Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 35

Јехова многу ги сака своите понизни слуги

Јехова многу ги сака своите понизни слуги

Јехова е високо, а сепак го гледа понизниот (ПС. 138:6)

ПЕСНА 48 Секој ден одиме со Јехова

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како гледа Јехова на понизните луѓе? Објасни.

ЈЕХОВА многу ги сака понизните луѓе. Само оние што се вистински понизни можат да бидат негови блиски пријатели. Од друга страна, „надмениот [односно гордиот] го познава само оддалеку“ (Пс. 138:6). Сите сакаме да го радуваме Јехова и да бидеме блиски со него. Затоа имаме добри причини да научиме да покажуваме понизност.

2. Што ќе разгледаме во оваа статија?

2 Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на следниве три прашања: 1) Што е понизност? 2) Зошто треба да ја развиваме оваа особина? 3) Во кои ситуации може да ни биде тешко да останеме понизни? Како што ќе видиме, тоа што развиваме понизност ни користи нам лично и го радува Јехова (Изр. 27:11; Иса. 48:17).

ШТО Е ПОНИЗНОСТ?

3. Што е понизност?

3 Оној што е понизен не е вообразен и не мисли дека е поважен од другите. Според Библијата, понизниот човек има исправно гледиште за себе во однос на Јехова. Освен тоа, ваквото лице има исправен став кон другите луѓе и признава дека секој човек е во нешто подобар од него (Фил. 2:3, 4).

4-5. Зошто некој што се чини дека е понизен можеби, всушност, не е вистински понизен?

4 Некои луѓе само навидум се понизни. Можеби се срамежливи или тивки по природа. Можеби се учтиви и покажуваат почит кон другите бидејќи така се воспитани. Но, всушност, длабоко во себе можеби се многу горделиви. Порано или подоцна, ќе покажат какви се навистина во срцето (Лука 6:45).

5 Од друга страна, некои што оставаат впечаток дека се самоуверени или, пак, отворено кажуваат што мислат, не мора да значи дека се горди (Јован 1:46, 47). Сепак, оние што не се срамежливи мора да внимаваат да не се потпираат на своите способности за да не се возгордеат. Без разлика дали сме срамежливи или не, сите мора многу да се трудиме да бидеме вистински понизни.

Апостол Павле имал понизно гледиште за себеси (Види во пасус 6) *

6. Според 1. Коринќаните 15:10, што можеме да научиме од примерот на апостол Павле?

6 Да го разгледаме примерот на апостол Павле. Јехова во голема мера го користел за да се формираат нови собранија во многу градови. Можеби проповедал во повеќе градови од кој и да било од апостолите на Исус. Сепак, Павле не мислел дека е подобар или поважен од своите браќа. Тој понизно признал: „Јас сум најмал од апостолите и не сум достоен да се наречам апостол, бидејќи го прогонував Божјето собрание“ (1. Кор. 15:9). Потоа, Павле исправно кажал дека неговиот добар однос со Јехова се должи само на Јеховината незаслужена доброта, а не на неговите способности или на она што го постигнал во службата. (Прочитај 1. Коринќаните 15:10.) Павле дал убав пример за понизност. Кога го напишал своето писмо до христијаните во Коринт, Павле не се фалел себеси иако некои во собранието го критикувале! (2. Кор. 10:10).

Карл Клајн, еден понизен брат кој служел како член на Водечкото тело (Види во пасус 7)

7. Како покажал понизност еден брат кој извршувал одговорни задачи во организацијата?

7 Многу Божји слуги се охрабрени од примерот на брат Карл Клајн, кој служел како член на Водечкото тело. Во својата животна приказна, брат Клајн понизно и искрено зборувал за многу од своите слабости и проблеми со кои се борел во животот. На пример, кога за првпат проповедал од куќа до куќа во 1922 год., тоа му било толку тешко што поминале речиси две години пред повторно да учествува во тој вид служба. Подоцна, додека служел во Бетел, тој некое време му бил лут на еден брат кој му дал строг совет. Исто така, брат Клајн не се срамел да каже дека доживеал нервен слом од кој подоцна закрепнал. Сепак, имал и голем број одговорни задачи. Замисли колкава понизност му била потребна на брат Клајн кој, и покрај тоа што имал големи одговорности, отворено зборувал за своите слабости! Многу браќа и сестри со задоволство се сеќаваат на брат Клајн и на неговата искрена животна приказна. *

ЗОШТО ТРЕБА ДА РАЗВИВАМЕ ПОНИЗНОСТ?

8. Како зборовите од 1. Петрово 5:6 ни помагаат да сфатиме дека понизноста го радува Јехова?

8 Најважната причина зошто треба да развиваме понизност е бидејќи тоа го радува Јехова. Ова јасно се гледа од зборовите на апостол Петар. (Прочитај 1. Петрово 5:6.) Во врска со тоа што го кажал Петар, во книгата „Појди по мене!“ го пишува следново: „Вообразеноста е како отров. Последиците од неа можат да бидат разорни. Колку и да е човек надарен, ако е вообразен, за Бог ќе биде бескорисен. Но, ако некој е понизен, макар да е и најбезначаен, Јехова може да го користи во голема мера... [На Јехова] ќе му биде многу мило да те награди... за твојата понизност“. * Навистина, нема ништо подобро од тоа да го радуваме срцето на Јехова! (Изр. 23:15).

9. Зошто сакаме да бидеме блиски со оние што се понизни?

9 Освен што го радуваме Јехова, кога се трудиме да бидеме понизни добиваме и многу благослови. Ако сме понизни, другите ќе сакаат да бидат блиски со нас. За да разбереш зошто е тоа така, размисли со какви луѓе сакаш да се дружиш (Мат. 7:12). Обично не сакаме да бидеме со некој што сака сѐ да биде по негово и не прифаќа предлог од никого. За разлика од тоа, ние уживаме кога сме со браќа и сестри кои се „сочувствителни, полни со братска љубов, сомилосни, понизни“ (1. Пет. 3:8). Доколку нас нѐ привлекуваат такви луѓе, веројатно и ние ќе им бидеме привлечни ним — сѐ додека сме понизни.

10. Зошто на понизните луѓе им е полесно да се справат со проблемите во животот?

10 Исто така, понизноста ни го олеснува животот. Реално гледано, понекогаш ќе видиме или ќе доживееме работи за кои мислиме дека се неправедни. Мудриот цар Соломон рекол: „Видов слуги на коњи, и кнезови како одат пеш по земјата како слуги“ (Проп. 10:7). Понекогаш, луѓето кои се многу способни за некоја работа не добиваат признание за тоа. А оние што се помалку способни добиваат признание и поголема чест. И покрај тоа, Соломон сфатил дека е помудро да ја прифатиме реалноста наместо да се вознемируваме поради лошите околности во животот (Проп. 6:9). Ако сме понизни, ќе ни биде полесно да ги прифатиме и оние работи во животот кои не ни се допаѓаат.

КОГА МОЖЕ ДА НИ БИДЕ ТЕШКО ДА ОСТАНЕМЕ ПОНИЗНИ?

Зошто може да ни биде тешко да останеме понизни во една ваква ситуација? (Види во пасуси 11-12) *

11. Зошто ни е потребна понизност кога ќе добиеме совет?

11 Секој ден имаме безброј можности да покажеме понизност. Размисли за следниве примери. Кога ќе добиеме совет. Добро е да имаме на ум дека, ако некој вложил труд за да ни даде совет, веројатно сме направиле поголема грешка отколку што сме свесни. Во такви ситуации, можеби сме склони веднаш да го отфрлиме советот. Можеби ќе го критикуваме оној што ни го дал советот или начинот на кој ни го кажал. Но, ако сме понизни, ќе се трудиме да покажеме исправен став.

12. Според Изреки 27:5, 6, зошто треба да бидеме благодарни кога некој ќе ни даде совет? Наведи пример.

12 Понизниот човек е благодарен кога ќе добие совет. Да наведеме еден пример. Замисли дека си во салата за состаноци. Откако си разговарал со неколку браќа, еден од нив те трга на страна и ти кажува дека ти останала храна на забите. Без сомнение, ќе ти биде непријатно. Но, во исто време, сигурно си благодарен што ти го кажал тоа. Всушност, можеби посакуваш некој да ти кажел порано! Слично на тоа, треба да покажеме понизност и да бидеме благодарни кога некој соверник ќе собере храброст и ќе ни даде совет што ни е потребен. На тоа лице треба да гледаме како на пријател, а не како на непријател. (Прочитај Изреки 27:5, 6; Гал. 4:16.)

Зошто ни е потребна понизност кога другите добиваат одговорни задачи? (Види во пасуси 13-14) *

13. Како можеме да покажеме понизност кога другите ќе добијат некоја одговорна задача?

13 Кога другите ќе добијат некоја одговорна задача. Еден старешина по име Џејсон признава: „Кога гледам дека другите добиваат некои одговорни задачи, понекогаш се прашувам зошто јас не добивам“. Дали и ти некогаш се чувствуваш така? Не е погрешно да сакаш да служиш во поголема мера (1. Тим. 3:1). Но, притоа мора да си го чуваме срцето. Ако не сме внимателни, може да се случи во него да се развие гордост. На пример, некој брат би можел да си мисли дека е најсоодветниот за некоја задача во собранието. А некоја сестра би можела да си рече: „Маж ми може да ја изврши оваа задача многу подобро од тој брат!“ Меѓутоа, ако сме вистински понизни, нема да размислуваме на ваков начин.

14. Што учиме од начинот на кој реагирал Мојсеј кога други добивале одговорни задачи?

14 Можеме многу да научиме од начинот на кој реагирал Мојсеј кога други добивале одговорни задачи. Тој многу ја ценел својата задача да го предводи израелскиот народ. Но како реагирал кога Јехова им дозволил и на други да служат заедно со него? Мојсеј не бил љубоморен (4. Мој. 11:24-29). Тој понизно им дозволил на други да му помогнат во задачата да му суди на народот (2. Мој. 18:13-24). На тој начин, бидејќи имало повеќе луѓе кои можеле да судат, Израелците не морале да чекаат долго за да добијат пресуда. Ова покажува дека на Мојсеј му била поважна благосостојбата на другите отколку положбата што ја имал. Со тоа ни оставил многу добар пример! Треба да имаме на ум дека, ако сакаме да му бидеме корисни на Јехова, поважно е да бидеме понизни отколку да имаме некоја голема вештина. „Јехова е високо, а сепак го гледа понизниот“ (Пс. 138:6).

15. Како им се промениле околностите на многу браќа и сестри?

15 Кога ќе ни се променат околностите. Во последниве години, голем број браќа и сестри кои долго време извршувале одредена задача во службата за Јехова добија нова задача. На пример, во 2014 год., обласните надгледници и нивните сопруги беа замолени да служат во друг вид полновремена служба. Почнувајќи од таа година, покраинските надгледници треба да прекинат со нивната задача кога ќе наполнат 70 години. А браќата кои наполниле 80 години, не треба повеќе да служат како координатори на старешинствата во собранијата. Исто така, во последните неколку години, многумина од бетелското семејство беа испратени да служат како пионери. Други мораа да прекинат со специјалната полновремена служба поради здравствени проблеми, семејни одговорности или некои други причини.

16. Како нашите браќа и сестри покажале понизност со тоа што ги прифатиле нивните нови околности?

16 На овие браќа и сестри не им беше лесно да ги направат ваквите промени. Очигледно, тие многу ја сакаа својата поранешна задача, која повеќето од нив ја извршуваа со години. Затоа, додека се навикнуваа на новите околности, некои од нив минуваа низ период на длабока тага. Но, со текот на времето, успешно се приспособија на новите околности. Зошто? Пред сѐ поради нивната љубов кон Јехова. Тие не му ветиле на Јехова дека ќе му служат само ако извршуваат одредена задача, или ако имаат некоја одговорна положба (Кол. 3:23). Напротив, со задоволство продолжуваат понизно да му служат на Јехова извршувајќи ја која и да било задача. Тие му ги оставаат „сите свои грижи“, бидејќи знаат дека тој се грижи за нив (1. Пет. 5:6, 7).

17. Зошто сме благодарни што Божјата Реч нѐ поттикнува да бидеме понизни?

17 Многу сме благодарни што Божјата Реч нѐ поттикнува да бидеме понизни. Кога ја покажуваме оваа убава особина, тоа ни користи и нам и на другите. Таа ни помага подобро да се справиме со проблемите во животот. А најважно од сѐ, стануваме поблиски со нашиот небесен Татко. Многу се радуваме што знаеме дека Севишниот Бог ги сака и ги цени своите понизни слуги! (Иса. 57:15).

ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце

^ пас. 5 Една од најважните особини што треба да ја развиваме е понизноста. Што е понизност? Зошто треба да ја развиваме оваа особина? И зошто може да ни биде тешко да останеме понизни кога ни се менуваат околностите? Во оваа статија ќе ги разгледаме овие важни прашања.

^ пас. 7 Види ја статијата „Јехова е многу добар со мене!“ од 1 мај 2001, како и животната приказна на брат Клајн која излезе во Стражарска кула од 1 октомври 1984 (англ.).

^ пас. 53 ОПИС НА СЛИКАТА: Во домот на еден брат, апостол Павле покажува понизност додека се дружи со другите, вклучувајќи ги и децата.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден брат прифаќа библиски совет од еден помлад брат.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Постариот брат не му завидува на помладиот брат кој извршува одговорна задача во собранието.