видиме најразлични дрвја. Слично на тоа, во духовниот рај кој постои во собранијата има најразлични поединци кои се споредени со дрвја (Иса. 44:4; 61:3). Треба да даваме сѐ од себе за да се концентрираме на убавината на „шумата“, а не на несовршеностите на поединечните „дрвја“ што се во наша близина. Не треба да дозволиме нашите недостатоци или недостатоците на другите во собранието да ни го одвлечат вниманието од целокупната убавина на нашето обединето меѓународно братство.
17. Како може секој од нас да придонесе за единството во собранието?
17 Како може секој од нас да придонесе да се зачува ова единство? Така што ќе бидеме миротворци (Мат. 5:9; Рим. 12:18). Секојпат кога се трудиме да го дадеме нашиот дел за да бидеме во мир со другите во собранието, придонесуваме за убавината на духовниот рај. Ние сме свесни дека Јехова го привлекол секое лице кое е во духовниот рај за да му служи (Јован 6:44). Замисли колку се радува Јехова кога гледа дека даваме сѐ од себе за да го зајакнеме мирот и единството меѓу оние кои тој ги смета за скапоцени — неговите слуги! (Иса. 26:3; Агеј 2:7).
18. За што треба често да размислуваме, и зошто?
18 Како можеме да извлечеме целосна корист од благословите што ги добиваме како Божји слуги? Треба длабоко да размислуваме за она што го проучуваме од Божјата Реч и од библиските публикации. Тоа што ќе проучуваме и длабоко ќе размислуваме ќе ни помогне да развиваме христијански особини што ќе нѐ поттикнат да покажуваме „братска љубов“ и срдечно да се сакаме еден со друг во собранието (Рим. 12:10). Кога размислуваме за нашите сегашни благослови, го зајакнуваме нашето пријателство со Јехова. А тоа што размислуваме за благословите што Јехова ќе ни ги даде во иднина ни ја зајакнува надежта дека ќе можеме да му служиме засекогаш. Сето ова ни помага да бидеме уште порадосни додека му служиме на Јехова денес.
РЕШЕНИ СМЕ ДА ИСТРАЕМЕ
19. а) Според Исаија 30:18, во што можеме да бидеме сигурни? б) Што ќе ни помогне да истраеме со радост?
19 Јехова „ќе стане“ во наша корист кога ќе му донесе крај на овој злобен свет (Иса. 30:18). Уверени сме дека Јехова, Богот кој дава правда, нема да дозволи светот на Сатана да постои ниту еден ден подолго отколку што бара правдата (Иса. 25:9). Ние, заедно со Јехова, стрпливо го чекаме денот на избавување. Во меѓувреме, решени сме и понатаму да ја цениме честа да се молиме, да ја проучуваме Божјата Реч и да го применуваме она што го учиме, како и длабоко да размислуваме за нашите благослови. Ако го правиме тоа, Јехова ќе ни помага да истраеме со радост додека му служиме.
ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж
a Во оваа статија ќе разгледаме три начини на кои Јехова им помага на своите слуги да останат радосни и покрај проблемите во животот. За да дознаеме нешто повеќе за овие три начини на кои Јехова ни помага, ќе ги разгледаме зборовите од Исаија поглавје 30. Додека го разгледуваме ова поглавје, ќе бидеме потсетени колку е важно да му се молиме на Јехова, да ја проучуваме неговата Реч и да размислуваме за сегашните и за идните благослови.
b ПОЈАСНУВАЊЕ: „Духовен рај“ се однесува на безбедната средина во која му служиме на Јехова во единство. Во овој духовен рај имаме изобилство духовна храна во која нема ни трага од религиозните лаги и во кој ревносно ја објавуваме добрата вест за Божјето Царство, што ни причинува големо задоволство. Имаме близок однос со Јехова и живееме во мир со нашите браќа и сестри кои ни помагаат да истраеме со радост и покрај тешкотиите со кои се соочуваме. Некој влегува во духовниот рај кога почнува да го обожава Јехова на исправен начин и дава сѐ од себе за да го следи неговиот пример.