Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

„Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“

„Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“

Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело (ЈОВАН 4:34)

ПЕСНИ: 80, 35

1. Како би можела врз нас да влијае себичноста што преовладува во светот?

ЗОШТО е тешко да живееме според она што го учиме од Божјата Реч? Една причина е тоа што ни треба понизност за да го правиме она што е исправно. Во овие „последни денови“ е тешко да останеме понизни бидејќи многу луѓе се „себељубиви, алчни за пари, вообразени, надуени“ и „без самосовладување“ (2. Тим. 3:1-3). Како Божји слуги, ние знаеме дека ваквото однесување е погрешно, но може да почнеме да им завидуваме на оние што постапуваат на тој начин бидејќи се чини дека се успешни и дека добро им оди во животот (Пс. 37:1; 73:3). Затоа можеби се прашуваме: „Дали навистина вреди да се трудам да ги ставам потребите на другите пред моите? Ако постапувам понизно, дали луѓето сѐ уште ќе ме почитуваат?“ (Лука 9:48). Доколку дозволиме себичноста која преовладува во светот да влијае врз нас, би можеле да си ги нарушиме односите со нашите браќа. Исто така, на другите може да им биде тешко да препознаат дека сме христијани. Но, ако ги проучуваме извештаите за понизните Божји слуги од минатото, и ако се трудиме да се угледаме на нив, ќе пожнееме многу благослови.

2. Што можеме да дознаеме од Библијата за верните Божји слуги од минатото?

2 Што им помогнало на верните слуги на Јехова од минатото да станат негови пријатели? Што правеле за да го зачуваат своето пријателство со него? Што им давало сила да постапуваат исправно? Кога читаме во Библијата за нивниот пример и кога размислуваме за тоа, нашата вера се зајакнува.

ШТО МОЖЕ ДА НИ ЈА ЗАЈАКНЕ ВЕРАТА

3, 4. а) Како нѐ поучува Јехова? б) Зошто може да се каже дека духовната храна не е поврзана само со знаење?

3 Јехова ни дава сѐ што ни е потребно за да имаме цврста вера. Добиваме добри совети и поуки преку Библијата, нашите публикации, интернет-страницата jw.org, онлајн-телевизијата JW Broadcasting, состаноците и собирите. Но, од зборовите на Исус кои се запишани во Јован 4:34 гледаме дека духовната храна не ја примаме само така што стекнуваме знаење. Исус рекол: „Мојата храна е да ја вршам волјата на оној што ме испрати и да го довршам неговото дело“.

4 Вршењето на Божјата волја било како храна за Исус. Во која смисла? Кога јадеме здрава храна, се чувствуваме убаво и го снабдуваме нашиот организам со хранливи материи. Слично на тоа, кога ја вршиме Божјата волја, се чувствуваме убаво и ни се зајакнува верата. На пример, дали некогаш си отишол уморен на состанок за проповедање, но кога си се вратил од служба си бил радосен и освежен?

5. Какви благослови ќе добиеме ако постапуваме мудро?

5 Кога го правиме она што Јехова го бара од нас, покажуваме мудрост (Јак. 3:13). А оние што се мудри имаат многу благослови. Во Изреки 3:13-18 пишува: „Среќен е човекот што ќе најде мудрост... Поскапоцена е од бисерите, па и сѐ што ти е мило не може да се спореди со неа... Таа е дрво на животот за оние што ќе ја прифатат, и за среќни се прогласени оние што цврсто ја држат“. Исус рекол: „Кога го знаете тоа, среќни сте ако го правите“ (Јован 13:17). Неговите ученици ќе биле среќни сѐ додека го правеле она за кое ги поучувал. Христијаните од првиот век навистина се труделе да ги следат учењата и примерот на Исус, и тоа не само некое време туку целиот свој живот.

6. Зошто треба постојано да го применуваме она што го учиме?

6 Денес и ние треба постојано да го применуваме она што го учиме. Да земеме за пример еден мајстор кој има алати, материјали и знаење. Овие работи ќе му помогнат да биде добар мајстор само ако ги користи. Тој можеби има долгогодишно искуство, но ако сака да продолжи добро да си ја врши работата, треба постојано да го применува она што го научил. Слично на тоа, кога сме почнале да го применуваме она што сме го читале од Библијата, ние сме биле среќни. Сепак, за и понатаму да бидеме среќни, мора да продолжиме секој ден понизно да го применуваме она што го учиме од Јехова.

7. Што мора да правиме за да извлечеме корист од библиските примери?

7 Во оваа статија ќе разгледаме неколку ситуации во кои може да биде тешко да останеме понизни. Ќе дознаеме како некои верни Божји слуги од минатото останале понизни кога се соочиле со слични проблеми. Но, не е доволно само да ги читаме тие информации. Мора да размислуваме за нив и потоа да ги применуваме во животот.

КАКО ТРЕБА ДА ГЛЕДАШ НА ДРУГИТЕ

8, 9. Што учиме за понизноста на Павле од Дела 14:8-15? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

8 Бог сака најразлични луѓе „да се спасат и добро да ја запознаат вистината“ (1. Тим. 2:4). Како гледаш на луѓето кои сѐ уште не ја дознале вистината за Бог? Апостол Павле им проповедал на Евреите кои веќе знаеле нешто за Јехова, но и на оние што обожавале лажни богови. Во една прилика, начинот на кој реагирале некои незнабошци ја ставило на испит неговата понизност. Како?

9 На своето прво мисионерско патување, Павле отишол со Варнава во Листра. Ликаонците кои живееле таму ги сметале Павле и Варнава за богови во човечки облик, и затоа ги нарекле со имињата на нивните лажни богови Хермес и Зевс. Дали на Павле и Варнава им годела таквата популарност? Дали на ова гледале како на пријатна промена со оглед на прогонството што го доживеале во последните два града во кои биле? Дали си мислеле дека таквата популарност би можела да им помогне на повеќе луѓе да ја чујат добрата вест? Воопшто не! Тие многу се вознемириле и извикале: „Зошто го правите тоа? И ние сме само луѓе, како и вие!“ (Дела 14:8-15).

10. Зошто Павле и Варнава не мислеле дека се подобри од Ликаонците?

10 Кога рекле дека и тие се само луѓе, Павле и Варнава мислеле на тоа дека и тие се несовршени како Ликаонците. Се разбира, за разлика од Ликаонците, тие го обожавале вистинскиот Бог. Освен тоа, Павле и Варнава биле испратени од Бог како мисионери (Дела 13:2). Тие биле помазани со свет дух и имале прекрасна надеж. Но тоа не било причина да си мислат дека се подобри од другите. Тие сфатиле дека и Ликаонците можеле да ја добијат надежта за живот на небото ако ја прифателе добрата вест.

11. На кој начин можеме да покажеме понизност како Павле додека проповедаме?

11 Кој е еден начин на кој можеме да покажеме понизност како Павле? Никогаш не треба да си мислиме дека сме подобри од другите поради нашата задача да проповедаме или поради она што го постигнуваме со помош од Јехова. Можеме да се прашаме: „Како гледам на луѓето од моето подрачје? Дали имам предрасуди кон одредена група луѓе?“ Низ целиот свет, Јеховините сведоци се обидуваат да ги најдат оние што сакаат да ја слушаат добрата вест. Некои дури и се трудат да го научат јазикот или обичаите на луѓето кои се потценувани во општеството. Но никогаш не мислат дека се подобри од оние на кои им проповедаат. Наместо тоа, се обидуваат да ги разберат потребите и околностите на секој човек со цел на колку што е можно повеќе луѓе да им помогнат да ја прифатат добрата вест.

МОЛИ СЕ ЗА ДРУГИТЕ ПО ИМЕ

12. Како Епафрас покажал несебична грижа за другите?

12 Друг начин на кој можеме да покажеме понизност е така што ќе се молиме за оние што веќе „ја стекнале истата драгоцена вера како и ние“, односно за браќата и сестрите (2. Пет. 1:1). Токму тоа го правел Епафрас. Библијата го спомнува само три пати, и тоа секогаш во писмата на Павле. Додека Павле бил во домашен притвор во Рим, на христијаните во Колоси им го напишал следново во врска со Епафрас: „Тој секогаш се бори за вас во своите молитви“ (Кол. 4:12). Епафрас добро ги познавал браќата и многу ги сакал. Павле го нарекол „затворски другар“, што значи дека и Епафрас си имал свои проблеми (Филим. 23). Сепак, тој се грижел и за другите, и правел нешто за да им помогне — се молел за своите браќа и сестри, па дури ги спомнал по име. Тоа можеме да го правиме и ние. Таквите молитви имаат голема сила (2. Кор. 1:11; Јак. 5:16).

13. Како би можел да го следиш примерот на Епафрас кога се молиш?

13 Размисли за кого би можел да се молиш по име. Можеби знаеш дека некои поединци или семејства од твоето собрание минуваат низ тежок период. Некои од нив можеби стојат пред важни одлуки или, пак, се борат со некое искушение. Би можел да се молиш и за браќа кои никогаш не си ги сретнал, но чии имиња се наоѓаат на jw.org на српски јазик во статијата „Јеховини сведоци затворени због својих веровања“. (Оди на ВЕСТИ > ПРАВНА ПИТАЊА.) Би можел да се молиш и за оние на кои им починал некој од најблиските, за оние што неодамна доживеале природна катастрофа или војна, или за оние што имаат финансиски проблеми. Нашите молитви им се потребни на многу браќа и сестри. Кога се молиме за нив, покажуваме дека не мислиме само на своите потреби туку и на потребите на другите (Фил. 2:4). Јехова ги слуша таквите молитви!

БИДИ „БРЗ НА СЛУШАЊЕ“

14. Зошто Јехова е најдобар пример за некој што стрпливо ги слуша другите?

14 Уште еден начин на кој можеме да покажеме понизност е така што стрпливо ќе ги слушаме луѓето. Во Јаков 1:19 пишува дека секој од нас треба да „биде брз на слушање“. Јехова ни е најдобар пример во овој поглед (1. Мој. 18:32; Ис. Нав. 10:14). Размисли за разговорот што е запишан во 2. Мојсеева 32:11-14. (Прочитај.) Јехова му дал можност на Мојсеј да каже што мисли, иако не морал да го направи тоа. Мојсеј правел грешки, но Јехова го сослушал, па дури и постапил според она што тој му го кажал. Што учиме од ова? Јехова стрпливо ги слуша молитвите на оние што му се молат со вера.

15. Како можеме да покажеме почит кон другите по примерот на Јехова?

15 Прашај се: „Ако Јехова покажува толкава понизност и стрпливо ги слуша луѓето, како што го направил тоа со Авраам, Рахела, Мојсеј, Исус Навин, Маној, Илија и Езекија, зарем не треба и јас да го правам истото? Можам ли да покажам почит кон сите браќа така што ќе ги ислушам предлозите што ми ги даваат и ќе ги применам нивните добри предлози? Дали во моето собрание или во моето семејство има некој на кој можам да му обрнам повеќе внимание? Што ќе сторам во врска со тоа?“ (1. Мој. 30:6; Суд. 13:9; 1. Цар. 17:22; 2. Лет. 30:20).

ЈЕХОВА ГО ГЛЕДА ТВОЕТО СТРАДАЊЕ

Давид рекол: „Оставете го“. Што би направил ти? (Види во пасуси 16-17)

16. Како реагирал цар Давид кога Симеј го навредувал?

16 Понизноста ни помага и да покажуваме самоконтрола кога другите постапуваат лошо со нас (Еф. 4:2). Одличен пример за тоа можеме да најдеме во 2. Самоилова 16:5-13. (Прочитај.) Симеј, кој бил роднина на цар Саул, ги навредувал и фрлал камења по Давид и по неговите слуги. Иако Давид имал моќ да ѝ стави крај на таквата ситуација, одлучил стрпливо да ја поднесе. Што му помогнало да покаже толкава самоконтрола? Одговорот го наоѓаме во третиот Псалм.

17. Што му помогнало на Давид да покаже самоконтрола, и како можеме да го следиме неговиот пример?

17 Давид го напишал третиот Псалм кога неговиот син Авесалом се обидувал да го убие. Токму во тој период Симеј го нападнал Давид, но Давид нашол сила за да остане смирен. Како? Во Псалм 3:4 ги читаме неговите зборови: „На сет глас ќе го повикувам Јехова, и тој ќе ме услиши од својата света гора“. И ние треба да се молиме кога некој лошо постапува со нас. Тогаш Јехова ќе ни го даде својот свет дух за да можеме да истраеме. Доколку некој се однесува лошо со тебе, би можел ли да покажеш самоконтрола и спремно да му простиш? Дали имаш доверба дека Јехова го гледа твоето страдање, и дали си уверен дека ќе ти помогне и ќе те благослови?

„МУДРОСТА Е НАЈВАЖНА“

18. Зошто е корисно да постапуваме онака како што Јехова нѐ поучува?

18 Кога го правиме она што знаеме дека е исправно, ќе покажеме мудрост и Јехова ќе нѐ благослови. Во Изреки 4:7 го пишува следново: „Мудроста е најважна“. Мудроста не се гледа само по тоа колку некој ги разбира работите туку и по тоа какви одлуки носи. Библијата вели дека дури и мравките се мудри. Од што се гледа тоа? Тие лете собираат храна и така се подготвуваат за зимскиот период (Изр. 30:24, 25). Христос, кој е наречен „Божја мудрост“, секогаш го прави она што го радува неговиот Татко (1. Кор. 1:24; Јован 8:29). Бог ќе нѐ благослови ако и ние покажуваме мудрост така што го правиме она што знаеме дека е исправно и така што остануваме понизни. (Прочитај Матеј 7:21-23.) Затоа, и понатаму труди се да придонесеш твоето собрание да биде место каде што сите ќе можат понизно да му служат на Јехова. Потребно е време и стрпливост за да го применуваме она што знаеме дека е исправно. Но така покажуваме понизност, а таа ќе ни помогне да бидеме среќни сега и во сета вечност.