Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 39

Се собира големото мноштво!

Се собира големото мноштво!

Потоа видов големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи... како стојат пред престолот и пред Јагнето (ОТК. 7:9)

ПЕСНА 60 Дело што живот значи

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Во какви околности се наоѓал апостол Јован при крајот на првиот век од н.е.?

ПРИ крајот на првиот век од н.е., Јован се наоѓал во многу тешки околности. Најверојатно тој бил последниот апостол што сѐ уште бил жив. Веќе бил навлезен во години и бил протеран на островот Патмос (Отк. 1:9). Јован знаел дека отпадниците шират погрешни учења и предизвикуваат поделби во христијанските собранија. Можеби изгледало дека наскоро и последните вистински христијани ќе ги снема (Јуда 4; Отк. 2:15, 20; 3:1, 17).

Апостол Јован видел големо мноштво луѓе облечени во бели долги облеки со палмови гранки во рацете. (Види во пасус 2)

2. Според Откровение 7:9-14, какво впечатливо видение добил Јован? (Види ја сликата на насловната страница.)

2 Додека се наоѓал во тие тешки околности, Бог му дал едно впечатливо пророчко видение. Јован видел како еден ангел им вели на четири други ангели да ги задржат разорните ветрови на големата неволја додека една група Божји робови не бидат конечно обележани со печат (Отк. 7:1-3). Таа група се состои од 144.000 луѓе кои ќе владеат заедно со Исус од небото (Лука 12:32; Отк. 7:4). Потоа Јован спомнува една друга група која била толку голема што тој возбудено рекол: „Видов големо мноштво луѓе, кои никој не можеше да ги изброи, од сите народи и племиња и народности и јазици, како стојат пред престолот и пред Јагнето“. (Прочитај Откровение 7:9-14.) Без сомнение, Јован бил многу среќен кога дознал дека во иднина ќе има многу луѓе кои ќе му служат на Бог на исправен начин!

3. а) Зошто видението на Јован треба да ни ја зајакне верата? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Ова видение сигурно му ја зајакнало верата на Јован. Но, уште повеќе треба да ја зајакне нашата вера затоа што ние живееме во времето кога тоа се исполнува. Денес гледаме како се собираат милиони луѓе кои имаат надеж да ја преживеат големата неволја и да живеат засекогаш на Земјата. Во оваа статија ќе видиме како Јехова, пред повеќе од 80 години, му разјаснил на својот народ кое е тоа големо мноштво. Потоа ќе разгледаме две обележја на таа група: 1) дека е многу голема и 2) дека ја сочинуваат луѓе од целиот свет. Овие работи треба да им ја зајакнат верата на сите што се дел од големото мноштво.

КАДЕ ЌЕ ЖИВЕЕ ГОЛЕМОТО МНОШТВО?

4. Која библиска вистина не ја разбираат црквите на христијанскиот свет, и во кој поглед Истражувачите на Библијата се разликувале од нив?

4 Општо земено, црквите на христијанскиот свет не поучуваат за библиската вистина дека еден ден послушните луѓе ќе живеат засекогаш на Земјата (2. Кор. 4:3, 4). Денес повеќето цркви учат дека сите добри луѓе одат на небото кога ќе умрат. Но, малата група Истражувачи на Библијата кои го издавале списанието Стражарска кула при крајот на 19 век имале поинакво гледиште. Тие сфатиле дека Бог ќе го обнови рајот на Земјата и дека милиони послушни луѓе ќе живеат овде на Земјата — а не на небото. Сепак, било потребно време за да можат јасно да разберат кои ќе бидат тие послушни луѓе (Мат. 6:10).

5. Што сфатиле Истражувачите на Библијата во врска со 144-те илјади?

5 Од своето проучување на Божјата Реч, Истражувачите на Библијата исто така дознале дека една група луѓе ќе бидат „откупени од земјата“ за да владеат заедно со Исус од небото (Отк. 14:3). Сфатиле дека таа група се состои од 144.000 ревносни и оддадени христијани кои верно му служеле на Бог додека живееле на Земјата. Но, што мислеле за големото мноштво?

6. Што заклучиле Истражувачите на Библијата во врска со големото мноштво?

6 Во видението што го добил, Јован видел дека големото мноштво луѓе „стојат пред престолот и пред Јагнето“ (Отк. 7:9). На темел на тие зборови, Истражувачите на Библијата заклучиле дека големото мноштво, исто како 144-те илјади, ќе добие живот на небото. Но, ако и двете групи требало да живеат на небото, тогаш која е разликата помеѓу нив? Истражувачите на Библијата сметале дека големото мноштво најверојатно ќе се состои од христијани кои не му биле потполно послушни на Бог додека живееле на Земјата. Иако постапувале во склад со библиските морални мерила, некои од нив не ги напуштиле црквите на христијанскиот свет. Истражувачите на Библијата заклучиле дека нема да им биде дадено да владеат со Исус затоа што не биле доволно ревносни. Бидејќи нивната љубов кон Бог не била доволно силна, Истражувачите сметале дека членовите на големото мноштво ќе можат да бидат на небото пред Божјиот престол, но нема да можат да седат на престоли за да владеат.

7. а) Според Истражувачите на Библијата, кој ќе живеел на Земјата во текот на илјадагодишното владеење? б) Што мислеле тие за верните Божји слуги кои живееле пред Христос?

7 Тогаш кој ќе живее на Земјата? Истражувачите на Библијата сметале дека, откако групата од 144.000 и големото мноштво ќе бидат собрани на небото, милиони други ќе добијат можност да живеат на Земјата и да уживаат во благословите на Христовото илјадагодишно владеење. Истражувачите на Библијата мислеле дека тие милиони луѓе нема да му служат на Јехова пред да започне Христовото владеење. Наместо тоа, сметале дека тие ќе бидат поучени за Јехова во текот на илјадагодишното владеење. Потоа, оние што ќе го усогласат својот живот со Јеховините мерила ќе останат да живеат вечно на Земјата, а оние што ќе се побунат ќе бидат уништени. Истражувачите на Библијата исто така сметале дека некои што во тоа време ќе служат како „кнезови“ на Земјата — во кои ќе спаѓаат и воскреснати верни Божји слуги кои живееле пред Христос — на крајот на илјадагодишното владеење сепак некако ќе бидат наградени со живот на небото (Пс. 45:16).

8. Според Истражувачите на Библијата, кои три групи биле вклучени во Божјата намера?

8 Значи, Истражувачите на Библијата сметале дека ќе има три групи: 1) 144-те илјади кои ќе владеат со Исус од небото; 2) големото мноштво христијани кои не биле доволно ревносни и кои ќе стојат пред престолот и пред Јагнето на небото; и 3) милиони луѓе кои ќе живеат на Земјата и ќе бидат поучени за Јехова во текот на Христовото илјадагодишно владеење. * Но, во свое време, Јехова фрлил уште поголема светлина врз видението за големото мноштво (Изр. 4:18).

ВИСТИНАТА СВЕТИ СЀ ПОСИЛНО

На еден конгрес во 1935 год. се крстиле многу лица кои имале надеж за живот на Земјата (Види во пасус 9)

9. а) Во која смисла големото мноштво на Земјата „стои пред престолот и пред Јагнето“? б) Зошто ова разбирање на Откровение 7:9 е логично?

9 Во 1935 год., било разјаснето кое е големото мноштво од видението на Јован. Јеховините сведоци сфатиле дека големото мноштво луѓе не мора буквално да бидат на небото за да „стојат пред престолот и пред Јагнето“. Тие го прават тоа во симболична смисла. Иако се на Земјата, оние што се дел од големото мноштво стојат „пред престолот“ така што го признаваат Јехова како Владетел и спремно се покоруваат на неговата власт (Иса. 66:1). Тие стојат „пред Јагнето“ во таа смисла што покажуваат вера во откупната жртва на Исус. Уште еден библиски стих покажува дека Откровение 7:9 има симболично значење. Во Матеј 25:31, 32 се вели дека „сите народи“ — вклучувајќи ги и злите луѓе — „ќе се соберат пред“ Исус, кој ќе седи на својот славен престол. Јасно е дека сите овие народи не се на небото, туку на Земјата. Ова појаснето разбирање кое било дадено во 1935 год. е логично. Тоа покажува зошто Библијата никаде не вели дека големото мноштво ќе биде земено на небото. Само на една група луѓе им е ветен вечен живот на небото — на 144-те илјади, кои „ќе царуваат над земјата“ заедно со Исус (Отк. 5:10).

10. Зошто големото мноштво ќе мора да биде поучено за Јехова пред да започне илјадагодишното владеење на Христос?

10 Според тоа, од 1935 год., Јеховините сведоци сфатиле дека големото мноштво од видението на Јован се состои од верни христијани кои имаат надеж да живеат засекогаш на Земјата. За да ја преживеат големата неволја, тие ќе мора да бидат поучени за Јехова и да почнат да му служат пред да започне илјадагодишното владеење на Христос. Така ќе имаат доволно цврста вера за да го избегнат „сето она што треба да се случи“ пред да започне тоа владеење (Лука 21:34-36).

11. Зошто Истражувачите на Библијата мислеле дека некои ќе добијат живот на небото на крајот на илјадагодишното владеење?

11 А зошто Истражувачите на Библијата сметале дека некои од оние што ќе служат како „кнезови“ на Земјата, ќе бидат наградени со живот на небото на крајот од илјадагодишното владеење? Тие си мислеле дека не би било праведно некои верни Божји слуги од минатото да живеат засекогаш на Земјата, а некои христијани што не биле толку верни и ревносни да бидат наградени со живот на небото. Затоа, во Стражарска кула од 15 февруари 1913 год. пишувало дека е можно некои од тие верни Божји слуги од минатото сепак да добијат живот на небото на крајот на илјадагодишното владеење. Врз ваквото размислување влијаеле две погрешни претпоставки: 1) дека големото мноштво ќе живее на небото и 2) дека големото мноштво ќе се состои од христијани кои не биле толку ревносни.

12-13. Што сфаќаат и помазаниците и големото мноштво во врска со својата награда?

12 Но, како што видовме, од 1935 год. Јеховините сведоци јасно разбрале дека големото мноштво луѓе од видението на Јован се, всушност, оние што ќе го преживеат Армагедон. Тие „доаѓаат од големата неволја“ и ќе останат да живеат токму овде, на Земјата. Тие ќе викаат на сет глас: „Спасението му го должиме на својот Бог, кој седи на престолот, и на Јагнето!“ (Отк. 7:10, 14). Јеховините сведоци исто така сфатиле дека верните Божји слуги од минатото нема да одат на небо бидејќи Библијата вели дека оние што ќе бидат воскреснати за живот на небото добиваат „нешто подобро“ од нив (Евр. 11:40). Новото разбирање од 1935 год. ги поттикнало нашите браќа ревносно да ги повикуваат луѓето да му служат на Јехова за да можат еден ден да живеат засекогаш на Земјата.

13 Оние што се дел од големото мноштво се многу среќни што имаат таква надеж. Тие се свесни дека Јехова е тој што одредува каде ќе живеат неговите верни слуги — дали на небото или на Земјата. И помазаниците и големото мноштво сфаќаат дека не ја заслужуваат својата награда. Тие ја имаат само благодарение на незаслужената доброта, која Јехова ја покажува преку откупната жртва на Исус Христос (Рим. 3:24).

ГОЛЕМОТО МНОШТВО Е МНОГУБРОЈНО

14. По 1935 год., зошто мнозина се прашувале како ќе се исполни пророштвото за големото мноштво?

14 Откако Јеховините слуги добиле појасно разбирање во 1935 год., мнозина сѐ уште се прашувале како оние што имаат надеж за живот на Земјата ќе станат големо мноштво. На пример, Роналд Паркин имал 12 години кога било објаснето кој го сочинува големото мноштво. Тој вели: „Во тоа време, низ целиот свет имаше околу 56.000 објавители, а многумина — можеби и повеќето — беа помазаници. Изгледаше дека големото мноштво и не е толку големо“.

15. Како продолжиле да се собираат луѓето кои го сочинуваат големото мноштво?

15 Но, во наредните децении, во многу земји беа испратени мисионери, и бројот на Јеховините сведоци постепено почна да расте. Потоа, во 1968 год., излезе книгата Вистина која води до вечен живот, која беше наменета за проучување на Библијата со заинтересираните лица. Благодарение на едноставниот начин на кој беа објаснети библиските вистини во неа, уште многу кротки луѓе почнаа да му служат на Јехова. За четири години, се крстија повеќе од половина милион нови ученици. Додека Католичката црква сѐ повеќе го губеше своето влијание во Јужна Америка и во други земји, а ограничувањата на нашето дело во Источна Европа и во некои делови на Африка беа укинати, се крстија уште неколку милиони лица (Иса. 60:22). Во последниве години, Јеховината организација издаде и други публикации за да им помогне на луѓето да ги разберат библиските вистини. Нема никакво сомнение дека се собира едно навистина големо мноштво, кое сега брои повеќе од осум милиони!

ГОЛЕМОТО МНОШТВО ГО СОЧИНУВААТ ЛУЃЕ ОД СИТЕ НАРОДИ

16. Од каде потекнуваат луѓето што го сочинуваат големото мноштво?

16 Кога го запишал своето видение, Јован рекол дека големото мноштво ќе се состои од луѓе „од сите народи и племиња и народности и јазици“. Со години пред тоа, нешто слично претскажал и пророкот Захарија. Тој напишал: „Во тие денови, десет луѓе од сите јазици што ги зборуваат народите ќе фатат за скут еден Евреин, ќе го фатат, велејќи: ’Ќе одиме со вас зашто чувме дека Бог е со вас‘“ (Зах. 8:23).

17. На кој начин им се помага на луѓето од сите народи кои зборуваат разни јазици?

17 Јеховините сведоци сфаќаат дека добрата вест мора да се проповеда на многу јазици за да можат да се соберат луѓе од сите народи. Иако повеќе од 130 години издаваме публикации за проучување на Библијата на разни јазици, денес нашата литература се преведува на повеќе јазици од кога и да било порано во човечката историја. Со тоа што го собира големото мноштво од сите народи, Јехова навистина прави чудо во нашево време! Поради тоа што има духовна храна на сѐ повеќе јазици, сите овие луѓе можат обединето да го слават. Освен тоа, Јеховиниот народ е познат по својата братска љубов и по своето ревносно проповедање. Сето ова сигурно многу ни ја зајакнува верата! (Мат. 24:14; Јован 13:35).

КАКВО ЗНАЧЕЊЕ ИМА ОВА ВИДЕНИЕ ЗА НАС?

18. а) Во склад со Исаија 46:10, 11, зошто не сме изненадени што Јехова го исполнува пророштвото за големото мноштво? б) Зошто оние кои имаат надеж за живот на Земјата не сметаат дека им е скратено нешто?

18 Многу сме среќни што го разбираме пророштвото за големото мноштво! Воопшто не сме изненадени што Јехова го исполнува ова пророштво на ваков чудесен начин. (Прочитај Исаија 46:10, 11.) Оние што се дел од големото мноштво се благодарни за надежта што им ја дал Јехова. Тие не сметаат дека им е скратено нешто затоа што не се помазани со Божјиот дух за да служат заедно со Исус од небото. Библијата содржи извештаи за верни мажи и жени кои биле водени од светиот дух, но сепак не се дел од 144-те илјади. Еден таков Божји слуга е Јован Крстител (Мат. 11:11). Друг е Давид (Дела 2:34). Јован и Давид, како и безброј други, ќе бидат воскреснати за да живеат во рајот на Земјата. Сите тие — заедно со големото мноштво — ќе имаат можност да ја покажат својата верност кон Јехова и да го поддржат како Севишен Владетел.

19. На што треба да нѐ поттикне тоа што гледаме дека се исполнува видението за големото мноштво?

19 Првпат во човечката историја, Бог собира милиони луѓе од сите народи за да го слават обединето. Сеедно дали имаме надеж да живееме на небото или на Земјата, ние мора да им помогнеме на колку што е можно повеќе луѓе да станат дел од големото мноштво од „други овци“ (Јован 10:16). Наскоро, во проречената голема неволја, Јехова ќе ги уништи владите и религиите кои му нанеле огромно страдање на човечкиот род. Каква неспоредлива чест имаат сите што се дел од големото мноштво — да му служат на Јехова на Земјата во сета вечност! (Отк. 7:14).

ПЕСНА 139 Се гледаш ли во новиот свет?

^ пас. 5 Во оваа статија се зборува за видението на Јован во кое било претскажано собирањето на едно „големо мноштво“. Она што ќе биде разгледано сигурно ќе им ја зајакне верата на сите што се дел од ова „мноштво“.

^ пас. 8 Види во книгата Јеховини сведоци — објавители на Божјето Царство, стр. 159-163 (англ.).