Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 41

Можеш да бидеш вистински среќен

Можеш да бидеш вистински среќен

Среќен е секој што се бои од Јехова и оди по неговите патишта (ПС. 128:1)

ПЕСНА 110 Радоста што ни ја дава Јехова

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како нашата среќа е поврзана со нашите „духовни потреби“?

 ВИСТИНСКАТА среќа не е само едно пријатно чувство кое го имаме одвреме-навреме. Среќата може да трае низ целиот живот. Како е можно тоа? Исус зборувал за тоа во својата Проповед на гората. Тој рекол: „Среќни се оние што настојуваат да ги задоволат своите духовни потреби“ (Мат. 5:3). Исус знаел дека луѓето се создадени со „духовни потреби“, односно со силна желба да го запознаат и да му служат на својот Творец, Јехова Бог. А бидејќи Јехова е „среќниот Бог“, и оние што му служат можат да бидат среќни (1. Тим. 1:11).

„Среќни се оние што се прогонувани поради праведноста“ (Мат. 5:10) (види во пасуси 2-3) *

2-3. а) Според Исус, кој друг може да биде среќен? б) Што ќе разгледаме во оваа статија и зошто тоа е потребно?

2 Дали може да бидеме среќни само ако немаме никакви проблеми во животот? Не. Во својата Проповед на гората, Исус кажал нешто необично. Дури и „оние што тагуваат“, можеби затоа што чувствуваат вина поради своите гревови или затоа што имаат големи проблеми, може да бидат среќни. Исус го рекол истото и за „оние што се прогонувани поради праведноста“ или оние што се навредувани затоа што се негови следбеници (Мат. 5:4, 10, 11). Но како е можно да бидеш вистински среќен во такви ситуации?

3 Исус нѐ поучил дека среќата не зависи од тоа дали имаме совршени околности во животот, туку од тоа дали ќе ги задоволиме нашите духовни потреби и дали ќе бидеме блиски со Бог (Јак. 4:8). Како може да го направиме тоа? Во оваа статија ќе разгледаме три чекори кои водат до вистинска среќа.

ХРАНИ СЕ ВО ДУХОВЕН ПОГЛЕД

4. Кој е првиот чекор што води до вистинска среќа? (Псалм 1:1-3).

4 ЧЕКОР 1: За да бидеме вистински среќни, мора да се храниме во духовен поглед. И на луѓето и на животните им е потребна дословна храна за да преживеат. Но, само луѓето можат да се хранат во духовен поглед. Тоа навистина ни е потребно. Токму затоа Исус рекол: „Човек не смее да живее само од леб, туку треба да живее и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (Мат. 4:4). Затоа не треба да дозволиме да помине ниту еден ден без да ја читаме Божјата скапоцена Реч, Библијата. Псалмистот напишал: „Среќен е човекот што... ужива во законот на Јехова и внимателно го чита неговиот закон дење и ноќе“. (Прочитај Псалм 1:1-3.)

5-6. а) Што може да дознаеме од Библијата? б) Како може да ни помогне читањето на Библијата?

5 Бидејќи нѐ сака, Јехова ни дал во Библијата важни информации за тоа како можеме да бидеме среќни. Од неа дознаваме како тој сака да го живееме животот. Дознаваме како можеме да се зближиме со него и да добиеме простување на нашите гревови. Исто така, дознаваме каква прекрасна иднина ни ветува (Ерем. 29:11). Ваквите вистини кои ги дознаваме додека ја проучуваме Библијата ни го исполнуваат срцето со радост.

6 Библијата исто така е полна со практични совети за секојдневниот живот. Кога ги применуваме овие совети, ние сме вистински среќни. Секогаш кога ќе се обесхрабриш поради проблемите во животот, одвој повеќе време за да ја читаш Јеховината Реч и длабоко да размислуваш за неа. Исус рекол: „Среќни се оние што ја слушаат речта Божја и ја држат!“ (Лука 11:28).

7. Како можеш најдобро да го искористиш времето што си го одвоил за да ја читаш Божјата Реч?

7 Кога ја читаш Божјата Реч, одвој си време да уживаш во читањето. Да наведеме еден пример. Замисли си дека некој ти зготвил едно од твоите омилени јадења. Но, можеби немаш доволно време да јадеш или вниманието ти е одвлечено од нешто друго, и затоа брзо ја голташ храната без да го почувствуваш секој залак. Откако завршуваш со јадењето, сфаќаш дека јадеше многу брзо и посакуваш да јадеше побавно и да уживаше во секој залак. Нешто слично може да се случи и кога ја читаме Библијата. Понекогаш читаме толку брзо што пропуштаме „да се насладуваме“ со она што го пишува во неа. Одвој си време да уживаш во читањето на Божјата Реч. Замисли си ги ситуациите, звуците, гласовите и размислувај за она што го читаш. Ако го правиш ова, ќе бидеш посреќен.

8. Како „верниот и разборит роб“ ја исполнува својата улога? (Види ја и фуснотата.)

8 Исус го поставил „верниот и разборит роб“ за да ни дава духовна храна во вистинско време, и затоа имаме сѐ што ни е потребно во духовен поглед * (Мат. 24:45). Божјата Реч, која е напишана под водство на светиот дух, е основната состојка на сето она што ни го дава верниот роб (1. Сол. 2:13). Поради тоа, таа духовна храна ни помага да го запознаеме размислувањето на Јехова, кое тој ни го открива во Библијата. Токму затоа ги читаме списанијата Стражарска кула и Разбудете се!, како и статиите кои излегуваат на нашата интернет-страница. Освен тоа, се подготвуваме за собраниските состаноци, а ја гледаме и секоја месечна емисија од JW Broadcasting®, доколку е достапна на нашиот јазик. Ако се храниме во духовен поглед, ќе можеме да го направиме вториот чекор што води до вистинска среќа.

ЖИВЕЈ СПОРЕД ЈЕХОВИНИТЕ МЕРИЛА

9. Кој е вториот чекор што води до вистинска среќа?

9 ЧЕКОР 2: За да бидеме вистински среќни, треба да живееме според Јеховините мерила. Псалмистот напишал: „Среќен е секој што се бои од Јехова и оди по неговите патишта“ (Пс. 128:1). Да се боиме од Јехова значи толку многу да го почитуваме што ќе внимаваме да не направиме нешто со кое би го повредиле (Изр. 16:6). Затоа, постојано се трудиме да живееме според Божјите мерила за исправно и погрешно кои се наоѓаат во Библијата (2. Кор. 7:1). Ќе бидеме среќни ако ги правиме работите што Јехова ги сака и ако ги отфрламе работите што тој ги мрази (Пс. 37:27; 97:10; Рим. 12:9).

10. Освен што знаеме која е Јеховината волја, што треба да правиме? (Римјаните 12:2).

10 Прочитај Римјаните 12:2. Не е доволно само да знаеме дека Јехова има право да одлучи што е исправно, а што погрешно, туку мора и да постапуваме според Божјите мерила. На пример, некој може да знае дека властите имаат право да одредат со која брзина ќе се вози на автопат. Но, можеби не сака да постапува според тие ограничувања. Затоа, тој вози побрзо отколку што е дозволено. Со нашето однесување ние покажуваме дека сме уверени дека најдобро ќе живееме ако ги следиме Јеховините мерила (Изр. 12:28). Давид го имал истиот став. Затоа за Јехова рекол: „Ќе ми дадеш да го запознаам патот на животот. Твоето лице ќе ме насити со радост, а во твојата десница е вечното блаженство“ (Пс. 16:11).

11-12. а) На што треба да внимаваме кога сме загрижени или обесхрабрени? б) Како можат да ни помогнат зборовите од Филипјаните 4:8 при изборот на забава и рекреација?

11 Кога сме загрижени или обесхрабрени, можеби чувствуваме потреба да правиме нешто што ќе ни помогне да избегаме од проблемите. Иако ова е разбирливо, треба да внимаваме да не правиме нешто што Јехова го мрази (Еф. 5:10-12, 15-17).

12 Во своето писмо до Филипјаните, апостол Павле ги поттикнал христијаните да продолжат да размислуваат за „сѐ што е праведно... чисто... допадливо... [и] доблесно“. (Прочитај Филипјаните 4:8.) Иако тука Павле не мислел конкретно на изборот на забава и рекреација, она што го напишал треба да влијае и врз ова подрачје од нашиот живот. Пробај го следново: Секаде каде што се појавува зборчето „сѐ“ замени го со „песни“, „филмови“, „книги“ или „видеоигри“. Тоа ќе ти помогне да процениш што би било прифатливо за Јехова, а што не. Сакаме нашиот живот да биде во склад со Јеховините високи мерила (Пс. 119:1-3). Така ќе можеме со чиста совест да го направиме третиот чекор што води до вистинска среќа (Дела 23:1).

СТАВИ ГО ЈЕХОВА НА ПРВО МЕСТО ВО ЖИВОТОТ

13. Кој е третиот чекор што води до вистинска среќа? (Јован 4:23, 24).

13 ЧЕКОР 3: На прво место во животот нека ти биде да му служиш на Јехова. Како наш Творец, Јехова заслужува да го обожаваме (Отк. 4:11; 14:6, 7). Затоа, најважно треба да ни биде да го обожаваме Јехова на начин што тој го одобрува, „со дух и со вистина“. (Прочитај Јован 4:23, 24.) Ние сакаме да го обожаваме Јехова во склад со водството од светиот дух и со вистините кои се запишани во неговата Реч. Обожавањето на Јехова треба да ни биде на прво место, дури и ако живееме во земја каде што нашето дело е ограничено или забрането. Во моментов, повеќе од 100 наши браќа и сестри се затворени само затоа што се Јеховини сведоци. * И покрај тоа, тие се среќни затоа што прават сѐ што можат за да се молат, да проучуваат и да им кажуваат на другите за нашиот Бог и за неговото Царство. Кога луѓето нѐ критикуваат или прогонуваат, среќни сме затоа што Јехова ни помага да истраеме и знаеме дека тој ќе нѐ награди (Јак. 1:12; 1. Пет. 4:14).

СОВРЕМЕН ПРИМЕР

14. Што му се случило на еден млад брат од Таџикистан, и зошто?

14 Постојат современи примери кои потврдуваат дека овие три чекори кои ги разгледавме навистина можат да ни помогнат да бидеме вистински среќни без разлика на нашите околности. Размисли за она што му се случило на 19-годишниот Џовидон Бобоџонов од Таџикистан кој одбил да служи воен рок. На 4 октомври 2019 год., бил насила одведен од својот дом, со месеци чуван во притвор и со него се постапувало како со криминалец. Оваа неправда го привлече вниманието на меѓународната јавност. Во медиумите беше известувано дека бил тепан со цел да му вршат притисок да даде воена заклетва и да облече униформа. Тој бил осуден и испратен во работнички логор каде што останал сѐ додека претседателот на државата не го помилувал и наредил да биде ослободен. Низ целиот тој период, брат Џовидон му останал верен на Јехова и бил среќен. Што му помогнало во тоа? Секогаш обрнувал внимание на своите духовни потреби.

Џовидон се хранел во духовен поглед, живеел според Божјите мерила и најважно му било да му служи на Јехова (види во пасуси 15-17)

15. Како Џовидон се хранел во духовен поглед додека бил во затвор?

15 Додека бил во затвор, Џовидон се хранел во духовен поглед иако немал Библија и ниту една од нашите публикации. Како било возможно тоа? Локални браќа и сестри му носеле храна, а на ќесите во кои биле намирниците му го пишувале дневниот стих. На тој начин, можел да ја чита Библијата секој ден и да размислува за неа. Откако излегол од затвор, тој го дал следниов совет за оние кои сѐ уште не се соочиле со тешки испити на верата: „Многу е важно да ја искористите слободата за добро да го запознаете Јехова така што ќе ја читате неговата Реч и нашите публикации“.

16. Кон што ги насочил Џовидон своите мисли?

16 Нашиот брат живеел според Јеховините мерила. Наместо да размислува за погрешни желби и да прави лоши работи, тој ги насочил своите мисли кон Јехова и кон она што е вредно во Негови очи. Џовидон се восхитувал на убавината на Јеховините созданија. Секое утро кога се будел, ги слушал птиците како пеат, а навечер ги набљудувал месечината и ѕвездите. Тој рекол: „Тие дарови од Јехова ме тешеа и ме храбреа“. Ако сме благодарни за сето она што Јехова ни го дава во физички и духовен поглед, ќе бидеме радосни и таа радост ќе ни ја даде потребната сила да истраеме.

17. Како зборовите од 1. Петрово 1:6, 7 може да се применат на некој кој можеби ќе се најде во слична ситуација како Џовидон?

17 Исто така, Џовидон го ставил Јехова на прво место во животот. Тој знаел колку е важно да му остане верен на вистинскиот Бог. Исус рекол: „Јехова, својот Бог, обожавај го и само нему служи му!“ (Лука 4:8). Воените командири и војниците сакале Џовидон да се откаже од својата вера. Но, тој сесрдно му се молел на Јехова ден и ноќ за да му помогне да не се откаже и да не ја погази својата вера. И покрај сите неправди што ги доживеал, Џовидон му останал верен на Јехова. Како резултат на тоа, тој сега може да се радува бидејќи има нешто што го немал пред да биде одведен од својот дом, тепан и затворен — испитана вера. (Прочитај 1. Петрово 1:6, 7.)

18. Како може да останеме среќни?

18 Јехова знае што ни е потребно за да бидеме вистински среќни. Ако ги правиш овие три чекори кои водат до вистинска среќа, ќе можеш да останеш среќен и кога ќе се соочиш со тешкотии. Тогаш и ти ќе можеш да кажеш: „Среќен е народот чиј Бог е Јехова!“ (Пс. 144:15).

ПЕСНА 89 Применувај сѐ што учиш

^ Многу луѓе денес не се вистински среќни. Зошто? Тие ја бараат среќата на погрешен начин, им се препуштаат на задоволствата или се трудат да стекнат богатство, слава или моќ. Но, кога бил на Земјата, Исус им рекол на луѓето што треба да прават за да бидат среќни. Во оваа статија ќе видиме кои три чекори можат да ни помогнат да бидеме вистински среќни.

^ Види ја статијата „Дали добиваш ’храна во вистинско време‘?“, која излезе во Стражарска кула од 15 август 2014.

^ За повеќе информации во врска со ова, истражувај на интернет-страницата jw.org под „Затворени због својих веровања“.

^ ОПИС НА СЛИКАТА: Во оваа одглумена сцена, еден брат го апсат и го носат на суд додека неговите соверници му ја даваат својата поддршка.