Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 42

Биди уверен дека си ја нашол вистината

Биди уверен дека си ја нашол вистината

Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа, држете се за она што е добро (1. СОЛ. 5:21)

ПЕСНА 142 Цврсто да се држиме за нашата надеж

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто многу луѓе се збунети?

ВО СВЕТОТ постојат илјадници христијански религии кои тврдат дека го обожаваат Бог на исправен начин. Затоа, многу луѓе се збунети и се прашуваат: „Дали има само една вистинска религија или Бог ги одобрува сите религии?“ Дали сме цврсто уверени дека ние како Јеховини сведоци поучуваме за вистината и дека начинот на кој го обожаваме Јехова е единствениот што тој го одобрува? Имаме ли основа да бидеме потполно уверени во тоа? Да ги разгледаме доказите.

2. Зошто апостол Павле бил уверен во вистината? (1. Солуњаните 1:5).

2 Апостол Павле бил длабоко уверен во вистината. (Прочитај 1. Солуњаните 1:5.) Таа увереност не се темелела на емоции. Напротив, тој темелно ја проучувал Божјата Реч и верувал дека „целото Писмо е вдахновено од Бог“ (2. Тим. 3:16). Што открил додека проучувал? Во светите списи тој нашол непобитни докази дека Исус бил ветениот Месија — докази кои еврејските верски водачи намерно ги отфрлиле. Овие лицемерни верски водачи тврделе дека го застапуваат Бог, но правеле работи што тој ги мрази (Тит 1:16). За разлика од нив, Павле не избирал во кои делови од Божјата Реч ќе верува, а во кои не. Тој поучувал и живеел според Божјата волја „во потполност“ (Дела 20:27).

3. Дали треба да имаме одговор на сите наши прашања за да бидеме сигурни дека сме ја пронашле вистината? (Види ја и рамката „ Јеховините дела и замисли не можат да се избројат“.)

3 Некои сметаат дека вистинската религија треба да има одговор на секое прашање, дури и на прашања за кои нема директен одговор во Библијата. Но, дали тоа е разумно очекување? Размисли за примерот на Павле. Тој ги поттикнал своите соверници: „Сѐ испитувајте за да се уверите во тоа“ (1. Сол. 5:21). Но, исто така, признал дека има многу работи кои не ги разбира. „Нашето знаење е делумно“, напишал тој. А потоа додал: „Гледаме одраз во метално огледало кое не дава јасна слика“ (1. Кор. 13:9, 12, фус.). Павле не ги разбирал сите работи, а не ги разбираме ни ние. Сепак, тој ги сфаќал основните вистини за Јехова и за неговите намери. Павле знаел сосема доволно за да биде уверен дека ја пронашол вистината!

4. Како може да си ја зајакнеме увереноста дека сме ја пронашле вистината, и што ќе разгледаме во врска со вистинските христијани?

4 Една работа што може да ни помогне да си ја зајакнеме увереноста дека сме ја пронашле вистината е тоа што ќе го споредиме начинот на кој Исус го обожавал Јехова со начинот на кој Јеховините сведоци го прават тоа денес. Во оваа статија ќе видиме дека вистинските христијани: 1) не вршат идолопоклонство, 2) го почитуваат Јеховиното име, 3) ја сакаат вистината и 4) силно се сакаат еден со друг.

НЕ ВРШИМЕ ИДОЛОПОКЛОНСТВО

5. Што учиме од Исус за начинот на кој треба да го обожаваме Бог, и како може да го примениме тоа?

5 Поттикнат од силна љубов кон Јехова, Исус го обожавал само него — и кога бил на небото и кога бил на Земјата (Лука 4:8). Тој ги поучил своите ученици да го прават истото. Ниту Исус ниту неговите верни ученици не го обожавале Јехова користејќи слики или кипови. Бидејќи Бог е духовна личност, луѓето не можат дури ни приближно да направат нешто што би ја одразувало неговата слава! (Иса. 46:5). Но, дали е во ред луѓето да прават слики и кипови на „светци“ и да се молат на нив? Во втората од Десетте заповеди, Јехова рекол: „Немој да си правиш режан лик, ниту што и да е друго што личи на она што е горе на небото, или долу на земјата... Немој да им се клањаш“ (2. Мој. 20:4, 5). Овие зборови им се многу јасни на оние што сакаат да го радуваат Бог.

6. Чиј пример во поглед на обожавањето на Бог го следат Јеховините сведоци денес?

6 Историчарите потврдуваат дека христијаните од првиот век му биле исклучително оддадени само на Бог. На пример, во една книга која зборува за историски настани, пишува дека раните христијани „би се згрозиле и од самата помисла“ да користат идоли во местата за обожавање (History of the Christian Church). Денес, Јеховините сведоци го следат примерот на тие христијани. Ние не се молиме ниту на „светци“ ниту на ангели, па дури ни на Исус. Освен тоа, не ги обожаваме, односно не им оддаваме посебна чест на државните симболи. Сеедно под каков притисок ќе се најдеме, решени сме да останеме послушни на она што го кажал Исус: „Јехова, својот Бог, обожавај го“ (Мат. 4:10).

7. Кои јасни разлики постојат меѓу Јеховините сведоци и другите религии?

7 Многу луѓе денес се импресионирани од некои харизматични црковни водачи и уживаат да ги слушаат. Тие толку многу им се восхитуваат што речиси ги идолизираат. Ги посетуваат нивните цркви, ги купуваат нивните книги и донираат огромни суми за нив и за нивните организации. Некои луѓе веруваат на секој нивен збор. Толку им се восхитуваат што тешко е да се замисли дека би биле повоодушевени дури и да им се појави самиот Исус! За разлика од нив, оние што му служат на Јехова на исправен начин немаат свештенство. Иако ги почитуваме оние што предводат, го прифаќаме она што го кажал Исус: „Сите вие сте браќа“ (Мат. 23:8-10). Ние не идолизираме луѓе, сеедно дали станува збор за верски или за политички водачи. Освен тоа, не ги поддржуваме нивните планови и идеи. Напротив, остануваме неутрални и одвоени од светот. Во сите овие работи ние се разликуваме од многуте религии кои тврдат дека се христијански (Јован 18:36).

ГО ПОЧИТУВАМЕ ЈЕХОВИНОТО ИМЕ

На вистинските христијани им е чест да им кажуваат на другите за Јехова (Види во пасуси 8-10) *

8. Од каде знаеме дека Јехова сака неговото име да се прославува и да им се објавува на другите?

8 Во една прилика, Исус се молел: „Татко, прослави го своето име“. Јехова одговорил на таа молитва со силен глас од небото, велејќи дека ќе го направи тоа (Јован 12:28). Во текот на својата служба, Исус го прославувал името на својот Татко (Јован 17:26). Затоа, вистинските христијани сметаат дека е чест да го користат Божјето име и да им го објавуваат на другите.

9. Како христијаните од првиот век покажале дека го почитуваат Божјето име?

9 Во првиот век од нашата ера, кратко откако било основано христијанското собрание, Јехова им обрнал „внимание на незнабошците за да земе од нив народ за своето име“ (Дела 15:14). На раните христијани им било чест што можеле да го користат Божјето име и да им го објавуваат на другите. Тие го користеле Божјето име кога проповедале и кога ги пишувале библиските книги. * На тој начин, покажале дека се единствените луѓе што го објавуваат Божјето име (Дела 2:14, 21).

10. Кои докази покажуваат дека Јеховините сведоци се единствените кои го објавуваат Божјето име?

10 Дали Јеховините сведоци го објавуваат Јеховиното име? Размисли што покажуваат доказите. Денес, многу верски водачи направиле сѐ што е во нивна моќ да го скријат фактот дека Бог има лично име. Тие го отстраниле Божјето име од нивните преводи на Библијата, а во некои случаи забраниле да се користи во нивните верски служби. * Дали некој може да порекне дека Јеховините сведоци се единствените кои покажуваат должна чест и почит кон Јеховиното име? Ниту една религиозна група не го објавува Божјето лично име како што го правиме тоа ние! Во тој поглед, даваме сѐ од себе за да живееме во склад со името што го носиме — Јеховини сведоци (Иса. 43:10-12). Имаме отпечатено повеќе од 240 милиони примероци од Свето Писмо — превод Нов свет. Во овој превод, Јеховиното име се наоѓа на места каде што во други преводи е извадено. Освен тоа, издаваме библиска литература во која се користи Божјето име, и тоа на повеќе од 1.000 јазици!

ЈА САКАМЕ ВИСТИНАТА

11. Како раните христијани покажале дека ја сакаат вистината?

11 Исус ја сакал вистината — вистината за Бог и за неговите намери. Тој живеел во склад со неа и им ја објавувал на другите (Јован 18:37). И вистинските следбеници на Исус многу ја сакале вистината (Јован 4:23, 24). Всушност, апостол Петар го нарекол христијанството „патот на вистината“ (2. Пет. 2:2). Бидејќи имале силна љубов кон вистината, раните христијани ги отфрлале религиозните верувања, културните обичаи и личните гледишта кои не биле во склад со неа (Кол. 2:8). Исто како нив, и вистинските христијани денес силно се напрегаат да живеат „според вистината“ така што ги темелат сите свои верувања на Јеховината Реч и постапуваат во склад со неа (3. Јов. 3, 4).

12. Што прават браќата од Водечкото тело кога ќе сфатат дека треба да се промени некое разбирање, и зошто го прават тоа?

12 Јеховините сведоци не тврдат дека имаат совршено знаење за вистината, односно дека во потполност разбираат сѐ што стои во Библијата. Низ годините тие имаат направено грешки во врска со објаснувањето на некои библиски учења и во поглед на некои организациски упатства. Тоа не треба да нѐ изненади. Библијата јасно кажува дека нашето знаење за Бог со текот на времето се зголемува (Кол. 1:9, 10). Јехова постепено ја открива вистината, и затоа мора стрпливо да чекаме светлината на вистината да почне сѐ посилно да свети (Изр. 4:18). Кога ќе сфатат дека треба да се направи промена во разбирањето на одреден аспект на вистината, браќата од Водечкото тело веднаш ја прават потребната промена. Многу цркви ги менуваат своите учења за да им угодат на верниците или за да бидат поприфатливи од светот. За разлика од нив, Јеховината организација прави промени со цел да ни помогне да стануваме поблиски со Бог и сѐ потесно да го следиме примерот на Исус во поглед на тоа како да го обожаваме Бог (Јак. 4:4). Промените што ние ги правиме не се под влијание на популарните трендови или општоприфатените ставови, туку поради тоа што подобро ја разбираме Библијата. Ние ја сакаме вистината! (1. Сол. 2:3, 4).

СИЛНО СЕ САКАМЕ ЕДЕН СО ДРУГ

13. Која е најважната особина по која се препознавале вистинските христијани, и како Јеховините сведоци ја покажуваат денес?

13 Најважната особина по која се препознавале христијаните од првиот век била љубовта. Исус рекол: „По тоа сите ќе знаат дека сте мои ученици, ако се сакате еден со друг“ (Јован 13:34, 35). Денес, меѓу Јеховините сведоци низ целиот свет владее вистинска љубов и единство. Ние се разликуваме од сите други религии затоа што сме како едно семејство и покрај тоа што доаѓаме од различни земји и култури. Искрената љубов која постои меѓу нас се гледа на нашите состаноци, собири и конгреси. Ова ни ја зајакнува увереноста дека единствено ние го обожаваме Јехова на начин што тој го одобрува.

14. Според Колошаните 3:12-14, кој е еден важен начин на кој може да покажеме дека силно се сакаме еден со друг?

14 Библијата нѐ поттикнува силно да се сакаме еден со друг (1. Пет. 4:8). Еден начин на кој покажуваме таква љубов е така што си простуваме еден на друг и си ги поднесуваме слабостите. Исто така, бараме прилики да бидеме дарежливи и гостопримливи кон сите од собранието, дури и кон оние што можеби нѐ повредиле. (Прочитај Колошаните 3:12-14.) Ваквата љубов е главното обележје на вистинските христијани.

„ЕДНА ВЕРА“

15. На кои други начини го следиме примерот на христијаните од првиот век?

15 Во поглед на начинот како му служиме на Бог, ние го следиме примерот на христијаните од првиот век и во други аспекти. На пример, ние сме организирани исто како тие христијани — имаме патувачки надгледници, старешини и слуга-помошници (Фил. 1:1; Тит 1:5). Освен тоа, покажуваме почит кон Јеховините закони во врска со сексуалните односи, бракот и светоста на крвта, и го штитиме собранието од оние што му грешат на Јехова и не се каат поради тоа (Дела 15:28, 29; 1. Кор. 5:11-13; 6:9, 10; Евр. 13:4).

16. Што учиме од она што стои во Ефешаните 4:4-6?

16 Исус рекол дека мнозина ќе тврдат дека се негови ученици, но нема сите да бидат вистински ученици (Мат. 7:21-23). Исто така, Библијата ни кажува дека во последните денови многумина само „на изглед ќе бидат богобојазливи“ (2. Тим. 3:1, 5). Сепак, во неа јасно стои дека има само „една вера“, односно религија, која Бог ја одобрува. (Прочитај Ефешаните 4:4-6.)

17. Која е единствената вистинска религија денес?

17 Која е единствената вистинска религија денес? На темел на доказите што ги разгледавме и на темел на примерот што ни го оставиле Исус и христијаните од првиот век, одговорот е јасен — тоа се Јеховините сведоци. Колку голема чест имаме што сме дел од Јеховиниот народ и што ја знаеме вистината за Јехова и за неговите намери! Затоа сакаме да правиме сѐ што можеме за цврсто да се држиме за вистината.

ПЕСНА 3 Нашата сила, надеж и доверба

^ пас. 5 Во оваа статија ќе видиме како Исус ни покажал кој е исправниот начин да го обожаваме Јехова и како тоа го правеле христијаните од првиот век. Освен тоа, ќе разгледаме докази кои потврдуваат дека Јеховините сведоци денес го обожаваат Бог на истиот тој начин.

^ пас. 9 Види ја рамката „Дали првите христијани го користеле Божјето име?“ во Стражарска кула од 1 јули 2010, стр. 6.

^ пас. 10 На пример, во 2008 год., папата Бенедикт XVI издал одредба дека Божјето име „не треба да се користи ниту да се изговара“ во католичките верски служби, песни и молитви.

^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: Јеховината организација го има издадено Преводот Нов свет на повеќе од 200 јазици за да можат луѓето на својот мајчин јазик да читаат превод на Библијата кој го содржи Божјето име.