Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Имај доверба во нашиот Водач, Христос

Имај доверба во нашиот Водач, Христос

Еден е вашиот Водач — Христос (МАТ. 23:10)

ПЕСНИ: 16, 14

1, 2. Со каков предизвик се соочил Исус Навин по смртта на Мојсеј?

ЈЕХОВА му рекол на Исус Навин: „Мојот слуга Мојсеј умре. Затоа сега стани, помини преку овој Јордан, ти и целиот овој народ, во земјата што им ја давам“ (Ис. Нав. 1:1, 2). Каква ненадејна промена за Исус Навин, кој му бил помошник на Мојсеј речиси 40 години!

2 Бидејќи Мојсеј го водел Израел толку долго, Исус Навин можеби се прашувал дали народот сега ќе го прифати него за водач (5. Мој. 34:8, 10-12). Во врска со Исус Навин 1:1, 2, во еден библиски прирачник пишува: „И во минатото и денес, најнесигурен и најтежок период за еден народ е кога на чело ќе дојде нов водач“.

3, 4. Како Јехова го благословил Исус Навин затоа што покажал доверба во Него, и што можеби се прашуваме?

3 Исус Навин имал оправдани причини да биде загрижен. Сепак, покажал доверба во Јехова и веднаш постапил според неговите упатства (Ис. Нав. 1:9-11). Бог го благословил поради тоа и испратил ангел за да ги води него и Израелците. Разумно е да заклучиме дека тој ангел бил Речта — Божјиот првороден Син (2. Мој. 23:20-23; Јован 1:1).

4 Со Јеховина помош, Израелците брзо се привикнале на промената што настапила кога Исус Навин станал водач наместо Мојсеј. И ние живееме во време на историски промени. Затоа, можеби се прашуваме: „Додека Божјата организација брзо се движи напред, дали имаме добри причини да покажеме доверба во Исус како наш Водач поставен од Бог?“ (Прочитај Матеј 23:10.) За да одговориме на ова прашање, ќе разгледаме како во минатото Јехова го водел својот народ кога имало промени.

КОЈ ГО ОДВЕЛ БОЖЈИОТ НАРОД ВО ВЕТЕНАТА ЗЕМЈА?

5. Со кого се сретнал Исус Навин во близина на Ерихон? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

5 Кратко откако Израелците ја преминале реката Јордан, Исус Навин имал неочекувана средба. Во близина на Ерихон, тој се сретнал со човек што држел меч во раката. Бидејќи не знаел кој е, Исус Навин го прашал: „Дали си на наша страна или си на страната на нашите непријатели?“ Се изненадил кога воинот отворено му кажал кој е — „кнезот“, односно „водачот“ (Превод на МПЦ) на Јеховината војска, кој бил спремен да го брани Божјиот народ. (Прочитај Исус Навин 5:13-15.) Иако на други места во овој извештај пишува дека лично Јехова зборувал со Исус Навин, Бог всушност зборувал преку својот ангел, како што честопати правел во минатото (2. Мој. 3:2-4; Ис. Нав. 4:1, 15; 5:2, 9; Дела 7:38; Гал. 3:19).

6-8. а) Зошто некои од упатствата што ги дал Јехова можеби изгледале чудни? б) Што покажува дека упатствата биле мудри и дека биле дадени во вистинско време? (Види ја и фуснотата.)

6 Ангелот му дал јасни упатства на Исус Навин за тоа како да го освои Ерихон. На прв поглед се чинело дека тие упатства се малку чудни. На пример, Јехова заповедал сите мажи да бидат обрежани, што значело дека нема да можат да се борат неколку дена. Дали навистина било мудро да се обрежат токму тогаш? (1. Мој. 34:24, 25; Ис. Нав. 5:2, 8).

7 Тие беспомошни израелски војници веројатно се прашувале како ќе ги заштитат своите семејства ако непријателот го нападне нивниот логор. Но, тогаш се случило нешто неочекувано! Наместо да тргнат во напад, жителите на Ерихон се исплашиле од Израелците. Библијата вели: „Ерихон се затвори и се утврди поради синовите на Израел, па никој не излегуваше и не влегуваше“ (Ис. Нав. 6:1). Оваа вест сигурно уште повеќе ја зајакнала довербата на Израелците во Божјето водство.

8 Исто така, ангелот му заповедал на Исус Навин да не го напаѓаат Ерихон. Наместо тоа, во следните шест дена требало да го обиколат градот по еднаш, а на седмиот ден требало да го обиколат седум пати. Можеби некои војници си мислеле: „Зошто си ги трошиме залудно времето и силата?“ Но Јехова, невидливиот водач на Израел, точно знаел што прави. Оваа тактика не само што им ја зајакнала верата на Израелците туку и ги поштедила од тоа да се борат гради в гради со силните воини на Ерихон (Ис. Нав. 6:2-5; Евр. 11:30). *

9. Зошто треба да ги следиме упатствата од Божјата организација? Наведи пример.

9 Што учиме од овој извештај? Можеби понекогаш не разбираме во потполност зошто Јеховината организација ги прави работите на некој нов начин. На пример, можеби во почетокот се прашувавме дали е во ред да ги користиме електронските уреди при личното проучување, во службата или на состаноците. Сега веројатно сфаќаме колку е важно да ги користиме — се разбира, доколку сме во можност. Кога ги гледаме позитивните резултати од таквите промени, нашата вера и нашето единство уште повеќе се зајакнуваат.

КАКО ИСУС ГИ ВОДЕЛ ХРИСТИЈАНИТЕ ВО ПРВИОТ ВЕК?

10. Кој се погрижил да се одржи важниот состанок на водечкото тело во Ерусалим?

10 Поминале 13-ина години откако Корнелиј — првиот необрежан не-Евреин — го прифатил христијанството. Сепак, некои христијани со еврејско потекло сѐ уште сметале дека обрежувањето е неопходно (Дела 15:1, 2). Кога во Антиохија дошло до расправии, браќата одлучиле да го испратат Павле кај водечкото тело во Ерусалим за да биде разрешен овој проблем. Но кој, всушност, стоел зад нивната одлука? Павле рекол: „Отидов затоа што добив објава од небото“. Очигледно, Христос бил тој што ги водел работите на таков начин за да може водечкото тело да го реши спорот околу обрежувањето (Гал. 2:1-3).

Христос го водел христијанското собрание во првиот век (Види во пасуси 10-11)

11. а) Каков став сѐ уште имале некои еврејски христијани во врска со обрежувањето? б) Како Павле покажал дека спремно ги поддржува старешините од Ерусалим? (Види ја и фуснотата.)

11 Под водство на Христос, водечкото тело дало јасно упатство дека христијаните што не биле со еврејско потекло не мора да бидат обрежани (Дела 15:19, 20). Сепак, со години откако била донесена оваа одлука, многу еврејски христијани продолжиле да ги обрежуваат своите деца. Освен тоа, почнале да се шират гласини дека Павле не се држи за Мојсеевиот закон затоа што поучувал да не се обрежуваат децата. За народот да заклучи дека тој сепак се држи за Законот, старешините од Ерусалим му дале необични упатства * (Дела 21:20-26). Му рекле да поведе четворица луѓе, да се исчисти обредно со нив и да влезе во храмот. Павле можел да рече: „Ова навистина нема смисла! Зошто барате такво нешто од мене? Еврејските христијани си имаат проблем, а не јас — тие немаат исправно разбирање за обрежувањето“. Но, тој сфатил дека старешините сакаат да го зачуваат единството меѓу сите христијани, и затоа понизно ги послушал. Сепак, можеби се прашуваме: „Зошто Исус дозволил овој проблем толку долго да остане нерешен кога Мојсеевиот закон престанал да важи со неговата смрт?“ (Кол. 2:13, 14).

12. Зошто Христос можеби дозволил да помине извесно време пред да се разреши спорот околу обрежувањето?

12 На некои им треба повеќе време за да прифатат некое појаснување во разбирањето. И на еврејските христијани им требало време за да си го исправат ставот (Јован 16:12). На некои не им било лесно да прифатат дека обрежувањето повеќе не е знак дека се во посебен однос со Бог (1. Мој. 17:9-12). Други не сакале да бидат поинакви од Евреите меѓу кои живееле затоа што се плашеле дека ќе бидат прогонувани (Гал. 6:12). Но, со текот на времето, Христос дал повеќе упатства во посланијата што ги напишал Павле (Рим. 2:28, 29; Гал. 3:23-25).

ХРИСТОС СЀ УШТЕ ГО ВОДИ СВОЕТО СОБРАНИЕ

13. Што ќе ни помогне да го прифатиме водството што Исус го дава денес?

13 Кога не разбираме во потполност зошто има некоја организациска промена, добро е да размислиме за тоа како Исус го водел Божјиот народ во минатото. И во времето на Исус Навин и во првиот век, Христос мудро ги водел Божјите слуги за да ги заштити како група, да им ја зајакне верата и да им помогне да останат обединети (Евр. 13:8).

14-16. Како упатствата што ги добиваме преку „верниот и разборит роб“ покажуваат дека Христос е заинтересиран да останеме цврсти во верата?

14 Денес Исус со љубов се грижи за нас така што ни дава навремени упатства преку „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45). Марк, кој има четири деца, вели: „Сатана се обидува да ги ослабне собранијата така што ги напаѓа семејствата. Но, ние сме поттикнати секоја седмица да ја одржуваме Семејната вечер. Тоа јасно покажува дека, како сопрузи и татковци, мора да ги заштитиме нашите семејства“.

15 Кога гледаме како Христос нѐ води, ни станува јасно колку е заинтересиран да останеме цврсти во верата. Патрик, кој служи како старешина, рекол: „Некои беа обесхрабрени кога почнавме да се состануваме во мали групи за проповедање во текот на викендите“. Сепак, тој вели дека оваа промена јасно покажува дека Исус се грижи за секој во собранието. На пример, Патрик забележал дека некои браќа и сестри кои се срамежливи или не оделе често во служба сега се чувствуваат попотребни и покорисни за собранието, и дека тоа им ја зајакнало верата.

16 Освен што се грижи за нашите духовни потреби, Христос ни помага да го насочиме вниманието на најважното дело што денес се извршува на Земјата. (Прочитај Марко 13:10.) Андре, кој од неодамна служи како старешина, отсекогаш се трудел будно да ги следи промените во Јеховината организација. Тој вели: „Намалувањето на персоналот во подружниците јасно покажува дека времето брзо истекува и дека мора со сите сили да се концентрираме на проповедањето“.

СЛЕДИ ГО ЛОЈАЛНО ВОДСТВОТО НА ХРИСТОС

17, 18. Зошто е добро да размислуваме за користите што ги имаме од тоа што ги прифаќаме промените и постапуваме според нив?

17 Водството што го добиваме од Исус Христос, нашиот Цар, ќе ни помогне и сега и во иднина. Затоа, да размислуваме за користите што ги имаме од тоа што сме ги прифатиле неодамнешните промени. За време на Семејната вечер, можете да разговарате за тоа како промените во врска со состаноците или со службата му помогнале на вашето семејство.

Дали им помагаш на твоето семејство и на другите да бидат во чекор со Јеховината организација? (Види во пасуси 17-18)

18 Ако сфатиме зошто Јеховината организација ни дава одредени упатства и колку добро тие влијаат врз нас, ќе ни биде полесно со радост да го прифатиме водството што го добиваме. На пример, штедиме пари затоа што не мора да печатиме толку многу литература како порано. Освен тоа, бидејќи користиме нова технологија, уште повеќе луѓе можат да ја слушнат добрата вест. Дали и ние лично можеме почесто да ги користиме електронските публикации и видеоклиповите? Така ќе го следиме водството на Христос, кој сака мудро да се трошат средствата што ги има нашата организација.

19. Зошто треба да се подложиме на водството на Христос?

19 Кога со сето срце се подложуваме на водството на Христос, им помагаме и на другите да си ја зајакнат верата и придонесуваме меѓу нас да владее единство. Во врска со намалувањето на персоналот на бетелското семејство низ целиот свет, Андре вели: „Позитивниот став на оние кои излегоа од Бетел и кои се прилагодија на промените ме исполнува со ценење и со доверба. Тие остануваат во чекор со Јеховината кочија, извршувајќи ја со радост секоја задача што им е дадена“.

ИМАЈ ДОВЕРБА ВО НАШИОТ ВОДАЧ

20, 21. а) Зошто можеме да имаме доверба во нашиот Водач, Христос? б) Кое прашање ќе го разгледаме во следната статија?

20 Исус Христос, нашиот Водач поставен од Бог, наскоро ќе тргне „во конечна победа“ и ќе направи „застрашувачки дела“ (Отк. 6:2; Пс. 45:4). Во меѓувреме, тој го подготвува Божјиот народ за животот во новиот свет, кога секој од нас ќе има можност да ги поучува воскреснатите и да учествува во едно огромно градежно дело.

21 Сеедно со какви промени ќе се соочиме, нашиот помазан Цар сигурно ќе нѐ доведе до новиот свет ако покажеме безусловна доверба во него. (Прочитај Псалм 46:1-3.) Можеби понекогаш нема да ни биде лесно да ги прифатиме промените, особено ако поради нив животот ни тргне во неочекуван правец. Како можеме и тогаш да го зачуваме душевниот мир и да имаме цврста вера во Јехова? Ова прашање ќе го разгледаме во следната статија.

^ пас. 8 Тоа што археолозите пронашле големи резерви жито во урнатините на Ерихон, кое неговите жители немале време да го изедат, покажува дека опсадата околу градот не траела долго. Иако Израелците не смееле да земат никаков плен од Ерихон, полињата биле полни со жито бидејќи било време на жетва. Затоа може да се каже дека ја освоиле земјата во вистинско време (Ис. Нав. 5:10-12).

^ пас. 11 Види ја рамката „Павле постапува понизно при еден испит“ во Стражарска кула од 15 март 2003, стр. 24.