Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 41

Како да им помогнеме на оние со кои проучуваме да се крстат (прв дел)

Како да им помогнеме на оние со кои проучуваме да се крстат (прв дел)

Вие сте Христово писмо кое го напишавме ние со својата служба (2. КОР. 3:3)

ПЕСНА 78 Да поучуваме за Божјата Реч!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

Сите во собранието чувствуваат неизмерна радост кога гледаат како се крштава интересент што веќе многу го засакале! (Види во пасус 1)

1. Како зборовите од 2. Коринќаните 3:1-3 ни помагаат да сфатиме колку голема чест е да проучуваме со некого и потоа да видиме како се крштава? (Види ја сликата на насловната страница.)

КАКО се чувствуваш кога некој интересент од твоето собрание ќе се крсти? Сигурно многу се радуваш! (Мат. 28:19). А ако ти си проучувал со него, тоа ти носи уште поголема радост (1. Сол. 2:19, 20). Неговото крштавање покажува колку многу труд сте вложиле и ти и другите во собранието за да му помогнете да го направи тој важен чекор. Во некоја смисла, оние што се крштават се како „писма со препораки“ не само за оној што проучувал со нив туку и за целото собрание. (Прочитај 2. Коринќаните 3:1-3.)

2. а) Што треба да правиме, и зошто? б) Што е библиски курс? (Види ја фуснотата.)

2 Среќни сме што извештаите покажуваат дека во последните четири години се воделе околу 10 милиони библиски курсеви * низ целиот свет. Во секоја од тие години, просечно околу 280.000 лица се крштавале како ученици на Христос. Но, ова исто така покажува дека милиони лица со кои се проучува Библијата не се решаваат на тој чекор. Сѐ додека Јехова стрпливо им дава можност на луѓето да станат Христови ученици, ние сакаме да направиме сѐ што е во наша моќ за да им помогнеме да напредуваат до крштавање колку што е можно побрзо. Времето брзо истекува! (1. Кор. 7:29а; 1. Пет. 4:7).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Бидејќи денес е многу важно да им помогнеме на луѓето да станат ученици на Христос, Водечкото тело ги праша подружниците што може да се направи за да се поттикнат интересентите да се крстат. Во оваа и во следната статија, ќе видиме што може да научиме од искусните пионери, мисионери и покраински надгледници * (Изр. 11:14; 15:22). Тие објасниле што може да направиме и ние и оние со кои проучуваме за да има добри резултати од библискиот курс. Во оваа статија ќе разгледаме пет работи што секој интересент треба да ги направи за да може постепено да напредува до крштавање.

ПРОУЧУВАЈ СО ИНТЕРЕСЕНТОТ СЕКОЈА СЕДМИЦА

Прашај го станарот дали би можеле да седнете некаде за да разговарате повеќе за Библијата (Види во пасуси 4-6)

4. Каков ќе биде исходот ако проучуваш со некого само на врата?

4 Многу наши браќа и сестри проучуваат со луѓето на нивната врата. Иако на овој начин некој може да се заинтересира за Библијата, ваквите разговори обично се многу кратки и можеби не се одржуваат секоја седмица. Затоа, некои браќа и сестри го прашуваат станарот дали можат да разменат телефонски броеви, а потоа му се јавуваат или му праќаат порака за да споделат некоја библиска мисла со него. Ваквите повремени разговори можат да траат со месеци. Но, дали интересентот * навистина ќе напредува и ќе се крсти ако тоа е единственото време и труд што го вложува за да ја проучува Божјата Реч? Веројатно не.

5. Според Лука 14:27-33, кои споредби на Исус треба да ги имаме на ум за да им помогнеме на оние со кои ја проучуваме Библијата?

5 Во една прилика, Исус објаснил што се очекува од некој што сака да стане негов ученик. Тој дал две споредби. Едната била за човек што сакал да изгради кула, а другата за цар што се спремал за битка. Исус рекол дека оној што сака да гради кула мора најпрво да седне и да го пресмета трошокот за да види дали ќе може да ја доврши. А царот мора да седне и да се советува за да види дали ќе може со својата војска успешно да му се спротивстави на непријателот. (Прочитај Лука 14:27-33.) Исус знаел дека секој што сака да стане негов ученик треба однапред внимателно да размисли што сѐ е вклучено во таа одлука. За да му помогнеме на интересентот да го направи тоа, треба да го поттикнеме да проучува со нас секоја седмица. Како?

6. Што би можеле да направиме за да му помогнеме на интересентот да учи побрзо?

6 Можеш да почнеш така што ќе се потрудиш да проучуваш со станарот малку подолго на врата. При секоја посета, би можеле да зборувате не само за еден, туку за два библиски стиха. Кога ќе биде спремен за подолг разговор, би можел да го прашаш дали би можеле да седнете некаде за ја продолжите дискусијата. Од она што ќе го каже станарот, ќе видиш колку му е важно да ја проучува Библијата. На крајот, за да му помогнеш побрзо да учи, би можел да го прашаш дали сака да го посетуваш двапати седмично. Но, не е доволно само да проучува еднаш или двапати во седмицата.

ПОДГОТВУВАЈТЕ СЕ СЕКОГАШ ПРЕД ДА ПРОУЧУВАТЕ

Подготви се добро пред да проучуваш со интересентот, и покажи му како и тој да се подготвува (Види во пасуси 7-9)

7. Како можеш да се подготвиш пред да проучуваш со интересентот?

7 Многу е важно добро да се подготвиш пред да проучуваш со интересентот. Најпрво можеш да го прочиташ материјалот што ќе го разгледувате, како и библиските стихови. Утврди кои се главните мисли. Размисли за насловот, поднасловите, прашањата, стиховите кои се означени со „прочитај“, сликите, како и за видеоклиповите кои би можеле да му помогнат на интересентот подобро да ја разбере темата. А потоа, имајќи ги на ум неговите потреби, размисли однапред како би можел да му ги објасниш информациите едноставно и јасно за да може лесно да ги разбере и да ги примени (Неем. 8:8; Изр. 15:28а).

8. Што учиме од зборовите на апостол Павле запишани во Колошаните 1:9, 10 за тоа колку е важно да се молиме за оние со кои проучуваме?

8 Додека се подготвуваш, моли му се на Јехова за интересентот и за неговите потреби. Моли го да ти помогне да поучуваш од Библијата на начин кој ќе допре до неговото срце. (Прочитај Колошаните 1:9, 10.) Обиди се да предвидиш кои работи би можеле да му бидат тешки да ги разбере или да ги прифати. Не заборавај дека твојата цел е да му помогнеш еден ден да се крсти.

9. Како можеш да му помогнеш на интересентот да се подготви за проучувањето? Објасни.

9 Се надеваме дека со редовното проучување на Библијата интересентот ќе изгради ценење за она што го направиле Јехова и Исус, и ќе сака да научи нешто повеќе (Мат. 5:3, 6). За да извлече целосна корист од проучувањето, тој треба да се концентрира на она што го учи. За таа цел, треба да сфати колку е важно да се подготвува пред да проучувате така што однапред ќе го прочита материјалот и ќе размисли како може да го примени во својот живот. Како можеш да му помогнеш? Подгответе заедно едно поглавје или лекција за да му покажеш како да го прави тоа. * Објасни му како да го најде конкретниот одговор на прашањата, и покажи му како тоа што ќе ги обележи само клучните зборови или изрази ќе му помогне да се сети на одговорот. А потоа замоли го да ти одговори со свои заборови. Така ќе можеш да видиш колку добро го разбира материјалот. Но, можеш да го поттикнеш интересентот да направи уште нешто.

ПОУЧИ ГО ДА КОМУНИЦИРА СО ЈЕХОВА СЕКОЈ ДЕН

Поучи го интересентот како да комуницира со Јехова (Види во пасуси 10-11)

10. Зошто е важно интересентот да ја чита Библијата секој ден, и што треба да прави за да извлече најголема корист од читањето?

10 Освен што проучува секоја седмица со тебе, што друго ќе биде корисно за интересентот? Добро е и секојдневно да прави некои работи сам. Тој треба да комуницира со Јехова. Како? Така што ќе го слуша Бог и ќе зборува со него. Може да го слуша Јехова со тоа што ќе ја чита Библијата секој ден (Ис. Нав. 1:8; Пс. 1:1-3). Покажи му како да го користи „Распоредот за читање на Библијата“ кој може да го испечати од нашата интернет-страница. * Се разбира, за да му помогнеш да извлече најголема корист од читањето на Библијата, добро е да го поттикнеш внимателно да размислува за она што го учи за Јехова и за тоа како да го примени она што го чита во својот живот (Дела 17:11; Јак. 1:25).

11. Како интересентот ќе научи исправно да му се моли на Јехова, и зошто е важно често да го прави тоа?

11 Поттикни го интересентот да зборува со Јехова така што ќе се моли секој ден. Како можеш да го направиш тоа? Срдечно моли му се на Бог пред и на крајот од секое проучување, и спомни го интересентот во тие молитви. Додека те слуша како се молиш, и самиот ќе научи искрено и од срце да му се моли на Јехова Бог и да му ги упатува своите молитви во името на Исус Христос (Мат. 6:9; Јован 15:16). Тоа што секојдневно ќе ја чита Библијата (односно ќе го слуша Јехова) и ќе се моли (односно ќе зборува со Јехова) сигурно ќе му помогне да се зближи со него (Јак. 4:8). Ако стекне ваква навика, интересентот ќе развие пријателство со Бог кое ќе го поттикне да му го заветува својот живот и да се крсти.

ПОМОГНИ МУ ДА СТАНЕ БЛИЗОК ПРИЈАТЕЛ СО ЈЕХОВА

12. Како можеш да му помогнеш на интересентот да развие блиско пријателство со Јехова?

12 Она што интересентот го учи додека ја проучува Библијата не треба да му остане само во умот, туку треба да влезе во неговото срце. Зошто? Затоа што нашето срце, кое ги вклучува нашите желби, емоции и чувства, нѐ поттикнува да правиме нешто. Исус поучувал на логичен начин и затоа луѓето сакале да учат од него. Но, тие го следеле затоа што неговите поуки допирале до нивното срце (Лука 24:15, 27, 32). За интересентот, Јехова треба да биде реална личност, некој со кого може да развие близок однос. Тој треба да го гледа Јехова како свој Татко, Бог и пријател (Пс. 25:4, 5). Додека ја проучуваш Библијата со него, сврти му го вниманието на прекрасните особини што ги има Бог (2. Мој. 34:5, 6; 1. Пет. 5:6, 7). Труди се да го правиш ова без разлика за која тема зборувате. Помогни му да сфати колку голема љубов, доброта и сочувство покажува Јехова. Исус рекол дека „најголемата и прва заповед е: ’Сакај го Јехова, својот Бог‘“ (Мат. 22:37, 38). Дај сѐ од себе за да всадиш во срцето на интересентот длабока љубов кон Бог.

13. Како можеш да му помогнеш на интересентот да дознае нешто повеќе за Јеховините особини?

13 Кога разговараш со интересентот, кажи му зошто го сакаш Јехова. Ова може да му помогне да сфати дека и самиот треба да развие близок личен однос со Бог (Пс. 73:28). На пример, дали во публикацијата што ја проучувате има некоја мисла или стих што тебе многу ти значат, а откриваат нешто за Јеховината љубов, мудрост, правда или моќ? Спомни му го тоа на интересентот, и кажи му дека тоа е една од многуте причини поради која го сакаш нашиот небесен Татко. Но, има уште нешто што секој кој ја проучува Библијата треба да го направи за да се крсти.

ПОТТИКНИ ГО ДА ПРИСУСТВУВА НА СОБРАНИСКИТЕ СОСТАНОЦИ

Поттикни го интересентот да почне да доаѓа на состаноци што е можно поскоро! (Види во пасуси 14-15)

14. Како она што го пишува во Евреите 10:24, 25 во врска со состаноците може да му помогне на интересентот да напредува?

14 Сите сакаме интересентите со кои проучуваме еден ден да се крстат. Важен начин на кој може да им помогнеме е да ги поттикнеме да присуствуваат на собраниските состаноци. Искусните објавители велат дека интересентите кои веднаш почнуваат да доаѓаат на состаноци напредуваат најбрзо (Пс. 111:1). Некои им објаснуваат на лицата со кои проучуваат дека на состаноците ќе дознаат многу други работи што нема да ги научат во текот на своето проучување. Прочитај го Евреите 10:24, 25 заедно со интересентот, и објасни му зошто е добро да присуствува на состаноците. (Прочитај.) Пушти му го видеоклипот Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? * Помогни му да биде решен да не пропушти ниту еден состанок.

15. Како можеме да го поттикнеме интересентот редовно да присуствува на состаноците?

15 Што можеш да направиш ако интересентот сѐ уште не присуствувал на состанок или, пак, доаѓа само понекогаш? Раскажи му воодушевено за нешто што си го научил на некој неодамнешен состанок. Тоа може да му даде поголем поттик да дојде отколку само да го поканиш. Дај му ја Стражарската кула или Работните листови кои моментално се разгледуваат на состаноците. Покажи му за што ќе се зборува на следниот состанок, и прашај го што би му било најинтересно. Она што ќе го види и чуе на својот прв состанок сигурно ќе биде далеку подобро од сѐ што досега видел или чул на некој верски собир (1. Кор. 14:24, 25). Ќе се запознае со други чиј добар пример може да го следи и кои ќе му помогнат да напредува до крштавање.

16. Како треба да проучуваме со интересентите за да им помогнеме да се крстат, и што ќе разгледаме во следната статија?

16 Како треба да проучуваме со интересентот за да напредува до крштавање? Можеме да му помогнеме да сфати колку е важно проучувањето така што ќе го поттикнеме да го прави тоа секоја седмица и секогаш добро да се подготвува. Добро е да го охрабриме секојдневно да комуницира со Јехова и да стане близок пријател со него. Треба да го поттикнеме да присуствува на собраниските состаноци. (Види ја рамката „ Што треба да прават интересентите за да се крстат“.) Но, како што ќе видиме во следната статија, има уште пет работи кои може да ги правиме за да им помогнеме на интересентите да се крстат.

ПЕСНА 76 Какво е чувството кога го славиш Јехова?

^ пас. 5 Да поучуваш некого значи да му помогнеш „да размислува, да чувствува или да постапува на нов или поинаков начин“. Нашиот годишен стих за 2020 год., Матеј 28:19, нѐ потсети колку е важно да ја проучуваме Библијата со другите и да им помогнеме да сфатат како да станат крстени ученици на Исус Христос. Во оваа и во следната статија, ќе видиме како може уште подобро да го извршуваме ова многу важно дело.

^ пас. 2 ПОЈАСНУВАЊЕ: Ако редовно ја проучуваш Библијата со некого со помош на некоја наша публикација, ти водиш библиски курс. Можеш да го известиш ако си му објаснил на лицето како се проучува, а потоа си го направил тоа двапати и сметаш дека ќе продолжиш.

^ пас. 3 Во оваа статија се наведени и предлози од рубриката „Водење напредни библиски студии“, која излегуваше во Нашата служба за Царството од јули 2004 до мај 2005.

^ пас. 4 Зборот „интересент“ може да се однесува на лице од машки или од женски пол.

^ пас. 9 Гледај го видеоклипот Покажи му на интересентот како да се подготвува. Во JW Library®, оди на АУДИО-ВИДЕО > НАШИТЕ СОСТАНОЦИ И СЛУЖБА > СТАНИ ПОВЕШТ ВО СЛУЖБАТА.

^ пас. 10 Оди на БИБЛИСКИ УЧЕЊА > ПОМОШ ЗА ПРОУЧУВАЊЕ НА БИБЛИЈАТА.

^ пас. 14 Во JW Library®, оди на АУДИО-ВИДЕО > НАШИТЕ СОСТАНОЦИ И СЛУЖБА > ПОМОШ ЗА СЛУЖБАТА.