Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Поучувај ги другите за вистината

Поучувај ги другите за вистината

Јехова, целата твоја реч е вистина (ПС. 119:159, 160)

ПЕСНИ: 29, 53

1, 2. а) Што ставил Исус на прво место во својот живот, и зошто? б) Како можеме успешно да ја вршиме службата како „Божји соработници“?

ИСУС ХРИСТОС бил дрводелец и учител (Мар. 6:3; Јован 13:13). Тој совршено ги извршувал и двете работи. Како дрводелец, научил како да го користи алатот за да изработува разни предмети од дрво. А како учител, го користел своето длабоко познавање на светите списи за да му помогне на обичниот народ да ја разбере вистината од Божјата Реч (Мат. 7:28; Лука 24:32, 45). Кога имал околу 30 години, Исус го оставил дрводелскиот занает бидејќи знаел дека е многу поважно да ги поучува луѓето. Самиот кажал дека една од причините зошто Бог го испратил на Земјата била да ја проповеда добрата вест за Божјето Царство (Мат. 20:28; Лука 3:23; 4:43). Тој ја ставил службата за Бог на прво место во животот, и сакал и другите да го направат тоа (Мат. 9:35-38).

2 Иако повеќето од нас не се дрводелци, сите ние им ја пренесуваме добрата вест на луѓето. Ова дело е толку важно што и Бог е вклучен во него. Всушност, ние сме наречени „Божји соработници“ (1. Кор. 3:9; 2. Кор. 6:4). Се согласуваме со псалмистот кој му рекол на Јехова: „Целата твоја реч е вистина“ (Пс. 119:159, 160). Затоа сакаме исправно да ја користиме „речта на вистината“ во службата. (Прочитај 2. Тимотеј 2:15.) Бидејќи Библијата е нашата најважна публикација, се трудиме уште повешто да се служиме со неа додека ги поучуваме другите за Јехова, за Исус и за Царството. Но, за да можеме успешно да ја извршуваме службата, Јеховината организација ни обезбедила уште неколку главни публикации кои треба да знаеме добро да ги користиме.

3. Што треба да ни биде најважно во краткото време што ни преостанува, и како Дела 13:48 ни помага да го правиме тоа?

3 Главните публикации за служба се наменети за поучување. Кога некој проповеда, објавува порака. Но, кога поучува, се труди да ја всади таа порака во умот и срцето на другите со цел да го применат она што го учат. Во краткото време што ни преостанува, најважна цел мора да ни биде да започнуваме библиски курсеви со луѓето и да ги поучуваме за вистината. Ова значи ревносно да ги бараме оние што исправно гледаат на вечниот живот и да им помогнеме да станат Божји слуги. (Прочитај Дела 13:44-48.)

4. Како може да ги најдеме оние што исправно гледаат на вечниот живот?

4 Но, како ќе ги најдеме оние што исправно гледаат на вечниот живот? Исто како во првиот век, единствен начин да ги најдеме е да им сведочиме. Затоа, треба да го правиме токму она што го кажал Исус: „Штом ќе влезете во некој град или село, побарајте го во него оној што е достоен“ (Мат. 10:11). Се разбира, оние што се неискрени, горди или што не ги интересира Бог нема да сакаат да слушаат за добрата вест. Ние ги бараме искрените и понизни луѓе кои се гладни за вистината. Ова може да го споредиме со она што Исус морал да го прави како дрводелец. Тој најпрво морал да најде дрво од кое можел да изработи мебел, врати, јареми или нешто друго. Откако ќе го нашол соодветното дрво, можел да ги употреби алатите, како и своите вештини, за да го направи саканиот предмет. И ние мора да постапуваме на сличен начин додека се трудиме да ги поучуваме искрените лица да станат ученици на Христос (Мат. 28:19, 20).

5. Што треба да знаеме за главните публикации кои ги користиме во службата? Наведи споредба. (Види ги сликите на почетокот од статијата.)

5 Секоја алатка си има своја намена. На пример, размисли за дрводелскиот алат што најверојатно го користел Исус. * Му биле потребни алатки за да ги измери и обележи гредите; за да го сече, дупчи и обликува дрвото; и за да ги израмни и прицврсти разните делови. Слично на тоа, и секоја од нашите главни публикации за служба си има своја намена. Да разгледаме како да ги користиме овие важни публикации.

ПУБЛИКАЦИИ КОИ ИМ КАЖУВААТ НА ЛУЃЕТО КОИ СМЕ

6, 7. а) Како ги користиш визит-картичките? б) Која е двојната намена на поканата за собраниските состаноци?

6 Визит-картички. Иако се мали, тие се многу делотворни, бидејќи им помагаат на луѓето да дознаат кои сме и ги насочуваат на нашата интернет-страница. Кога некој ќе ја отвори jw.org, може да дознае нешто повеќе за нас, па дури и да побара библиски курс. Досега, преку нашата страница, повеќе од 400.000 лица побарале да ја проучуваат Библијата, и секој ден пристигаат уште стотици вакви барања! Добро е со себе да носиш неколку визит-картички за да ги користиш кога ќе имаш прилика да разговараш со некого во текот на денот.

7 Покани. Поканата за нашите собраниски состаноци има двојна намена. Во неа пишува: „Те покануваме да ја проучуваш Библијата со Јеховините сведоци“. А потоа се наведени две можности како да се прави тоа — „на нашите состаноци“ или „со некој Јеховин сведок“. Така, преку поканата луѓето дознаваат кои сме, а истовремено им се нуди и можност на оние што сакаат да ги задоволат своите духовни потреби да ја проучуваат Библијата со нас (Мат. 5:3). Се разбира, сите се добредојдени на нашите состаноци сеедно дали сакаат да проучуваат или не. Ако дојдат на состанок, ќе видат колку многу можат да научат за Библијата.

8. Зошто е важно луѓето да дојдат барем на еден наш состанок? Наведи пример.

8 Важно е да продолжиме да ги каниме луѓето да дојдат на состанок барем еднаш. Зошто? Бидејќи тогаш самите ќе видат колку голема разлика постои меѓу богатата духовна програма на нашите состаноци и бедната духовна состојба на Големиот Вавилон (Иса. 65:13). Реј и Линда, еден брачен пар од САД, го сфатиле ова пред неколку години. Тие верувале во Бог и сакале да дознаат нешто повеќе за него. Затоа одлучиле да ги посетат сите цркви во својот град, една по една. Таму имало многу верски заедници. Уште од самиот почеток, Реј и Линда се договориле да ја изберат онаа црква што ќе исполни два услова. Првиот услов бил да научат нешто во текот на богослужбата, а вториот бил нејзините членови да се облекуваат како што им доликува на Божји слуги. По неколку години, откако ги посетиле сите цркви во градот, биле страшно разочарани. Не научиле ништо, а верниците воопшто не се облекувале достоинствено. Кога излегле од последната црква на својот список, Линда отишла на работа, а Реј тргнал накај дома. По пат, додека поминувал покрај една сала на Јеховините сведоци, Реј си рекол: „Зошто да не влезам и да видам што има тука?“ Она што го видел и чул му оставило силен впечаток! Сите во салата биле срдечни кон него и биле облечени многу пристојно. Реј седел во првиот ред и многу му се допаднало тоа што го научил од програмата. Ова нѐ потсетува на описот што го дал апостол Павле за некој што првпат доаѓа на христијански состанок и восхитено вели: „Навистина, Бог е меѓу вас!“ (1. Кор. 14:23-25). Оттогаш Реј почнал да оди на секој состанок во недела, а потоа и на секој состанок во текот на седмицата. И Линда почнала да доаѓа со него и, иако имале над 70 години, ја проучувале Библијата и се крстиле.

ПУБЛИКАЦИИ СО КОИ ЗАПОЧНУВАМЕ РАЗГОВОР

9, 10. а) Зошто трактатите се лесни за користење? б) Како треба да го користиме трактатот Што е Божјето Царство?

9 Трактати. Имаме осум трактати со кои многу лесно можеме да започнеме разговор. Тие почнаа да излегуваат во 2013 год., и досега беа отпечатени околу пет милијарди! Бидејќи се направени на ист начин, кога ќе научиш да користиш еден, си научил да ги користиш сите. Како можеш да започнеш разговор со некого користејќи некој од овие трактати?

10 На пример, ако решиш да го користиш трактатот Што е Божјето Царство?, покажи му го на соговорникот прашањето на предната страница и прашај го: „Дали некогаш сте се прашале што е Божјето Царство? Што би рекле Вие...“ Потоа покажи му ги трите одговори и дозволи да избере еден. Без да кажеш дали неговиот одговор е точен или не, отвори го трактатот на делот „Што вели Библијата“ и прочитај ги наведените стихови, Даниел 2:44 и Откровение 11:15. Ако е можно, продолжи го разговорот. На крајот, покажи му го прашањето на последната страница под поднасловот „Размисли“: „Каков ќе биде животот кога ќе владее Божјето Царство?“ Можеш да му го одговориш ова прашање кога ќе го посетиш следниот пат. Тогаш би можел да му ја посочиш лекција 7 од брошурата Добра вест од Бог!, која е една од главните публикации со кои можеме да започнеме библиски курс со некого.

ПУБЛИКАЦИИ КОИ ПОБУДУВААТ ИНТЕРЕС

11. Која е целта на нашите списанија, и што треба да знаеме во врска со нив?

11 Списанија. Стражарска кула и Разбудете се! се најтиражните и најпреведуваните списанија во светот. Бидејќи се читаат низ целиот свет, темата од насловната страница е наменета да побуди интерес кај најразлични луѓе. Треба да ги користиме овие списанија за да ги поттикнеме луѓето да размислуваат за она што е навистина важно во животот. За да завршат во вистинските раце, мора да знаеме за која читателска публика се наменети.

12. а) За кои читатели е наменето Разбудете се!, и која е неговата цел? б) Какви убави искуства си имал во последно време кога си го нудел ова списание?

12 Разбудете се! е наменето за читатели кои не знаат речиси ништо за Библијата. Можеби не им се познати христијанските учења, немаат доверба во религијата или не се свесни колку е корисна Библијата. Главна цел на Разбудете се! е да го увери читателот дека постои Бог и дека Библијата навистина е Божја Реч (Рим. 1:20; Евр. 11:6; 1. Сол. 2:13). Трите теми за 2018 год. се: „Кој е патот до среќата?“, „12 тајни за среќно семејство“ и „Помош за ужалените“.

13. а) За кои читатели е наменето списанието Стражарска кула кое го нудиме во служба? б) Какви убави искуства си имал во последно време кога си го нудел ова списание?

13 Главна цел на списанието Стражарска кула кое го нудиме во служба е да им ги објасни библиските учења на оние што веќе имаат одредена почит кон Бог и ценење за неговата Реч. Тие можеби знаат нешто за Библијата, но не го разбираат добро она што стои во неа (Рим. 10:2; 1. Тим. 2:3, 4). Трите теми за 2018 год., всушност, се одговор на прашањата: „Библијата — застарена или корисна?“, „Што ни носи иднината?“ и „Дали Бог се грижи за тебе?

ПУБЛИКАЦИИ ШТО ГИ МОТИВИРААТ ЛУЃЕТО

14. а) Која е целта на четирите главни видеоклипови? б) Какви убави искуства си имал кога си ги покажувал овие клипови?

14 Видеоклипови. Во времето на Исус, дрводелците користеле само рачен алат. Но, денес се користат најразлични електрични алати и машини при изработката на дрвени предмети. Кога ние проповедаме, освен печатени публикации можеме да им покажуваме на луѓето и убави видеоклипови. Главни клипови што треба да ги користиме во службата се: Зошто да ја проучуваш Библијата?, Како би можел да ја проучуваш Библијата?, Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? и Кои се Јеховините сведоци? Клиповите што се пократки од две минути може да ги користиме при првиот разговор. Подолгите може да ги користиме на повторните посети и кај оние што имаат повеќе време. Овие прекрасни видеоклипови можат да ги поттикнат луѓето да ја проучуваат Библијата и да доаѓаат на нашите состаноци.

15. Што рекле некои откако ги гледале нашите видеоклипови на својот мајчин јазик?

15 На пример, една сестра сретнала жена која се доселила од Микронезија и зборувала јапски јазик. Нашата сестра ѝ го покажала клипот Зошто да ја проучуваш Библијата? на нејзиниот мајчин јазик. Само што почнал видеоклипот, жената рекла: „Овој човек зборува на мојот јазик! Не можам да верувам! По изговорот препознавам дека е од мојот остров. Зборува на мојот јазик!“ Потоа рекла дека ќе ја отвори нашата интернет-страница за да прочита и да изгледа сѐ што има на нејзиниот јазик. (Спореди со Дела 2:8, 11.) Размисли и за следново искуство. Една сестра од САД му го испратила на својот внук, кој живее во друга земја, линкот од истиот видеоклип на неговиот јазик. Откако го гледал, тој ѝ испратил имејл во кој напишал: „Посебно ми беше интересно она што беше кажано за злобната духовна личност која владее со светот. Побарав библиски курс“. Тој живее во земја каде што нашето дело е забрането.

ПУБЛИКАЦИИ СО КОИ ПОУЧУВАМЕ ЗА ВИСТИНАТА

16. Објасни за што е наменета секоја од следниве брошури: а) Запознај го Бог и живеј засекогаш. б) Добра вест од Бог! в) Кој ја врши Јеховината волја денес?

16 Брошури. Како можеш да ги поучиш за вистината оние што не знаат добро да читаат или оние на чиј јазик сѐ уште нема публикации од нашата организација? Можеме да ја користиме брошурата Запознај го Бог и живеј засекогаш. * Друга одлична публикација со која може да започнеме библиски курс со некого е Добра вест од Бог! Можеш да му ги покажеш 14-те теми на задната страница и да го прашаш која од нив најмногу го интересира. Потоа почни да го поучуваш од таа лекција. Дали си пробал ваков пристап на твоите повторни посети? Трета брошура што ја користиме за да ги поучуваме луѓето е Кој ја врши Јеховината волја денес? Таа е наменета да им помогне подобро да ја запознаат нашата организација. Упатства за тоа како да ја користиме оваа брошура има во Нашиот живот и служба како христијани — работни листови од март 2017 год.

17. а) За што конкретно се наменети двете книги со кои ги поучуваме луѓето? б) Што се бара од сите што ќе се крстат, и зошто?

17 Книги. Ако започнеш библиски курс со некого со помош на некоја брошура, може во кое било време да се префрлите на книгата Што навистина учи Библијата? Таа ќе му помогне на интересентот уште подобро да се запознае со основните библиски учења. Ако ја завршите оваа книга, а тој добро напредува, треба да продолжите со книгата Зачувај ја Божјата љубов. * Таа ќе му помогне да научи како да ги применува библиските начела во секојдневниот живот. Имај на ум дека, дури и откако ќе се крсти, треба да продолжи да проучува сѐ додека не ги заврши и двете книги. Ова ќе му помогне да стекне цврста вера во Јехова и да му биде верен. (Прочитај Колошаните 2:6, 7.)

18. а) На што нѐ поттикнува стихот од 1. Тимотеј 4:16, и кој ќе биде резултатот од тоа? б) Што треба да ни биде целта додека ги користиме главните публикации за служба?

18 Како Јеховини сведоци, имаме задача да ги поучуваме луѓето за вистината, односно за добрата вест која може да ги води до вечен живот (Кол. 1:5; прочитај 1. Тимотеј 4:16). За таа цел, можеме да користиме неколку главни публикации за служба. (Види ја рамката „ Главни публикации за служба“.) Затоа, да научиме што е можно поделотворно да се служиме со нив. Секој објавител може да одлучи која публикација ќе му ја понуди на заинтересираното лице и кога ќе го стори тоа. Сепак, ние не сакаме само да раздаваме литература ниту, пак, да оставаме публикации кај луѓе што не покажуваат никаков интерес за нашата порака. Наша цел е да им помогнеме на искрените, понизните и духовно гладните луѓе — оние што исправно гледаат на вечниот живот — да станат ученици на Исус (Мат. 28:19, 20; Дела 13:48).

^ пас. 5 Види ја статијата „Дрводелецот“ и рамката „Кутијата со алати на еден дрводелец“ во Стражарска кула од 1 август 2010.

^ пас. 16 Ако лицето не знае да чита, може да следи во брошурата Запознај го Бог, во која има речиси само слики.

^ пас. 17 На некои јазици се достапни и поедноставени изданија на овие книги (Што учиме од Библијата? и Како да ја зачуваш Божјата љубов?). Во тој случај треба да се користат поедноставените изданија.