Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 40

Што е вистинско каење?

Што е вистинско каење?

Дојдов да ги повикам на покајание грешниците (ЛУКА 5:32)

ПЕСНА 36 Да си го чуваме срцето!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. По што се разликувале Ахав и Манасија, и кои прашања ќе ги разгледаме?

ДА ГО разгледаме животот на двајца цареви кои живееле многу одамна. Едниот владеел над десетплеменското царство Израел, а другиот над двоплеменското царство Јуда. Иако не живееле во ист период, многу работи им биле заеднички. И двајцата цареви се побуниле против Јехова и го наведувале Божјиот народ на грев. И двајцата обожавале лажни богови и биле убијци. Сепак, имало една разлика помеѓу нив. Едниот продолжил да прави лоши работи сѐ до крајот на својот живот, а другиот се покајал и му било простено за ужасните работи што ги направил. Кои биле овие цареви?

2 Станува збор за Ахав, кој бил цар на Израел, и за Манасија, кој бил цар на Јуда. Од разликите помеѓу овие двајца мажи можеме да извлечеме многу важни поуки во врска со каењето (Дела 17:30; Рим. 3:23). Што е каење, и како се покажува? Мора да го знаеме ова бидејќи сакаме Јехова да ни прости кога ќе му згрешиме. За да го дознаеме одговорот на овие прашања, ќе го разгледаме примерот на Ахав и на Манасија, и ќе видиме што може научиме од нив. Потоа ќе видиме какви поуки дал Исус во врска со каењето.

ШТО МОЖЕ ДА НАУЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА ЦАР АХАВ

3. Каков цар бил Ахав?

3 Ахав бил седмиот цар на десетплеменското царство Израел. Тој се оженил со Језавела, која му била ќерка на царот на градот Сидон — богат град северно од Израел. Од една страна, со тој брак се зголемиле можностите на Израел да стекне поголемо богатство. Но од друга страна, поради тој брак Израелците почнале уште повеќе да му грешат на Јехова. Језавела го обожавала Ваал и го навела Ахав да ја шири таа одвратна религија, која вклучувала проституција во храмовите, па дури и жртвување деца. Додека Језавела била царица, животот на сите Јеховини пророци бил во опасност. Таа убила многумина од нив (1. Цар. 18:13). Згора на тоа, Ахав правел „уште поголеми зла во Јеховини очи отколку сите негови претходници“ (1. Цар. 16:30). Јехова бил свесен за сето она што го правеле Ахав и Језавела. Сепак, тој покажал милост и го испратил пророкот Илија да ги предупреди и нив и народот дека треба да се сменат пред да биде предоцна. Но, Ахав и Језавела не сакале да слушаат.

4. Каква казна му била изречена на Ахав, и како реагирал кога ја слушнал?

4 По некое време, на стрпливоста на Јехова ѝ дошол крај. Тој го испратил пророкот Илија да им каже на Ахав и на Језавела дека ќе ги казни така што и тие и целото нивно семејство ќе бидат убиени. Зборовите на Илија многу го погодиле Ахав. За чудо, овој вообразен човек се понизил (1. Цар. 21:19-29).

Цар Ахав го фрлил Божјиот пророк в затвор, и со тоа покажал дека не се кае вистински (Види во пасуси 5-6) *

5-6. Што покажува дека Ахав не се каел вистински?

5 Иако во таа прилика се понизил, Ахав не се каел вистински, а тоа можело да се види од она што понатаму го правел. Тој не се обидел да го отстрани обожавањето на Ваал од неговото царство. Освен тоа, не ги поттикнувал Израелците да го обожаваат Јехова. И со други работи Ахав покажал дека не се кае.

6 Подоцна, Ахав го повикал Јосафат, царот на Јуда, заедно да тргнат во војна против Сиријците. Јосафат бил добар цар кој имал доверба во Јехова и предложил најпрво да прашаат за совет некој Јеховин пророк. На Ахав не му се допаднал тој предлог, и рекол: „Има уште еден човек преку кого можеме да го прашаме Јехова за совет, но јас го мразам затоа што не ми пророкува добро, туку зло“. И покрај тоа, тие сепак го прашале за совет пророкот Михаија. Ахав бил во право! Пророкот навистина навестил дека ќе му се случи нешто лошо. Наместо да се покае и да бара од Јехова да му прости, злобниот Ахав го фрлил Михаија в затвор (1. Цар. 22:7-9, 23, 27). Иако имал моќ да го затвори Јеховиниот пророк, Ахав немал моќ да спречи пророштвото да се исполни. Тој навистина бил убиен во таа битка (1. Цар. 22:34-38).

7. Како Јехова го опишал Ахав по неговата смрт?

7 Откако Ахав умрел, Јехова открил какво мислење имал за него. Кога добриот цар Јосафат се вратил безбедно дома, Јехова го испратил пророкот Јуј да му каже дека не било во ред тоа што отишол да му помогне на Ахав. Јеховиниот пророк рекол: „Дали е исправно да му помагаш на злиот и да ги сакаш оние што го мразат Јехова?“ (2. Лет. 19:1, 2). Размисли за следново: Ако Ахав искрено се каел, дали пророкот ќе го опишел како зол човек кој го мрази Јехова? Иако до одредена мера му било жал, Ахав никогаш вистински не се покајал.

8. Што учиме за каењето од примерот на Ахав?

8 Што може да научиме од примерот на Ахав? Кога ја слушнал пораката на Илија дека неговото семејство ќе биде казнето, Ахав се понизил. Тоа било добар почеток. Но, со она што понатаму го правел покажал дека не се кае од длабочината на своето срце. Значи, за да покажеме дека се каеме, не е доволно само да кажеме дека ни е жал за она што сме го направиле. Затоа, да го разгледаме примерот на Манасија, од кој ќе видиме што значи вистински да се каеме.

ШТО МОЖЕ ДА НАУЧИМЕ ОД ПРИМЕРОТ НА ЦАР МАНАСИЈА

9. Каков цар бил Манасија?

9 Околу два века подоцна, Манасија станал цар на Јуда. Тој можеби правел дури и полоши работи од Ахав! За него читаме: „Многу зла правеше пред Јехова и го навредуваше“ (2. Лет. 33:1-9). Манасија поставил жртвеници на пагански богови, па дури и направил режан лик на еден обреден дирек — веројатно тоа било столб на кој била изрезбана божица на плодноста — кој го поставил во Јеховиниот свет храм! Тој се занимавал со магија, вражање и гатање. Освен тоа, пролеал „многу невина крв“. Манасија немилосрдно убил многу луѓе, па дури и своите синови ги поминувал низ оган, односно ги принесувал како жртви на лажни богови (2. Цар. 21:6, 7, 10, 11, 16).

10. Каков укор од Јехова добил Манасија, и како реагирал на тоа?

10 Исто како Ахав, Манасија тврдоглаво одбивал да ги слуша предупредувањата што Јехова му ги давал преку своите пророци. На крајот, Јехова ги довел против Јуда воените заповедници на асирскиот цар, и тие го фатиле Манасија, го оковале во двојни бакарни окови и го одвеле во Вавилон. Додека бил затворен таму, Манасија очигледно сериозно размислувал за сето она што го направил. Тој многу се понизил „пред Богот на своите прататковци“. Но, не останал само на тоа. Тој се трудел „да го смилостиви лицето на Јехова, својот Бог.“ Всушност, извештајот вели дека Манасија му се молел на Јехова, што покажува дека го правел тоа повеќе пати. Тој злобен човек почнал да се менува — почнал да гледа на Јехова како на свој Бог и постојано му се молел (2. Лет. 33:10-13).

Цар Манасија вложил голем труд да го отстрани обожавањето на лажни богови, и со тоа покажал дека вистински се кае (Види во пасус 11) *

11. Според 2. Летописи 33:15, 16, како Манасија покажал дека вистински се кае?

11 По некое време, Јехова ги услишил молитвите на Манасија. Тој ги забележал промените во неговото срце, кои можеле да се видат и од неговите молитви. Кога видел дека Манасија сесрдно се моли, Јехова му простил и му дозволил повторно да стане цар. Манасија дал сѐ од себе за да покаже дека вистински се кае. Тој го променил своето однесување, нешто што Ахав никогаш не го направил. Тој вложил голем труд за да го отстрани обожавањето на лажни богови и ги поттикнувал луѓето да го обожаваат Јехова. (Прочитај 2. Летописи 33:15, 16.) За да го направи сето тоа, сигурно му биле потребни храброст и вера, бидејќи пред да се покае, тој со години имал лошо влијание врз своето семејство, врз достоинствениците и врз народот. Но сега, во последните години од својот живот, Манасија се обидел да поправи некои од лошите работи што ги направил. Веројатно, тој имал позитивно влијание врз својот внук Јосија, кој подоцна станал многу добар цар (2. Цар. 22:1, 2).

12. Што учиме за каењето од примерот на Манасија?

12 Што може да научиме од примерот на Манасија? Тој се понизил, но направил и повеќе од тоа. На пример, се молел преколнувајќи го Јехова да му покаже милост и го променил своето однесување. Вложил многу труд за да ја поправи штетата што ја предизвикал и давал сѐ од себе за да му служи на Јехова и да им помага на другите да го прават тоа. Она што се случило со Манасија им дава надеж дури и на оние што направиле тешки гревови. Неговиот пример покажува дека Јехова Бог е добар и спремен да прости (Пс. 86:5). Тој ќе им прости на оние што вистински се каат.

13. Наведи еден пример од кој учиме нешто важно во врска со каењето.

13 Манасија направил повеќе отколку само да жали за своите гревови. Од тоа учиме нешто многу важно во врска со каењето. Размисли за следниов пример. Одиш во слаткарница и бараш од продавачот да ти даде торта. Но, наместо торта, тој ти дава јајце. Дали ќе бидеш задоволен? Нормално дека не. Дали нешто ќе ти значи ако продавачот ти објасни дека јајцето е една од главните состојки на тортата? Се разбира дека не. Слично на тоа, Јехова бара од оној што направил грев да се покае. Ако тој човек чувствува жал поради гревот, тоа е добро. Таквото чувство е важна „состојка“ на каењето. Но тоа не е доволно. Што друго е потребно? Одговорот ќе го дознаеме од една поучна споредба што ја дал Исус.

ПО ШТО МОЖЕ ДА СЕ ПРЕПОЗНАЕ ДАЛИ НЕКОЈ ВИСТИНСКИ СЕ КАЕ

Откако се вразумил, изгубениот син поминал долг пат за да се врати дома (Види во пасуси 14-15) *

14. Како изгубениот син од споредбата на Исус почнал да покажува знаци на каење?

14 Исус раскажал трогателна приказна за еден изгубен син, запишана во Лука 15:11-32. Еден млад човек се побунил против својот татко, си заминал од дома и отпатувал „во далечна земја“. Таму живеел неморално и распуштено. Но, кога се нашол во многу тешки околности, почнал да размислува за она што го направил. Тој сфатил колку му било подобро додека живеел со својот татко. Како што рекол Исус, младиот човек се вразумил. Тој решил да се врати дома и да бара прошка од својот татко. Било многу важно тоа што синот сфатил колку ниско паднал. Но, дали тоа било доволно? Не, тој морал да направи некои промени.

15. Како изгубениот син од споредбата на Исус покажал дека искрено се кае?

15 Изгубениот син покажал дека искрено се кае за она што го направил. Тој поминал долг пат за да се врати дома. Потоа, кога се сретнал со својот татко, му рекол: „Му згрешив на небото и тебе. Не сум веќе достоен да се нарекувам твој син“ (Лука 15:21). Со тоа што искрено признал дека згрешил, овој млад човек покажал дека сака да си го обнови пријателството со Јехова. Освен тоа, признал дека со своите постапки го повредил својот татко. И за да си го поправи односот со него, бил спремен напорно да работи дури и како еден од неговите наемници (Лука 15:19). Оваа споредба не е само една трогателна приказна. Начелата во неа можат многу да им помогнат на старешините кога се трудат да проценат дали некој соверник кој направил сериозен грев вистински се кае.

16. Зошто не им е лесно на старешините да проценат дали некој вистински се кае?

16 Не е лесно за старешините да проценат дали некој што направил сериозен грев искрено се кае. Зошто? Старешините не можат да ги читаат срцата, па затоа мора да се потпрат на видливи докази за да проценат дали братот навистина го сменил својот став кон гревот што го направил. Понекогаш, некој можеби бесрамно правел тежок грев, па затоа старешините кои ќе разговараат со него можеби нема да бидат уверени дека тој вистински се кае.

17. а) Кој пример покажува дека некое лице можеби не се кае вистински, дури и ако тврди дека му е многу жал? б) Според 2. Коринќаните 7:11, што треба да покаже некој што вистински се кае?

17 Да разгледаме еден пример. Да речеме дека еден брат врши прељуба во текот на повеќе години. Наместо да побара помош, тој го крие своето неморално однесување од својата жена, од пријателите и од старешините. По некое време се дознава за она што го прави. Кога старешините го соочуваат со доказите, тој го признава својот грев, па дури и остава впечаток дека му е многу жал. Но, дали тоа само по себе покажува дека вистински се кае? Не. За старешините што го разгледуваат неговиот случај тоа нема да биде доволно. Тие ќе земат предвид и други фактори. Овој човек не згрешил само еднаш, како последица на некоја лоша одлука, туку правел сериозен грев со години. Освен тоа, самиот не го признал гревот, туку бил разоткриен. Затоа, старешините ќе треба да видат докази дека грешникот навистина го променил своето размислување и однесување и дека му е тешко што го повредил Јехова. (Прочитај 2. Коринќаните 7:11.) За да ги направи таквите промени, можеби ќе биде потребно подолго време. Најверојатно тој ќе биде отстранет од христијанското собрание додека не докаже дека вистински се кае (1. Кор. 5:11-13; 6:9, 10).

18. Како некој што е исклучен може да покаже дека искрено се кае, и кој ќе биде резултатот од тоа?

18 За да покаже дека искрено се кае, некој што е исклучен треба редовно да доаѓа на состаноците и да го применува советот на старешините редовно да се моли и да ја проучува Библијата. Исто така, треба совесно да се труди да ги избегнува работите кои би можеле да го наведат повторно да направи грев. Ако дава сѐ од себе да си го поправи пријателството со Јехова, може да биде уверен дека Јехова потполно ќе му прости и дека старешините ќе му помогнат повторно да биде дел од собранието. Се разбира, додека се обидуваат да согледаат дали некој вистински се покајал, старешините имаат на ум дека секој случај е поинаков. Затоа се трудат добро да ги испитаат сите фактори и внимаваат да не поставуваат крути и неразумни барања.

19. Што вклучува вистинското каење? (Езекиел 33:14-16).

19 Како што видовме, вистинското каење вклучува многу повеќе отколку само некој да каже дека му е жал за направениот грев. Потребно е да направи промени во умот и во срцето, и да почне да постапува на начин со кој ќе покаже дека се кае. Тоа значи дека треба да престане со своето неисправно постапување и да почне повторно да живее според Јеховините мерила. (Прочитај Езекиел 33:14-16.) На оној што направил грев, најважно нешто треба да му биде да си го поправи својот нарушен однос со Јехова.

ДА ИМ ПОМОГНЕМЕ НА ОНИЕ ШТО ЗГРЕШИЛЕ ДА СЕ ПОКААТ

20-21. Како би можеле да му помогнеме на некој што направил сериозен грев?

20 Самиот Исус кажал кој е еден важен аспект на неговата служба. Тој рекол: „Дојдов да ги повикам на покајание... грешниците“ (Лука 5:32). И ние треба да имаме таква желба. Да речеме дека некој наш близок пријател направил сериозен грев, и ние сме дознале за тоа. Што ќе направиме?

21 Ќе му нанесеме штета на нашиот пријател доколку го криеме неговиот грев. Всушност, ниту еден грев не може да се скрие бидејќи Јехова гледа сѐ (Изр. 5:21, 22; 28:13). Можеме да му помогнеме на нашиот пријател ако го потсетиме дека старешините се спремни да пружат помош. Ако тој не сака да им го признае својот грев на старешините, ние треба да им кажеме за тоа. Така ќе покажеме дека навистина сакаме да му помогнеме. Тоа е многу важно бидејќи во опасност е неговото пријателство со Јехова!

22. Што ќе разгледаме во следната статија?

22 Но, што ако некој сериозно му грешел на Јехова, и тоа подолго време, и старешините одлучиле дека треба да биде исклучен? Дали тоа значи дека постапиле немилосрдно со него? Во следната статија ќе разгледаме како Јехова им покажува милост на грешниците со тоа што ги укорува, и ќе видиме како може да го следиме неговиот пример.

ПЕСНА 103 Пастирите — дар од Бог

^ пас. 5 Вистинското каење вклучува многу повеќе отколку само да кажеме дека ни е жал за гревот што сме го направиле. Оваа статија ќе ни помогне да разбереме што значи тоа некој вистински да се кае. За таа цел ќе го разгледаме примерот на цар Ахав, на цар Манасија и на изгубениот син од споредбата на Исус. Исто така, ќе видиме кои работи старешините треба да ги земат предвид за да проценат дали некој соверник кој направил сериозен грев вистински се кае.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Исполнет со гнев, цар Ахав им наредува на стражарите да го фрлат Јеховиниот пророк Михаија в затвор.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКАТА: Цар Манасија наредува да бидат уништени идолите кои ги поставил во храмот.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКАТА: На изгубениот син, кој е исцрпен по долгото патување, му олеснува кога конечно го здогледува својот дом во далечината.