Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 48

Остани трезвен кога верноста ти е ставена на испит

Остани трезвен кога верноста ти е ставена на испит

Биди трезвен во сѐ (2. ТИМ. 4:5)

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што значи да бидеме трезвени? (2. Тимотеј 4:5).

 КОГА ќе се соочиме со тешкотии, нашата верност кон Јехова и кон неговата организација може да биде ставена на испит. Како можеме да се справиме со тие тешкотии? Треба да останеме трезвени, духовно будни и да бидеме непоколебливи во верата. (Прочитај 2. Тимотеј 4:5.) Да бидеме трезвени значи да останеме смирени, да размислуваме јасно и да гледаме на работите онака како што гледа Јехова. Ако го правиме тоа, нема да дозволиме нашите мисли да бидат под влијание на нашите чувства.

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Во претходната статија разгледавме три работи кои можат да нѐ одвојат од Јехова, а доаѓаат надвор од собранието. Во оваа статија ќе разгледаме три работи кои може да се случат во собранието и кои може да ја стават на испит нашата верност кон Јехова. Тие се 1) ако сметаме дека некој соверник постапува лошо со нас, 2) ако добиеме некаков укор и 3) ако ни е тешко да прифатиме некоја промена во организацијата. Како можеме да останеме трезвени и да им останеме верни на Јехова и на неговата организација ако се соочуваме со вакви тешкотии?

АКО СМЕТАМЕ ДЕКА НЕКОЈ СОВЕРНИК ПОСТАПУВА ЛОШО СО НАС

3. Што би можело да се случи ако сметаме дека некој соверник лошо постапува со нас?

3 Дали некогаш ти се случило некој брат или сестра, па дури и некој што е на одговорна положба во организацијата, да постапи лошо со тебе? Веројатно тој немал намера да те повреди (Рим. 3:23; Јак. 3:2). Сепак, неговите постапки можеби те вознемириле. Можеби не си можел ни да спиеш поради таа работа. Можеби дури и си се прашувал: „Ако еден брат може да постапи вака, дали ова навистина е Божја организација?“ Токму така сака Сатана да размислуваш (2. Кор. 2:11). Поради таквото негативно размислување би можело да се случи да ги напуштиме Јехова и неговата организација. Затоа, ако сметаме дека некој брат или сестра лошо постапува со нас, како може да останеме трезвени и да се чуваме од такво штетно размислување?

4. Како Јосиф останал трезвен кога другите постапувале лошо со него, и што можеме да научиме од неговиот пример? (1. Мојсеева 50:19-21).

4 Немој да станеш огорчен. Кога Јосиф бил на тинејџерска возраст, неговите постари браќа лошо постапувале со него. Тие го мразеле, а некои од нив дури и сакале да го убијат (1. Мој. 37:4, 18-22). На крајот, тие го продале како роб. Поради тоа, Јосиф доживеал тешки неволји кои траеле околу 13 години. Јосиф можел да си мисли дека Јехова не го сака. И, можел да си мисли дека Јехова го напуштил токму кога му била потребна неговата помош. Но, Јосиф не станал огорчен. Напротив, тој бил трезвен така што останал смирен. Кога имал можност да им се одмазди на своите браќа, тој не го направил тоа, туку им покажал љубов и им простил (1. Мој. 45:4, 5). Јосиф постапил на овој начин бидејќи не дозволил чувствата да влијаат врз неговото размислување. Наместо постојано да мисли на своите проблеми, тој се трудел да ја гледа поголемата слика — Јеховината намера. (Прочитај 1. Мојсеева 50:19-21.) Која е поуката од ова? Ако некој постапува лошо со тебе, немој да станеш огорчен и да му се лутиш на Јехова или да мислиш дека тој те напуштил. Наместо тоа, размислувај за тоа како тој ти помага да истраеш во неволјата. Исто така, ако другите постапуваат лошо со тебе, биди спремен да им простиш имајќи на ум дека љубовта покрива мноштво гревови (1. Пет. 4:8).

5. Што му помогнало на Микеас да остане трезвен кога некои браќа постапувале лошо со него?

5 Размисли што му се случило на еден старешина од Јужна Америка по име Микеас. b Тој се сеќава дека едно време некои браќа кои биле на одговорни положби во Јеховината организација постапувале лошо со него. Микеас вели: „Никогаш порано не сум почувствувал толку голем стрес. Бев многу вознемирен. Не можев да спијам и плачев бидејќи се чувствував беспомошно“. Сепак, Микеас останал трезвен и се трудел да ги контролира своите чувства. Тој често го молел Јехова да му даде свет дух и сила за да може да издржи. Исто така, истражувал во нашите публикации за да најде информации кои би можеле да му помогнат. Која е поуката за нас? Ако некој брат или сестра постапил лошо со тебе, остани смирен и труди се да ги држиш под контрола негативните чувства што можеби ги имаш кон тоа лице. Можеби не знаеш поради кои околности тој брат или сестра кажал или направил нешто. Затоа, зборувај со Јехова во молитва и моли го да ти помогне да сфатиш зошто можеби лицето постапило со тебе на таков начин. Тоа веројатно ќе ти помогне да не му припишеш лоши мотиви на соверникот и да му простиш (Изр. 19:11). Имај на ум дека Јехова е свесен за твојата ситуација и дека ќе ти ја даде потребната сила за да можеш да истраеш (2. Лет. 16:9; Проп. 5:8).

АКО ДОБИЕМЕ НЕКАКОВ УКОР

6. Зошто е важно да сфатиме дека Јехова нѐ укорува затоа што нѐ сака? (Евреите 12:5, 6, 11).

6 Ако добиеме некаков укор, тоа може да ни причини голема болка. Но, ако се концентрираме на болката, може да почнеме да го омаловажуваме укорот и да мислиме дека е неправеден или дека е премногу строг. Поради тоа, може да се случи да заборавиме нешто многу важно — дека укорот е израз на Јеховината љубов кон нас. (Прочитај Евреите 12:5, 6, 11.) И, ако паднеме под влијание на чувствата, му даваме можност на Сатана да ги искористи против нас. Тој сака да го отфрлиме укорот и, што е уште полошо, да се оддалечиме од Јехова и од собранието. Ако и ти си добил некаков укор, како можеш да останеш трезвен?

Бидејќи Петар понизно прифатил укор, Јехова можел да го користи во поголема мера (види во пасус 7)

7. а) Како што е прикажано на сликата, како Јехова го користел Петар откако тој го прифатил укорот? б) Што учиш од примерот на Петар?

7 Прифати го укорот и направи ги потребните промени. Најмалку во две прилики, Исус го исправил Петар во присуство на другите апостоли (Мар. 8:33; Лука 22:31-34). Петар веројатно се чувствувал многу засрамено. Но, му останал верен на Исус. Петар го прифатил укорот и учел од своите грешки. Затоа Јехова го наградил и му доверил важни одговорности во христијанското собрание (Јован 21:15-17; Дела 10:24-33; 1. Пет. 1:1). Што можеме да научиме од примерот на Петар? Ако не се концентрираме на срамот што го чувствуваме поради укорот, туку го прифатиме и ги направиме потребните промени, тоа ќе ни користи нам, а и на другите. Ако го правиме тоа, ќе бидеме покорисни за Јехова и за браќата.

8-9. Како се чувствувал Бернардо кога добил укор, но што му помогнало да си го смени ставот?

8 Размисли за она што му се случило на еден брат од Мозамбик по име Бернардо. Тој служел како старешина, но бил разрешен од таа одговорност. Како се чувствувал Бернардо во почетокот? Тој вели: „Бев огорчен бидејќи не се согласував со укорот што го добив“. Бернардо бил загрижен за тоа како другите во собранието ќе гледаат на него. Тој признава: „Ми беа потребни неколку месеци за да стекнам исправно гледиште за ситуацијата и повторно да имам доверба во Јехова и во неговата организација“. Што му помогнало на Бернардо да го исправи своето гледиште?

9 Бернардо го сменил својот став. Тој објаснува: „Се сетив дека, кога служев како старешина, го користев Евреите 12:7 за да им помогнам на другите да имаат исправно гледиште за укорот од Јехова. Затоа се прашав: ’За кого е наменет советот од овој стих?‘ За сите слуги на Јехова, вклучувајќи ме и мене“. Потоа, Бернардо презел и други чекори за да си ја врати довербата во Јехова и во неговата организација. Тој одвојувал повеќе време за да ја чита Библијата и длабоко да размислува за прочитаното. Иако сѐ уште бил загрижен за тоа како браќата и сестрите гледаат на него, тој одел со нив во служба на проповедање и учествувал во собраниските состаноци. По некое време, Бернардо повторно почнал да служи како старешина. Ако и ти како Бернардо си добил некаков укор, труди се да не се концентрираш на срамот што го чувствуваш. Прифати го советот и направи ги потребните промени (Изр. 8:33; 22:4). c Ако го направиш тоа, можеш да бидеш сигурен дека Јехова ќе те награди затоа што им остануваш верен нему и на неговата организација.

АКО НИ Е ТЕШКО ДА ПРИФАТИМЕ НЕКОЈА ПРОМЕНА ВО ОРГАНИЗАЦИЈАТА

10. Која промена можеби ја ставила на испит верноста на некои Израелци?

10 Промените во организацијата можат да ја стават на испит нашата верност. Ако не сме внимателни, поради нив може дури и да се оддалечиме од Јехова. На пример, размисли за тоа како една промена што ја донел Мојсеевиот закон влијаела врз некои Израелци. Пред Јехова да го даде Законот, семејните поглавари извршувале свештенички должности. Тие правеле жртвеници и му принесувале жртви на Јехова во корист на своите семејства (1. Мој. 8:20, 21; 12:7; 26:25; 35:1, 6, 7; Јов 1:5). Но, кога бил воведен Законот, на семејните поглавари повеќе не им било дозволено да го прават тоа. Јехова поставил свештеници од семејството на Арон да принесуваат жртви. Оттогаш, ако некој семеен поглавар кој не бил потомок на Арон почнел да прави нешто што им било дозволено само на свештениците, можело да биде погубен (3. Мој. 17:3-6, 8, 9). d Дали оваа промена можеби била една од причините поради која Кореј, Датан, Авирон и 250 поглавари се побуниле против Мојсеј и Арон? (4. Мој. 16:1-3). Не можеме да кажеме со сигурност. Но, знаеме дека Кореј и оние што биле на негова страна не му останале верни на Јехова. Што можеш да правиш ако некоја промена во организацијата ја стави на испит твојата верност?

Кога на синовите на Кат им била променета задачата, тие спремно служеле како пејачи, вратари и надзорници на складишта (види во пасус 11)

11. Што учиме од примерот на некои левити од семејството на Кат?

11 Потполно поддржувај ги промените во организацијата. Додека патувале низ пустината, синовите на Кат извршувале многу важна задача. Секојпат кога Израелците го преместувале логорот, некои од синовите на Кат го носеле ковчегот на сојузот пред целиот народ (4. Мој. 3:29, 31; 10:33; Ис. Нав. 3:2-4). Тоа било навистина голема чест! Но, работите се смениле кога Израелците се населиле во Ветената земја. Повеќе не било потребно ковчегот редовно да се преместува. Така, во времето кога Соломон почнал да владее како цар, некои од синовите на Кат веќе служеле како пејачи, некои служеле како вратари, а некои ги надгледувале складиштата (1. Лет. 6:31-33; 26:1, 24). Никаде не пишува дека Катовците се жалеле или барале да извршуваат некоја поважна задача поради честа што ја имале порано. Што учиме од нивниот пример? Со цело срце поддржувај ги промените што ги прави Јеховината организација, вклучувајќи ги и оние кои влијаат врз твојата задача. Најди радост во секоја задача што ќе ја добиеш. Не заборавај дека твојата задача не ја одредува твојата вредност во очите на Јехова. Тој ја цени твојата послушност многу повеќе од која и да било задача (1. Сам. 15:22).

12. Како се чувствувала Заина кога била замолена да си замине од Бетел?

12 Размисли за примерот на Заина, една сестра која служела во Бетел повеќе од 23 години. Таа многу ја сакала оваа задача и ја сметала за голема чест. Но, била замолена да си замине од Бетел и да служи како специјален пионер. Заина вели: „Промената на задачата за мене беше голем шок. Се чувствував бескорисно и постојано се прашував: ’Каде згрешив?‘“. За жал, некои браќа и сестри во собранието уште повеќе ѝ отежнале со тоа што ѝ кажувале: „Да беше доволно добра, ќе останеше во Бетел“. Некое време, Заина била толку потиштена што плачела секоја ноќ. Но, таа вели: „Никогаш не се посомневав во организацијата, ниту во тоа дека Јехова ме сака“. Што ѝ помогнало на Заина да остане трезвена?

13. Што ѝ помогнало на Заина да се избори со негативните чувства?

13 Заина успеала да се избори со своите негативни чувства. Како? Таа читала статии од нашите публикации кои биле поврзани со нејзината ситуација и ѝ помогнале да истрае. Особено ѝ помогнала статијата „Можеш да излезеш на крај со обесхрабрувањето!“ која излезе во Стражарска кула од 1 февруари 2001 год. Таа статија објаснува дека библискиот писател Марко можеби се борел со слични чувства кога добил промена на задачата. Заина вели: „Примерот на Марко беше токму она што ми беше потребно за да се справам со обесхрабрувањето“. Исто така, Заина останала блиска со своите пријатели. Таа не се изолирала ниту, пак, се самосожалувала. Таа сфатила дека светиот дух ги води одлуките на Јеховината организација и дека браќата кои предводат вистински се грижат за неа. Но, исто така сфатила дека Божјата организација мора да го прави она што смета дека е најдобро за да се врши Јеховиното дело.

14. Која промена во организацијата му било тешко на Владо да ја прифати, и што му помогнало?

14 На Владо, еден 73-годишен старешина во Словенија, му било тешко кога неговото собрание се споило со друго собрание и кога салата за состаноци во која тој одел била затворена. Тој вели: „Не можев да разберам зошто да се затвори една толку убава сала за состаноци. Се чувствував повредено, бидејќи неодамна ја имавме реновирано таа сала. Јас сум столар и имав изработено дел од новиот мебел. Исто така, спојувањето на собранијата бараше многу промени кои за нас постарите не беа лесни“. Што му помогнало на Владо сепак да ја поддржи одлуката? Тој објаснува: „Секогаш кога ќе ги прифатиме промените од Јеховината организација, добиваме многу благослови. Тоа нѐ подготвува за уште поголемите промени кои нѐ очекуваат во иднина“. Дали и тебе ти е тешко да ги прифатиш промените доколку твоето собрание се споило со друго или си добил нова задача? Биди сигурен дека Јехова разбира како се чувствуваш. Ако ги поддржуваш таквите промени и им останеш верен на Јехова и на организацијата која тој ја користи, биди сигурен дека ќе добиеш благослови од него (Пс. 18:25).

БИДИ ТРЕЗВЕН ВО СЀ

15. Како може да останеме трезвени кога доживуваме тешкотии што доаѓаат од собранието?

15 Како што се приближуваме кон крајот на овој свет, може да очекуваме дека ќе имаме тешкотии и внатре во собранието. Тоа може да ја стави на испит нашата верност кон Јехова. Затоа мора да бидеме трезвени. Ако сметаш дека некој соверник постапува лошо со тебе, внимавај да не станеш огорчен. Ако добиеш некаков укор, немој да се концентрираш на срамот што го чувствуваш, туку прифати го советот и направи ги потребните промени. И, кога Јеховината организација ќе направи некои промени кои ќе влијаат врз тебе лично, прифати ги со цело срце и биди послушен на упатствата.

16. Како можеш да ја зачуваш својата доверба во Јехова и во неговата организација?

16 Ти можеш да ја зачуваш својата доверба во Јехова и во неговата организација ако твојата верност биде ставена на испит. Но, за да успееш во тоа, мора да бидеш трезвен, односно да останеш смирен, јасно да размислуваш и да гледаш на работите онака како што гледа Јехова. Биди решен да проучуваш за библиски личности кои успешно се справиле со слични тешкотии и размислувај за нивниот пример. Моли го Јехова да ти помогне. И никогаш немој да се изолираш од собранието. Така, без разлика што ќе доживееш, Сатана нема да успее да те одвои од Јехова и од неговата организација (Јак. 4:7).

ПЕСНА 126 Бдејте, сите бидете јаки!

a Нашата верност кон Јехова и кон организацијата може да биде ставена на испит, особено ако во собранието се случи нешто што ќе нѐ вознемири. Во оваа статија ќе разгледаме три такви работи и ќе видиме што може да ни помогне да им останеме верни на Јехова и на неговата организација.

b Некои имиња се сменети.

c Други корисни предлози можеш да најдеш во статијата „Дали си служел порано? Можеш ли да служиш повторно?“, која излезе во Стражарска кула од 15 август 2009, стр. 30.

d Според Мојсеевиот закон, ако некој семеен поглавар сакал да заколе домашно животно за јадење, требало да го однесе животното во светиот шатор. Исклучок се правел за оние семејни поглавари кои живееле далеку од светиот шатор (5. Мој. 12:21).