СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 42
Среќни се оние што му се верни на Јехова
Јехова ги чува верните (ПС. 31:23)
ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1-2. а) Како постапуваат некои власти со слугите на Јехова, но како реагираат тие? б) Зошто може да останеме среќни дури и кога сме прогонувани? (Коментирај ја и сликата на насловната страница.)
ВО МОМЕНТОВ нашето дело е ограничено или забрането во повеќе од 30 земји низ целиот свет. Во некои од тие земји, властите ги затвораат нашите браќа и сестри. Какво злодело направиле? Од Јеховина гледна точка, никакво. Тие се обвинети само затоа што ја читале и проучувале Библијата, им зборувале на другите за своите верувања и присуствувале на состаноците заедно со своите соверници. Исто така, тие одбиле да се мешаат во политика. И покрај силното противење, овие браќа и сестри му остануваат верни на Јехова, односно покажуваат дека му се потполно оддадени. И поради тоа се многу среќни!
2 Веројатно си видел слики од некои од овие храбри Сведоци и си забележал дека се насмеани. Тие се радуваат затоа што знаат дека Јехова е задоволен со нив бидејќи му остануваат верни (Пс. 4:3). Исус рекол: „Среќни се оние што се прогонувани поради праведноста... Радувајте се и воскликнувајте, зашто голема е вашата награда“ (Мат. 5:10-12).
ПРИМЕР ОД КОЈ МОЖЕ ДА УЧИМЕ
3. Според Дела 4:19, 20, што направиле апостолите кога биле прогонувани, и зошто?
3 Она што го доживуваат нашите браќа и сестри е слично на она што го доживеале апостолите од првиот век кога биле прогонувани затоа што проповедале за Исус. Судиите на еврејскиот врховен суд неколкупати им наредиле да не зборуваат во Исусово име (Дела 4:18; 5:27, 28, 40). Што направиле апостолите? (Прочитај Дела 4:19, 20.) Тие знаеле дека некој што има поголема власт им заповедал да му проповедаат на народот и да сведочат темелно за Христос (Дела 10:42). Затоа нивните претставници, Петар и Јован, храбро рекле дека ќе му бидат послушни на Бог наместо на тие судии и дека нема да престанат да зборуваат за Исус. Всушност, тие како да им рекле на судиите: „Дали се осмелувате да кажете дека имате поголема власт од Бог?“
4. Според Дела 5:27-29, каков пример им оставиле апостолите на сите вистински христијани, и како може да се угледаме на нив?
4 Апостолите оставиле добар пример кој сите вистински христијани го следат оттогаш наваму. Тие биле решени да му се покоруваат на Бог, а не на луѓето. (Прочитај Дела 5:27-29.) Откако биле истепани затоа што му останале верни на Бог, апостолите излегле од еврејскиот врховен суд радувајќи се што биле „достојни да поднесат срам поради [Исусовото] име“, и веднаш потоа продолжиле да проповедаат (Дела 5:40-42).
5. На кои прашања треба да добиеме одговор?
5 Примерот што го оставиле апостолите покренува неколку прашања. На пример, дали нивната одлука да му бидат послушни на Бог наместо на луѓето била во склад со библиската заповед да им бидат подложни на властите? (Рим. 13:1). Како можеме ние денес да им бидеме подложни на властите и на владетелите, како што рекол апостол Павле, а во исто време да му бидеме верни на Бог како на наш Врховен Владетел? (Тит 3:1).
„ВЛАСТИТЕ ШТО СЕ НАД НЕГО“
6. а) Кои се властите што се спомнати во Римјаните 13:1, и каква обврска имаме кон нив? б) Што знаеме за сите човечки владетели?
6 Прочитај Римјаните 13:1. Во овој стих пишува дека секој човек треба да им биде подложен на „властите што се над него“. Овие власти се човечките владетели кои имаат моќ и власт над другите. Христијаните мора да им бидат послушни на човечките владетели. Тие го одржуваат јавниот ред и мир, го спроведуваат законот и понекогаш застануваат во одбрана на Јеховиниот народ (Отк. 12:16). Затоа треба да им го даваме она што го бараат од нас — даноци, давачки, страв и чест (Рим. 13:7). Меѓутоа, тие човечки владетели имаат власт само затоа што Јехова им го дозволува тоа. Исус јасно укажал на овој факт кога бил испрашуван од римскиот управител Понтиј Пилат. Кога Пилат му рекол дека има власт да му го поштеди животот или да го осуди на смрт, Исус му рекол: „Не ќе имаше никаква власт над мене ако не ти беше дадена одозгора“ (Јован 19:11). Како што било случај со Пилат, и денешните човечки владетели и политичари имаат ограничена власт.
7. Во кои ситуации не треба да им бидеме послушни на човечките владетели, и за што треба да бидат свесни тие?
7 Христијаните мора да им бидат послушни на законите што ги носат човечките власти сѐ додека тие не се косат со Божјите закони. Но, ние не можеме да им бидеме послушни на луѓето кога бараат од нас да правиме нешто што Бог го забранува или кога ни забрануваат нешто што Бог го бара од нас. На пример, тие можеби бараат младите мажи да одат во војска и да се борат за својата држава. * Или можеби ни забрануваат да ги користиме нашиот превод на Библијата и нашите публикации, како и да проповедаме и да се собираме заедно за да го обожаваме Јехова. Кога ја злоупотребуваат својата власт, како на пример кога ги прогонуваат Христовите следбеници, владетелите мора да му поднесат сметка на Бог. Јехова ги набљудува (Проп. 5:8).
8. Која е разликата меѓу Јехова и човечките владетели?
8 Иако човечките влади имаат голема власт, сепак тие ја немаат врховната власт. Таа власт му припаѓа само на Јехова. Всушност, Библијата на многу места го нарекува „Севишниот“ (Дан. 7:18, 22, 25, 27).
„СЕВИШНИОТ“
9. Што видел пророкот Даниел во виденија?
9 Пророкот Даниел видел виденија кои јасно покажале дека Јехова има поголема власт од сите други владетели. Даниел прво видел четири огромни ѕверови што ги претставуваат светските сили кои владееле во минатото — Вавилон, Медо-Персија, Грција и Рим, како и светската сила која владее денес — Англо-Америка (Дан. 7:1-3, 17). Потоа Даниел го видел Јехова Бог, кој седел на својот небесен престол (Дан. 7:9, 10). Она што овој верен пророк го видел потоа треба да им служи како предупредување на денешните владетели.
10. Според Даниел 7:13, 14, 27, кому Јехова ќе му ја даде власта над Земјата, и што покажува ова за него?
10 Прочитај Даниел 7:13, 14, 27. Бог ќе им ја одземе сета власт на човечките владетели и ќе им ја даде на други кои повеќе ја заслужуваат и кои се помоќни. Кои се тие? „Некој како син човечки“, односно Исус Христос, и „светите слуги на Севишниот“, односно 144-те илјади кои ќе владеат „во сите векови“ (Дан. 7:18). Со оглед на тоа што само Јехова има власт да направи такво нешто, јасно е дека тој е „Севишниот“.
11. Од кои други зборови на Даниел се гледа дека Јехова е Севишен Владетел?
11 Настанот што Даниел го видел во видение потврдува нешто што тој го кажал претходно. Даниел рекол: „Небесниот Бог... соборува цареви и поставува цареви“. Тој исто така напишал: „Севишниот владее над човечкото царство... [и] го дава кому сака“ (Дан. 2:19-21; 4:17). Дали некогаш се случило Јехова да отстрани или да постави некој владетел? Апсолутно!
12. Наведи пример за тоа како Јехова отстранил од власт некој цар во минатото. (Види ја сликата.)
12 Јехова јасно покажал дека има поголема власт од човечките владетели. Да разгледаме три примери. Египетскиот фараон го држел во ропство Божјиот народ и постојано одбивал да го ослободи. Но Бог ги избавил Израелците и го потопил фараонот во Црвеното Море (2. Мој. 14:26-28; Пс. 136:15). Вавилонскиот цар Валтазар направил гозба и се возвишил себеси „против Господарот на небесата“ и ги фалел „ништожните богови од сребро и злато“ наместо Јехова (Дан. 5:22, 23). Но Бог го понижил овој горделив човек. „Во истата таа ноќ“, Валтазар бил убиен и неговото царство било предадено во рацете на Медијците и Персијците (Дан. 5:28, 30, 31). Царот Ирод Агрипа I од Палестина наредил да биде убиен апостол Јаков и потоа го затворил апостол Петар со намера и него да го убие. Но, Јехова го спречил Ирод да го спроведе својот план. Како? Еден Јеховин ангел предизвикал тој да умре (Дела 12:1-5, 21-23).
13. Наведи пример за тоа како Јехова поразил цели коалиции на владетели?
13 Јехова исто така покажал дека има поголема власт и од цели коалиции на владетели. На пример, кога 31 ханаански цар се здружиле против Израел, Јехова се борел за Израелците и им помогнал да ги погубат овие цареви и да освојат големи подрачја од Ветената земја (Ис. Нав. 11:4-6, 20; 12:1, 7, 24). Јехова исто така им помогнал на Израелците да ги поразат цар Вен-Адад и 32 други сириски цара кои се бореле против Израел (1. Цар. 20:1, 26-29).
14-15. а) Што рекле царевите Навуходоносор и Дариј за власта на Јехова? б) Што напишал псалмистот за Јехова и за неговиот народ?
14 Јехова секогаш одново покажувал дека е Севишниот Владетел. Кога вавилонскиот цар Навуходоносор се фалел со својата силна моќ, слава и величество наместо понизно да признае дека само Јехова заслужува слава, Бог предизвикал тој да го изгуби разумот. Откако му се вратил разумот, Навуходоносор го фалел Севишниот и признал дека Јеховината власт е вечна власт. Тој додал: „Нема таков што може да му ја запре раката“ (Дан. 4:30, 33-35). Исто така, откако верноста на Даниел била испитана и Јехова го спасил од лавовската јама, цар Дариј објавил: „Издавам наредба луѓето во секое подрачје на моето царство да треперат пред Богот на Даниел и да се бојат од Него! Зашто, тој е живиот Бог кој останува довека. Неговото царство нема да пропадне и неговата власт ќе трае засекогаш“ (Дан. 6:7-10, 19-22, 26, 27).
15 Псалмистот напишал: „Јехова им ги расипува намерите на народите, ги осуетува помислите на народите“. Потоа додал: „Среќен е народот кому Јехова му е Бог, народот што тој си го избра за наследство“ (Пс. 33:10, 12). Тоа навистина е многу добра причина зошто треба да му останеме верни на Јехова.
ПОСЛЕДНАТА ВОЈНА
16. Во што можеме да бидеме уверени во врска со големата неволја, и зошто? (Види ја сликата.)
16 Досега разгледавме што направил Јехова во минатото. А што може да очекуваме дека ќе се случи во блиска иднина? Може да бидеме уверени дека Јехова ќе ги заштити своите верни слуги во текот на претстојната „голема неволја“ (Мат. 24:21; Дан. 12:1). Тој ќе го направи ова кога една коалиција од народи позната како Гог од Магог ќе го изврши својот злобен сеопшт напад врз оние кои му се верни на Јехова. Дури и ако во таа коалиција бидат вклучени сите 193 членки на Обединетите нации, Севишниот и неговата небесна војска лесно ќе ги победат. Јехова ветува: „Ќе се возвеличам и ќе се посветам, и ќе се објавам пред очите на многу народи, и тогаш ќе знаат дека јас сум Јехова“ (Езек. 38:14-16, 23; Пс. 46:10).
17. Според Библијата што ќе се случи со „царевите од целиот свет“, а што со оние кои му се верни на Јехова?
17 Нападот на Гог ќе води до војната Армагедон во која Јехова ќе ги уништи „царевите од целиот свет“ (Отк. 16:14, 16; 19:19-21). А што ќе се случи со верните? Јехова ќе ги заштити и тие засекогаш „ќе живеат на земјата“ (Пс. 97:10; Изр. 2:21).
МОРА ДА МУ ОСТАНЕМЕ ВЕРНИ НА ЈЕХОВА
18. На што се решени многу вистински христијани, и зошто? (Даниел 3:28).
18 Многу верни христијани од првиот век па сѐ до денес ја ризикуваат својата слобода, па дури и својот живот, од љубов кон Јехова како нивен Севишен Владетел. Тие се решени да му останат верни на Јехова слично како тројцата Евреи од минатото кои му останале верни на Севишниот, и затоа тој ги спасил од огнената печка. (Прочитај Даниел 3:28.)
19. Зошто е многу важно да му останеме верни на Јехова?
19 Многу е важно да му останеме верни на Јехова бидејќи тој „ќе му врати секому според неговата праведност и според неговата верност“ (1. Сам. 26:23). Освен тоа, „праведникот ќе остане жив поради својата верност“ (Авак. 2:4б). Најдобриот начин на живот е секогаш да му останеме верни на Јехова без разлика со што ќе се соочиме. Така секогаш ќе имаме причина за радост бидејќи „Јехова ги чува верните“ (Пс. 31:23).
ПЕСНА 122 Да бидеме цврсти, непоколебливи!
^ Библијата ги поттикнува христијаните да им бидат послушни на властите. Но во некои земји властите отворено им се противат на Јехова и на неговите слуги. Како можеме да им бидеме послушни на човечките владетели, а во исто време да му останеме верни на Јехова?
^ Види ја статијата „Зошто ние денес не војуваме како Израелците во минатото?“ која се наоѓа во овој број.