Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 38

Дојдете кај мене и јас ќе ве закрепнам

Дојдете кај мене и јас ќе ве закрепнам

Дојдете кај мене сите вие што сте изморени и оптоварени, и јас ќе ве закрепнам (МАТ. 11:28)

ПЕСНА 17 „Сакам“

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Според Матеј 11:28-30, какво ветување дал Исус?

ИСУС му дал прекрасно ветување на едно мноштво што го слушало. Тој рекол: „Дојдете кај мене... и јас ќе ве закрепнам“. (Прочитај Матеј 11:28-30.) Ова не биле само празни зборови. На пример, размисли како Исус ѝ помогнал на една жена што страдала од тешка болест.

2. Како Исус ѝ помогнал на една жена што страдала од тешка болест?

2 На таа жена очајно ѝ била потребна помош. Таа страдала веќе 12 години и отишла кај многу лекари со надеж дека ќе се излекува, но никој не успеал да ѝ помогне. Освен тоа, според Законот што Јехова му го дал на Мојсеј, таа била нечиста (3. Мој. 15:25). Кога чула дека Исус може да ги излекува сите болести, отишла да го бара. Откако го нашла, го допрела работ на неговата облека и веднаш била излекувана! Но освен што ја излекувал, Исус ѝ помогнал и да си го врати достоинството. На пример, кога зборувал со неа, тој срдечно ѝ се обратил со зборот „ќерко“. Сето тоа сигурно многу ја зајакнало оваа жена! (Лука 8:43-48).

3. Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

3 Забележи дека жената била таа што отишла кај Исус. Исто е и денес — ние мора да вложиме труд за да „одиме“ кај Исус. Во наше време, Исус не ги лекува преку чудо болестите на оние што „одат“ кај него. Но неговата срдечна покана сѐ уште важи: „Дојдете кај мене... и јас ќе ве закрепнам“. Во оваа статија ќе го добиеме одговорот на пет прашања: Што треба да правиме за да „одиме“ кај Исус? Што сакал Исус да каже со зборовите: „Земете го мојот јарем на себе“? Што можеме да научиме од Исус? Зошто се чувствуваме убаво додека ја извршуваме задачата што ни ја дал тој? И како можеме и понатаму да наоѓаме поткрепа под јаремот на Исус?

„ДОЈДЕТЕ КАЈ МЕНЕ“

4-5. На кои начини можеме да „одиме“ кај Исус?

4 Еден начин на кој „одиме“ кај Исус е така што се трудиме колку што е можно повеќе да научиме за она што го кажал и за она што го направил (Лука 1:1-4). Никој друг не може да го стори тоа за нас — мора самите да ги проучуваме овие библиски извештаи. Исто така, ние сме ја прифатиле поканата да „одиме“ кај Исус така што сме одлучиле да се крстиме и да станеме Христови ученици.

5 Уште еден начин на кој „одиме“ кај Исус е така што бараме помош од собраниските старешини кога тоа ни е потребно. Преку овие „луѓе како дарови“, Исус се грижи за своите овчички (Еф. 4:7, 8, 11; Јован 21:16; 1. Пет. 5:1-3). Ако чувствуваме потреба од помош, ние самите треба им се обратиме на старешините. Не можеме да очекуваме тие да знаат што размислуваме и што ни е потребно. Размисли за брат Џулијан. Тој вели: „Морав да ја напуштам бетелската служба поради здравствени проблеми. Затоа еден пријател ми предложи да побарам пастирска посета. Во почетокот мислев дека тоа не ми е потребно. Сепак подоцна побарав помош, и таа пастирска посета беше еден од најдобрите подароци што сум ги добил“. Верните старешини, како тие двајца што го посетиле Џулијан, можат да ни помогнат да го запознаеме умот на Христос, односно, да сфатиме како размислува тој, и да научиме како да го следиме неговиот пример (1. Кор. 2:16; 1. Пет. 2:21). Тоа навистина е еден од најдобрите подароци што можеме да ги добиеме.

„ЗЕМЕТЕ ГО МОЈОТ ЈАРЕМ НА СЕБЕ“

6. Што сакал Исус да каже со зборовите: „Земете го мојот јарем на себе“?

6 Кога рекол: „Земете го мојот јарем на себе“, Исус можеби сакал да каже: „Прифатете го мојот авторитет“ или: „Дојдете кај мене под мојот јарем, и заедно ќе му служиме на Јехова“. И двата изрази укажуваат на тоа дека, за да го носиме јаремот, треба да вложиме труд.

7. Според Матеј 28:18-20, каква задача ни е доверена, и во што можеме да бидеме сигурни?

7 Ние сме ја прифатиле поканата на Исус кога сме му се заветувале на Јехова и кога сме се крстиле. Таа покана важи за сите — Исус никогаш нема да одбие некого што вистински сака да му служи на Бог (Јован 6:37, 38). Јехова му дал на Исус задача да го води делото на проповедање, а ние како следбеници на Христос ја имаме честа да учествуваме во тоа дело. Можеме да бидеме сигурни дека Исус секогаш ќе ни помага да ја извршиме таа задача. (Прочитај Матеј 28:18-20.)

„УЧЕТЕ ОД МЕНЕ“

Зајакнувај ги другите по примерот на Исус (Види во пасуси 8-11) *

8-9. Зошто понизните луѓе биле привлечени кон Исус, и кои прашања треба да си ги поставиме?

8 Понизните луѓе се чувствувале привлечени кон Исус (Мат. 19:13, 14; Лука 7:37, 38). Зошто? Размисли колкава разлика постоела меѓу Исус и фарисеите. Тие верски водачи биле бесчувствителни и горди (Мат. 12:9-14). Исус бил срдечен и понизен. Фарисеите сакале да бидат познати и да имаат углед во општеството. Исус ги поучувал своите ученици да не бидат како фарисеите, туку да бидат понизни и да им служат на другите (Мат. 23:2, 6-11). Фарисеите го злоупотребувале својот авторитет така што ги заплашувале луѓето (Јован 9:13, 22). Исус ги закрепнувал другите со своите добри дела и љубезни зборови.

9 Дали ти го следиш примерот на Исус? Прашај се: „Дали другите мислат дека сум благ и понизен човек? Дали извршувам понизни задачи за да им служам на другите? Дали сум обѕирен кон другите?“

10. Како се чувствувале оние што соработувале со Исус?

10 Исус бил срдечен и љубезен со своите ученици, и затоа им било пријатно да соработуваат со него. Исто така, тој бил радосен што може да ги поучува (Лука 10:1, 19-21). Поради однесувањето на Исус, неговите ученици се чувствувале слободни да му поставуваат прашања. А и тој им поставувал прашања бидејќи сакал да го чуе нивното мислење (Мат. 16:13-16). Растенијата во една добро одржувана градина цветаат и даваат богат плод. Слично на тоа, благодарение на грижата што им ја покажувал Исус, неговите ученици добро напредувале во духовен поглед. Тие внимателно ги слушале неговите поуки и давале плод така што правеле добри дела.

Биди пристаплив и срдечен

Биди ревносен во службата

Биди понизен и трудољубив *

11. Кои прашања треба да си ги поставиме?

11 Ако имаш одреден авторитет, прашај се: „Како постапувам со другите на работното место и дома? Дали на другите им е пријатно кога се со мене? Дали се чувствуваат слободни да ми поставуваат прашања? Дали внимателно ги слушам кога го кажуваат своето мислење?“ Не би сакале да бидеме како фарисеите кои им се лутеле на оние што го оспорувале нивното мислење, и кои сурово постапувале со оние што размислувале поинаку од нив (Мар. 3:1-6; Јован 9:29-34).

„ЌЕ НАЈДЕТЕ ПОТКРЕПА“

12-14. Зошто се чувствуваме убаво додека ја извршуваме задачата што ни ја дал Исус?

12 Зошто се чувствуваме убаво додека ја извршуваме задачата што ни ја дал Исус? Има многу причини, но ќе разгледаме неколку.

13 Ги имаме најдобрите надгледници. Иако има најголем авторитет, Јехова не е неблагодарен или суров господар. Тој го цени сето она што го правиме во службата за него (Евр. 6:10). Јехова ни ја дава и силата што ни е потребна за да ја извршуваме задачата што ни ја дал (2. Кор. 4:7; Гал. 6:5). Нашиот Цар Исус нѐ предводи со тоа што ни дал совршен пример (Јован 13:15). А старешините кои се грижат за нас како пастири се трудат да го следат Исус, „големиот пастир“ (Евр. 13:20; 1. Пет. 5:2). Тие даваат сѐ од себе за да бидат љубезни, храбри и да нѐ зајакнуваат додека нѐ поучуваат и нѐ штитат.

14 Ги имаме најдобрите пријатели. Размисли за следново: Ние ја имаме честа да соработуваме со луѓе кои живеат според највисоките морални мерила, но не мислат дека се подобри од другите. Нашите браќа и сестри имаат многу способности, но не се фалат поради тоа и ги сметаат другите за поголеми од себе. На нас гледаат како на пријатели, а не само како на соработници. Тие толку многу нѐ сакаат што се спремни дури и да го дадат својот живот за нас!

15. Како треба да гледаме на делото што го вршиме?

15 Ја имаме најдобрата задача. Ние ги поучуваме луѓето за вистината за Јехова и ги разоткриваме лагите што ги шири Ѓаволот (Јован 8:44). Сатана им наметнува на луѓето тешки товари кои не можат да ги носат. На пример, тој се обидува да нѐ убеди дека Јехова не нѐ сака и дека никогаш нема да ни ги прости гревовите. Тоа се ужасни лаги поради кои луѓето се многу обесхрабрени! Но, кога „одиме“ кај Исус, нашите гревови се простени. Освен тоа, Јехова многу го сака секого од нас (Рим. 8:32, 38, 39). Голема радост ни носи тоа што можеме да им помогнеме на луѓето да научат да се потпираат на Јехова и тоа што гледаме како животот им се менува на подобро!

И ПОНАТАМУ БАРАЈ ПОТКРЕПА ПОД ЈАРЕМОТ НА ИСУС

16. Каква разлика постои меѓу товарот што Исус нѐ поттикнува да го носиме и другите товари што мора да ги носиме?

16 Товарот што Исус нѐ поттикнува да го носиме се разликува од другите товари што мора да ги носиме. На пример, на крајот од еден работен ден, многумина се исцрпени и незадоволни. За разлика од тоа, на крајот од еден ден исполнет со духовни активности, се чувствуваме многу среќни и исполнети. Кога ќе се вратиме од работа, можеби сме исцрпени и мора да се натераме да одиме на состанок таа вечер. Но, кога ќе се вратиме дома после состанок, честопати се чувствуваме освежени и зајакнати. Истото важи и кога се трудиме да проповедаме и лично да ја проучуваме Библијата. Благословите што ги добиваме се многу поголеми од трудот и силата што ги вложуваме за тие активности!

17. Зошто треба реално да си ги процениме нашите сили и на што треба да внимаваме?

17 Но, сите сме свесни дека нашата сила има граници. Затоа, мора да бидеме реални и мудро да процениме колку работи сакаме да постигнеме. На пример, може да се случи да трошиме премногу сила обидувајќи се да стекнеме материјални работи. Забележи што му рекол Исус на еден млад и богат поглавар кој го прашал: „Што морам да сторам за да наследам вечен живот?“ Младиот човек веќе бил послушен на Мојсеевиот закон. И сигурно бил чесен човек бидејќи во евангелието според Марко јасно пишува дека Исус имал наклоност кон него. Затоа Исус му го рекол следново: „Оди, продај сѐ што имаш... Тогаш дојди и оди по мене“. Човекот сакал да го следи Исус, но не сакал да се откаже од својот голем имот (Мар. 10:17-22). Поради тоа, не го прифатил јаремот што му го понудил Исус, и продолжил да му робува на богатството (Мат. 6:24). Што би направил ти да си бил на негово место?

18. Што треба понекогаш да правиме, и зошто?

18 Одвреме-навреме, добро е да се преиспитаме што ни е на прво место во животот. Зошто? За да бидеме сигурни дека мудро ја користиме нашата сила. Размисли за еден млад брат по име Марк. Тој вели: „Многу години си мислев дека водам едноставен живот. Служев како пионер, но трошев многу време и сила за да заработам пари со цел да живеам поудобно. Се прашував зошто не се чувствувам вистински исполнет. Тогаш сфатив дека мислам само на себе и дека на Јехова посветувам само онолку време колку што ми останува“. Марк направил промени во своето размислување и во начинот на живеење за да може повеќе да прави во службата за Јехова. Тој вели: „Понекогаш сум загрижен за мојата материјална состојба, но со помошта од Јехова и од Исус, успевам да се концентрирам на службата за Јехова“.

19. Зошто е важно да имаме исправен став?

19 Ние ќе продолжиме да наоѓаме поткрепа под јаремот на Исус ако правиме три работи. Прво, треба да имаме исправно гледиште за задачата што ја извршуваме. Таа е од Јехова, и затоа треба да ја извршуваме во склад со упатствата што ни ги дава тој. Ние сме работниците, а Јехова е Господарот (Лука 17:10). Ако се обидуваме таа задача да ја вршиме на наш начин, ќе ни биде многу тешко бидејќи во тој случај би се бореле против јаремот. Дури и еден силен бик веројатно ќе се повреди и ќе се исцрпи ако постојано се обидува да оди во свој правец и ако се бори против јаремот со кој управува неговиот господарот. Од друга страна, можеме многу да постигнеме и да ја надминеме секоја пречка доколку го следиме водството од Јехова. Не треба да заборавиме дека неговата намера сигурно ќе се изврши, и никој не може да го спречи тоа! (Рим. 8:31; 1. Јов. 4:4).

20. Од кој мотив треба да го носиме јаремот на Исус?

20 Второ, треба да служиме од исправен мотив. Ние го носиме јаремот на Исус бидејќи сакаме да го славиме нашиот грижлив Татко Јехова. Луѓето од првиот век кои го следеле Исус од алчност или од себични мотиви, многу брзо се разочарале и го отфрлиле неговиот јарем (Јован 6:25-27, 51, 60, 66; Фил. 3:18, 19). За разлика од нив, оние што го следеле Исус од љубов кон Бог и кон луѓето, радосно го носеле тој јарем во текот на целиот живот додека биле на Земјата, и имале надеж дека ќе служат со Христос на небото. Ако имаме исправен мотив, и ние ќе ја зачуваме радоста додека го носиме јаремот на Исус.

21. Според Матеј 6:31-33, во што можеме да бидеме сигурни?

21 Трето, треба да имаме исправни очекувања. Ние самите сме избрале да водиме самопожртвуван живот и да даваме сѐ од себе во службата за Бог. Исус нѐ предупредил дека ќе бидеме прогонувани. Но можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни дава сила да истраеме во секоја неволја. Колку повеќе истрајуваме, толку поблиски стануваме со Јехова (Јак. 1:2-4). Исто така, можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни го дава она што ни е потребно, дека Исус ќе се грижи за нас како пастир, и дека нашите браќа и сестри ќе нѐ охрабруваат. (Прочитај Матеј 6:31-33; Јован 10:14; 1. Сол. 5:11.) Зарем ни треба нешто повеќе од тоа?

22. Зошто можеме да бидеме среќни?

22 Жената што 12 години страдала од тешка болест била емоционално и физички зајакната истиот ден кога Исус ја излекувал. Но таа ќе добиела и трајни благослови само ако станела верен следбеник на Христос. Што мислиш, што сторила оваа жена? Ако одлучила да го прифати јаремот на Исус, замисли каква награда добила — да служи со него на небото! Секоја жртва што можеби ја направила за да го следи Христос навистина вредела. Без разлика каква надеж имаме — да живееме вечно на небото или на Земјата — можеме да бидеме многу среќни затоа што сме ја прифатиле поканата на Исус: „Дојдете кај мене“.

ПЕСНА 13 Исус, нашиот пример

^ пас. 5 Исус нѐ повикува: „Дојдете кај мене“. Што треба да правиме за да ја прифатиме неговата покана? Одговорот на ова прашање ќе го добиеме во оваа статија. Исто така, ќе се потсетиме како нѐ закрепнува тоа што соработуваме со Исус.

^ пас. 60 ОПИС НА СЛИКАТА: Исус ги закрепнувал другите на различни начини.

^ пас. 66 ОПИС НА СЛИКАТА: Слично како Исус, еден брат ги закрепнува другите на различни начини.