Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 40

Биди зафатен во делото пред самиот крај на „последните денови“

Биди зафатен во делото пред самиот крај на „последните денови“

Бидете постојани, непоколебливи, секогаш зафатени во делото на Господарот (1. КОР. 15:58)

ПЕСНА 58 Да ги бараме кротките!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што нѐ уверува дека живееме во „последните денови“?

АКО си роден по 1914 год., тогаш цело време живееш во „последните денови“ на овој свет (2. Тим. 3:1). Сите ние сме слушале извештаи за настаните кои Исус ги претскажал за нашево време. Насекаде има војни, глад, земјотреси, смртоносни зарази и пораст на беззаконието, а Јеховиниот народ е прогонуван (Мат. 24:3, 7-9, 12; Лука 21:10-12). Освен тоа, луѓето околу нас одговараат на описот што го дал апостол Павле. (Види ја рамката „ Какви се луѓето денес“.) Како слуги на Јехова, ние сме уверени дека живееме пред самиот крај на „последните денови“ (Мих. 4:1).

2. Кои важни прашања треба да бидат одговорени?

2 Бидејќи од 1914 год. помина толку долго време, очигледно сега живееме пред самиот крај на „последните денови“. Со оглед на тоа што крајот на овој свет е толку близу, важно е да го знаеме одговорот на следниве прашања: Кои настани ќе се случуваат на крајот на „последните денови“? И што очекува Јехова да правиме додека чекаме да започнат тие настани?

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА НА КРАЈОТ НА „ПОСЛЕДНИТЕ ДЕНОВИ“?

3. Според пророштвото во 1. Солуњаните 5:1-3, што ќе објават светските водачи наскоро?

3 Прочитај 1. Солуњаните 5:1-3. Павле го спомнал „Јеховиниот ден“. Во овие стихови, тоа се однесува на периодот кој ќе започне со нападот врз „Големиот Вавилон“ — светското царство на лажната религија — и ќе заврши со Армагедон (Отк. 16:14, 16; 17:5). Непосредно пред да започне тој „ден“, светските водачи ќе објават дека постигнале „мир и сигурност“. (Некои преводи велат: „Мир и безбедност“.) Политичарите понекогаш користат слични изрази кога зборуваат за подобрување на односите меѓу земјите. * Но, објавата за „мир и сигурност“ која се спомнува во Библијата ќе биде поинаква. Зошто? Кога ќе биде дадена, многу луѓе ќе мислат дека светските водачи навистина успеале да го направат светот посигурно и побезбедно место за живеење. Но, само навидум ќе биде така. Всушност, наскоро потоа ќе следи ненадејно уништување (Мат. 24:21).

Да не бидеме измамени кога светските водачи ќе објават дека постигнале „мир и сигурност“ (Види во пасуси 3-6) *

4. а) Кои работи сѐ уште не ги знаеме во врска со објавата за „мир и сигурност“? б) Кои работи ги знаеме уште сега?

4 Некои работи во врска со објавата за „мир и сигурност“ веќе ги знаеме. Но, има работи што не ги знаеме. Не знаеме што ќе води до таа објава ниту на кој начин ќе биде дадена. И не знаеме дали ќе има само еден проглас или неколку последователни објави. Сепак, што и да се случи, едно е сигурно: Светските водачи не можат да постигнат мир. Затоа не смееме да се излажеме и да поверуваме во нивното тврдење. Всушност, токму тоа е објавата што Библијата вели дека треба да ја очекуваме. Таа објава ќе биде знак дека „Јеховиниот ден“ само што не започнал!

5. Како 1. Солуњаните 5:4-6 ни помага да се подготвиме за „Јеховиниот ден“?

5 Прочитај 1. Солуњаните 5:4-6. Од советот на Павле, гледаме што треба да правиме за да се подготвиме за „Јеховиниот ден“. Не треба да „спиеме како и останатите“. Мора да бидеме будни и „да бдееме“. На пример, мора да внимаваме да останеме неутрални и да не бидеме вовлечени во политика. Ако на некој начин се вмешаме во политика, би можеле да станеме „дел од светот“ (Јован 15:19). Ние знаеме дека само Божјето Царство може да воспостави светски мир.

6. На што сакаме да ги поттикнеме другите, и зошто?

6 Освен што самите треба да останеме будни, сакаме да ги „разбудиме“ и другите. Тие треба да дознаат што прорекла Библијата за она што ќе случува во светот. Да не заборавиме дека, откако ќе започне големата неволја, ќе биде предоцна луѓето да почнат да му служат на Јехова. Затоа е многу важно да проповедаме денес! *

ПРОДОЛЖИ ДА ПРОПОВЕДАШ

Кога проповедаме денес, покажуваме дека само Божјето Царство може да го направи светот сигурно и безбедно место за живеење (Види во пасуси 7-9)

7. Што очекува Јехова од нас денес?

7 Јехова очекува да продолжиме да проповедаме во краткото време што преостанува пред да започне неговиот „ден“. Треба да даваме сѐ од себе за да бидеме „секогаш зафатени во делото на Господарот“ (1. Кор. 15:58). Исус претскажал што ќе правиме. Кога ги набројал сите значајни настани кои ќе се случуваат во последните денови, тој додал: „И кај сите народи најпрво мора да се проповеда добрата вест“ (Мар. 13:4, 8, 10; Мат. 24:14). Секогаш кога си во служба, ти учествуваш во исполнувањето на тоа библиско пророштво!

8. Како проповедничкото дело и понатаму напредува?

8 Што може да кажеме за напредокот на проповедничкото дело? Секоја година, сѐ повеќе луѓе ја слушаат добрата вест за Царството. На пример, размисли колку многу пораснал бројот на објавители низ целиот свет во овие последни денови. Во 1914 год., имало 5.155 објавители во 43 земји. А денес има околу 8,5 милиони објавители во 240 земји! И покрај тоа, нашето дело сѐ уште не е завршено. Ние и понатаму мора да објавуваме дека Божјето Царство е единственото решение за сите проблеми на човештвото (Пс. 145:11-13).

9. Зошто мора и понатаму да ја проповедаме пораката за Царството?

9 Ние ќе продолжиме да проповедаме сѐ додека Јехова не каже дека треба да престанеме. Уште колку време преостанува за луѓето да ги запознаат Јехова Бог и Исус Христос? (Јован 17:3). Не знаеме. Но, знаеме дека, сѐ додека не започне големата неволја, сите кои исправно гледаат на вечниот живот сѐ уште имаат можност да ја прифатат добрата вест (Дела 13:48). Како може да им помогнеме на овие луѓе пред да биде доцна?

10. Како Јехова ни помага да ги поучуваме луѓето за вистината?

10 Преку својата организација, Јехова ни дава сѐ што ни е потребно за да ги поучуваме луѓето за вистината. На пример, секоја седмица сме поучени како да го правиме тоа на состанокот Нашиот живот и служба. Таму учиме што да кажеме при првиот разговор и на повторните посети. Освен тоа, добиваме упатства како да ја проучуваме Библијата со заинтересираните. Јеховината организација ни обезбеди и главни публикации за служба. Тие ни помагаат...

  • да започнуваме разговори

  • да побудиме интерес кај соговорникот

  • да ги поттикнеме луѓето да дознаат нешто повеќе за Библијата

  • да поучуваме за вистината кога водиме библиски курс, и

  • да ги поттикнеме заинтересираните да ја посетат нашата интернет-страница или да ги поканиме да дојдат на состанок.

Се разбира, не е доволно само да ги имаме овие публикации. Мора и да ги користиме. * На пример, ако му оставиш трактат или списание на некое заинтересирано лице откако си водел убав разговор со него, тој ќе може да прочита уште нешто додека повторно не стапиш во контакт со него. Секој од нас има лична одговорност да проповеда колку што може секој месец.

11. Која е целта на нашиот Онлајн библиски курс?

11 Јехова им помага на луѓето да ја дознаат вистината и преку еден Онлајн библиски курс * на нашата интернет-страница, jw.org®. Која е целта на овој курс? Секој месец, десетици илјади луѓе низ целиот свет пребаруваат на интернет за да дознаат нешто повеќе за Библијата. Курсот на нашата интернет-страница може да им помогне да научат нешто за Божјата Реч. Некои од оние со кои разговараш можеби не се спремни да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Во таков случај, можеш да им го покажеш овој дел од нашата страница или да им испратиш линк што води до овој онлајн курс на јазик што го разбираат.

12. Што може да се научи од нашиот Онлајн библиски курс?

12 Во нашиот Онлајн библиски курс се обработуваат следниве теми: „Библијата и нејзиниот Автор“, „Познати библиски личности“ и „Добрата вест од Библијата“. Во склоп на тие теми се одговорени следниве прашања:

  • Како може Библијата да ни помогне?

  • Кои се Јехова, Исус и ангелите?

  • Зошто Бог ги создал луѓето?

  • Зошто има зло и страдање?

Во овие лекции исто така се зборува за тоа како Јехова...

  • ќе им стави крај на страдањата и смртта,

  • ќе ги врати мртвите во живот, и

  • ќе ги замени човечките влади со Божјето Царство

13. Дали онлајн курсот е замена за библискиот курс што им го нудиме на луѓето? Објасни.

13 Овој онлајн курс не е замена за библискиот курс што го нудиме во служба. Исус ни дал задача да им помагаме на луѓето да станат негови ученици. Се надеваме дека заинтересираните лица ќе го поминат онлајн курсот, ќе стекнат ценење за она што го учат, ќе сакаат да дознаат повеќе и ќе прифатат да ја проучуваат Библијата со некој од нас. На крајот на секоја лекција, читателот е поттикнат да го пополни барањето за библиски курс за да може некој Јеховин сведок лично да ја проучува Библијата со него. Секој ден, преку нашата интернет-страница, од целиот свет добиваме просечно преку 230 барања за библиски курс. Многу е важно лично да ги поучуваме луѓето за Библијата!

ТРУДИ СЕ И ПОНАТАМУ ДА ГИ ПОУЧУВАШ ЛУЃЕТО

14. Што се трудиме да правиме во склад со заповедта на Исус запишана во Матеј 28:19, 20, и зошто?

14 Прочитај Матеј 28:19, 20. Кога водиме библиски курсеви треба да даваме сѐ од себе за да им помогнеме на луѓето да станат ученици на Исус, „учејќи ги да држат сѐ“ што тој заповедал. Треба да им помогнеме да сфатат колку е важно да донесат одлука да му служат на Јехова. Ова значи дека треба да ги поттикнеме да развијат личен однос со него така што ќе го применуваат она што го учат, ќе му го заветуваат својот живот и ќе се крстат. Само на тој начин ќе можат да го преживеат Јеховиниот ден (1. Пет. 3:21).

15. Што не можеме да си дозволиме, и зошто?

15 Како што веќе спомнавме, преостанува многу малку време до крајот на овој свет. Од таа причина, не можеме да си дозволиме и понатаму да проучуваме со оние што не прават промени и немаат намера да станат ученици на Христос (1. Кор. 9:26). Нашето дело е итно! Има уште многу луѓе кои треба да ја слушнат пораката за Царството пред да биде предоцна.

ДРЖИ СЕ НАСТРАНА ОД СЀ ШТО Е ПОВРЗАНО СО ЛАЖНАТА РЕЛИГИЈА

16. Според Откровение 18:2, 4, 5, 8, што мора да направи секој што сака да стане Јеховин слуга? (Види ја фуснотата.)

16 Прочитај Откровение 18:2, 4, 5, 8. Овие стихови покажуваат дека Јехова очекува уште нешто од своите слуги. Ниеден вистински христијанин не смее на никаков начин да биде поврзан со лажната религија. Пред да ја дознае вистината, можеби бил член на некоја религија. Можеби учествувал во нејзините активности, одел на богослужби или, пак, давал прилози. Пред некој да стане некрстен објавител, мора да ги прекине сите врски со лажната религија. Ако припаѓа на некоја црква или друга организација која има некакви врски со Големиот Вавилон, тој треба потполно да го прекине своето членство така што, на пример, ќе испрати писмо во кое јасно ќе наведе дека повеќе не сака да биде нејзин член. *

17. Каков вид на световно вработување е неприфатливо за христијаните, и зошто?

17 Еден вистински христијанин мора да внимава и неговото световно вработување да не биде на некој начин поврзано со Големиот Вавилон (2. Кор. 6:14-17). На пример, во никој случај не треба да прифати вработување од некоја црква. Освен тоа, дури и ако работодавачот е некој друг, не би било во ред еден христијанин да работи редовно или, пак, подолго време во некој објект на лажната религија. А ако има своја фирма, сигурно нема да ги понуди своите услуги на некоја лажна религија или да извршува работа која била договорена со неа. Зошто имаме ваков цврст став во врска со ова? Бидејќи не сакаме на никаков начин да придонесеме да се шират учењата или обичаите на лажната религија кои се нечисти во Божји очи (Иса. 52:11). *

18. Како еден брат покажал дека не сака да ги прекрши библиските начела поврзани со неговата работа?

18 Пред многу години, еден старешина кој имал своја фирма бил замолен од претприемачот да заврши мала столарска работа во една црква во градот каде што живеел. Иако знаел дека братот секогаш одбивал да работи на проекти поврзани со цркви, овој пат претприемачот имал очајна потреба некој да ја заврши таа работа. И покрај тоа, братот одбил да прифати затоа што не сакал да ги прекрши библиските начела. Следната седмица, во локалниот весник излегла слика од еден друг столар на која се гледало како тој приковува крст на црквата. Ако нашиот брат се премислел и ја прифател работата, во весникот ќе имало слика од него. Замисли си колку тоа можело да го наруши неговиот углед меѓу сохристијаните! А замисли и како ќе се чувствувал Јехова.

ШТО НАУЧИВМЕ?

19-20. а) Што научивме од оваа статија? б) Кои други работи треба да ги дознаеме?

19 Според библиските пророштва, објавата за „мир и сигурност“ е следниот важен настан кој наскоро ќе следи на светската сцена. Благодарение на она што ни го кажува Јехова, ние знаеме дека народите нема да постигнат вистински и траен мир. Што треба да правиме пред да се случи тој настан по кој ќе следи ненадејно уништување? Јехова очекува да продолжиме да ја проповедаме пораката за Царството и да се трудиме да ги поучуваме луѓето. Освен тоа, и понатаму треба да се држиме настрана од целокупната лажна религија. Ова значи дека не треба да бидеме членови на ниту една организација која е дел од Големиот Вавилон, и дека не треба да прифаќаме работа поврзана со него.

20 Има и други настани што ќе се случуваат на крајот од „последните денови“, а има и други работи што Јехова ги очекува од нас. Кои се тие, и како може да се подготвиме за сето она што ќе се случува во блиска иднина? Одговорот ќе го добиеме во следната статија.

ПЕСНА 71 Ние сме Јеховината војска!

^ пас. 5 Наскоро очекуваме светските водачи да објават дека постигнале „мир и сигурност“! Тоа ќе биде знак дека големата неволја само што не започнала. Што очекува Јехова да правиме сѐ додека не биде дадена таа објава? Во оваа статија ќе го добиеме одговорот.

^ пас. 3 На пример, на интернет-страницата на Обединетите нации пишува дека тие „го одржуваат меѓународниот мир и сигурност“.

^ пас. 6 Види ја статијата „Божји осуди — дали Бог навреме ги предупредува луѓето?“, која се наоѓа во овој број.

^ пас. 10 Нешто повеќе за тоа како да ги користиш главните публикации за служба можеш да прочиташ во статијата „Поучувај ги другите за вистината“, во Стражарска кула од октомври 2018.

^ пас. 11 Овој курс моментално е достапен на англиски и на португалски, но ќе го има и на други јазици.

^ пас. 16 Не можеме да учествуваме во младински или извиднички кампови кои на некој начин се поврзани со лажната религија. Многу такви младински организации се обидуваат да го стават во заден план верскиот аспект на своите активности, но факт е дека тие имаат религиозни корени и цели.

^ пас. 17 Во статијата „Прашања од читателите“, која излезе во Стражарска кула од 15 април 1999, се изнесени повеќе информации за тоа како христијаните треба да гледаат на одредено вработување поврзано со некоја верска организација.

^ пас. 83 ОПИС НА СЛИКАТА: Луѓето во едно кафуле се изненадени кога на телевизија се појавува ударна вест дека бил постигнат „мир и сигурност“ во светот. Но, еден брачен пар Јеховини сведоци, кои направиле кратка пауза додека се во служба, не се измамени од таа објава.