Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

Како луѓето во минатото го сметале времето?

Како луѓето во минатото го сметале времето?

ШТО правиш кога сакаш да дознаеш колку е часот? Веројатно погледнуваш во твојот часовник. Да речеме дека часовникот покажува еден часот и 30 минути попладне. Тогаш, како би му одговорил на некој пријател ако те праша: „Колку е часот?“

Тоа зависи од местото каде што живееш. На пример, можеби ќе кажеш: „Сега е 1:30“ или „Сега е 13:30“. На некои места, за ова исто време може да се каже: „Сега е пола два“, што би значело дека има уште 30 минути до два часот.

Како луѓето го сметале времето во периодот кога била пишувана Библијата? Не постоел само еден начин. Во хебрејските списи се користат изрази како: „рано изутрина“, „утро“, „пладне“ и „приквечер“ (1. Мој. 8:11; 19:27; 1. Цар. 18:26). Но понекогаш Библијата користи и попрецизни изрази.

Во библиски времиња било вообичаено да се користат стражари, особено во текот на ноќта. Стотици години пред да се роди Исус, Израелците ја делеле ноќта на три дела, кои ги нарекувале „стражи“ (Пс. 63:6). Во Судиите 7:19 се спомнува „средната ноќна стража“. Во времето кога се родил Исус, Евреите ја делеле ноќта на четири дела, по примерот на Грците и Римјаните.

Овие ноќни стражи се спомнуваат многу пати во евангелијата. На пример, „во текот на четвртата ноќна стража“, Исус одел по вода кон чамецот во кој биле неговите ученици (Мат. 14:25). Во една споредба, Исус рекол: „Кога домаќинот би знаел во која стража ќе дојде крадецот, би останал буден и не би дозволил да му провали во куќата“ (Мат. 24:43).

Исус ги спомнал сите четири стражи кога им кажал на учениците: „Затоа бдејте, бидејќи не знаете кога доаѓа господарот на куќата, дали навечер, или на полноќ, или кога ќе пропеат петлите, или рано наутро“ (Мар. 13:35). Како што покажуваат фуснотите од овој стих, првата од тие стражи, „навечер“, траела од зајдисонце до околу 21 часот. Втората, „на полноќ“, траела од околу 21 часот до полноќ. Третата стража, „кога ќе пропеат петлите“, траела од полноќ до околу 3 часот наутро. Можеби токму за време на оваа стража, ноќта кога бил уапсен Исус, запеал еден петел (Мар. 14:72). Четвртата стража, „рано наутро“, траела од 3 часот до изгрејсонце.

Според тоа, иако во библиски времиња немало часовници како што имаме ние денес, луѓето имале систем за сметање на времето.