СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 43
„Вистинската мудрост гласно вика“
Вистинската мудрост гласно вика на улица. Го пушта својот глас на плоштадите (ИЗР. 1:20)
ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1. Како многумина реагираат на мудрите совети од Библијата? (Изреки 1:20, 21).
ВО МНОГУ земји, вообичаено е да се видат насмеани објавители кои стојат на прометни улици и им нудат публикации на минувачите. Дали и ти си учествувал во овој интересен вид служба? Ако да, без сомнение си помислил на споредбата од книгата Изреки во врска со мудроста која гласно вика на јавно место за луѓето да ги чујат нејзините совети. (Прочитај Изреки 1:20, 21.) Во Библијата и во нашите публикации се наоѓа „вистинската мудрост“ — мудроста од Јехова. Оваа мудрост им е неопходна на луѓето за да можат да го направат првиот чекор на патот кој води во вечен живот. Ние многу се радуваме кога некој ќе земе некоја од нашите публикации. Но, не го прави секој тоа. Некои не сакаат да дознаат што вели Библијата. Други ни се потсмеваат. Тие сметаат дека Библијата е застарена книга. Некои пак ги критикуваат моралните вредности за кои поучува Библијата и тврдат дека оние кои се држат за нив се крути и самоправедни. Сепак, Јехова продолжува со љубов да им ја дава на сите својата мудрост. Како го прави тоа?
2. Каде може да се најде вистинската мудрост, но што одлучуваат да прават повеќето луѓе?
2 Еден начин на кој Јехова ни помага да ја чуеме вистинската мудрост е преку неговата Реч, Библијата. Оваа книга му е достапна речиси секому. А што е со нашите публикации кои се темелат на Библијата? Благодарение на благословот што ни го дава Јехова, тие се достапни на повеќе од 1.000 јазици. Оние што слушаат, односно оние што читаат и го применуваат она што го учат, ќе извлечат корист. Сепак, повеќето луѓе одлучуваат да не го слушаат гласот на вистинската мудрост. Кога треба да донесат одлуки, тие повеќе сакаат да се потпрат на себеси или да ги слушаат другите луѓе. Тие можеби дури и нѐ потценуваат затоа што ние сакаме да ги следиме советите од Библијата. Во оваа статија ќе разгледаме зошто луѓето реагираат на ваков начин. Но, прво да видиме како можеме да добиеме мудрост од Јехова.
ЗНАЕЊЕТО ОД ЈЕХОВА ВОДИ ДО МУДРОСТ
3. Што вклучува вистинската мудрост?
3 Мудроста може да се дефинира како способност да го користиме она што го знаеме за да носиме добри одлуки. Меѓутоа, вистинската мудрост вклучува нешто повеќе. Во Библијата пишува: „Стравот од Јехова е првото нешто кое е потребно за да се стекне мудрост, а знаењето за Најсветиот донесува разборитост“ (Изр. 9:10). Значи, кога стоиме пред некоја важна одлука, треба да дознаеме што мисли Јехова за таа работа. Тоа може да го направиме така што ќе ги проучуваме Библијата и библиските публикации. На тој начин покажуваме вистинска мудрост (Изр. 2:5-7).
4. Зошто Јехова е единствениот кој може да ни даде вистинска мудрост?
4 Јехова е единствениот кој може да ни даде вистинска мудрост (Рим. 16:27). Зошто може да се каже дека мудроста доаѓа од Јехова? Прво, Јехова е Творецот и тој знае сѐ за своите созданија (Пс. 104:24). Второ, сето она што го прави Јехова покажува дека е мудар (Рим. 11:33). Трето, мудрите совети од Јехова секогаш им користат на оние што ги применуваат (Изр. 2:10-12). Ако сакаме да бидеме вистински мудри, мора да ги прифатиме овие основни вистини и да дозволиме тие да нѐ водат во нашите одлуки и постапки.
5. Каков е резултатот кога луѓето не признаваат дека вистинската мудрост може да ја даде само Јехова?
5 Многу луѓе кои ги среќаваме во службата им се воодушевуваат на чудесните творби во природата, но не признаваат дека има Творец, туку ѝ го припишуваат тоа на еволуцијата. Други кои ги среќаваме тврдат дека веруваат во Бог, но ги сметаат библиските мерила за застарени и сакаат да живеат како што ним им одговара. Каков е резултатот од тоа? Дали светот е подобар затоа што луѓето живеат според својата мудрост, а не според Божјата? Дали луѓето нашле вистинска среќа или сигурна надеж за иднината? Она што го гледаме околу нас ја потврдува следнава вистина: „Нема ни мудрост, ни разборитост, ни совет против Јехова“ (Изр. 21:30). Ова нѐ поттикнува да продолжиме да ја бараме вистинската мудрост кај Јехова! За жал, повеќето луѓе не го прават тоа. Зошто?
ЗОШТО МНОГУМИНА ЈА ОТФРЛААТ ВИСТИНСКАТА МУДРОСТ
6. Според Изреки 1:22-25, кој не сака да ја слуша мудроста од Јехова?
6 Многумина не сакаат да слушаат кога „вистинската мудрост гласно вика на улица“. Според Библијата, има три групи кои ја отфрлаат мудроста. Тие се опишани како „неискусни“, „потсмевачи“ и „безумници“. (Прочитај Изреки 1:22-25 и фуснота.) Да разгледаме подетално поради кои особини ваквите луѓе ја отфрлаат Божјата мудрост и да видиме што ќе ни помогне да не развиеме такви особини.
7. Зошто некои избираат да бидат „неискусни“?
7 „Неискусни“ се оние што се лековерни, односно кои веруваат во сѐ што ќе чујат и лесно може да бидат заведени (Изр. 14:15, фус.). Честопати среќаваме такви луѓе во службата на проповедање. На пример, размисли за милионите лица кои се заведени од религиозните или политичките водачи. Некои се шокирани кога ќе сфатат дека биле излажани од ваквите водачи. Но оние што се спомнати во Изреки 1:22 избираат да бидат неискусни бидејќи го сакаат тоа (Ерем. 5:31). Тие го прават она што им се допаѓа и не сакаат да дознаат што вели Библијата или да се држат за мерилата кои се запишани во неа. Многумина го имаат истиот став како една многу религиозна жена во Квебек (Канада). Кога кај неа дошле Сведоци, таа им рекла: „Ако нашиот свештеник нѐ лаже, тоа е негова вина, не е наша!“ Сигурно не сакаме да бидеме како оние кои свесно избираат да бидат излажани (Изр. 1:32; 27:12 фус.).
8. Што ќе ни помогне да станеме искусни, односно мудри?
8 Со добра причина, Библијата нѐ поттикнува да не останеме неискусни. Во неа пишува: „Во разборитоста бидете возрасни“ (1. Кор. 14:20). Ние стануваме искусни, односно мудри, со тоа што ги применуваме библиските начела во нашиот живот. На тој начин, од прва рака гледаме како овие начела ни помагаат да избегнеме некои проблеми и да носиме мудри одлуки. Добро е да се преиспитаме колку сме напредувале во овој поглед. Ако веќе некое време ја проучуваме Библијата и присуствуваме на состаноците, би можеле да се прашаме зошто сѐ уште не сме презеле чекори за да му го заветуваме животот на Јехова и да се крстиме. Ако сме се крстиле, дали се трудиме сѐ подобро да проповедаме и да ги поучуваме другите за добрата вест. Дали нашите одлуки покажуваат дека го применуваме она што го учиме од Библијата? Дали постапуваме со другите како што би постапувал Исус? Доколку сфатиме дека треба да направиме промени, да обрнеме внимание на Јеховините опомени кои му даваат „мудрост на неискусниот“ (Пс. 19:7).
9. Како потсмевачите покажуваат дека ја отфрлаат мудроста?
9 Втората група луѓе кои ја отфрлаат мудроста од Бог се опишани како „потсмевачи“. Понекогаш среќаваме такви лица во службата на проповедање. Тие уживаат да им се потсмеваат на другите (Пс. 123:4). Библијата нѐ предупредува дека во последните денови ќе има многу потсмевачи (2. Пет. 3:3, 4). Исто како зетовите на праведниот Лот, некои луѓе денес не обрнуваат внимание на предупредувањата од Бог (1. Мој. 19:14). Многумина им се потсмеваат на оние што живеат според библиските начела. Тие го прават тоа поттикнати од „своите безбожни желби“ (Јуда 7, 17, 18). Описот што Библијата го дава за потсмевачите е сосема соодветен за ставот што го имаат отпадниците и други кои го отфрлаат Јехова!
10. Според Псалм 1:1, што може да ни помогне да не станеме потсмевачи?
10 Што може да ни помогне да не станеме „потсмевачи“? Еден начин е така што нема да се дружиме со оние кои имаат навика да критикуваат. (Прочитај Псалм 1:1.) Ова значи дека не треба да слушаме, ниту да читаме ништо од отпадниците. Треба да внимаваме да не почнеме да се жалиме за сѐ и да се сомневаме во Јехова и во упатствата што ги добиваме преку неговата организација. Затоа, добро е да се прашаме: „Дали секогаш имам да кажам нешто негативно кога ќе добиеме нови упатства или појаснувања? Дали сум склон да им наоѓам мани на оние што предводат во организацијата?“ Ако брзо направиме промени кога ќе забележиме вакви ставови кај себеси, Јехова ќе биде задоволен со нас (Изр. 3:34, 35).
11. Како безумниците гледаат на Јеховините мерила?
11 Третата група луѓе кои ја отфрлаат мудроста се опишани како „безумници“. Тие се безумни затоа што не сакаат да живеат според Божјите закони. Го прават она што самите сметаат дека е исправно (Изр. 12:15). Таквите го отфрлаат Јехова — изворот на мудроста (Пс. 53:1). Кога ги среќаваме во службата, тие честопати остро нѐ критикуваат затоа што се држиме за библиските мерила. Но, немаат ништо подобро да ни понудат. Во Библијата пишува: „На глупавиот вистинската мудрост му е превисока, на градската порта тој не ја отвора својата уста“ (Изр. 24:7). Од безумните не можеме да добиеме ниту еден мудар совет. Токму затоа Јехова нѐ предупредува: „Бегај од безумен човек“ (Изр. 14:7).
12. Што ќе ни помогне да не бидеме како безумниците?
12 За разлика од оние што ги мразат Божјите совети, ние учиме да го сакаме начинот на кој размислува Бог во што спаѓаат и сите негови закони. Можеме да ја зајакнеме таквата љубов ако ги споредиме резултатите од послушноста со резултатите од непослушноста. Забележи какви проблеми си прават луѓето затоа што безумно ги отфрлаат Јеховините мудри совети. Потоа размисли колку подобар е твојот живот затоа што си му послушен на Бог (Пс. 32:8, 10).
13. Дали Јехова нѐ присилува да им бидеме послушни на неговите мудри совети?
13 Јехова се погрижил неговата мудрост да им биде достапна на сите, но тој никого не присилува да ја прифати. Сепак, ни открива какви последици трпат оние што не сакаат да ја слушаат неговата мудрост. Оние што избираат да не му бидат послушни на Јехова „ќе ги јадат плодовите од својот пат“ (Изр. 1:29-32). Со текот на времето, нивниот начин на живот ќе им донесе многу болки и страдања, а на крај Јехова ќе ги уништи. Од друга страна, на оние што ги слушаат Јеховините мудри совети и ги применуваат им е ветено: „Кој ме слуша мене, ќе биде спокоен и ќе живее мирно, и нема да се плаши од зло“ (Изр. 1:33).
ВИСТИНСКАТА МУДРОСТ МНОГУ НИ КОРИСТИ
14-15. Што учиме од Изреки 4:23?
14 Кога ги применуваме мудрите совети од Бог, тоа е секогаш за наше добро. Како што видовме, Јехова се погрижил неговите мудри совети да им бидат достапни на сите. На пример, низ целата библиска книга Изреки, тој ни дава совети кои никогаш не застаруваат и кои, ако ги применуваме, ќе ни го подобрат животот. Да разгледаме само четири такви мудри совети.
15 Заштити го своето симболично срце. Во Библијата пишува: „Од сѐ што треба да се чува, најмногу чувај си го срцето, зашто од него извира животот“ (Изр. 4:23). Размисли што треба да правиме за да го заштитиме нашето дословно срце. Треба да се храниме здраво, доволно да вежбаме и да се чуваме од лоши навики. Нешто слично правиме и за да го заштитиме нашето симболично срце. Секој ден се храниме од Божјата Реч. Освен тоа, се подготвуваме за состаноците, присуствуваме на нив и коментираме. Остануваме активни така што редовно учествуваме во службата на проповедање. И внимаваме да не развиеме лоши навики така што се чуваме од сѐ што би можело да го расипе нашето размислување, како на пример неморалната забава и лошото друштво.
16. Зошто советот од Изреки 23:4, 5 е практичен за нас денес?
16 Биди задоволен со она што го имаш. Библијата ни го дава следниов совет: „Не труди се да стекнеш богатство... Зарем ќе ги насочиш очите кон богатството, иако исчезнува за миг? Зашто, тоа си прави крилја како на орел и летнува кон небото“ (Изр. 23:4, 5). Материјалното богатство може да исчезне за миг. Сепак, и богатите и сиромашните денес се преокупирани со тоа да заработат повеќе пари. Токму затоа, тие честопати прават работи со кои си ги уништуваат угледот, односите со другите, па дури и здравјето (Изр. 28:20; 1. Тим. 6:9, 10). Од друга страна, мудроста ни помага да имаме урамнотежено гледиште за парите. Таквото гледиште ни помага да не станеме алчни и да бидеме среќни и задоволни со она што го имаме (Проп. 7:12).
17. Како може да го стекнеме „јазикот на мудрите“ што е спомнат во Изреки 12:18?
17 Размисли пред да кажеш нешто. Ако не сме внимателни, би можеле да предизвикаме голема штета со нашите зборови. Библијата вели: „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“ (Изр. 12:18). Придонесуваме да се зачува мирот ако не ги оговараме другите за нивните слабости (Изр. 20:19). Ако сакаме со нашите зборови да ги лекуваме другите наместо да ги повредуваме, мора да го полниме нашето срце со знаењето од Божјата Реч (Лука 6:45). Кога размислуваме за она што го пишува во Библијата, нашите зборови ќе бидат како извор на мудроста што ги освежува другите (Изр. 18:4).
18. Како тоа што ќе го примениш начелото од Изреки 24:6 ќе ти помогне да бидеш повешт во службата?
18 Следи ги упатствата од организацијата. Библијата ни го дава следниов корисен совет: „Со мудро водство се води војна и спасот е во мноштвото советници“ (Изр. 24:6). Како тоа што го применуваме ова начело ни помага уште подобро да проповедаме и да поучуваме? Наместо да проповедаме и да поучуваме на свој начин, се трудиме да ги следиме предлозите што ги добиваме. Такви предлози, односно мудро водство, добиваме на собраниските состаноци каде што може да учиме од добриот начин на кој другите ги изнесуваат библиските говори и приказите. Освен тоа, Јеховината организација обезбедува делотворни алатки, односно публикации и видеоклипови, кои можат да им помогнат на луѓето да ја разберат Библијата. Дали учиш уште повешто да ги користиш овие алатки?
19. Како гледаш на мудроста што ја дава Јехова? (Изреки 3:13-18).
19 Прочитај Изреки 3:13-18. Навистина многу сме благодарни за мудрите совети што ги добиваме од Божјата Реч. Кој знае што ќе беше со нас да ги немавме овие совети! Во оваа статија разгледавме неколку мудри совети кои се запишани во книгата Изреки. Се разбира, целата Библија е полна со мудри совети од Јехова. Да бидеме решени да ги примениме тие совети на секое подрачје од нашиот живот. Повеќето луѓе не ја ценат мудроста од Бог, но ние сме уверени дека оние што цврсто се држат за неа, ќе бидат прогласени за среќни.
ПЕСНА 36 Да си го чуваме срцето!
^ Мудроста од Јехова е многу подобра од сѐ што овој свет може да ни понуди. Во оваа статија ќе разгледаме една интересна споредба од книгата Изреки — за мудроста која гласно вика на плоштадите. Ќе видиме како можеме да стекнеме вистинска мудрост, зошто некои не сакаат да ја слушаат мудроста од Јехова и како ни користи кога ја слушаме.