Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 45

Цени ја честа да служиш во Јеховиниот духовен храм

Цени ја честа да служиш во Јеховиниот духовен храм

Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата! (ОТК. 14:7, фус.)

ПЕСНА 93 Благослови ги нашите состаноци!

КРАТОК ПРЕГЛЕД a

1. Што вели еден ангел, и какво значење има тоа за нас?

 ДОКОЛКУ некој ангел би зборувал со тебе, дали би слушал што има да ти каже? Денес, еден ангел му зборува „на секој народ и племе и јазик и народност“. Што им вели тој? „Бојте се од Бог и оддајте му слава... Обожавајте го оној што ги создаде небото и земјата“ (Отк. 14:6, 7, фус.). Јехова е единствениот вистински Бог кому секој треба да му служи. Многу сме му благодарни што ни ја дал скапоцената можност да му служиме во неговиот голем духовен храм!

2. Што е Јеховиниот духовен храм? (Види ја и рамката „ Што не е духовниот храм“.)

2 Што точно е духовниот храм, и каде можеме да најдеме повеќе информации за него? Духовниот храм не е дословна градба. Тој го претставува сето она што Јехова го овозможил преку жртвата на Исус Христос за да можат луѓето да му служат на исправен начин. Апостол Павле објаснил нешто повеќе во врска со ова во писмото што им го напишал на христијаните со еврејско потекло кои живееле во Јудеја во првиот век. b

3-4. Зошто Павле бил загрижен за христијаните со еврејско потекло во Јудеја, и како им помогнал?

3 Зошто Павле им напишал писмо на христијаните со еврејско потекло во Јудеја? Веројатно од две главни причини. Прво, за да ги охрабри. Пред да станат христијани, повеќето од нив припаѓале на еврејската религија, односно на јудаизмот. Нивните поранешни верски водачи можеби ги исмевале затоа што станале христијани. Од која причина ги исмевале? Бидејќи христијаните немале ниту величествен храм, ниту жртвеник на кој ќе му принесуваат жртви на Бог, ниту свештеници. Ова можело да ги обесхрабри Христовите ученици и да им ја ослабне верата (Евр. 2:1; 3:12, 14). Некои од нив можеби дури биле и на искушение да се вратат во јудаизмот.

4 Второ, Павле сакал да ги поттикне христијаните со еврејско потекло да вложуваат поголем труд за да ги разберат новите, односно длабоките учења — „тврдата храна“ која се наоѓа во Божјата Реч (Евр. 5:11-14). Очигледно, некои од нив сѐ уште се држеле за Мојсеевиот закон. Но, Павле објаснил дека жртвите што биле пропишани со Законот не можеле потполно да го отстранат гревот. Од таа причина, Мојсеевиот закон бил укинат. Павле потоа ги поучил за некои подлабоки вистини. Тој ги потсетил своите соверници на „подобрата надеж“ која се темели на жртвата на Исус, која вистински можела да им помогне да му се приближат на Бог (Евр. 7:18, 19).

5. Што треба да разбереме од библиската книга Евреите, и зошто?

5 Павле им објаснил на своите браќа со еврејско потекло зошто начинот на кој му служат на Јехова како христијани е многу подобар од начинот на кој му служеле во минатото. Обележјата на еврејската религија биле „само сенка на она што доаѓа, а самата стварност е Христос“ (Кол. 2:17). Сенката од еден предмет е само одраз на вистинскиот изглед на тој предмет. Слично на тоа, начинот на кој Евреите му служеле на Бог во минатото бил само сенка на стварноста што требало да дојде. Ние треба да го разбереме новиот, христијански начин на обожавање што Јехова го воспоставил во првиот век. Треба да го разбереме сето она што Јехова го направил за да ни бидат простени гревовите, и така да можеме да му служиме на исправен начин. Сега, на темел на она што е објаснето во Евреите, да ја споредиме „сенката“ (обожавањето на Јехова на темел на Мојсеевиот закон) со „стварноста“ (обожавањето на Јехова на темел на жртвата на Исус). На тој начин, ќе можеме подобро да разбереме што е духовниот храм и како ние сме вклучени во него.

СВЕТИОТ ШАТОР

6. Како Израелците го користеле светиот шатор?

6 Сенка. За да објасни што е духовниот храм, Павле се осврнал на светиот шатор, кој бил поставен од Мојсеј во 1512 год. пр.н.е. (Види ја рамката „Сенка — стварност“.) Израелците го носеле светиот шатор секаде каде што се селеле. Тие го користеле речиси 500 години, сѐ додека не бил изграден храм во Ерусалим (2. Мој. 25:8, 9; 4. Мој. 9:22). Овој шатор на средбата бил местото каде што Израелците се собирале за да го обожаваат Бог и да му принесуваат жртви (2. Мој. 29:43-46). Но, шаторот исто така претставувал нешто многу поголемо што требало да дојде за христијаните.

7. Кога духовниот храм станал стварност?

7 Стварност. Светиот шатор бил „сенка на она небесното“ и го претставувал Јеховиниот голем духовен храм. Павле рекол: „Тој шатор е слика за времето кое веќе дојде“ (Евр. 8:5; 9:9). Значи, до времето кога тој им го напишал писмото на Евреите, духовниот храм веќе станал стварност за христијаните. Почнал да постои во 29 год. од н.е. Таа година Исус се крстил, бил помазан со свет дух и почнал да служи како „возвишен првосвештеник“ на Јехова во духовниот храм c (Евр. 4:14; Дела 10:37, 38).

ПРВОСВЕШТЕНИКОТ

8-9. Според Евреите 7:23-27, каква значајна разлика постои помеѓу израелските првосвештеници и возвишениот првосвештеник Исус Христос?

8 Сенка. Првосвештеникот бил овластен да го претставува народот пред Бог. Првиот првосвештеник на Израел, Арон, бил поставен од Јехова кога светиот шатор бил посветен. Меѓутоа, како што објаснил Павле, мнозина морале да ја преземат оваа свештеничка служба бидејќи смртта ги спречувала свештениците трајно да останат во таа служба. d (Прочитај Евреите 7:23-27.) И бидејќи биле несовршени, тие првосвештеници морале да принесуваат жртви за своите сопствени гревови. Ова е значајна разлика меѓу израелските првосвештеници и возвишениот првосвештеник, Исус Христос.

9 Стварност. Како наш првосвештеник, Исус Христос е „слуга кој за луѓето служи... во вистинскиот шатор што го подигна Јехова, а не човек“ (Евр. 8:1, 2). Павле објаснил и дека „поради тоа што [Исус] живее засекогаш, никој нема да ја преземе“ неговата свештеничка служба. Павле додал дека Исус е „неизвалкан, одвоен од грешниците“ и дека, за разлика од првосвештениците во Израел, „не треба секојдневно... да принесува жртви“ за своите сопствени гревови. Да разгледаме сега што претставуваат жртвеникот и жртвите во светиот шатор и оние во духовниот храм.

ЖРТВЕНИКОТ И ЖРТВИТЕ

10. На што укажувале жртвите што биле принесувани на бакарниот жртвеник?

10 Сенка. Пред влезот на шаторот имало бакарен жртвеник на кој му биле принесувани животински жртви на Јехова (2. Мој. 27:1, 2; 40:29). Но, тие жртви не можеле да овозможат потполно простување на гревовите на луѓето (Евр. 10:1-4). Постојаното принесување животински жртви во светиот шатор укажувало на жртвата која потполно ќе ги очисти луѓето од гревот.

11. На каков жртвеник се принел Исус себеси како жртва? (Евреите 10:5-7, 10).

11 Стварност. Исус знаел дека Јехова го пратил на Земјата за да го даде својот живот како откупнина за човештвото (Мат. 20:28). Кога се крстил, Исус покажал дека е спремен да ја врши Божјата волја (Јован 6:38; Гал. 1:4). Тој се принел себеси на еден симболичен жртвеник што ја претставувал Божјата волја. Волјата на Јехова била неговиот Син да го жртвува својот совршен човечки живот. Исус го принел својот живот како жртва „еднаш засекогаш“ за трајно да ги очисти или покрие гревовите на секој што ќе покаже вера во него. (Прочитај Евреите 10:5-7, 10.) Сега ќе разгледаме што било претставено со внатрешните делови на светиот шатор.

СВЕТИЊАТА И СВЕТИЊАТА НАД СВЕТИЊИТЕ

12. Кој смеел да влезе во просториите на светиот шатор?

12 Сенка. Светиот шатор и храмовите што подоцна биле изградени во Ерусалим биле многу слични одвнатре. Внатре имало две простории — „Светиња“ и „Светиња над светињите“ — кои биле одвоени со завеса (Евр. 9:2-5; 2. Мој. 26:31-33). Во Светињата имало златен светилник, жртвеник за палење темјан и маса со изложени лебови. Само на оние кои биле „помазани свештеници“ им било дозволено да влезат во Светињата за да ја вршат својата света служба (4. Мој. 3:3, 7, 10). Во Светињата над светињите се наоѓал златниот ковчег на сојузот со кој било претставено присуството на Јехова (2. Мој. 25:21, 22). Само првосвештеникот смеел да влезе зад завесата, во Светињата над светињите, еднаш годишно на Денот на очистувањето (3. Мој. 16:2, 17). Секоја година, тој влегувал со животинска крв за да изврши очистување за своите сопствени гревови и за гревовите на целиот народ. Со текот на времето, Јехова, преку својот свет дух, разјаснил што вистински претставувале деловите на светиот шатор (Евр. 9:6-8).

13. Што претставуваат Светињата и Светињата над светињите од светиот шатор?

13 Стварност. Само ограничен број од Христовите ученици се помазани со свет дух и имаат посебен однос со Јехова. Овие 144.000 ќе служат како свештеници на небото со Исус (Отк. 1:6; 14:1). Светињата во светиот шатор го претставува посебниот однос што помазаниците го имаат со Бог додека се на Земјата, како негови синови помазани со свет дух (Рим. 8:15-17). Светињата над светињите во светиот шатор го претставува небото, местото каде што престојува Јехова. „Завесата“, која ги одвојувала Светињата од Светињата над светињите, го претставува човечкото тело на Исус. Сѐ додека имал човечко тело, Исус не можел да влезе во небото како возвишен првосвештеник на духовниот храм. Благодарение на тоа што Исус спремно се откажал од своето човечко тело и го дал како жртва за луѓето, сите помазани христијани добиле можност да живеат на небото. И тие мора да се откажат од своето човечко тело за да можат да ја добијат небесната награда (Евр. 10:19, 20; 1. Кор. 15:50). Откако воскреснал, Исус влегол во Светињата над светињите на духовниот храм, каде што со текот на времето ќе бидат и сите помазаници.

14. Според Евреите 9:12, 24-26, зошто начинот на кој го обожаваме Јехова во неговиот духовен храм е многу подобар?

14 Од ова јасно се гледа колку е подобар новиот начин на обожавање што Јехова го овозможил на темел на откупната жртва и свештеничката служба на Исус Христос. Првосвештеникот во Израел влегувал во Светињата над светињите, која била направена од човек, со крвта од животинските жртви. Но, Исус влегол во самото небо, најсветото место, за да се појави пред Јехова. Таму ја принел вредноста на својот совршен човечки живот кој го дал за нас „за да го отстрани гревот со својата жртва“. (Прочитај Евреите 9:12, 24-26.) Жртвата на Исус овозможува потполно и трајно очистување од гревот. Како што ќе видиме, без разлика дали имаме надеж за живот на небото или на Земјата, сите можеме да го обожаваме Јехова во неговиот духовен храм.

ДВОРОВИТЕ

15. Кој служел во дворот на светиот шатор?

15 Сенка. Светиот шатор имал еден двор — отворено, оградено место каде што свештениците ги извршувале своите должности. Големиот бакарен жртвеник за жртви паленици се наоѓал во дворот заедно со мијалникот од бакар, кој свештениците го користеле за да се исчистат пред да почнат да ја извршуваат својата света служба (2. Мој. 30:17-20; 40:6-8). Но, храмовите кои биле изградени подоцна имале и надворешен двор, каде што оние кои не биле свештеници можеле да стојат и да го обожаваат Бог.

16. Кој служи во дворовите на духовниот храм?

16 Стварност. Пред да одат на небото за да служат како свештеници со Исус, помазаниците што сѐ уште се на Земјата верно служат во внатрешниот двор на духовниот храм. Големиот мијалник со вода е важен потсетник за нив и за сите христијани дека треба да останат чисти во морален и во духовен поглед. Тогаш, каде служи големото мноштво кое верно ги поддржува Христовите помазани браќа? Апостол Јован ги видел „како стојат пред престолот“, односно на Земјата во надворешниот двор, каде што „му служат [на Бог] ден и ноќ во неговиот храм“ (Отк. 7:9, 13-15). Многу сме благодарни што Јехова ни дал скапоцена можност да му служиме во неговиот голем духовен храм!

НАШАТА ЧЕСТ ДА МУ СЛУЖИМЕ НА ЈЕХОВА

17. Какви жртви имаме чест да му принесуваме на Јехова?

17 Денес сите христијани ја имаат честа да му принесуваат жртви на Јехова така што ги користат своето време, сила и материјални средства за да му служат. Како што им кажал апостол Павле на христијаните со еврејско потекло, ние секогаш можеме да „му принесуваме на Бог жртва на фалба, односно плод на усните кои го објавуваат неговото име“ (Евр. 13:15). Можеме да покажеме колку сме му благодарни на Јехова за честа што ни ја дал да му служиме така што ќе му ги принесуваме нашите најдобри жртви.

18. Според Евреите 10:22-25, што мора секогаш да правиме и што не смееме никогаш да заборавиме?

18 Прочитај Евреите 10:22-25. При крајот на своето писмо до Евреите, Павле напишал кои работи секогаш мора да ги правиме за да го обожаваме Јехова. Во нив е вклучено да му се молиме на Јехова, да им проповедаме на другите, да одиме на нашите состаноци и да се охрабруваме еден со друг толку повеќе колку што гледаме дека се приближува Јеховиниот ден. При крајот на книгата Откровение, Јеховиниот ангел вели: „Обожавај го Бог!“ (Отк. 19:10; 22:9, фус.). Ова го кажал двапати за да покаже колку е тоа важно. Никогаш да не ги заборавиме овие длабоки духовни вистини во врска со Јеховиниот голем духовен храм и огромната чест што ја имаме да му служиме на нашиот величествен Бог!

ПЕСНА 88 Научи ме за твоите патеки

a Едно од подлабоките учења од Божјата Реч е учењето за Јеховиниот голем духовен храм. Што е тој храм? Во оваа статија ќе разгледаме некои детали во врска со овој храм кои се наоѓаат во библиската книга Евреите. Исто така, оваа статија ќе ни помогне уште повеќе да ја цениме честа што ја имаме да му служиме на Јехова.

b Краток преглед на библиската книга Евреите можеш да најдеш на jw.org во видеоклипот Вовед во Евреите.

c Евреите е единствената книга во Христијанските грчки списи каде што за Исус пишува дека е првосвештеник.

d Според една книга, во Израел можеби имало околу 84 првосвештеници до времето кога бил уништен храмот во Ерусалим во 70 год. од н.е.

e Види во книгата Конечно секој ќе го слави Јехова!, стр. 240 (на српски јазик).

f Види ја рамката „Како духот го откри значењето на духовниот храм“ која излезе во Стражарска кула од 15 јули 2010, на страница 22.