Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Прашања од читателите

Прашања од читателите

Дали Израелците имале и некоја друга храна освен мана и потполошки?

Маната била главна храна на Израелците за време на нивното 40-годишно патување низ пустината (2. Мој. 16:35). Исто така, во две прилики, Јехова им дал и потполошки (2. Мој. 16:12, 13; 4. Мој. 11:31). Сепак, Израелците имале извесна количина и друга храна.

На пример, Јехова понекогаш го водел својот народ на места каде што можеле да се одморат и каде што имало вода и храна (4. Мој. 10:33). Едно такво место била оазата Елим, каде што имало „дванаесет извори на вода и седумдесет палми“ — најверојатно урмини палми (2. Мој. 15:27). Во една книга пишува дека урмините палми кои „растат на огромно географско подрачје... се главен извор на храна во пустината. Тие обезбедуваат храна, масло и засолниште за милиони луѓе“ (Plants of the Bible).

Исто така, Израелците можеби застанале кај најголемата оаза која денес е позната како Феиран, која е дел од Вади Феиран. a Според една книга, оваа речна долина, „е долга 130 километри и е една од најдолгите, најубавите и најпознатите речни долини во Синај“ (Discovering the World of the Bible). Во книгата исто така го пишува следново: „На околу 45 километри од устието на оваа речна долина, се наоѓа прекрасната оаза Феиран, долга 4,8 километри, која е преполна со палми и се наоѓа на 610 метри надморска височина. Оваа оаза е еденската градина на Синај. Илјадници години наназад, ова место привлекува многу посетители поради огромниот број урмини палми“.

Урмини палми во оазата Феиран

Кога си заминале од Египет, Израелците понеле со себе тесто, садови за месење леб и веројатно жито и масло. Се разбира, овие работи немало да им траат за долго. Исто така, луѓето понеле „мошне многу ситна и крупна стока“ (2. Мој. 12:34-39). Но, поради суровите услови во пустината, многу од животните веројатно умреле. Некои од нив можеби им служеле како храна на Израелците, а други пак можеби биле жртвувани, дури и на лажни богови b (Дела 7:39-43). Сепак, Израелците одгледувале животни. Ова може да се види од она што Јехова им го кажал кога тие му биле непослушни: „Вашите синови ќе бидат овчари во пустината четириесет години“ (4. Мој. 14:33). Според тоа, можеби од животните што ги одгледувале добивале млеко, а понекогаш и месо. Но, се разбира, тоа не било доволно за да се хранат околу три милиони луѓе во период од 40 години. c

Каде можело да се најде храна и вода за животните? d Во тоа време, во пустината можеби имало повеќе дождови и побогата вегетација. Во Увид во Писмото том 1 пишува дека пред 3.500 години „во Арабија имало повеќе вода отколку во наше време. Тоа што постојат толку многу длабоки и суви речни долини, кои порано биле речни корита, е доказ дека во минатото имало доволно дождови за да се формираат реки“. Сепак, пустината била неплодна и застрашувачка (5. Мој. 8:14-16). Доколку Јехова со чудо не им обезбедел вода, Израелците и животните сигурно ќе изумреле (2. Мој. 15:22-25; 17:1-6; 4. Мој. 20:2, 11).

Мојсеј им рекол на Израелците дека Јехова ги хранел со мана „за да [им] покаже дека човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од Јеховината уста“ (5. Мој. 8:3).

a Види во Стражарска кула од 1 мај 1992, стр. 24-25.

b Во Библијата се спомнати две прилики во кои му биле принесени животински жртви на Јехова во пустината. Првата прилика била кога било поставено свештенството, а втората била на Пасхата. И двата настана се случиле во 1512 год. пр.н.е., односно во втората година откако Израелците излегле од Египет (3. Мој. 8:14 — 9:24; 4. Мој. 9:1-5).

c При крајот на 40-те години во пустината, Израелците зеле илјадници животни како воен плен (4. Мој. 31:32-34). И покрај тоа, тие продолжиле да јадат мана сѐ додека не влегле во Ветената земја (Ис. Нав. 5:10-12).

d Можеме да заклучиме дека животните не јаделе мана бидејќи Јехова му кажал на народот да собира мана според тоа колку можел да изеде секој човек, а притоа не ги спомнал животните (2. Мој. 16:15, 16).