Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Зачувај го својот душевен мир и покрај промените

Зачувај го својот душевен мир и покрај промените

Си ја смирив и си ја успокоив душата (ПС. 131:2)

ПЕСНИ: 128, 129

1, 2. а) Како неочекуваните промени во животот можат да влијаат врз нас? (Види ја сликата на почетокот од статијата.) б) Според Псалм 131, што ќе ни помогне да си го зачуваме душевниот мир?

НА Лојд и Александра им паднало тешко кога добиле нова задача да служат како пионери. Како брачен пар, тие биле во Бетел повеќе од 25 години. Лојд вели: „Бетелската служба стана дел од мене. Иако со разумот ги сфаќав причините за промената, во деновите и месеците што следеа честопати се борев со негативни чувства. Емоциите брзо ми се менуваа — во еден момент бев позитивен, а веќе следниот се чувствував отфрлено и потиштено“.

2 Кога животот ќе ни тргне во неочекуван правец, промените со кои се соочуваме можат кај нас да предизвикаат силна загриженост и стрес (Изр. 12:25). Можеби ни е тешко да ги прифатиме тие промени. Како да останеме смирени и спокојни во таква ситуација? (Прочитај Псалм 131:1-3.) Да видиме како некои Божји слуги во минатото и денес успеале да си го зачуваат душевниот мир иако околностите им се промениле.

КАКО НИ ПОМАГА „МИРОТ БОЖЈИ“

3. Како животот на Јосиф нагло се променил?

3 Размисли за Јосиф, кој му бил миленик на својот татко. Кога имал 17 години, неговите родени браќа го продале како роб затоа што му биле љубоморни (1. Мој. 37:2-4, 23-28). Околу 13 години Јосиф страдал во Египет, прво како роб, а потоа како затвореник. Тој бил далеку од својот татко, Јаков, кого многу го сакал. Што му помогнало да не стане огорчен и да не падне во очај?

4. а) За што сигурно размислувал Јосиф додека бил во затвор, и што правел? б) Како Јехова одговорил на молитвите на Јосиф?

4 Додека бил во затвор, Јосиф сигурно размислувал за тоа како Јехова му помага (1. Мој. 39:21; Пс. 105:17-19). Можеби размислувал и за пророчките соништа што ги имал додека бил помлад. Ова го уверило дека Бог е со него (1. Мој. 37:5-11). Веројатно често му го излевал своето срце на Јехова во молитва (Пс. 145:18). Како одговорил Бог на тие сесрдни молитви? Тој му влеал доверба на Јосиф дека ќе биде „со него“ во „сите негови неволји“ (Дела 7:9, 10). *

5. Како „мирот Божји“ може да влијае врз нас?

5 Сеедно во колку тешка ситуација се наоѓаме, и ние денес можеме да го имаме „мирот Божји“ кој ќе го чува нашиот ум и ќе ни помогне да останеме спокојни. (Прочитај Филипјаните 4:6, 7.) Затоа, кога сме притиснати од грижи и стравови, да бараме помош од Јехова. Тогаш мирот што ни го дава Бог ќе ја зајакне нашата решеност да продолжиме да му служиме и да не се откажеме. Да видиме како некои примери од нашево време ни го потврдуваат ова.

МОЛИ ГО ЈЕХОВА ДА ТИ ГО ВРАТИ ДУШЕВНИОТ МИР

6, 7. Како можат молитвите да ни помогнат повторно да чувствуваме душевен мир? Наведи пример.

6 Кога Рајан и Џулиет дознале дека повеќе нема да бидат привремени специјални пионери, се чувствувале многу потиштено. Рајан вели: „Веднаш му се помоливме на Јехова во врска со тоа. Знаевме дека сега е момент да покажеме доверба во него. Во нашето собрание имаше многу нови објавители, и затоа се молевме да покажеме вера и да им бидеме добар пример“.

7 Како Јехова одговорил на нивната молитва? Рајан вели: „Веднаш откако се помоливме, негативните чувства и загриженоста ги снема. Бог го исполни нашето срце и нашиот ум со мир. Сфативме дека Јехова и понатаму ќе може да нѐ користи само ако задржиме исправен став“.

8-10. а) Како Божјиот дух ни помага да се справиме со нашите грижи и стравови? б) Како можеби Јехова ќе ни помогне ако ги ставиме духовните работи на прво место?

8 Освен што нѐ успокојува, Божјиот дух може да ни го насочи вниманието на библиски стихови кои ќе ни помогнат да не заборавиме што е навистина најважно во животот. (Прочитај Јован 14:26, 27.) Размисли за еден брачен пар, Филип и Мери. Тие служеле во Бетел речиси 25 години. За само четири месеци, и на двајцата им починале мајките. Освен тоа, на Филип му починал и друг член од семејството, а морале и да преземат грижа за татко ѝ на Мери, кој имал деменција.

9 Филип вели: „Иако си мислев дека донекаде добро се справувам со ситуацијата, сепак имав чувство дека нешто не правам како што треба. Тогаш во една статија за проучување во Стражарска кула ми падна во очи стихот од Колошаните 1:11. Сфатив дека истрајувам, но не во вистинска смисла на зборот. Морав потполно да истраам, односно да бидам долготрпелив со радост. Овој стих ме потсети дека мојата радост не зависи од околностите, туку од тоа колку дозволувам Божјиот дух да влијае врз мојот живот“.

10 Бидејќи Филип и Мери ги ставиле духовните работи на прво место, Јехова ги благословил на многу начини. Наскоро откако излегле од Бетел, и двајцата почнале да ја проучуваат Библијата со лица кои добро напредувале и сакале да проучуваат повеќе пати во седмицата. Мери вели: „Тие ни причинуваа огромна радост. Преку нив Јехова како да сакаше да ни каже дека сѐ ќе биде во ред“.

ДАЈ МУ МОЖНОСТ НА ЈЕХОВА ДА ТЕ БЛАГОСЛОВИ

Како може да го следиме примерот на Јосиф сеедно во какви околности се наоѓаме? (Види во пасуси 11-13)

11, 12. а) Како Јосиф му дал на Јехова можност да го благослови? б) Како Јехова го наградил Јосиф за неговата истрајност?

11 Кога ќе се случат ненадејни промени, грижите можат толку да нѐ преокупираат што ќе заборавиме на сѐ друго. Ова можело да му се случи и на Јосиф. Но, наместо тоа, тој очигледно решил да прави сѐ што може во новите околности, и така да му даде на Јехова можност да го благослови. Иако бил во затвор, Јосиф давал сѐ од себе за да ја изврши секоја задача што ја добивал од затворскиот управител, исто како што правел додека работел кај Петефри (1. Мој. 39:21-23).

12 Еден ден, Јосиф добил задача да се грижи за двајца мажи кои порано имале угледни положби во дворецот на фараонот. Бидејќи Јосиф се однесувал убаво со нив, и двајцата се чувствувале слободни да му кажат што ги мачи. Така тие му ги раскажале чудните соништа што ги сониле (1. Мој. 40:5-8). Тогаш Јосиф не знаел дека овој разговор ќе води до негово ослободување. Две години подоцна, тој бил пуштен од затвор и во истиот ден станал моќен владетел — втор човек во Египет, веднаш по фараонот! (1. Мој. 41:1, 14-16, 39-41).

13. Како можеме да му дадеме на Јехова можност да нѐ благослови без оглед на нашите околности?

13 Слично на Јосиф, и ние можеби ќе се најдеме во ситуација над која ќе немаме речиси никаква контрола. Сепак, ако сме стрпливи и ако правиме сѐ што можеме во новите околности, ќе му дадеме на Јехова можност да нѐ благослови (Пс. 37:5). Можеби понекогаш ќе бидеме збунети и загрижени но, како што рекол апостол Павле, никогаш нема да очајуваме (2. Кор. 4:8). Јехова ќе биде со нас, особено ако се трудиме службата да ни остане на прво место.

СЛУЖБАТА НЕКА ТИ ОСТАНЕ НА ПРВО МЕСТО

14-16. Како проповедникот Филип ја задржал службата на прво место иако околностите во животот му се менувале?

14 Извонреден пример за нас е проповедникот Филип, христијанин кој живеел во првиот век. Тој ја ставил службата на прво место иако доживеал многу промени. Кога бил убиен Стефан, во Ерусалим започнало сурово прогонство на христијаните. * Во тоа време, Филип бил таму и штотуку добил нова задача (Дела 6:1-6). Но, кога следбениците на Христос се распрснале по разни места, Филип не можел да седи со скрстени раце. Тој отишол да проповеда во Самарија, град во кој дотогаш речиси воопшто не била проповедана добрата вест (Мат. 10:5; Дела 8:1, 5).

15 Филип бил спремен да оди секаде каде што го водел Божјиот дух. Затоа Јехова можел да го користи да проповеда на места каде што сѐ уште не допрела добрата вест. Неговата непристрасност сигурно многу им значела на Самарјаните бидејќи Евреите гледале со презир на нив. Ништо чудно што тие го слушале „еднодушно и внимателно“! (Дела 8:6-8).

16 Подоцна Божјиот дух го одвел Филип во Азот и во Цезареја, два града во кои имало многу луѓе што не биле Евреи (Дела 8:39, 40). Додека служел таму, неговиот живот повторно се сменил. Тој станал семеен човек и продолжил да живее на подрачјето каде што дошол да проповеда. Сепак, иако околностите му се менувале, тој ја задржал службата на прво место и, како резултат на тоа, Јехова богато го благословил и него и неговото семејство (Дела 21:8, 9).

17, 18. Ако доживееме некои промени во животот, како ќе ни помогне тоа што ќе се концентрираме на службата?

17 Многу полновремени слуги можат да потврдат дека тоа што ја задржуваат службата на прво место им помага да останат среќни и позитивни иако понекогаш околностите им се менуваат. Кога Озборн и Полајт, брачен пар од Јужноафриканската Република, заминале од Бетел, мислеле дека брзо ќе најдат сместување и работа со скратено работно време. Озборн вели: „За жал, не можевме да најдеме работа толку брзо колку што очекувавме“. Жена му вели: „Бевме без работа три месеци, а немавме никаква заштеда. Воопшто не ни беше лесно“.

18 Како успеале да се справат со таа тешка ситуација? Озборн вели: „Тоа што проповедавме со браќата од собранието ни помогна да останеме позитивни и да се концентрираме на она што е најважно. Решивме да се посветиме на проповедањето наместо само да седиме и да се грижиме, и тоа ни донесе вистинска радост. Продолживме насекаде да бараме работа, и на крајот успеавме да најдеме“.

ИМАЈ ПОТПОЛНА ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

19-21. а) Како можеме да си го зачуваме душевниот мир? б) Каква корист може да имаме ако се приспособиме на новите околности?

19 Овие примери јасно покажуваат дека, ако ги искористиме нашите околности најдобро што можеме и ако имаме потполна доверба во Јехова, ќе си го зачуваме душевниот мир макар што и да се случи. (Прочитај Михеј 7:7.) Можеби дури и ќе сфатиме дека со тоа што сме се приспособиле на новите околности сме станале уште поблиски со Јехова. Полајт вели дека, кога излегла од Бетел, сфатила што значи да се потпираш на Јехова дури и кога ти се чини дека сѐ е против тебе. Таа вели: „Моето пријателство со него стана уште поцврсто“.

20 Мери, која беше цитирана погоре, сѐ уште се грижи за својот остарен татко и служи како пионер. Таа вели: „Научив дека, кога ќе ме преплават грижи, треба да застанам, да се помолам и да се опуштам. Веројатно најважното нешто што го научив беше да ги оставам работите во Јеховини раце, нешто што ќе ни биде неопходно во иднина“.

21 Лојд и Александра, кои беа спомнати во почетокот, признаваат дека тоа што им се смениле околностите ја ставило нивната вера на неочекувани испити. Сепак, тие велат: „Испитите откриваат дали имаме вистинска вера и дали таа е доволно цврста за да ни биде извор на сила и утеха во тешки времиња. Тие ни помагаат да станеме подобри личности“.

Неочекуваните промени можат да водат до неочекувани благослови! (Види во пасуси 19-21)

22. Во што можеме да бидеме уверени ако се трудиме да правиме сѐ што можеме во ситуацијата во која се наоѓаме?

22 Ако животот ти тргне во неочекуван правец — поради некоја нова задача во Јеховината служба, поради здравствени проблеми или поради нови семејни одговорности — биди уверен дека Јехова се грижи за тебе и дека ќе ти ја даде потребната помош во вистинско време (Евр. 4:16; 1. Пет. 5:6, 7). Во меѓувреме, прави сѐ што можеш во ситуацијата во која се наоѓаш. Зближи се со својот небесен Татко во молитва и научи да ги оставаш работите во негови раце. Така, без оглед на околностите, и ти ќе можеш да го зачуваш душевниот мир што го дава Јехова.

^ пас. 4 Подоцна Јосиф му го дал на својот првороден син името Манасија, велејќи: „Бог ми даде да ја заборавам сета моја неволја“. Тој сфатил дека Јехова го благословил со син за да го утеши (1. Мој. 41:51, фус.).

^ пас. 14 Види ја статијата „Дали сте знаеле?“, која се наоѓа во овој број.