Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

1921 — пред сто години

1921 — пред сто години

„КАКВА работа нѐ очекува во текот на оваа година?“ Ова прашање им било поставено на Истражувачите на Библијата во Стражарска кула од 1 јануари 1921 год. Како одговор, биле цитирани зборовите од Исаија 61:1, 2: „Јехова ме помаза за да им ја објавам добрата вест на кротките... да ја објавам годината на Јеховината милост и денот на одмаздата на нашиот Бог“. Ова ги потсетило на нивната задача да ја проповедаат добрата вест.

БЕСТРАШНИ ПРОПОВЕДНИЦИ

За да ја исполнат оваа задача, Истражувачите на Библијата требало да бидат храбри. Тие требало да им ја објавуваат „добрата вест на кротките“, како и „денот на одмаздата“ на злите.

Брат Џон Хоскин, кој живеел во Канада, храбро сведочел и покрај противењето. Пролетта 1921 год., тој наишол на еден методистички свештеник. Брат Хоскин го започнал разговорот велејќи: „Треба да имаме пријатен разговор во врска со Библијата. Па дури и да имаме различно мислење за некои работи, сепак разговорот може смирено да го завршиме и да се разделиме пријателски“. Но, тоа не се случило. Брат Хоскин рекол: „Разговаравме само неколку минути, кога свештеникот толку силно ја тресна вратата што помислив дека стаклото од неа ќе падне на подот“.

„Што не одиш да зборуваш со безбожниците?“, извикал свештеникот. Брат Хоскин ништо не му одговорил, но додека си заминувал, си помислил: „Само што зборував со еден таков“.

Следниот ден, кога држел проповед во црквата, свештеникот почнал да зборува лоши работи за брат Хоскин. „Тој им кажал на луѓето дека јас сум најголемиот измамник што некогаш се појавил во градот и дека треба да ме стрелаат“, рекол брат Хоскин. Но, ова не го обесхрабрило, туку продолжил да проповеда и разговарал со многу луѓе. Тој додал: „Никогаш не сум уживал во службата толку многу. Некои од луѓето дури ми велеа: ’Знаеме дека си Божји човек!‘, и беа спремни да ми дадат некои работи што ми беа потребни“.

ЛИЧНО И СЕМЕЈНО ПРОУЧУВАЊЕ

За да им се помогне на заинтересираните лица духовно да напредуваат, Истражувачите на Библијата редовно објавувале библиски прашања и одговори во списанието Златен век. * Имало библиски прашања за млади, кои родителите можеле да ги разгледуваат заедно со своите деца. Родителите требало да им ги постават тие прашања на децата и да им помогнат да ги најдат одговорите во Библијата. Некои прашања како, на пример, „Колку книги има во Библијата?“, им помагале да научат некои основни факти. А некои други како, на пример, „Дали секој вистински христијанин треба да очекува дека ќе биде прогонуван?“, ги подготвувале младите храбро да проповедаат.

Исто така, имало библиски прашања и одговори за оние кои веќе имале поголемо знаење за Библијата. Одговорите се темелеле на првиот том од книгата Студии на Светото писмо. Овие прашања им користеле на илјадници читатели, но во списанието Златен век од 21 декември 1921 год., било објавено дека вакви прашања веќе нема да се објавуваат. Зошто дошло до оваа промена?

НОВА КНИГА!

Книгата Божја харфа

Картичка со материјал за читање

Картички со прашања

Браќата што предводеле сфатиле дека е потребно интересентите да учат за библиските вистини на еден поорганизиран начин, односно тема по тема. За таа цел, во ноември 1921 год. била издадена книгата Божја харфа. Заинтересираните лица кои ќе ја земеле книгата, во исто време започнувале курс за самостојно проучување на Библијата со помош на оваа книга. Ваквото проучување им помагало да дознаат дека Божјата намера е луѓето да живеат вечно. Како течел курсот?

Кога некој ќе добиел примерок од книгата, добивал и картичка на која било отпечатено кој материјал од книгата да го прочита. Следната седмица по пошта добивал друга картичка на која имало прашања во врска со она што го прочитал. На крајот од картичката бил наведен материјалот за читање за следната седмица.

Во период од 12 седмици, интересентот секоја седмица добивал нова картичка која била испраќана од најблиското собрание. Честопати, картичките ги испраќале оние браќа и сестри кои биле постари или не можеле да одат од куќа до куќа. На пример, Ана Гарднер од Милвејл (Пенсилванија, САД) рекла: „Кога излезе книгата Божја харфа, тоа ѝ овозможи на мојата сестра Тејл, која беше инвалид, да прави повеќе во службата така што секоја седмица ги испраќаше картичките со прашања“. Кога интересентот ќе завршел со курсот, некој од собранието ќе го посетел за да му помогне и понатаму да учи за Библијата.

Тејл Гарднер во инвалидска количка

ШТО ПОНАТАМУ

На крајот од годината, брат Ратерфорд испратил писмо до сите собранија. Тој напишал дека таа година, како ниедна година претходно, се дало големо сведоштво за Царството и им се помогнало на многу луѓе да ја дознаат вистината. Потоа додал: „Нѐ чека уште многу работа. Поттикнувајте и други да ни се придружат во ова прекрасно дело“. Очигледно е дека Истражувачите на Библијата го послушале овој совет. Во 1922 год., тие бестрашно проповедале за Царството во уште поголеми размери.

^ пас. 9 Во 1937 год. списанието Златен век било преименувано во Утеха, а во 1946 год. во Разбудете се!