Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Покажувај љубов — таа ги зајакнува другите

Покажувај љубов — таа ги зајакнува другите

Љубовта изградува (1. КОР. 8:1)

ПЕСНИ: 109, 121

1. За која важна тема зборувал Исус вечерта пред својата смрт?

ВЕЧЕРТА пред својата смрт, додека бил со своите ученици, Исус ја спомнал љубовта 30 пати. Тој им кажал на учениците дека треба да се сакаат еден со друг (Јован 15:12, 17). Нивната љубов ќе била толку впечатлива што ќе била знак по кој другите ќе ги препознавале како негови вистински следбеници (Јован 13:34, 35). Љубовта за која зборувал Исус не е само чувство. Таа е извонредна особина која се покажува со самопожртвувани постапки. Исус рекол: „Никој нема поголема љубов од оваа: да го даде својот живот за своите пријатели. Вие сте мои пријатели ако го правите она што ви го заповедам“ (Јован 15:13, 14).

2. а) По што се познати Божјите слуги денес? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

2 Денес, слугите на Јехова се познати по својата искрена, самопожртвувана љубов и по своето нераскинливо единство (1. Јов. 3:10, 11). Божјите слуги низ целиот свет вистински се сакаат еден со друг без оглед на националноста, јазикот или потеклото. Зошто љубовта е особено важна во наше време? Како Јехова и Исус нѐ зајакнуваат? Како можеме со љубов да ги тешиме и зајакнуваме другите? (1. Кор. 8:1).

ЗОШТО ЉУБОВТА Е ОСОБЕНО ВАЖНА ДЕНЕС

3. Како овие „особено тешки времиња“ влијаат врз луѓето?

3 Во овие „особено тешки времиња“ животот е исполнет „само со неволји и тешкотии“ (2. Тим. 3:1-5; Пс. 90:10). Безброј луѓе страдаат толку многу што им доаѓа да кренат раце од сѐ. Според проценките, секоја година повеќе од 800.000 луѓе извршуваат самоубиство — по еден човек на секои 40 секунди. За жал, дури и некои наши соверници не го издржале притисокот од проблемите и си го одзеле животот.

4. Кои библиски личности во одреден период од животот посакале да умрат?

4 Во библиски времиња, некои верни Божји слуги биле толку оптоварени од своите проблеми што посакале да умрат. На пример, Јов чувствувал толку силна болка што рекол: „Мојата душа повеќе би сакала да се задуши, попрво би умрел отколку да си ги гледам овие мои коски“ (Јов 7:15; 14:13). Јона бил толку разочаран што рекол: „Сега, те молам, о Јехова, земи ја мојата душа од мене, зашто подобро ми е да умрам отколку да живеам“ (Јона 4:3). Пророкот Илија се чувствувал толку безнадежно што рекол: „Доста ми е! Јехова, земи ја сега мојата душа“ (1. Цар. 19:4). Но, Јехова многу ги ценел овие верни слуги и сакал да живеат. Тој не ги осудил за тоа што се чувствувале така, туку со љубов им помогнал да си ја вратат желбата за живот за да можат да продолжат верно да му служат.

5. Зошто на браќата и сестрите им треба нашата љубов повеќе од кога и да било порано?

5 Денес, на голем број браќа и сестри им треба нашата љубов бидејќи минуваат низ тешки ситуации. Некои се исмевани и прогонувани. Други трпат вербално малтретирање или се предмет на оговарање на работното место. Некои се исцрпени бидејќи мораат да работат прекувремено или имаат многу стресна работа. А некои, пак, имаат семејни проблеми кои им ја одземаат сета сила. На пример, можеби нивниот брачен другар не му служи на Јехова и постојано ги критикува. Поради овие и други притисоци, многумина во собранието се физички и емоционално исцрпени. Кој може да им помогне да не кренат раце од сѐ?

ЉУБОВТА ОД ЈЕХОВА НЀ ЗАЈАКНУВА

6. Како љубовта на Јехова ги зајакнува неговите слуги?

6 Јехова ги зајакнува своите слуги со тоа што ги уверува дека неговата љубов кон нив никогаш нема да згасне. Замисли како се чувствувале верните Божји слуги кога Јехова им го кажал следново: „Бидејќи си драгоцен во моите очи, достоен си за чест и јас те сакам... Не плаши се, зашто јас сум со тебе!“ (Иса. 43:4, 5). Биди уверен дека Јехова многу те сака и тебе бидејќи си негов слуга. * Библијата им го дава следново ветување на оние што верно му служат: „Силен е [Јехова] и ќе те спаси. Радосно ќе извикува поради тебе“ (Соф. 3:16, 17).

7. Во која смисла љубовта на Јехова може да се спореди со љубовта на една мајка? (Види ја сликата на почетокот од статијата.)

7 Јехова ветил дека ќе ги зајакнува и теши своите слуги без разлика со какви проблеми се соочуваат. Тој рекол: „Ќе ги носам на раце неговите доенчиња и ќе ги милувам на колената. Како што мајка го теши синот, така и Јас ќе ве утешам“ (Иса. 66:12, 13, Превод од Д-р Душан Х. Константинов). Размисли колку безбедно се чувствува бебето кога мајка му го држи в прегратка и си игра со него. Преку оваа трогателна споредба, Јехова покажува дека многу те сака и дека се грижи за тебе. Никогаш не се сомневај дека ти лично си многу скапоцен за Јехова! (Ерем. 31:3).

8, 9. Како Исус нѐ зајакнува со својата љубов?

8 Има уште една причина зошто сме уверени дека Јехова нѐ сака. „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16). Кога го дал својот живот за нас, Исус покажал дека и тој има огромна љубов кон нас. Нема сомнение дека неговата љубов многу нѐ зајакнува. Божјата Реч вели дека ни неволјата, ни маката не може да нѐ „одвои од Христовата љубов“ (Рим. 8:35, 38, 39).

9 Понекогаш имаме проблеми кои нѐ исцрпуваат физички и емоционално, или ни ја одземаат радоста во службата за Јехова. Но тоа што ќе размислуваме колку многу Исус нѐ сака, може да ни даде сила да истраеме. (Прочитај 2. Коринќаните 5:14, 15.) Љубовта на Исус ни дава желба да продолжиме да живееме и да му служиме на Јехова. Таа љубов може да нѐ поттикне да истраеме дури и ако сме погодени од природна катастрофа или ако се соочуваме со прогонство, разочарување или преголема загриженост.

НА БРАЌАТА И СЕСТРИТЕ ИМ ТРЕБА НАШАТА ЉУБОВ

Тоа што ќе го проучуваш примерот на Исус ќе те поттикне да ги зајакнуваш другите (Види во пасуси 10-11)

10, 11. Кој има одговорност да ги зајакнува потиштените браќа и сестри? Објасни.

10 Јехова го користи и собранието за да нѐ зајакне. Со тоа што покажуваме љубов кон браќата и сестрите, покажуваме љубов кон Јехова. Ние правиме сѐ што можеме за да ги увериме нашите браќа дека се скапоцени и дека Јехова ги сака (1. Јов. 4:19-21). Апостол Павле напишал: „Тешете се меѓусебно и изградувајте се еден со друг, како што веќе и правите“ (1. Сол. 5:11). Ова можат да го прават сите во собранието, а не само старешините. Сите можеме да го следиме примерот на Јехова и на Исус така што ќе ги тешиме браќата и сестрите. (Прочитај Римјаните 15:1, 2.)

11 Некои Божји слуги кои имаат емоционални нарушувања можеби ќе треба да побараат стручна помош и лекување (Лука 5:31). Старешините и другите во собранието се свесни дека, иако не се стручњаци за ментално здравје, помошта и утехата што можат да ја дадат е многу важна. Сите ние можеме да го правиме она што го пишува во 1. Солуњаните 5:14: „Тешете ги потиштените души, помагајте им на слабите, бидете долготрпеливи со сите“. Кога нашите браќа се обесхрабрени, треба да се обидеме да разбереме како се чувствуваат, да бидеме стрпливи со нив и да ги тешиме. Дали се трудиш да ги зајакнуваш другите? Што можеш да направиш за да се подобриш во овој поглед?

12. Дај пример за некој што бил зајакнат од љубовта што му ја покажало собранието.

12 Една сестра од Европа вели: „Понекогаш помислувам на самоубиство. Но, браќата и сестрите од собранието ми даваат многу голема поддршка. Тие ми го спасија животот. Секогаш ме охрабруваат и ми покажуваат љубов. Собранието ми е од голема помош иако само малкумина знаат дека имам депресија. Еден брачен пар се грижи за мене во духовен поглед како за свое дете. Тие многу ми помагаат и ми стојат на располагање дословно 24 часа на ден“. Се разбира, не можат сите да помагаат во иста мера. Но секој од нас може многу да направи за да им пружи поддршка на нашите браќа и сестри. *

КАКО МОЖЕШ ДА ГИ ЗАЈАКНУВАШ ДРУГИТЕ

13. Што треба да правиме ако сакаме да ги утешиме другите?

13 Слушај внимателно (Јак. 1:19). Кога сочувствително слушаш некого, тоа е израз на љубов. На пример, ако некој твој соверник е обесхрабрен, можеш да му поставиш обѕирни, сочувствителни прашања со цел да разбереш како се чувствува. Така ќе бидеш во подобра положба да покажеш сочувство и да го зајакнеш. Дури и изразите на твоето лице ќе му покажат дали навистина се грижиш за него. Ако тој чувствува потреба подетално да ти ја опише својата ситуација, биди стрплив и дозволи му да се искаже без да го прекинуваш. Со тоа што стрпливо ќе го сослушаш, ќе можеш подобро да разбереш како се чувствува. А тоа може да му помогне на братот да стекне поголема доверба во тебе. Како резултат на тоа, ќе биде поспремен да го слуша она што му го кажуваш додека се трудиш да му помогнеш. Кога искрено се грижиш за другите, ќе можеш многу да ги утешиш.

14. Зошто не треба да имаме критизерски став?

14 Немој да критикуваш. Оној што е потиштен ќе се чувствува уште полошо ако мисли дека го критикуваме. Поради тоа, нема да можеме да му помогнеме. „Оној што зборува непромислено, како да прободува со меч, а јазикот на мудрите е лек“ (Изр. 12:18). Се разбира, ние никогаш не би сакале со нашите зборови намерно да повредиме некој што е потиштен. Сепак, дури и ако тоа го направиме ненамерно, нашите непромислени зборови можат да нанесат голема болка. Ако сакаме да ги зајакнуваме другите, треба да се трудиме да се ставиме во нивна кожа (Мат. 7:12).

15. Каде може да најдеме зборови со кои можеме да ги тешиме и охрабруваме другите?

15 Користи ја Божјата Реч за да ги тешиш другите. (Прочитај Римјаните 15:4, 5.) Јехова е „Бог, кој дава истрајност и утеха“. Затоа, сосема е разбирливо што Библијата е богата ризница од која постојано може да црпиме утешни зборови. Со помош на Прирачникот за истражување на Јеховините сведоци може да најдеме библиски стихови и публикации со кои можеме да ги тешиме и охрабруваме нашите браќа и сестри.

16. Кои особини ќе ни помогнат да охрабриме некој што е потиштен?

16 Биди благ и љубезен. Јехова е „Таткото на милосрдноста и Богот на секоја утеха“ и има длабоко сочувство кон своите слуги. (Прочитај 2. Коринќаните 1:3-6; Лука 1:78; Рим. 15:13.) Павле ни оставил добар пример во овој поглед бидејќи го следел примерот на Јехова. Тој напишал: „Кон вас бевме благи, како мајка која ги храни и ги негува своите деца. Така, полни со љубов кон вас, бевме спремни да ви ја дадеме не само Божјата добра вест туку и својот живот, бидејќи ве засакавме“ (1. Сол. 2:7, 8). Ако сме благи и љубезни како Јехова, тој може преку нас да му помогне на некој наш соверник што се моли за утеха.

17. Како урамнотеженото гледиште за нашите браќа ќе ни помогне да ги зајакнеме?

17 Не очекувај совршенство од браќата и сестрите. Имај урамнотежено гледиште за своите браќа и сестри. Не е разумно да очекуваме совршенство од нив, бидејќи ќе се разочараме (Проп. 7:21, 22). Имај на ум дека Јехова е разумен и дека нема преголеми очекувања од своите слуги. Затоа треба со љубов да се поднесуваме едни со други (Еф. 4:2, 32). Никогаш не сакаме на нашите соверници да им наметнуваме чувство дека не прават доволно во службата за Јехова или да ги споредуваме со другите. Наместо тоа, сакаме да ги охрабруваме и да ги пофалуваме за добрите работи што ги прават. Ова може да им помогне со радост да му служат на Јехова (Гал. 6:4).

18. Зошто сакаме да ги зајакнуваме другите?

18 Секој Божји слуга е скапоцен за Јехова и за Исус (Гал. 2:20). Ние многу ги сакаме нашите браќа и сестри, и затоа мора да постапуваме благо и љубезно со нив. За да бидеме извор на охрабрување, треба „да се стремиме кон она што придонесува за мир и меѓусебно да се изградуваме“ (Рим. 14:19). Едвај чекаме да дојде рајот во кој никогаш нема да бидеме обесхрабрени! Повеќе нема да има болести, ниту војни. Луѓето нема да умираат од наследениот грев, и нема да има прогонства, семејни проблеми и разочарувања. На крајот од илјадата години, сите луѓе ќе бидат совршени. Оние што ќе останат верни во последниот испит ќе бидат усвоени од Јехова како негови деца на Земјата и ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21). Според тоа, со љубов да се зајакнуваме и меѓусебно да си помагаме за да влеземе во Божјиот прекрасен нов свет.

^ пас. 12 Практични совети за тоа како да се совладаат самоубиствените мисли можат да се најдат во статиите од Разбудете се!: „Зошто да живееш? Три причини“ (од април 2014), „Кога повеќе не ти се живее“ (од јануари 2012) и „Животот вреди да се живее“ (од 8 февруари 2002).