ЖИВОТНА ПРИКАЗНА
„Сакав да му служам на Јехова полновремено“
НА ЗАМИНУВАЊЕ од едно место во близина на селото Гранбори, кое се наоѓа длабоко во дождовната шума на Суринам, се поздравивме со една мала група луѓе кои бевме да ги посетиме. Потоа се качивме во еден дрвен чамец и почнавме да пловиме по реката Тапанахони. Како што минувавме низ брзаците на реката, пропелерот од моторот кој се наоѓаше на надворешната страна од чамецот, удри во карпа. Носот на чамецот веднаш потона во реката и ние се најдовме под вода. Од страв срцето почна брзо да ми чука. Иако како покраински надгледник со години патував низ реката со чамец, не знаев да пливам.
Пред да ви раскажам што се случи потоа, прво да ви кажам како започнав со полновремена служба.
Роден сум во 1942 год., на прекрасниот карипски остров, Курасао. Татко ми беше по потекло од Суринам, но се пресели на островот за работа. Неколку години пред да се родам, татко ми стана еден од првите крстени Сведоци на Курасао. a Тој ја проучуваше Библијата со нас децата секоја седмица иако не му беше лесно бидејќи не сакавме секогаш да проучуваме. Кога имав 14 години, татко ми одлучи како семејство да се преселиме во Суринам за да се грижи за својата остарена мајка.
ВЛИЈАНИЕТО НА ДОБРОТО ДРУШТВО
Во Суринам почнав да се дружам со млади во собранието кои ревносно му служеа на Јехова. Тие беа неколку години постари од мене и служеа како општи пионери. Кога ми раскажуваа искуства од службата, нивните лица зрачеа од радост. Исто така, по собраниските состаноци, јас и моите пријатели разговаравме за библиски теми, понекогаш додека седевме надвор и ги гледавме ѕвездите на ноќното небо. Овие пријатели ми помогнаа да сфатам што сакам во животот — да му служам на Јехова полновремено. Затоа, кога имав 16 години, се крстив. Подоцна, кога имав 18 години, почнав да служам како општ пионер.
НАУЧИВ ВАЖНИ ПОУКИ
Како пионер, научив многу важни поуки кои ми помогнаа понатаму во полновремената служба. На пример, првото нешто што го научив беше тоа колку е важно да се обучуваат другите. Кога почнав со пионерската служба, еден мисионер по име Вилем ван Сајл многу ми помагаше. b Многу научив од него за тоа како да ги извршувам теократските задачи. Во тоа време, немав поим колку многу ми беше потребна обука. Следната година, почнав да служам како специјален пионер и почнав да им помагам на мали групи браќа и сестри кои живееја во дождовната шума во Суринам и беа далеку од други собранија. Многу сум благодарен за навремената обука што ја добив од браќата. Оттогаш се трудев да го следам нивниот пример така што одвојував време да ги обучувам другите.
Второто нешто што го научив беше тоа колку е важно да водиме едноставен живот и добро да планираме однапред. На почетокот од секој месец, јас и братот со кого служевме како специјални пионери правевме план за тоа кои намирници ќе ни бидат потребни во наредните седмици. Потоа, еден од нас требаше да оди на долго патување до градот за да го набави она што ни беше потребно. Моравме внимателно да го трошиме нашиот месечен надоместок и да ги распоредиме намирниците за да ни траат цел месец. Ако останевме без нешто во шумата, само малкумина можеа да ни помогнат, а понекогаш дури и никој. Сметам дека тоа што како млада личност научив да водам едноставен живот и да бидам добро организиран ми помогна да останам сконцентриран на службата за Јехова низ целиот мој живот.
Третата работа што ја научив беше тоа колку е важно да ги поучувам луѓето на нивниот мајчин јазик. Додека растев, научив холандски, англиски, папијаменто и сранантонго (познат и како сранан), главен јазик кој се зборува во Суринам. Но, во дождовната шума сфатив дека луѓето подобро реагираат на добрата вест кога им ја проповедаме на нивниот мајчин јазик. Ми беше тешко да зборувам на некои од тие јазици, како на пример сарамакан, во кој се користат високи и ниски тонови. Сепак, трудот се исплатеше. Низ годините, имав можност да поучувам многу повеќе луѓе за вистината бидејќи го зборував нивниот мајчин јазик.
Се разбира, доживеав и некои непријатни случки. На пример, во една прилика сакав да прашам една интересентка која го зборуваше јазикот сарамакан како се чувствува поради тоа што имаше болки во стомакот. Но, всушност ја прашав дали е бремена! Веројатно погодувате дека ѝ падна незгодно поради моето прашање. И покрај тоа што правев грешки, секогаш се трудев да го зборувам јазикот на луѓето во местото каде што служев.
ПРИФАЌАМ ДОПОЛНИТЕЛНИ ОДГОВОРНОСТИ
Во 1970 год., почнав да служам како покраински надгледник. Таа година ја прикажував програмата со дијапозитиви со наслов „Во посета на главното седиште на Јеховините сведоци“ на голем број изолирани групи во дождовната шума. За да стигнеме до нив, јас и уште неколку други браќа користевме долг дрвен чамец за да патуваме по реките во дождовната шума. Нашиот чамец беше натоварен со генератор, пренослив резервоар со бензин, газиени ламби и опрема за прикажување на дијапозитиви. Кога ќе стигневме до нашето одредиште, ја носевме опремата по копно до местото каде што требаше да се одржи програмата. Сепак, она што најмногу го паметам од овие патувања е тоа колку многу луѓето од овие изолирани
места уживаа во овие програми. Бев пресреќен што можев да им помагам на другите да учат за Јехова и за земниот дел од неговата организација. Духовните благослови што ги доживеав далеку ги надминаа сите жртви што ги направив во службата за Јехова.ТРИКРАТНО ЈАЖЕ
Иако сфаќав дека е полесно да ја вршам службата како самец, сепак имав потреба од животен сопатник. Затоа, почнав конкретно да се молам да најдам сопруга која со радост ќе служи заедно со мене и покрај предизвиците кои ги носи полновремената служба во дождовната шума. Една година подоцна, почнав да се запознавам со Етел, една сестра која служеше како специјален пионер и имаше самопожртвуван дух. Уште како мала, Етел многу му се восхитувала на апостол Павле и сакала да дава сѐ од себе во службата за Јехова како што правел и тој. Се венчавме во септември 1971 год. и почнавме да служиме во патувачкото дело како брачен пар.
Додека растела, Етел немала многу во материјален поглед. Затоа ѝ беше лесно да се приспособи на патувачкото дело во дождовната шума. На пример, кога одевме да ги посетиме собранијата во шумата, не земавме многу работи со нас. Ја перевме облеката и се капевме во реките. Исто така, се навикнавме да јадеме сѐ што ќе ни послужеа домаќините — игуани, пирани или што и да било друго што го уловиле во шумата или во реките. Кога немаше чинии, јадевме на лисја од банани. А кога немаше прибор за јадење, јадевме со прсти. Јас и Етел сметаме дека тоа што заедно правевме жртви во службата за Јехова ни помогна да исплетеме цврсто трикратно јаже (Проп. 4:12). За ништо не би ги менувале тие искуства!
Еден ден, откако посетивме некои браќа во дождовната шума, на враќање се случи она што го спомнав на почетокот. Откако навлеговме во брзаците, чамецот за кратко се најде под вода. Но брзо исплива на површината. За среќа, носевме
елеци за спасување и не паднавме од чамецот. Но чамецот цел се наполни со вода. Ги испразнивме садовите за храна во реката и со нив ја црпевме водата од чамецот.Бидејќи не ни остана ништо од храната, почнавме да ловиме риба додека пловевме по реката. Но ништо не можевме да уловиме. Затоа му се помоливме на Јехова да ни ја даде храната за тој ден. Веднаш откако се помоливме, еден брат фрли трска во водата и улови риба која беше доволно голема за да нѐ засити сите петмина таа вечер.
СОПРУГ, ТАТКО И ПОКРАИНСКИ НАДГЛЕДНИК
Откако служевме пет години во патувачкото дело, јас и Етел добивме неочекуван благослов. Дознавме дека ќе станеме родители. Иако бев среќен кога ја слушнав таа вест, не знаев како тоа ќе влијае на нашиот живот. Јас и Етел многу сакавме да останеме во полновремена служба, доколку тоа е можно. Во 1976 год. се роди нашиот син Етниел. Две и пол години подоцна, добивме уште еден син, Џовани.
Поради потребите во Суринам во тоа време, подружницата се погрижи да продолжам да служам како покраински надгледник додека ги одгледувавме нашите деца. Кога децата беа мали, имав задача да ги надгледувам покраините со помалку собранија. Обично тоа ми овозможуваше две-три седмици во месецот да служам како покраински надгледник, а остатокот од месецот да служам како пионер во собранието каде што бевме доделени. Етел и децата доаѓаа со мене кога ги посетував собранијата што беа во близина на нашиот дом. Но, одев сам кога посетував собранија и кога се одржуваа собири во дождовната шума.
За да можам да ги исполнам сите мои одговорности, требаше да имам добар план. Правев сѐ што можев за секоја седмица да имаме семејно проучување. Кога ги посетував собранијата во шумата, Етел проучуваше со децата дома. Но, ја користевме секоја прилика да правиме работи заедно како семејство. Исто така, јас и Етел редовно се рекреиравме со нашите деца. Игравме игри и посетувавме интересни места близу до нашиот дом. Честопати останував до доцна во ноќта за да се подготвувам за теократските задачи. А Етел, исто како вредната жена која е опишана во Изреки 31:15, стануваше уште пред да се раздени за да можеме потоа сите заедно како семејство да го читаме дневниот стих и да појадуваме пред децата да одат во школо. Многу сум благодарен што имам таква самопожртвувана жена која секогаш ми помага да ги исполнам моите библиски одговорности.
Како родители се трудевме да им помогнеме на нашите деца да го засакаат Јехова и службата за него. Сакавме тие да го посветат животот на полновремената служба, но не затоа што тоа е наша желба, туку нивен избор. Секогаш им истакнувавме колкава радост носи полновремената служба. Отворено зборувавме за тешкотиите, но им нагласувавме како Јехова ни помагаше и нѐ благословуваше како семејство. Исто така, се трудевме нашите синови да поминуваат време со други Сведоци кои го ставаа Јехова на прво место во животот.
Јехова се грижеше за сите наши потреби додека го подигавме семејството. Се разбира, јас секогаш се трудев да го правам својот дел. Искуството што го стекнав додека служев во дождовната шума како специјален пионер уште пред да стапам во брак ме поучи да штедам пари за работите што требаше да ги купиме. Но и покрај тоа што правевме сѐ што можевме, понекогаш не успевавме да обезбедиме сѐ што ни беше потребно. Во тие ситуации, уверен сум дека Јехова ни помагаше. На пример, во втората половина од 1980-тите и на почетокот од 1990-тите во Суринам имаше граѓанска војна. Во тие години, понекогаш ни беше тешко да ги обезбедиме дури и најосновните работи за живот. Но, Јехова секогаш се грижеше за нас (Мат. 6:32).
НЕ ЖАЛАМ ЗА НИШТО
Во текот на целиот наш живот, Јехова секогаш се грижеше за нас и ни помагаше да бидеме среќни и задоволни. Децата се голем благослов за нас. Многу сме благодарни што можевме во нив да всадиме љубов кон Јехова и желба да му служат. Пресреќни сме што и тие одлучија да го посветат својот живот на полновремената служба. Етниел и Џовани беа на школата која сега се вика Школа за полновремени објавители, и денес заедно со своите сопруги служат во подружницата во Суринам.
Јас и Етел сега сме веќе постари, но сѐ уште сме зафатени во службата за Јехова како специјални пионери. Всушност, толку сме зафатени што сѐ уште не можам да најдам време за да научам да пливам! Но, не жалам за ништо. Кога ќе размислам за минатото, уверен сум дека тоа што уште на рана возраст одлучив да го посветам својот живот на полновремената служба е една од најдобрите одлуки што можев да ги донесам.
b Животната приказна на Вилем ван Сајл со наслов „Реалноста ги надмина моите очекувања“ излезе во Разбудете се! од 8 јануари 2000.