Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 42

Што ќе станеш ти со помош од Јехова?

Што ќе станеш ти со помош од Јехова?

Бог дејствува во вас и за да сакате и за да постапувате (ФИЛ. 2:13)

ПЕСНА 104 Бог ни дарува свет дух

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Што може да направи Јехова за да ја исполни својата намера?

ЈЕХОВА може да стане сѐ што е потребно за да ја исполни својата намера. На пример, тој е учител, утешител и проповедник (Иса. 48:17; 2. Кор. 7:6; Гал. 3:8). Ова се само некои од улогите што ги има Јехова. Сепак, тој честопати користи луѓе за да се исполни неговата намера (Мат. 24:14; 28:19, 20; 2. Кор. 1:3, 4). Исто така, Јехова може на секој од нас да му ја даде потребната мудрост и сила да станеме сѐ што е потребно за да се изврши неговата волја. Сето ова е поврзано со името Јехова, кое според некои библиски изучувачи значи „оној што предизвикува да стане“.

2. а) Зошто може понекогаш да ни се појават сомнежи околу тоа дали Јехова сака да нѐ користи? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Сите сакаме Јехова да нѐ користи во извршувањето на неговата намера, но некои од нас можеби се прашуваат дали навистина му се корисни на Јехова. Зошто? Бидејќи сметаат дека не можат да направат онолку колку што би сакале поради возраста, околностите или способностите. Од друга страна, некои можеби се прилично задоволни со она што веќе го прават за Јехова и не гледаат потреба да прават повеќе. Во оваа статија ќе видиме како Јехова може да ни го даде она што ни е потребно за да се исполни неговата намера. Потоа ќе разгледаме како Јехова им дал на некои негови слуги од библиско време желба и сила да му служат. На крајот ќе видиме како можеме да му дозволиме на Јехова да нѐ користи.

КАКО ЈЕХОВА НЀ ОСПОСОБУВА ДА МУ СЛУЖИМЕ

3. Како што ветил во Филипјаните 2:13, како може Јехова да ни даде желба да му служиме?

3 Прочитај Филипјаните 2:13. * Јехова може да ни даде желба да му служиме. Како? Можеби сме дознале дека на некој наш соверник му треба помош или дека треба да се направи нешто друго во собранието. Можеби старешините ќе прочитаат писмо од подружницата од кое ќе дознаеме дека е потребна помош надвор од собранието како, на пример, на некој градежен проект или во проповедничката активност. Затоа можеби ќе се прашаме: „Како би можел јас да помогнам?“ Можеби ни е понудена некоја тешка задача за која не сме сигурни дали ќе бидеме во состојба добро да ја извршиме. Или, пак, откако сме прочитале некои стихови од Библијата, можеби сме се прашале: „Како би можел да ги применам овие библиски стихови за да им помогнам на другите?“ Јехова никогаш не нѐ присилува да направиме нешто. Но кога ќе види дека се преиспитуваме, Јехова може да ни помогне да имаме желба да го правиме она за кое сме размислувале.

4. Како може Јехова да ни даде сила да му служиме?

4 Јехова може да ни даде и сила да му служиме (Иса. 40:29). Тој може да ни го даде светиот дух за да ни помогне да ги развиеме нашите вродени способности (2. Мој. 35:30-35). Преку својата организација, Јехова може да нѐ поучи како да извршуваме одредени задачи. Ако некогаш се почувствуваш несигурно и мислиш дека не можеш да извршиш некоја задача, побарај помош. Исто така, можеш во секое време да го замолиш нашиот великодушен небесен Татко да ти даде „сила, која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7; Лука 11:13). Од Библијата дознаваме дека Јехова им помогнал на многу свои слуги, и мажи и жени, со тоа што им дал желба и сила да извршат одредена задача. Додека разгледуваме некои од тие извештаи, размисли на кои слични начини би можел Јехова да те употреби тебе.

МАЖИ КОИ ЈЕХОВА ГИ ОСПОСОБИЛ ДА МУ СЛУЖАТ

5. Што учиме од тоа кога Јехова почнал да го користи Мојсеј за да ги избави Израелците?

5 Јехова го оспособил Мојсеј за да ги избави Израелците. Но, кога Јехова почнал да го користи Мојсеј за таа цел? Дали кога Мојсеј се чувствувал доволно способен откако бил „поучен за сета египетска мудрост“? (Дела 7:22-25). Не, Јехова го користел Мојсеј дури откако му помогнал да стане понизен, благ човек (Дела 7:30, 34-36). Јехова му дал на Мојсеј храброст да зборува со најмоќниот владетел во тоа време (2. Мој. 9:13-19). Што учиме од тоа кога Јехова почнал да го користи Мојсеј? Јехова ги користи оние што се обидуваат да ги покажуваат неговите особини и кои се потпираат на него за сила (Фил. 4:13).

6. Што учиме од начинот на кој Јехова го користел Варзелај за да му помогне на цар Давид?

6 Со векови подоцна, за да му помогне на цар Давид, Јехова го користел Варзелај. Давид и народот огладнеле, се умориле и ожеднеле додека бегале од Авесалом, синот на Давид. Варзелај, кој во тоа време веќе бил стар, заедно со неколкумина други, си го ризикувал животот за да им помогне на Давид и на оние што биле со него. Варзелај не си мислел дека, поради тоа што е стар, повеќе не е корисен за Јехова. Напротив, тој бил великодушен и направил сѐ што можел за да им помогне на Божјите слуги кои имале потреба од помош (2. Сам. 17:27-29). Што учиме од тоа? Без оглед на нашата возраст, Јехова може да нѐ користи за да им помогнеме на соверниците кои се во немаштија, сеедно дали се во нашата или во друга земја (Изр. 3:27, 28; 19:17). Дури и ако не можеме директно да им пружиме помош, би можеле да дадеме прилог за меѓународното дело. Тие средства можат да се употребат за да им се помогне на браќата и сестрите тогаш кога тоа ќе им биде потребно (2. Кор. 8:14, 15; 9:11).

7. Како Јехова го употребил Симеон, и зошто неговиот пример нѐ охрабрува и нас?

7 Јехова му ветил на Симеон, еден верен постар Божји слуга во Ерусалим, дека нема да умре пред да го види Месијата. Тоа ветување сигурно многу го охрабрило Симеон, бидејќи многу години го чекал Месијата. Јехова го наградил за неговата вера и истрајност. Еден ден, „понесен од духот“, дошол во храмот и таму го видел малиот Исус. Тогаш Јехова го употребил Симеон за да даде пророштво во врска со ова дете кое требало да стане Христос (Лука 2:25-35). Иако веројатно умрел пред Исус да почне со својата служба на Земјата, Симеон бил благодарен за честа што му ја укажал Јехова. Освен тоа, го очекуваат уште многу убави работи во иднина! Во новиот свет, тој верен човек ќе види како ќе бидат благословени сите народи на Земјата преку владеењето на Исус (1. Мој. 22:18). И ние можеме да бидеме благодарни за честа што ни ја дава Јехова со тоа што нѐ користи на разни начини.

8. Како Јехова го употребил Варнава и како може да нѐ употреби нас?

8 Во првиот век од нашата ера, еден великодушен човек по име Јосиф му дозволил на Јехова да го користи (Дела 4:36, 37). Апостолите го нарекле Варнава, што значи „син на утехата“, веројатно затоа што многу ги тешел другите. На пример, откако Савле станал христијанин, многу од браќата се плашеле да му пристапат бидејќи сите знаеле дека ги прогонувал оние што верувале во Христос. Но, Варнава го утешил и му помогнал, а Савле сигурно бил многу благодарен за тоа (Дела 9:21, 26-28). Подоцна, старешините во Ерусалим сакале да ги охрабрат браќата кои живееле далеку од нив, во сириска Антиохија. Кого го испратиле за таа цел? Варнава! Тие навистина направиле добар избор. За Варнава во Библијата пишува: „Сите ги храбреше да му останат верни на Господарот со решително срце“ (Дела 11:22-24). Јехова може и денес да му помогне секому од нас да стане „син на утехата“ за соверниците. На пример, може да нѐ употреби да ги утешиме оние на кои им починал некој близок. Може да нѐ поттикне да посетиме или да му се јавиме на некој што е болен или потиштен за да му кажеме нешто што ќе го охрабри или утеши. Дали ќе му дозволиш на Јехова да те употреби како што го употребил Варнава? (1. Сол. 5:14).

9. Што учиме од начинот на кој Јехова му помогнал на еден брат да стане добар старешина?

9 Јехова му помогнал на еден брат по име Василиј да стекне особини за да може добро да се грижи за собранието како пастир. Василиј бил именуван да служи како старешина кога имал 26 години. Тој мислел дека нема доволно искуство за да им помага на браќата и сестрите, особено на оние што имале проблеми. Но, добил корисна обука од некои искусни старешини и присуствувал на Школата за именувани браќа. Василиј многу се трудел да се подобри. На пример, направил список со помали цели што сакал да ги оствари. Како што ги остварувал целите, така постепено стекнувал сѐ поголема самодоверба. Тој сега вели: „Она што порано ме плашеше, сега ми носи голема радост. Кога Јехова ми помага да најдам соодветен библиски стих за да утешам некој брат или сестра од собранието, чувствувам големо задоволство“. Браќа, ако и вие како Василиј му дозволите на Јехова да ве користи, тој може да ве оспособи да преземете поголеми одговорности во собранието.

ЖЕНИ КОИ ЈЕХОВА ГИ ОСПОСОБИЛ ДА МУ СЛУЖАТ

10. Што направила Авигеја, и што учиме од нејзиниот пример?

10 На Давид и на неговите луѓе им била потребна помош бидејќи цар Саул ги прогонувал. Луѓето на Давид го замолиле Навал, еден богат Израелец, да им даде малку храна. Тие сметале дека можат да го побараат тоа бидејќи ги штителе стадата на Навал. Но себичниот Навал не сакал ништо да им даде. Давид се разгневил и сакал да го убие Навал и секој маж во неговото домаќинство (1. Сам. 25:3-13, 22). Меѓутоа, жената на Навал која се викала Авигеја, освен што била убава, била и многу разборита. Таа покажала голема храброст со тоа што дошла кај Давид и го замолила да не му се одмаздува на Навал за да не си нанесе вина за крв. Авигеја тактично му предложила да ги остави работите во рацете на Јехова. Давид бил трогнат од нејзината понизност и разумност. Тој сфатил дека Јехова ја испратил кај него (1. Сам. 25:23-28, 32-34). Авигеја имала особини поради кои Јехова можел да ја користи. И денес има христијанки кои се трудат да бидат разборити и тактични. Јехова може да ги користи таквите сестри за да ги зајакнуваат своите семејства и другите во собранието (Изр. 24:3; Тит 2:3-5).

11. Што направиле ќерките на Салум, и кој денес го следи нивниот пример?

11 Многу векови подоцна, ќерките на Салум биле меѓу оние што Јехова ги користел во обновата на ѕидот на Ерусалим (Неем. 2:20; 3:12). Иако нивниот татко бил кнез, ќерките на Салум биле спремни да ја извршат таа тешка и опасна задача (Неем. 4:15-18). Тие сосема се разликувале од угледните луѓе од Текоја кои не сакале да учествуваат во обновата на ѕидот (Неем. 3:5). Замисли колку биле радосни ќерките на Салум кога обновата на ѕидот завршила по само 52 дена! (Неем. 6:15). Во наше време, сестрите кои се ставаат на располагање имаат можност да учествуваат во посебен вид служба за Бог — изградбата и одржувањето на објектите кои му се посветени на Јехова. Овие вешти, посветени и верни сестри се неопходни за успешно да се изврши оваа задача.

12. Како може Јехова да нѐ користи и нас како што ја користел Тавита?

12 Јехова ја поттикнал Тавита постојано да прави добри дела и да им помага на сиромасите, особено на вдовиците (Дела 9:36). Поради нејзината огромна дарежливост и љубов, многумина жалеле кога таа умрела. Но биле пресреќни кога апостол Петар ја воскреснал (Дела 9:39-41). Што учиме од Тавита? Без разлика дали сме млади или стари, мажи или жени, сите можеме на некој начин да им помагаме на браќата и сестрите (Евр. 13:16).

13. Како Јехова ја користел сестра Рут, и што рекла таа?

13 Една срамежлива сестра по име Рут сакала да стане мисионер. Кога била девојче, таа ревносно брзала од куќа до куќа за да им даде на луѓето што е можно повеќе трактати. Рут вели: „Навистина уживав во оваа служба“. Сепак, нејзе ѝ било многу тешко да разговара со другите за Божјето Царство. И покрај срамежливоста, Рут станала општ пионер кога имала 18 години. Во 1946 год., била на Библиската школа Гилеад, а подоцна служела на Хаваи и во Јапонија. Јехова ја користел во голема мера за да се проповеда добрата вест во тие земји. Откако поминала речиси 80 години во таа служба, Рут рекла: „Јехова постојано ми даваше сила. Тој ми помогна да ја совладам срамежливоста. Цврсто верувам дека Јехова може да го употреби секого кој има доверба во него“.

ДОЗВОЛИ МУ НА ЈЕХОВА ДА ТЕ КОРИСТИ

14. Според Колошаните 1:29, што мора да правиме ако сакаме Јехова да нѐ користи?

14 Низ целата историја, Јехова ги користел своите слуги на разни начини. Како ќе те користи тебе? Многу зависи од тоа колку си спремен напорно да работиш во службата за Јехова. (Прочитај Колошаните 1:29.) Доколку се ставаш на располагање, Јехова може да те оспособи ревносно да проповедаш, добро да поучуваш, да знаеш како да ги тешиш другите, вешто да работиш, да бидеш добар пријател или да бидеш сѐ друго што е потребно за да се исполни неговата намера.

15. Според 1. Тимотеј 4:12, 15, за што треба младите браќа да го молат Јехова?

15 А што можат да прават младите браќа кои се приближуваат кон полнолетство? Постои голема потреба од енергични млади браќа за да помагаат во собранијата како слуга-помошници. Во многу собранија има повеќе старешини отколку слуга-помошници. Дали вие, млади браќа, би биле спремни да преземете дополнителни одговорности во собранието? Понекогаш некои браќа велат: „Доволно ми е да служам само како објавител“. Ако и ти мислиш така, моли го Јехова да ти помогне да развиеш желба за да ги исполниш условите за слуга-помошник и да ти даде сила да правиш сѐ што можеш за да му служиш (Проп. 12:1). Ни треба твојата помош! (Прочитај 1. Тимотеј 4:12, 15.)

16. За што треба да го молиме Јехова, и зошто?

16 Јехова може да ти помогне да станеш сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера. Затоа моли го да ти даде желба да му служиш, и потоа моли го да ти ја даде потребната сила. Без оглед на тоа дали си млад или стар, користи ги своето време, сила и средства за да го славиш Јехова (Проп. 9:10). Ако ти се укаже некоја можност да правиш повеќе во службата за Јехова, немој да ја испуштиш таа скапоцена прилика само затоа што се плашиш дека не си доволно способен за такво нешто. Имаме огромна чест да правиме сѐ што можеме за да му донесеме слава на нашиот грижлив Татко. Тој навистина го заслужува тоа!

ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам

^ пас. 5 Можеби би сакал да правиш повеќе во службата за Јехова. Можеби се прашуваш дали сѐ уште си му корисен. Или, пак, можеби мислиш дека нема потреба да правиш повеќе во службата за Бог. Во оваа статија ќе разгледаме неколку начини на кои Јехова може да ти даде желба и сила да станеш сѐ што е потребно за да се исполни неговата намера.

^ пас. 3 Иако Павле им го напишал своето писмо на христијаните што живееле во првиот век, неговите зборови важат за сите слуги на Јехова.