Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ  47

Не дозволувај ништо да те одвои од Јехова

Не дозволувај ништо да те одвои од Јехова

Јас имам доверба во тебе, Јехова (ПС. 31:14)

ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Од каде знаеме дека Јехова сака да биде близок со нас?

 ЈЕХОВА нѐ повикува да бидеме блиски со него (Јак. 4:8). Тој сака да биде наш Бог, наш Татко и наш пријател. Ни одговара на молитвите и ни помага кога минуваме низ тешки ситуации. И, тој ја користи својата организација за да нѐ поучува и да нѐ штити. Но, што треба ние да правиме за да станеме уште поблиски со Јехова?

2. Како можеме да станеме уште поблиски со Јехова?

2 Можеме да стануваме сѐ поблиски со Јехова така што ќе му се молиме, ќе ја читаме неговата Реч и длабоко ќе размислуваме за неа. Кога го правиме тоа, растат нашата љубов и ценење кон него. Поттикнати сме да му бидеме послушни и да му ја оддадеме честа што тој потполно ја заслужува (Отк. 4:11). Колку повеќе го запознаваме Јехова толку поголема доверба ќе имаме во него и во неговата организација преку која тој ни помага.

3. Како Ѓаволот се обидува да нѐ одвои од Јехова, но што ќе ни помогне никогаш да не ги напуштиме Бог и неговата организација? (Псалм 31:13, 14).

3 Меѓутоа, Ѓаволот се обидува да нѐ одвои од Јехова, особено кога се соочуваме со потешкотии. Како го прави тоа? Тој се обидува малку по малку да ја поткопа нашата доверба во Јехова и во неговата организација. Но, ние можеме да се спротивставиме на неговите напади. Ако имаме цврста вера и доверба во Јехова, нема да ги напуштиме него и неговата организација. (Прочитај Псалм 31:13, 14.)

4. Што ќе разгледаме во оваа статија?

4 Во оваа статија ќе разгледаме три работи што доаѓаат надвор од собранието и што можат да ја поткопаат нашата доверба во Јехова и во неговата организација. Како би можеле тие да нѐ одвојат од Јехова? И што можеме да направиме за да се спротивставиме на обидите на Сатана?

КОГА СЕ СООЧУВАМЕ СО ПРОБЛЕМИ

5. Како проблемите би можеле да ни ја разнишаат довербата во Јехова и во неговата организација?

5 Понекогаш се соочуваме со проблеми — на пример, може да се случи да доживееме противење од семејството или да ја изгубиме работата. Како можат ваквите проблеми да ја разнишаат нашата доверба во Јеховината организација и да нѐ одвојат од него? Ако нашите проблеми траат подолг период, можеби се чувствуваме безнадежно и обесхрабрено. Сатана ги користи таквите прилики за да нѐ наведе да се сомневаме дека Јехова нѐ сака. Ѓаволот сака да мислиме дека Јехова и неговата организација се виновни за нашите проблеми. Нешто слично им се случило и на некои Израелци во Египет. На почетокот, тие биле уверени дека Јехова ги избрал Мојсеј и Арон за да ги ослободат од ропство (2. Мој. 4:29-31). Но подоцна, кога фараонот уште повеќе им го загорчил животот, ги обвиниле Мојсеј и Арон за нивните проблеми. Им рекле: „Поради вас нѐ замразија фараонот и неговите слуги! Им дадовте меч во раката за да нѐ убијат“ (2. Мој. 5:19-21). Всушност, тие обвиниле двајца верни Божји слуги. Колку жалосно! Ако твоите проблеми траат подолго време, како можеш да зачуваш цврста доверба во Јехова и во неговата организација?

6. Што учиме од пророкот Авакум за тоа како да се справиме со нашите проблеми? (Авакум 3:17-19).

6 Во молитва кажувај му ги на Јехова своите најдлабоки мисли и чувства и имај доверба дека тој ќе ти помогне. Пророкот Авакум се соочил со многу проблеми. Во еден момент, се чини дека се посомневал дали Јехова се грижи за него. Затоа, во молитва му кажал на Јехова како се чувствува. Тој рекол: „До кога, Јехова, ќе викам за помош, а ти нема да слушаш?... Зошто гледаш неволја?“ (Авак. 1:2, 3). Јехова одговорил на искрената молитва на својот верен слуга (Авак. 2:2, 3). Откако длабоко размислувал за тоа како Јехова го спасувал својот народ, на Авакум повторно му се вратила радоста. Тој се уверил дека Јехова се грижи за него и дека ќе му помогне да ја издржи секоја неволја. (Прочитај Авакум 3:17-19.) Што учиме ние од ова? Кога се соочуваш со некој проблем, моли му се на Јехова и кажи му како се чувствуваш. Потоа, имај доверба дека тој ќе ти помогне. Ако го правиш тоа, ќе можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе ти ја даде силата што ти е потребна да истраеш. А, кога ќе видиш како ти помага, твојата вера во него ќе стане уште посилна.

7. Што се обидел да направи брат ѝ на Ширли, но што ѝ помогнало да не ја изгуби својата вера во Јехова?

7 Редовно учествувај во духовните активности. Токму ова ѝ помогнало на една сестра по име Ширли во Папуа Нова Гвинеја кога се соочила со проблеми. b Семејството на Ширли било сиромашно и понекогаш им било тешко да обезбедат храна. Нејзиниот брат се обидел да ѝ ја поткопа довербата во Јехова. Тој ѝ рекол: „Ти велиш дека Божјиот свет дух ти помага, ама каде е таа помош? Семејството сѐ уште е сиромашно, а ти само си го губиш времето со тоа што проповедаш“. Ширли признава: „Се прашав дали Бог навистина се грижи за нас? Затоа веднаш му се помолив на Јехова и му кажав сѐ што ми лежеше на срце. Не престанав да ги читам Библијата и нашите публикации, а продолжив и да проповедам и да одам на состаноците“. Ширли набрзо почнала да сфаќа дека Јехова се грижи за нејзиното семејство. Тие не останале гладни и биле среќни. Таа вели: „Бев уверена дека Јехова одговори на моите молитви“ (1. Тим. 6:6-8). Ако продолжиш редовно да учествуваш во духовните активности, и ти нема да им дозволиш на проблемите или сомнежите да те одвојат од Јехова.

КОГА НЕКОЈ ПОСТАПУВА НЕПРАВЕДНО СО ОДГОВОРНИТЕ БРАЌА

8. Што може да им се случи на браќата кои предводат во Јеховината организација?

8 Преку медиумите и социјалните мрежи, нашите непријатели шират лаги или дезинформации за браќата кои предводат во Јеховината организација (Пс. 31:13). Некои браќа се уапсени и се обвинети како криминалци. Христијаните од првиот век се соочиле со слична ситуација кога апостол Павле бил неправедно обвинет и уапсен. Како реагирале тие?

9. Како некои христијани реагирале кога Павле бил ставен во затвор?

9 Некои христијани од првиот век престанале да го поддржуваат апостол Павле кога бил затворен во Рим (2. Тим. 1:8, 15). Зошто? Дали тие се срамеле од Павле затоа што другите го сметале за злосторник? (2. Тим. 2:8, 9). Или, дали можеби се плашеле дека и тие ќе бидат прогонувани? Која и да е причината, замисли си колку разочарано се чувствувал Павле. Тој доживеал многу неволји, па дури и си го ризикувал животот за нив (Дела 20:18-21; 2. Кор. 1:8). Никогаш да не станеме како оние кои го напуштиле Павле тогаш кога најмногу му биле потребни. Што треба да имаме на ум кога одговорните браќа се прогонувани?

10. Што треба да имаме на ум кога одговорните браќа се прогонувани, и зошто?

10 Имај на ум зошто сме прогонувани и кој стои зад тоа. Во 2. Тимотеј 3:12 пишува: „Сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“. Затоа, не треба да бидеме изненадени што посебна мета на Сатана му се браќата кои предводат во организацијата. Тој сака да ја скрши верноста на овие браќа и да нѐ заплаши нас (1. Пет. 5:8).

Иако Павле бил во затвор, Онисифор храбро му помагал. Денес, нашите браќа и сестри им помагаат на своите соверници кои се во затвор, како што е прикажано во оваа одглумена сцена (види во пасуси 11-12)

11. Што можеме да научиме од примерот на Онисифор? (2. Тимотеј 1:16-18).

11 Продолжи верно да ги поддржуваш своите браќа и остани покрај нив. (Прочитај 2. Тимотеј 1:16-18.) Еден христијанин од првиот век, по име Онисифор, реагирал поинаку од другите кога Павле бил затворен. Павле за него рекол: „Не се срамеше од моите синџири“. Онисифор го побарал Павле и, кога го нашол, се трудел да му помага на практични начини. За да го направи сето ова, Онисифор си го ризикувал животот. Што можеме да научиме од него? Не смееме да дозволиме стравот од човек да нѐ спречи да им помагаме на браќата и сестрите кои се прогонувани. Наместо тоа, да даваме сѐ од себе за да им ја пружиме потребната помош (Изр. 17:17). Тие имаат потреба од нашата љубов и поддршка.

12. Што учиме од нашите браќа и сестри во Русија?

12 Размисли како нашите браќа и сестри во Русија им помагаат на своите соверници кои се во затвор. Кога некои од нив се на судење, многу браќа и сестри доаѓаат во судот за да им ја дадат својата поддршка. Која е поуката за нас? Кога некои од одговорните браќа се наклеветени, уапсени или прогонувани, не дозволувај тоа да те исплаши. Моли се за нив, грижи се за членовите на нивното семејство и барај и други практични начини за да им помогнеш (Дела 12:5; 2. Кор. 1:10, 11).

КОГА СМЕ ИСМЕЈУВАНИ

13. Како може исмејувањето да ја поткопа нашата доверба во Јехова и во неговата организација?

13 Роднините кои не се Сведоци, колегите или соучениците може да нѐ исмејуваат поради тоа што проповедаме или поради тоа што живееме во склад со Јеховините високи морални мерила (1. Пет. 4:4). Тие можеби ти велат: „Добар човек си, ама твојата религија е премногу строга и нема никаков допир со реалноста“. Некои можеби нѐ критикуваат поради нашиот став кон исклучените лица и ни велат: „Како можете да кажете дека ги сакате луѓето?“ Ваквите изјави можат да посеат сомнеж во нашите мисли. Можеби ќе почнеме да се прашуваме: „Дали Јехова очекува премногу од мене? Дали Јеховината организација премногу ме ограничува?“ Ако ти се најдеш во ваква ситуација, како можеш да останеш близок со Јехова и со неговата организација?

Јов не поверувал во зборовите на лажните пријатели кои го исмевале. Наместо тоа, тој бил решен да му остане верен на Јехова (види во пасус 14)

14. Како треба да реагираме кога другите нѐ исмејуваат поради тоа што живееме според Јеховините мерила? (Псалм 119:50-52).

14 Биди решен да се држиш за Јеховините мерила. Јов бил човек кој се држел за Јеховините мерила иако бил исмејуван поради тоа. Еден од лажните пријатели на Јов дури се обидел да го увери дека на Бог не му е важно дали Јов се држи за неговите мерила (Јов 4:17, 18; 22:3). Но, Јов не поверувал во таа лага. Тој знаел дека Јеховините мерила се исправни и бил решен да се држи за нив. Јов не дозволил другите да го наведат да се откаже од својата беспрекорност (Јов 27:5, 6). Што учиме ние од ова? Не дозволувај поради исмејувањето да почнеш да се сомневаш во Јеховините мерила. Размисли за твојот живот. Веројатно, многу пати на своја кожа си почувствувал дека Јеховините мерила се исправни и дека се за твое добро. Биди решен да останеш во организацијата која се држи за овие мерила. Така ниту едно исмејување, без разлика од кого доаѓа и во која мера, нема да те одвои од Јехова. (Прочитај Псалм 119:50-52.)

15. Поради што Брижит била исмејувана?

15 Размисли за примерот на Брижит, една сестра во Индија. Таа била исмејувана од членовите на семејството поради нејзината вера. Кратко откако се крстила во 1997 год., нејзиниот сопруг кој не бил Сведок ја изгубил работата. Затоа, тој одлучил заедно со Брижит и нивните ќерки да се преселат кај неговите родители кои живееле во друг град. Но, Брижит се соочила со уште поголеми проблеми. Бидејќи нејзиниот сопруг не работел, таа морала да работи полновремено за да го издржува семејството. Освен тоа, најблиското собрание било околу 350 километри оддалечено од неа. За жал, семејството на нејзиниот сопруг ѝ се противело поради нејзината вера. Противењето станало толку силно што тие морале повторно да се преселат. Потоа, нејзиниот сопруг неочекувано починал. Подоцна, една од нејзините ќерки починала од рак на само 12 години. Згора на сѐ, роднините на Брижит ја обвиниле неа за сето она што се случило. Тие сметале дека, доколку таа не била Јеховин сведок, сите овие трагедии немало да се случат. Сепак, таа и понатаму имала доверба во Јехова и останала блиска со неговата организација.

16. Какви благослови доживеала Брижит поради тоа што останала блиска со Јехова и со неговата организација?

16 Бидејќи Брижит живеела далеку од собранието, еден покраински надгледник ја поттикнал да проповеда во нејзиното место и да одржува состаноци во нејзиниот дом. На почетокот, таа сметала дека ова ќе биде претешко за неа. Сепак, го применила советот што ѝ бил даден. Таа им ја проповедала добрата вест на другите, одржувала состаноци во нејзиниот дом и редовно проучувала со своите ќерки. Каков бил резултатот? Брижит започнала и водела многу библиски курсеви, и голем број од нејзините интересенти се крстиле. Во 2005 год., почнала да служи како општ пионер. Нејзината доверба во Јехова и нејзината верност кон организацијата биле наградени. Нејзините ќерки верно му служат на Јехова, и во тоа место сега има две собранија. Брижит е уверена дека Јехова ѝ дал сила да ги надмине тешкотиите и да го издржи исмејувањето од нејзиното семејство.

ОСТАНИ ИМ ВЕРЕН НА ЈЕХОВА И НА НЕГОВАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

17. На што треба да бидеме решени?

17 Сатана сака да веруваме дека Јехова нѐ напушта кога минуваме низ тешкотии и дека тоа што ќе останеме дел од неговата организација ќе ни го направи животот уште потежок. Сатана сака да се исплашиме кога некои од одговорните браќа се клеветени, прогонувани или затворени. И преку исмејувањето сака да ни ја поткопа довербата во Јеховините мерила и во неговата организација. Сепак, нам ни се познати неговите тактики и не сме измамени (2. Кор. 2:11). Биди решен да ги отфрлиш лагите на Сатана и да им останеш верен на Јехова и на неговата организација. Не заборавај, Јехова никогаш нема да те напушти (Пс. 28:7). Затоа, не дозволувај ништо да те одвои од Јехова! (Рим. 8:35-39).

18. За што ќе стане збор во следната статија?

18 Во оваа статија разгледавме три работи кои можат да ни ја поткопаат довербата во Јехова и во неговата организација. Тие доаѓаат надвор од собранието. Но, може да се случи нашата доверба да биде поткопана и од некои работи во собранието. Како може да се справиме со ваквите тешкотии? За тоа ќе стане збор во следната статија.

ПЕСНА 118 „Дај ни уште вера!“

a За да можеме верно да истраеме во овие последни денови, мора и понатаму да имаме доверба во Јехова и во неговата организација. Сатана се обидува да користи разни неволји за да ни ја поткопа довербата. Во оваа статија ќе разгледаме три работи што ги користи Ѓаволот и ќе видиме што може да правиме за да му се спротивставиме.

b Некои имиња се сменети.