Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 41

Остани верен во големата неволја

Остани верен во големата неволја

Сакајте го Јехова, сите вие што сте му лојални! Јехова ги чува верните (ПС. 31:23)

ПЕСНА 129 Да истраеме до крајот!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Што ќе објават светските водачи во блиска иднина? б) Кои важни прашања ќе бидат одговорени во оваа статија?

ЗАМИСЛИ си дека светските водачи само што ја дале долгоочекуваната објава за „мир и сигурност“. Можеби се фалат дека никогаш порано светот не бил толку безбедно место. Светските водачи ќе сакаат да мислиме дека можат да ги решат сите проблеми во светот. Но, тие нема да имаат апсолутно никаква контрола над она што ќе следи. Зошто? Затоа што Библијата прорекла дека ќе ги снајде ненадејно уништување од кое „нема да побегнат“ (1. Сол. 5:3).

2 Треба да го дознаеме одговорот на неколку важни прашања: Што ќе се случува во текот на големата неволја? Што ќе очекува Јехова да правиме во тоа време? И како може да се подготвиме уште сега за да му останеме верни во големата неволја? (Мат. 24:21).

ШТО ЌЕ СЕ СЛУЧУВА ВО ТЕКОТ НА ГОЛЕМАТА НЕВОЛЈА?

3. Според Откровение 17:5, 15-18, како Бог ќе го уништи Големиот Вавилон?

3 Прочитај Откровение 17:5, 15-18. „Големиот Вавилон“ ќе биде уништен! Како што веќе беше спомнато, народите ќе немаат никаква контрола над она што ќе случува тогаш. Зошто? Затоа што „Бог [ќе] им стави во срцата да ја извршат неговата замисла“. Која е таа замисла? Да го уништат светското царство на лажната религија, во која спаѓа и христијанскиот свет. * Бог ќе им стави во срцата на „десетте рогови“ на „црвениот ѕвер“ да ја извршат неговата замисла. „Десетте рогови“ ги претставуваат сите политички сили кои го поддржуваат „црвениот ѕвер“ — Обединетите нации (Отк. 17:3, 11-13; 18:8). Кога светските влади ќе се свртат против лажната религија, тоа ќе го означи почетокот на големата неволја. Ова навистина ќе биде катастрофа од светски размери!

4. а) Како светските водачи можеби ќе се обидат да го оправдаат својот напад врз лажната религија? б) Што најверојатно ќе прават поранешните членови на тие религии?

4 Кои причини ќе ги изнесат светските водачи за да го оправдаат нападот врз Големиот Вавилон? Не знаеме. Можеби ќе кажат дека религиите во светот се пречка за мирот и дека постојано се мешаат во политика. Или можеби ќе речат дека тие религии си насобрале преголемо богатство и имот (Отк. 18:3, 7). По сѐ изгледа, разумно е да заклучиме дека во овој напад нема да бидат уништени сите членови на тие религии. Наместо тоа, се чини дека главна мета на нападот ќе бидат верските институции. Откако ќе бидат уништени, нивните поранешни членови ќе сфатат дека верските водачи ги изневериле и веројатно ќе тврдат дека немаат ништо со тие религии.

5. Што ветил Јехова во врска со големата неволја, и зошто?

5 Библијата не открива колку долго ќе трае уништувањето на Големиот Вавилон. Сепак, знаеме дека сето тоа ќе се случи за релативно кратко време (Отк. 18:10, 21). Јехова ветил дека ќе ги скрати деновите на таа неволја за да не бидат уништени „избраните“ и вистинската религија (Мар. 13:19, 20). Но, што ќе очекува Јехова да правиме откако ќе започне големата неволја па сѐ до војната Армагедон?

ПРОДОЛЖИ ДА МУ СЛУЖИШ НА ЈЕХОВА

6. Што друго треба да правиме освен што ќе ги прекинеме врските со лажната религија?

6 Како што видовме во претходната статија, Јехова очекува неговите слуги да се одвојат од Големиот Вавилон. Но, ова не значи дека треба само да ги прекинеме врските со лажната религија. Мора да бидеме решени да продолжиме верно да му служиме на Јехова, вистинскиот Бог. Да видиме на кои два начина може да го правиме тоа.

Никогаш да не ги пропуштаме нашите состаноци, дури и кога е многу тешко (Види во пасус 7) *

7. а) Како може цврсто да се држиме за Јеховините праведни морални мерила? б) Како советот од Евреите 10:24, 25 ни помага да сфатиме колку се важни состаноците, и зошто уште сега не треба да ги пропуштаме?

7 Прво, мора и понатаму цврсто да се држиме за Јеховините праведни морални мерила. Не смее да ни биде прифатливо неморалното однесување на луѓето од светот. На пример, не одобруваме никаков неморал, во кој спаѓаат истополовите бракови и други хомосексуални врски (Мат. 19:4, 5; Рим. 1:26, 27). Второ, мора да продолжиме да го славиме Јехова заедно со нашите соверници. Кога е можно, го правиме ова во салите за состаноци, но кога не е, се состануваме во домовите на нашите браќа или на други места, дури и скришно. Сеедно што се случува, не смееме да престанеме да одиме редовно на нашите состаноци. Всушност, како што гледаме дека „се приближува денот“, треба да бидеме уште порешени да не ги пропуштаме состаноците. (Прочитај Евреите 10:24, 25.)

8. Во кој поглед нашата порака веројатно ќе се смени во иднина?

8 Во текот на големата неволја, пораката што ја проповедаме веројатно ќе се смени. Денес ја проповедаме добрата вест за Царството и се трудиме да ги поучуваме луѓето за Библијата. Но, тогаш најверојатно смело и директно ќе им објавуваме порака која Библијата ја споредува со големи зрна град (Отк. 16:21). Можеби ќе објавуваме дека светот на Сатана наскоро ќе биде уништен. Кога ќе дојде време, Јехова ќе ни открие што точно ќе биде нашата порака и како ќе ја пренесуваме. Дали ќе ги користиме истите методи со кои ја извршуваме службата повеќе од 100 години или ќе користиме некои други методи? Ќе мора да чекаме и да видиме. Како и да е, се чини дека ќе имаме чест храбро да ја објавуваме Јеховината порака на осуда! (Езек. 2:3-5).

9. Како најверојатно ќе реагираат народите на нашата порака, но во што можеме да бидеме уверени?

9 Без сомнение, нашата порака ќе ги наведе народите да се обидат да нѐ замолкнат еднаш засекогаш. Исто како што денес се потпираме на Јехова во службата, така и тогаш ќе ни биде потребна неговата помош. Може да бидеме уверени дека нашиот Бог ќе нѐ исполни со сила за да ја извршиме неговата волја (Мих. 3:8).

БИДИ ПОДГОТВЕН ЗА НАПАДОТ ВРЗ БОЖЈИОТ НАРОД

10. Како што е проречено во Лука 21:25-28, како ќе реагираат повеќето луѓе на она што ќе се случува во големата неволја?

10 Прочитај Лука 21:25-28. Во текот на големата неволја, луѓето ќе се запрепастат кога ќе видат како се руши сето она што мислеле дека е трајно и стабилно. Ќе бидат во „мака“ и ќе се тресат од страв за својот живот кога ќе настапи најмрачниот период во човечкото постоење (Соф. 1:14, 15). Во тоа време, животот веројатно ќе стане потежок дури и за Јеховиниот народ. Бидејќи и понатаму нема да бидеме дел од светот, можеби ќе имаме тешкотии. Можно е да немаме дури и некои од најосновните работи за живот.

11. а) Зошто ќе станеме главна мета на народите откако ќе биде уништена лажната религија? б) Зошто не треба да се плашиме од големата неволја?

11 Во еден момент, кога ќе сфатат дека Јеховините сведоци и понатаму постојат и продолжуваат да му служат на Бог, луѓето чии религии биле уништени најверојатно ќе станат гневни и огорчени. Може само да си замислиме колкава прашина ќе кренат поради тоа, и каков хаос можат да предизвикаат и на социјалните мрежи! Народите и нивниот владетел, Сатана, ќе нѐ мразат бидејќи само нашата религија не била уништена. Тоа ќе значи дека не успеале да ја постигнат целта да ги збришат сите религии од лицето на Земјата. Тогаш ќе станеме нивна главна мета. Во тој момент, сите народи ќе се здружат во коалиција која Библијата ја нарекува „Гог од Магог“. * Нивна цел ќе биде со сите сили да го нападнат Јеховиниот народ (Езек. 38:2, 14-16). Бидејќи сѐ уште не знаеме како точно ќе се одвиваат работите, нормално е да бидеме донекаде загрижени кога размислуваме за ова. Сепак, едно знаеме: Не треба да се плашиме од големата неволја. Јехова ќе ни даде упатства за преживување (Пс. 34:19). Ќе можеме да се исправиме и да ги подигнеме главите затоа што ќе знаеме дека „се приближува [нашето] избавување“. *

12. Како „верниот и разборит роб“ нѐ подготвува за она што ни претстои во иднина?

12 „Верниот и разборит роб“ нѐ подготвува да му останеме верни на Јехова во текот на големата неволја (Мат. 24:45). Ова го прави на многу начини. Еден пример е навремената програма за конгресите од 2016 до 2018 год. Говорите што беа изнесени на овие конгреси нѐ поттикнаа во уште поголема мера да ги развиваме и покажуваме особините кои треба да ги имаме додека се приближува Јеховиниот ден. Да ги разгледаме накратко тие особини.

ДАЈ СЀ ОД СЕБЕ ДА БИДЕШ ВЕРЕН, ИСТРАЕН И ХРАБАР

Подготви се уште сега да ја преживееш „големата неволја“ (Види во пасуси 13-16) *

13. а) Што треба да правиме за да му останеме верни на Јехова? б) Зошто мора уште сега да му бидеме верни на Јехова?

13 Верност: Темата на програмата за конгресот во 2016 год. беше „Остани му верен на Јехова“. Од оваа програма научивме дека ќе му останеме верни на Јехова ако имаме цврст личен однос со него. Бевме потсетени дека можеме да бидеме уште поблиски со Бог ако му се молиме искрено и од срце, и ако длабоко ја проучуваме неговата Реч. Тоа ќе ни даде сила да ги совладаме и најтешките препреки. Додека наближува крајот на Сатановиот свет, нашата верност кон Бог и кон Царството сигурно ќе биде ставена на уште поголеми испити. Најверојатно луѓето ќе продолжат да нѐ исмејуваат (2. Пет. 3:3, 4). Една од главните причини за таквото исмејување ќе биде тоа што ќе сакаме да останеме неутрални иако ќе бидеме изложени на сѐ поголем притисок. Мора уште сега да даваме сѐ од себе да му останеме верни на Јехова за да не попуштиме во текот на големата неволја.

14. а) Каква промена ќе има во однос на браќата што предводат на Земјата? б) Зошто ќе треба да останеме верни во тоа време?

14 За време на големата неволја, ќе има промена во однос на браќата што предводат на Земјата. Во одреден момент, сите помазаници кои сѐ уште се на Земјата ќе бидат собрани на небото за да учествуваат во војната Армагедон (Мат. 24:31; Отк. 2:26, 27). Ова значи дека Водечкото тело повеќе нема да биде со нас на Земјата. Сепак, големото мноштво и понатаму ќе биде организирано. Оспособени браќа од другите овци ќе преземат водство. Ќе треба да покажеме дека сме му верни на Јехова така што ќе ги поддржуваме тие браќа и ќе бидеме послушни на водството што ќе им го дава Бог. Од тоа ќе зависи нашето преживување!

15. а) Што треба да правиме за да истраеме во испитите? б) Зошто мора уште сега да бидеме истрајни?

15 Истрајност: Темата на програмата за конгресот во 2017 год. беше „Не се откажувај!“ Од оваа програма научивме како да бидеме уште поистрајни за да можеме да ги издржиме неволјите. Видовме дека нашата истрајност не зависи од тоа дали околностите ќе ни се сменат на подобро. Ќе успееме да истраеме само ако се потпираме на Јехова (Рим. 12:12). Никогаш да не го заборавиме ветувањето што го дал Исус: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Мат. 24:13). Ова значи дека мора да останеме верни и покрај сите тешкотии со кои се соочуваме. Ако уште сега истрајуваме во секој испит, ќе си ја зајакнеме верата пред да избувне големата неволја.

16. Од што зависи нашата храброст, и како можеме да станеме похрабри уште сега?

16 Храброст: Темата на програмата за конгресот во 2018 год. беше „Биди храбар!“ Оваа програма нѐ потсети дека храброста не зависи од нашите способности. Ќе бидеме вистински храбри само ако се потпираме на Јехова. Како може да ја зајакнеме нашата доверба во него? Така што секој ден ќе ја читаме неговата Реч и длабоко ќе размислуваме за тоа како го избавувал својот народ во минатото (Пс. 68:20; 2. Пет. 2:9). Кога народите ќе нѐ нападнат во големата неволја, ќе треба да имаме храброст и доверба во Јехова како никогаш порано (Пс. 112:7, 8; Евр. 13:6). Ако уште сега се потпираме на него, ќе бидеме храбри и кога ќе нѐ нападне Гог. *

ЧЕКАЈ ГО СО НЕТРПЕНИЕ СВОЕТО ИЗБАВУВАЊЕ!

Исус Христос и неговата небесна војска наскоро ќе ја поведат војната Армагедон за да ги уништат Божјите непријатели! (Види во пасус 17)

17. Зошто не треба да се плашиме од Армагедон? (Види ја сликата на насловната страница.)

17 Како што беше спомнато во претходната статија, повеќето од нас цело време живеат во последните денови. Но, имаме и можност да ја преживееме големата неволја. Војната Армагедон ќе биде величествена завршница која ќе го означи крајот на овој поредок. Сепак, ние нема од што да се плашиме. Зошто? Затоа што тоа ќе биде Божја војна (Изр. 1:33; Езек. 38:18-20; Зах. 14:3). Кога Јехова ќе даде заповед, Исус Христос ќе ја поведе во битка Божјата војска. Покрај него ќе бидат воскреснатите помазаници и милиони ангели. Тие ќе војуваат заедно против Сатана и неговите демони, и против нивните војски на Земјата (Дан. 12:1; Отк. 6:2; 17:14).

18. а) Какво уверување ни дал Јехова? б) Зошто Откровение 7:9, 13-17 ти влева цврста надеж за иднината?

18 Јехова ни го дал следново уверување: „Никакво оружје направено против тебе нема да успее“ (Иса. 54:17). Едно „големо мноштво“ верни Јеховини слуги ќе ја преживеат големата неволја, и ќе продолжат да му служат. (Прочитај Откровение 7:9, 13-17.) Библијата нѐ исполнува со вистинска надеж за иднината! Знаеме дека „Јехова ги чува верните“ (Пс. 31:23). Сите што го сакаат и што го слават ќе се радуваат кога ќе видат како тој ќе го очисти своето свето име од секаков срам (Езек. 38:23).

19. Каква прекрасна иднина нѐ очекува?

19 Замисли си каков би бил описот на луѓето во 2. Тимотеј 3:2-5 кога би се однесувал на оние што ќе живеат во новиот свет во кој Сатана ќе нема никакво влијание. (Види ја рамката „ Какви ќе бидат луѓето тогаш“.) Брат Џорџ Гангас, * кој служеше како член на Водечкото тело, го дал следниов опис: „Каков само ќе биде светот кога сите луѓе ќе бидат браќа и сестри! Наскоро ќе имаш чест да живееш во новиот свет. Ќе живееш колку што живее Јехова. Ќе живееме засекогаш“. Каква прекрасна иднина ни претстои!

ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!

^ пас. 5 Знаеме дека наскоро целиот свет ќе го зафати една „голема неволја“. Што ќе значи тоа за нас? Што ќе очекува Јехова да правиме во тоа време? Кои особини треба да ги развиваме уште денес за да му останеме верни? Одговорот ќе го добиеме во оваа статија.

^ пас. 3 ПОЈАСНУВАЊЕ: Христијанскиот свет го сочинуваат сите религии што тврдат дека се христијански, но не ги поучуваат луѓето да му служат на Јехова во склад со неговите мерила.

^ пас. 11 ПОЈАСНУВАЊЕ: Изразот Гог од Магог (и скратениот облик, Гог) се однесува на коалиција од сите народи која ќе го нападне Божјиот народ при крајот на големата неволја.

^ пас. 11 Поопширно објаснување за сите настани кои ќе водат до војната Армагедон има во 21. поглавје од книгата Божјето Царство владее! Повеќе информации за нападот на Гог од Магог и за тоа како Јехова ќе го одбрани својот народ во Армагедон има во поглавја 17 и 18 од книгата Конечно секој ќе го слави Јехова! (англ.) и во Стражарска кула од 15 јули 2015, страници 14-19.

^ пас. 16 Конгресот за 2019 год. има наслов „Љубовта никогаш не престанува!“ Ова нѐ уверува дека секогаш ќе бидеме безбедни затоа што Јехова со љубов нѐ заштитува (1. Кор. 13:8).

^ пас. 19 Види ја статијата „Неговите дела го следат“ во Стражарска кула од 1 декември 1994 год.

^ пас. 65 ОПИС НА СЛИКАТА: Во текот на големата неволја, мала група Јеховини сведоци храбро одржуваат состанок во една шума.

^ пас. 67 ОПИС НА СЛИКАТА: Едно големо и среќно мноштво Јеховини верни слуги ќе ја преживеат големата неволја!