Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 36

Армагедон — спас за човештвото!

Армагедон — спас за човештвото!

Ги собраа на местото кое на хебрејски се вика Ар-Магедон (ОТК. 16:16)

ПЕСНА 150 Да го бараме Бог, нашиот моќен Спасител

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Зошто не треба да се плашиме од Армагедон? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

КОГА ќе го чујат зборот „Армагедон“, некои луѓе помислуваат на нуклеарна војна или на еколошка катастрофа. Но Библијата ни кажува дека Армагедон е војна која ќе донесе многу благослови. Затоа не треба да се плашиме од тој настан туку треба да се радуваме (Отк. 1:3). Во војната Армагедон, човештвото нема да биде уништено туку ќе биде спасено! Како?

2 Од Библијата дознаваме дека војната Армагедон ќе значи спас за човештвото бидејќи ќе му стави крај на човечкото владеење, ќе ги уништи злобните луѓе а ќе ги заштити праведните. Исто така, во таа војна ќе бидат уништени оние што ја уништуваат Земјата (Отк. 11:18). За да можеме подобро да ги разбереме овие вистини, да ги разгледаме следниве прашања: Што е Армагедон? Кои настани ќе се случат кратко пред Армагедон? Што треба да правиме за да го преживееме тој настан? Како можеме да му останеме верни на Јехова додека се приближува Армагедон?

ШТО Е АРМАГЕДОН?

3. а) Што значи зборот „Армагедон“? б) На темел на Откровение 16:14, 16, зошто можеме да кажеме дека Армагедон не е некое дословно место?

3 Прочитај Откровение 16:14, 16. Зборот „Армагедон“ се појавува само еднаш во Библијата, и доаѓа од еден хебрејски збор што значи „ридот кај Мегидо“ (Отк. 16:16, фус.). Мегидо бил град во древниот Израел (Ис. Нав. 17:11). Но Армагедон не се однесува на некое дословно место на Земјата туку се однесува на ситуацијата кога „царевите од целиот свет“ ќе се соберат за да се борат против Јехова (Отк. 16:14). Меѓутоа, во поширока смисла, зборот „Армагедон“ се однесува и на војната што следува веднаш по собирањето на царевите на Земјата. Од каде знаеме дека Армагедон не е некое дословно место? Прво, подрачјето околу Мегидо е премногу мало за да ги собере „царевите од целиот свет“ и нивните војски и оружја. Второ, како што ќе видиме подоцна во оваа статија, војната Армагедон ќе започне кога „царевите од целиот свет“ ќе ги нападнат Божјите слуги, кои живеат по целата Земја.

4. Зошто својата последна голема војна Јехова ја поврзува со Мегидо?

4 Зошто својата последна голема војна Јехова ја поврзува со Мегидо? Во минатото, кај Мегидо и во блиската Језраелска Долина се воделе многу битки. Понекогаш Јехова му помагал на својот народ да извојува победа. На пример, „кај водите на Мегидо“, Бог му помогнал на израелскиот судија Варак да ја победи ханаанската војска која ја предводел војсководецот Сисара. Варак и пророчицата Девора му се заблагодариле на Јехова за нивната величествена победа. Тие пееле: „Ѕвездите од небото се бореа... против Сисара. Потокот Кисон ги однесе сите“ (Суд. 5:19-21).

5. По која важна работа ќе се разликува војната Армагедон од битката што ја водел Варак?

5 Варак и Девора ја завршиле нивната песна со зборовите: „Така нека пропаднат сите твои непријатели, Јехова! А оние што те сакаат нека бидат како сонцето кога излегува во својата сила!“ (Суд. 5:31). Слично на таа битка, во текот на војната Армагедон ќе бидат уништени сите луѓе кои му се противат на Бог, а оние што го сакаат ќе бидат спасени. Но овие две војни се разликуваат по една важна работа. Во Армагедон, Божјите слуги нема да се борат. Тие нема дури ни да бидат вооружени! Ним ќе им влева сила тоа што ќе си го зачуваат мирот и ќе имаат доверба во Јехова и во неговата небесна војска (Иса. 30:15; Отк. 19:11-15).

6. Што може да употреби Јехова во војната Армагедон за да ги уништи луѓето што му се противат?

6 Како Бог ќе ги победи своите непријатели во Армагедон? Јехова може да го стори тоа на повеќе начини. На пример, може да употреби земјотреси, град и громови (Јов 38:22, 23; Езек. 38:19-22). Може да предизвика неговите непријатели да се борат едни против други (2. Лет. 20:17, 22, 23). Може да ги употреби своите ангели за да ги убие злобните (Иса. 37:36). Без разлика што ќе употреби во таа војна, Јехова потполно ќе ги порази своите непријатели. Ќе бидат уништени сите луѓе што му се противат, а сите праведни ќе бидат спасени (Изр. 3:25, 26).

КОИ НАСТАНИ ЌЕ СЕ СЛУЧАТ КРАТКО ПРЕД АРМАГЕДОН?

7-8. а) Според 1. Солуњаните 5:1-6, каква објава ќе дадат политичките водачи? б) Зошто ова ќе биде опасна лага?

7 Објавата за мир и сигурност ќе се случи пред „Јеховиниот ден“. (Прочитај 1. Солуњаните 5:1-6.) Во 1. Солуњаните 5:2, „Јеховиниот ден“ се однесува на „големата неволја“ (Отк. 7:14). По што ќе знаеме дека таа неволја само што не започнала? Библијата вели дека политичките водачи ќе објават: „Мир и сигурност!“ Тоа ќе биде знак дека ќе започне големата неволја.

8 Зошто политичките водачи ќе ја дадат таа објава? Не можеме со сигурност да кажеме. А дали верските водачи ќе им се придружат? Можно е. Како и да е, сигурни сме дека објавата ќе биде уште една лага која потекнува од демоните. Но оваа лага ќе биде особено опасна бидејќи ќе им даде на луѓето лажно чувство на сигурност токму пред да започне најголемата неволја во човечката историја. Всушност, „ненадејно ќе ги снајде уништување како што ја снаоѓаат родилни болки бремена жена“. А што ќе се случи со верните слуги на Јехова? Иако Јеховиниот ден ќе започне ненадејно, тие ќе бидат подготвени за него.

9. По кој редослед Бог ќе го уништи светот на Сатана?

9 Јехова нема одеднаш да го уништи целиот свет на Сатана како што сторил во времето на Ное туку тоа ќе го направи во две фази. Прво, ќе го уништи Големиот Вавилон, односно светското царство на лажната религија. Потоа, во Армагедон, Јехова ќе го уништи останатиот дел од светот на Сатана, во кој спаѓаат политичкиот, воениот и трговскиот систем. А сега да разгледаме некои детали во врска со овие два важни настани.

10. Според Откровение 17:1, 6 и 18:24, зошто Јехова ќе го уништи Големиот Вавилон?

10 „Судот над големата блудница.“ (Прочитај Откровение 17:1, 6; 18:24.) Големиот Вавилон навел многу луѓе да не го почитуваат Божјето име. Лажната религија поучува лаги за Бог. Таа врши духовен блуд со тоа што ги поддржува човечките влади. Лажната религија ги користи својата моќ и своето влијание за да ги угнетува и да ги искористува своите членови. Освен тоа, виновна е за смртта на многу луѓе, меѓу кои имало и Божји слуги (Отк. 19:2). Како Јехова ќе го уништи Големиот Вавилон?

11. Што е „црвениот ѕвер“, и како Бог ќе го употреби против Големиот Вавилон?

11 Јехова ќе ја уништи „големата блудница“ преку еден „црвен ѕвер“ и неговите „десет рогови“. Тој симболичен ѕвер ги претставува Обединетите нации. Десетте рогови ги претставуваат денешните политички сили кои ја поддржуваат таа организација. Кога ќе дојде времето што го одредил Бог, тие политички сили и Обединетите нации ќе го нападнат Големиот Вавилон, односно лажната религија. Тие „ќе ја опустошат и ќе ја разголат“ така што ќе ѝ го одземат богатството и ќе ја разоткријат нејзината злоба (Отк. 17:3, 16). Тоа уништување ќе се случи толку брзо што ќе се чини како да е „во еден ден“. Оние што ја поддржувале лажната религија ќе бидат запрепастени бидејќи таа долго време се фали: „Седам како царица, и не сум вдовица, и нема да видам тага“ (Отк. 18:7, 8).

12. Што нема да дозволи Јехова, и зошто?

12 Бог нема да дозволи политичките сили да го уништат неговиот народ. Слугите на Јехова гордо го носат неговото име, и ја послушале неговата заповед да излезат од лажната религија (Дела 15:16, 17; Отк. 18:4). Исто така, вложиле голем труд за да им помогнат и на други да излезат од неа. Според тоа, Божјите слуги нема да ги „снајдат нејзините неволји“. Сепак, нивната вера ќе биде ставена на испит.

Кога ќе почне нападот, Божјите слуги ќе имаат доверба во Јехова без разлика каде се наоѓаат (Види во пасус 13) *

13. а) Кој е Гог? б) Според Езекиел 38:2, 8, 9, кога ќе започне војната Армагедон?

13 Нападот на Гог. (Прочитај Езекиел 38:2, 8, 9.) Откако ќе бидат уништени сите лажни религии, единствената религија што ќе остане на Земјата ќе бидат Јеховините сведоци. Се разбира, Сатана ќе биде многу гневен поради тоа. Тој ќе го покаже својот гнев така што ќе употреби „нечисти вдахновени изјави“, односно лажни информации од демоните, за да поттикне една коалиција составена од сите народи да ги нападне Јеховините слуги (Отк. 16:13, 14). Таа коалиција е наречена „Гог од земјата Магог“. Кога народите ќе ги нападнат Божјите слуги, ќе започне војната Армагедон (Отк. 16:16).

14. Што ќе сфати Гог?

14 Гог ќе се потпира на својата „телесна рака“, односно на својата воена сила (2. Лет. 32:8). Ние ќе се потпираме на нашиот Бог Јехова, а тоа на народите ќе им изгледа глупаво. Зошто ќе им изгледа така? Бидејќи боговите на Големиот Вавилон, кој некогаш бил моќен, не го спасиле од „ѕверот“ и од „десетте рогови“! (Отк. 17:16). Значи Гог ќе очекува да извојува лесна победа. Тој ќе го нападне Јеховиниот народ „како облаци кога ја покриваат земјата“ (Езек. 38:16). Но Гог набрзо ќе сфати дека влегол во стапица. Слично на фараонот во Црвеното Море, Гог ќе сфати дека, всушност, се бори против Јехова (2. Мој. 14:1-4; Езек. 38:3, 4, 18, 21-23).

15. Што ќе направи Христос во Армагедон?

15 Христос и неговите небесни војски ќе ги бранат Божјите слуги и ќе ги уништат воените сили на Гог (Отк. 19:11, 14, 15). Но што ќе се случи со главниот непријател на Јехова, Сатана, поради чии лаги народите ќе ги нападнат Божјите слуги во војната Армагедон? Исус ќе ги фрли него и неговите демони во бездна, каде што ќе бидат затворени илјада години (Отк. 20:1-3).

КАКО МОЖЕШ ДА ГО ПРЕЖИВЕЕШ АРМАГЕДОН?

16. а) Како покажуваме дека го познаваме Бог? б) Што ќе се случи во војната Армагедон со оние што го познаваат Бог?

16 Без разлика колку долго сме во вистината, за да го преживееме Армагедон мора да покажеме дека го познаваме Бог и дека се покоруваме на „добрата вест за нашиот Господар Исус“ (2. Сол. 1:7-9). Ние го познаваме Бог кога знаеме што сака, што мрази и кои се неговите мерила. Исто така, покажуваме дека го познаваме кога сме му послушни, кога го сакаме и кога сме му оддадени само нему (1. Јов. 2:3-5; 5:3). Ако ги правиме овие работи, Бог ќе нѐ познава нас, односно, ќе ја имаме неговата наклоност (1. Кор. 8:3). Како резултат на тоа, ќе го преживееме Армагедон!

17. Што значи да се покоруваме на „добрата вест за нашиот Господар Исус“?

17 Во „добрата вест за нашиот Господар Исус“ спаѓаат сите вистини за кои тој поучувал, а кои се наоѓаат во Божјата Реч. Ние ѝ се покоруваме на добрата вест кога живееме во склад со неа, односно кога службата за Јехова ни е на прво место, кога живееме според Божјите праведни мерила и кога проповедаме за Божјето Царство (Мат. 6:33; 24:14). Исто така, треба да ги поддржуваме Христовите помазани браќа додека ја извршуваат нивната голема одговорност да ја проповедаат добрата вест и да им помагаат на луѓето да станат ученици на Исус (Мат. 25:31-40).

18. На кој начин Христовите помазани браќа ќе имаат можност да возвратат на љубовта што им била покажана?

18 Божјите помазани слуги наскоро ќе бидат во можност да ги наградат „другите овци“ за љубовта што им ја покажале (Јован 10:16). Како? Пред да почне војната Армагедон, сите 144.000 помазаници веќе ќе бидат воскреснати на небото како бесмртни духовни суштества. Тие тогаш ќе бидат дел од небесната војска која ќе го уништи Гог и ќе го заштити „големото мноштво“ Божји слуги (Отк. 2:26, 27; 7:9, 10). Големото мноштво ќе биде многу среќно што имало можност да ги поддржува Јеховините помазани слуги додека сѐ уште биле на Земјата!

КАКО МОЖЕМЕ ДА ОСТАНЕМЕ ВЕРНИ ДОДЕКА СЕ ПРИБЛИЖУВА КРАЈОТ?

19-20. И покрај нашите проблеми, како можеме да останеме верни додека се приближува Армагедон?

19 Во текот на овие тешки последни денови, голем број Јеховини слуги се соочуваат со огромни испити на верата. И покрај тоа, можеме да останеме верни и притоа да ја зачуваме радоста (Јак. 1:2-4). Една работа што многу ќе ни помогне е сесрдно да се молиме (Лука 21:36). Освен што ќе се молиме, треба секој ден да ја читаме Божјата Реч и да размислуваме за она што го пишува во неа, во што спаѓаат и пророштвата за она што наскоро ќе се случи (Пс. 77:12). Ако ги правиме овие работи и ако даваме сѐ од себе во службата на проповедање, ќе имаме силна вера и цврста надеж!

20 Замисли колку ќе бидеш радосен кога Големиот Вавилон ќе биде уништен и кога ќе заврши војната Армагедон! Што е уште поважно, замисли колку ќе бидеш среќен кога секој ќе го почитува името на Бог и неговото право да владее! (Езек. 38:23). Навистина, оние што го познаваат Бог, што му се послушни на неговиот Син и што ќе останат верни до крај, немаат причина да се плашат од Армагедон. Напротив, тој за нив ќе биде причина за голема радост! (Мат. 24:13).

ПЕСНА 143 Будно, спремно да чекаме!

^ пас. 5 Јеховините слуги веќе долго време го чекаат Армагедон. Во оваа статија ќе видиме што е Армагедон, кои настани ќе се случат кратко пред Армагедон и како можеме да му останеме верни на Јехова додека се приближува крајот.

^ пас. 71 ОПИС НА СЛИКАТА: Кога ќе биде дадена објавата за мир и сигурност, ние ќе продолжиме да учествуваме во службата сѐ додека тоа ни го дозволуваат околностите. Кога ќе биде уништена лажната религија, ние ќе продолжиме да ја проучуваме Божјата Реч. Кога Гог од Магог ќе нѐ нападне, ние и понатаму ќе имаме доверба дека Бог ќе нѐ штити.

^ пас. 85 ОПИС НА СЛИКАТА: Полицајци се подготвуваат да влезат во домот на едно семејство Сведоци кои имаат доверба дека Исус и неговите ангели се свесни за тоа што се случува.