Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Луѓето мора да го слушнат предупредувањето додека наближува Божјата „бура“!

Божји осуди — дали Бог навреме ги предупредува луѓето?

Божји осуди — дали Бог навреме ги предупредува луѓето?

МЕТЕОРОЛОГОТ внимателно ја следи радарската слика. Тој гледа дека кон едно густо населено подрачје наближува опасна бура. Бидејќи е загрижен за безбедноста на луѓето, неуморно испраќа предупредувања пред да биде предоцна.

На сличен начин, денес Јехова ги предупредува сите луѓе на Земјата дека наближува една „бура“ која е далеку поопасна од какво и да било невреме кое би можеле да го најават метеоролозите. Како го прави тоа? И зошто може да бидеме сигурни дека им дава доволно време на луѓето да се подготват за таа „бура“? За да го добиеме одговорот, да видиме најпрво какви предупредувања давал Јехова во минатото.

БОГ ДАВАЛ НАВРЕМЕНИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА

Во библиски времиња, Јехова давал предупредувања за различни „бури“, односно осуди, што имал намера да ги спроведе над оние кои намерно ги прекршувале неговите заповеди (Изр. 10:25; Ерем. 30:23). Во секоја ситуација, ги предупредувал непослушните луѓе доволно однапред и им кажувал кои промени мораат да ги направат (2. Цар. 17:12-15; Неем. 9:29, 30). Бидејќи сакал тие да постапат исправно, Бог честопати ги користел своите верни слуги на Земјата за да ги објават неговите осуди и да им помогнат на луѓето да сфатат дека под итно треба да преземат нешто (Амос 3:7).

Еден таков верен Божји слуга бил Ное. Тој со години бестрашно ги предупредувал неморалните и насилни луѓе кои живееле во негово време дека ќе има Потоп (1. Мој. 6:9-13, 17). Освен тоа, им кажувал што мора да направат за да се спасат. Всушност, толку многу им зборувал што бил наречен „проповедникот на праведноста“ (2. Пет. 2:5).

И покрај сѐ што направил Ное, луѓето во тоа време не обрнувале никакво внимание на Божјата порака што тој им ја објавувал. Така покажале дека немаат никаква вера. Како последица на тоа, загинале кога дошол Потопот и ги однел сите (Мат. 24:39; Евр. 11:7). Додека им се приближувал крајот, никој од нив не можел да каже дека Бог не ги предупредил.

Понекогаш Јехова ги предупредувал луѓето кратко пред да ги изврши своите осуди. Но, дури и тогаш водел сметка да им даде доволно време да направат промени. Во случајот со древниот Египет, тој дал навремено предупредување пред да ја нанесе секоја од десетте неволји. На пример, Јехова ги испратил Мојсеј и Арон да ги предупредат фараонот и неговите слуги дека ќе им ја нанесе седмата неволја — град што ќе ја опустоши земјата. Бидејќи градот требало да заврне следниот ден, дали може да се каже дека Бог им дал доволно време да се засолнат и да се спасат од бурата? Библијата вели: „Сите фараонови слуги што се уплашија од Јеховината реч, ги засолнија своите слуги и својата стока во куќите, а оние што не ја зедоа присрце Јеховината реч, ги оставија своите слуги и својата стока в поле“ (2. Мој. 9:18-21). Јасно е дека Јехова им дал доволно време, и оние што брзо реагирале биле поштедени од најстрашните последици од оваа неволја.

Јехова ги предупредил фараонот и неговите слуги и пред да ја нанесе десеттата неволја (2. Мој. 4:22, 23). Но, тие не обрнале внимание на предупредувањето. Како резултат на тоа, нивните првородени синови загинале. Колку жалосно! (2. Мој. 11:4-10; 12:29). Дали можеле да го послушаат предупредувањето пред да биде предоцна? Да! Мојсеј навреме ги предупредил Израелците за десеттата неволја и им дал упатства како да ги спасат своите семејства (2. Мој. 12:21-28). Колкумина ги послушале овие упатства? Според некои проценки, три милиони лица. Освен Израелци, во нив спаѓало и едно „мноштво други луѓе“, односно Египќани и поединци од некои други народи. Сите тие биле избавени од Божјата осуда и го напуштиле Египет (2. Мој. 12:38, фус.).

Како што се гледа од овие примери, Јехова секогаш им давал доволно време на луѓето да ги послушаат неговите предупредувања (5. Мој. 32:4). Зошто го правел тоа? Апостол Петар објаснил дека Јехова „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Бог навистина се грижел за луѓето. Тој сакал да се покаат и да ги направат потребните промени пред да ги стигне неговата осуда (Иса. 48:17, 18; Рим. 2:4).

БОЖЈЕТО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ДЕНЕС

И денес сите луѓе мора да го послушаат итното предупредување што се објавува низ целиот свет. Додека бил на Земјата, Исус кажал дека сегашниов поредок ќе биде уништен во една „голема неволја“ (Мат. 24:21). Тој дал едно детално пророштво во кое опишал што ќе гледаат и што ќе доживуваат неговите следбеници додека наближува времето кога Бог ќе ја изврши таа осуда. Исус набројал кои значајни настани ќе се случуваат на светско ниво. Ние сме сведоци дека тие настани навистина се исполнуваат (Мат. 24:3-12; Лука 21:10-13).

Во склад со ова пророштво, Јехова ги поттикнува сите луѓе да одлучат да му бидат послушни и да му служат. Тој сака послушните луѓе да имаат подобар живот уште сега и да го доживеат исполнувањето на идните благослови во неговиот праведен нов свет (2. Пет. 3:13). За да им помогне на луѓето да имаат доверба во неговите ветувања, Јехова се погрижил да им се објавува една порака која може да им го спаси животот — добрата вест за Царството. Исус претскажал дека таа вест „ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи“ (Мат. 24:14). Бог ги организирал своите вистински слуги да даваат „сведоштво“, односно да ја проповедаат неговата порака во околу 240 земји. Јехова сака што е можно повеќе луѓе да го послушаат предупредувањето и да се спасат од претстојната „бура“, кога тој ќе ја изврши својата праведна пресуда (Соф. 1:14, 15; 2:2, 3).

Според тоа, најважното прашање не е дали Јехова им дава на луѓето доволно време за да ги послушаат неговите предупредувања. Доказите јасно покажуваат дека тој отсекогаш го правел тоа. Клучното прашање е: Дали тие ќе го послушаат Божјето предупредување додека сѐ уште има време? Како Божји гласници, да им помагаме и понатаму на колку што е можно повеќе луѓе да го преживеат крајот на овој свет.