Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Јехова ја благослови мојата одлука

Јехова ја благослови мојата одлука

Веќе се разденуваше кога ги оставивме последните трактати под вратите на преостанатите неколку куќи на подрачјето. Таа ноќ, во 1939 год., станавме додека уште беше мрак и возевме повеќе од еден час до гратчето Џоплин, во југозападниот дел на Мисури (САД). Веднаш откако тивко и незабележително го завршивме подрачјето, влеговме во колата и заминавме за да се сретнеме на договореното место со другите групи. Но, сигурно се прашувате зошто тоа утро бевме во служба уште пред зори и зошто си заминавме толку брзо. Ќе ви раскажам малку подоцна.

РОДЕН СУМ во 1934 год. Моите родители, Фред и Една Молохан, тогаш веќе 20 години беа Истражувачи на Библијата (Јеховини сведоци). Многу сум им благодарен што во мене всадија љубов кон Јехова. Живеевме во Парсонс, гратче во југоисточен Канзас. Речиси сите во нашето собрание беа помазаници. Како семејство, секогаш присуствувавме на состаноците и редовно ја проповедавме вистината од Божјата Реч. Во сабота попладне обично сведочевме на улица, служба која денес е позната како сведочење на јавни места. Понекогаш бевме уморни но, откако ќе завршевме, татко ми секогаш нѐ носеше на сладолед за да се освежиме.

Нашето мало собрание имаше големо подрачје во кое спаѓаа неколку гратчиња и многу фарми. Кога сведочевме на фармите, наместо да ни дадат пари за публикациите што им ги остававме, некои фармери ни даваа зеленчук од своите градини, свежи штотуку снесени јајца, па дури и живи пилиња. Бидејќи татко ми однапред ги покриваше трошоците за литературата што ја нудевме, оваа храна му помагаше да го прехрани семејството.

АКЦИИ ЗА СВЕДОЧЕЊЕ

Моите родители имаа грамофон кој го носеа со себе кога проповедаа. Иако бев многу мал за да го користам, се радував што им помагав на мајка ми и татко ми да ги пуштаат плочите со снимки од говорите на брат Ратерфорд кога одеа на повторни посети и кога проучуваа со луѓето.

Со татко ми и мајка ми пред нашата кола со разглас

Татко ми прицврсти еден голем звучник на покривот од нашиот форд, модел од 1936 год., и така почнавме да го користиме како кола со разглас. Таа беше одлична за служба. Обично во почетокот пуштавме музика за да го привлечеме вниманието на луѓето, а потоа пуштавме библиски говор. На крајот им нудевме литература на оние што ќе покажеа интерес за пораката.

Еднаш, кога бевме во гратчето Черивејл (Канзас), татко ми ја паркира колата со разглас во градскиот парк, каде што мнозина се одмараа во неделите. Но, дојдоа полицајци и му кажаа дека не е дозволено да ја користи колата во паркот. Затоа, без да приговори, татко ми ја премести во една уличка во близина, од каде што луѓето сѐ уште можеа јасно да го слушаат она што го пуштавме. Многу ми беше интересно кога учествував во ваква служба заедно со татко ми и со брат ми, Џери.

При крајот на 1930-тите, учествувавме во посебни акции за брзо да ги обработиме подрачјата каде што луѓето многу се противеа. Обично станувавме уште пред зори, како што спомнав во почетокот, и тивко и незабележително остававме трактати или брошурки под влезните врати на куќите. А потоа сите се собиравме на договореното место надвор од градот за да видиме дали полицијата уапсила некого.

Во тоа време, друг интересен дел од нашата служба беа поворките со плакати. Браќата носеа плакати со натписи и се движеа во поворка низ градот. Се сеќавам дека еднаш имаше таква поворка во нашиот град, кога браќата одеа во колона носејќи плакати на кои пишуваше „Религијата е стапица и измама“. Тргнаа од нашата куќа, одеа околу еден и пол километар низ градот, и пак се вратија кај нас. За среќа, никој не им правел проблеми, но многумина биле љубопитни и сакале да дознаат за што станува збор.

МОИТЕ ПРВИ КОНГРЕСИ

Како семејство, честопати одевме на конгреси во Тексас. Бидејќи татко ми работеше во железницата, можевме бесплатно да патуваме со воз на конгресите и кај роднините. Постариот брат на мајка ми, Фред Визмар, и неговата жена, Јулали, живееја во Темпл (Тексас). Вујко ми Фред ја дознал вистината како млад на самиот почеток од 20 век, се крстил и им го раскажал тоа што го научил на своите сестри, меѓу кои била и мајка ми. Многу браќа од централниот дел на Тексас го познаваа доста добро бидејќи порано служел таму како зонски слуга, кој сега се нарекува покраински надгледник. Тој беше добар, весел и пријатен човек. Беше ревносен и многу позитивно влијаеше врз мене кога бев млад.

Во 1941 год., отпатувавме како семејство за Сент Луис (Мисури) на еден голем конгрес. Сите млади бевме замолени да седиме заедно во еден посебен дел од стадионот за го слушаме брат Ратерфорд, кој го одржа говорот со наслов „Децата на Царот“. На крајот на говорот, сите што седевме во тој сектор — околу 15.000 млади — нѐ чекаше големо изненадување. Брат Ратерфорд и неговите помошници ни поделија по еден примерок од новата книга Деца.

Во април 1943 год., присуствувавме на еден мал, но значаен собир во Кофивил (Канзас), со наслов „Повик на акција“. Таму беше најавено дека во сите собранија ќе почне да се одржува една нова школа — Теократската школа за служба. Исто така, добивме и една брошурка со 52 лекции, која требаше да се користи во школата. Подоцна истата година, ја изнесов мојата прва задача. Тој собир беше посебен за мене, бидејќи тогаш се крстив заедно со уште неколкумина во ладната вода на езерцето кое се наоѓаше на блиската фарма.

БЕТЕЛ — МОЈА ЖИВОТНА ЦЕЛ

Откако го завршив средното училиште во 1951 год., морав да одлучам што ќе правам во животот. Многу сакав да служам во Бетел, каде што пред тоа беше и брат ми Џери. Затоа поднесов молба и наскоро таа беше одобрена. Започнав со бетелската служба на 10 март 1952 год. Ова навистина беше добра одлука која ми помогна да му служам уште поцелосно на Бог.

Се надевав дека ќе работам во печатницата каде што се правеа нашите списанија и други публикации, но тоа никогаш не се случи. Најпрво добив задача како келнер, а подоцна бев доделен во кујна. Уживав во работата и научив многу. Со оглед на тоа што персоналот во кујна работеше во смени, имав слободно време во текот на денот. Затоа честопати одев во бетелската библиотека, каде што имаше многу книги кои можев да ги користам при личното проучување. Тоа многу ми помогна да си ги зајакнам верата и мојот однос со Јехова. Бев уште порешен да му служам на Јехова во Бетел колку што е можно подолго. Џери излезе од Бетел во 1949 год. и се ожени со Патриша, но останаа да живеат во Бруклин. Бидејќи беа во близина, тие многу ми помагаа и ме храбреа во првите години од мојата бетелска служба.

Кратко откако дојдов во Бетел, браќата почнаа да бараат бетелски слуги кои можеа да држат јавни предавања како претставници на подружницата. Браќата што беа на тој список требаше да ги посетуваат собранијата кои беа оддалечени до 320 километри од Бруклин. Таму требаше да држат јавно предавање и да соработуваат со собранието во служба. И јас бев меѓу браќата што беа избрани да патуваат. Имав многу трема додека ги држев првите предавања, кои тогаш траеја еден час. Обично патував до собранијата со воз. Никогаш нема да заборавам едно вакво патување во зимата 1954 год. Тоа студено неделно попладне се качив на возот што одеше за Њујорк. Требаше да се вратам во Бетел некаде приквечер. Но, додека се враќав, фати снежно невреме со многу силен ветар. Електричните мотори на возот престанаа да работат, и стигнавме во Њујорк дури во 5 часот во понеделник наутро. Оттаму се качив на метро за Бруклин, и отидов право на работа во кујната. Малку задоцнив и бев мртов уморен бидејќи немав спиено цела ноќ. Но, радоста што ја чувствував поради тоа што им служев на собранијата и се запознав со толку многу браќа и сестри беше поголема од сите жртви што ги правев.

Се подготвуваме за емитување на програма во студиото WBBR

Во првите години од мојата бетелска служба, добив и задача да учествувам во една емисија за проучување на Библијата која секоја седмица се емитуваше на нашата радиостаница WBBR. Тогаш студијата беа сместени на вториот кат во Колумбија Хајтс бр. 124 во Бруклин. Брат Мекмилан, долгогодишен член на бетелското семејство — кого нагалено го викавме брат Мек — редовно учествуваше во тие радиоемисии. За нас, помладите бетелски слуги, тој беше извонреден пример на истрајност во Јеховината служба.

Со овие летоци ја рекламиравме радиостаницата WBBR

Во 1958 год., добив нова задача. Почнав тесно да соработувам со дипломците на Школата Гилеад. Требаше да им помагам на тие ревносни браќа и сестри да ја добијат потребната виза и да го организирам нивното патување до земјата во која беа доделени. Бидејќи во тоа време авионскиот превоз беше многу скап, само малкумина од мисионерите патуваа со авион. Повеќето од оние што беа испратени во Африка и во Азија патуваа со товарни бродови. Со години подоцна, кога цените на летовите поевтинија, повеќето од мисионерите заминуваа на своите задачи со авион.

Ги средувам дипломите за Школата Гилеад пред да им бидат врачени на дипломците

ПАТУВАЊА НА КОНГРЕСИ

Во 1960 год., требаше да организирам чартер-летови од САД за Европа за меѓународните конгреси кои беа планирани за 1961 год. И јас заминав со еден од тие авиони за Хамбург (Германија), каде што се одржуваше таков конгрес. По конгресот, јас и тројца други браќа од Бетел изнајмивме кола и возевме преку Германија до Италија, каде што ја посетивме подружницата во Рим. Од таму отпатувавме за Франција, а потоа возевме преку Пиринеите до Шпанија, каде што нашето проповедничко дело беше забрането. Од таа причина, спакувавме некои публикации како подароци и успеавме да им ги доставиме на нашите браќа во Барселона. Многу се радувавме што се сретнавме со нив! Потоа заминавме за Амстердам, и од таму се вративме со авион за Њујорк.

Во 1962 год., добив задача да го организирам патувањето на 583 браќа и сестри кои требаше да присуствуваат на неколку посебни меѓународни конгреси низ целиот свет. Тие конгреси, со наслов „Вечна добра вест“, се одржаа во 1963 год. Делегатите требаше да присуствуваат на конгреси во Европа, Азија и во Јужниот Пацифик, потоа во Хонолулу на Хаваите и на крајот во Пасадена (Калифорнија). Во склоп на патувањето требаше да ги посетат Либан и тогашниот Јордан за да разгледаат повеќе места во тие библиски земји. Нашето одделение ги организираше летовите и хотелското сместување, и ги набави сите потребни визи.

НОВ СОПАТНИК

Таа година, 1963, беше многу важна за мене и од една друга причина. На 29 јуни, се оженив со Лила Роџерс од Мисури, која дојде да служи во Бетел во 1960 год. Една седмица по венчавката, јас и Лила тргнавме на пат со групата делегати кои присуствуваа на меѓународните конгреси што се одржуваа низ целиот свет, и ги посетивме Грција, Египет и Либан. Од Бејрут се качивме на краток лет до еден мал аеродром во Јордан. Но, бидејќи нашето дело во таа земја беше ограничено, ни беше кажано дека властите не им даваат визи на Јеховините сведоци. Затоа не бевме сигурни што ќе се случи кога ќе пристигнеме. Колку бевме изненадени и среќни кога видовме група браќа и сестри кои нѐ чекаа на аеродромот, држејќи распнато платно на кое пишуваше: „Јеховини сведоци, добредојдовте“! Навистина беше прекрасно да се посетат библиските земји и да се видат местата каде што живееле Авраам, Исак и Јаков, како и местата каде што проповедале Исус и апостолите и од каде што христијанството се раширило „до крајот на земјата“ (Дела 13:47).

Веќе цели 55 години, Лила верно ме поддржува во сите наши задачи. Неколкупати бевме во посета на Шпанија и Португалија кога проповедничкото дело во тие земји беше под забрана. Имавме можност да ги охрабриме браќата и да им доставиме литература, како и други работи кои им беа потребни. Дури имавме прилика да посетиме и некои браќа што беа затворени во една стара воена тврдина во Кадис (Шпанија). Многу бев среќен што можев да им одржам охрабрувачки библиски говор.

Со Патриша и Џери Молохан додека патувавме на конгресот „Мир на Земјата“, во 1969 год.

Од 1963 год. наваму, организирав патувања на делегатите на меѓународни конгреси во Австралија, Африка, Далечниот Исток, Европа, Нов Зеланд, Порторико, Средна и Јужна Америка и Хаваите. Јас и Лила присуствувавме на многу незаборавни конгреси, вклучувајќи го и конгресот во Варшава (Полска), кој се одржа во 1989 год. На тој голем конгрес дојдоа многу браќа и сестри од Русија. Тоа беше првиот конгрес во нивниот живот! Се запознавме со некои што со години биле во затвор во Советскиот Сојуз поради својата вера.

Друга задача која ми носеше голема радост беше тоа што можев да ги посетувам и охрабрувам бетелските семејства и мисионерите низ целиот свет. На нашата последна посета на подружницата во Јужна Кореја, имавме можност да се состанеме со 50 наши браќа во затворот во Сувон. Сите тие имаа позитивен став и едвај чекаа повторно да учествуваат потполно во службата. Оваа средба навистина многу нѐ охрабри! (Рим. 1:11, 12).

ПОРАСТОТ Е ИЗВОР НА РАДОСТ

Низ годините, видов како Јехова го благословува својот народ. Кога се крстив во 1943 год., имаше околу 100.000 објавители. А денес има повеќе од 8.000.000 кои му служат на Јехова во 240 земји! Овој пораст во голема мера се должи на проповедањето на мисионерите од Гилеад. Многу сум среќен што можев блиску да соработувам со многумина од нив и да им помагам да отпатуваат во земјите во кои беа доделени да служат.

Благодарен сум што во младоста одлучив да ја зголемам мојата служба така што поднесов молба за Бетел. Јехова богато ме благослови во текот на сите тие години. Освен радоста што ни ја носи бетелската служба, јас и Лила имавме можност повеќе од 50 години да проповедаме со објавителите во неколку собранија во Бруклин и стекнавме многу вистински пријатели.

И понатаму служам во Бетел, а мојата сопруга секојдневно ме поддржува. Иако имам повеќе од 84 години, помагам во одделот за кореспонденција и така сѐ уште вршам работа која ме исполнува.

Со Лила денес

Ми носи неопислива радост тоа што припаѓам на Јеховината прекрасна организацијата, и што ја гледам огромната разлика меѓу оние што му служат на Бог и оние што не му служат. Уште појасно ги разбираме зборовите на Малахија, кој рекол: „Повторно ќе ја видите разликата меѓу праведниот и злобниот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Мал. 3:18). Секој ден гледаме дека светот на Сатана се распаѓа, и дека луѓето немаат никаква надеж и речиси никаква радост во животот. Но, оние што го сакаат Јехова и што му служат водат среќен живот, дури и во ова тешко време, и имаат сигурна надеж за иднината. Навистина е огромна чест да ја шириме добрата вест! (Мат. 24:14). Копнееме по денот, кој наскоро ќе дојде, кога Божјето Царство ќе го уништи овој стар свет и ќе нѐ воведе во еден нов свет. Тогаш сите луѓе на Земјата ќе бидат здрави и среќни и ќе живеат засекогаш.