Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 37

Секогаш биди му послушен на Јехова

Секогаш биди му послушен на Јехова

Зарем нема уште поспремно да му се подложиме на Таткото? (ЕВР. 12:9)

ПЕСНА 9 Јехова е нашиот Цар!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Зошто треба да му бидеме послушни на Јехова?

ЈЕХОВА е нашиот Творец и затоа треба да му бидеме послушни. * Тој има право да ни каже како да постапуваме (Отк. 4:11). Но имаме уште една силна причина за да му бидеме послушни — неговиот начин на владеење е најдобар. Низ историјата, многу луѓе владееле врз други луѓе. Но кога ќе го споредиме нивниот начин на владеење со владеењето на Јехова, сфаќаме дека тој е најмудриот, најгрижливиот, најсочувствителниот и најмилосрдниот владетел (2. Мој. 34:6; Рим. 16:27; 1. Јов. 4:8).

2. Според Евреите 12:9-11, од кои причини треба да му бидеме послушни на Јехова?

2 Јехова е наш Татко кој многу нѐ сака. Затоа, тој очекува да му бидеме послушни од љубов, а не само од стравопочит. Во своето писмо до Евреите, Павле објаснува дека треба спремно „да му се подложиме на Таткото“ бидејќи нѐ поучува за наше добро. (Прочитај Евреите 12:9-11.)

3. а) Како покажуваме дека го сметаме Јехова за наш владетел? б) На кои прашања ќе добиеме одговор?

3 Кога се трудиме да му бидеме послушни на Јехова во сѐ и кога се спротивставуваме на желбата сами да одлучуваме што е исправно, а што погрешно, покажуваме дека го сметаме Јехова за наш владетел (Изр. 3:5). Колку повеќе ги запознаваме прекрасните особини што ги има Јехова толку полесно ни е да му бидеме послушни. Зошто? Бидејќи овие особини се гледаат во сѐ што прави тој (Пс. 145:9). Колку повеќе учиме за Јехова толку повеќе го сакаме. А кога го сакаме Јехова, тогаш не ни е потребен некој долг список со правила за тоа што смееме, а што не смееме да правиме. Се трудиме да го следиме примерот на Јехова така што го сакаме она што е добро, а го мразиме она што е зло (Пс. 97:10). Но, зошто понекогаш не ни е лесно да му бидеме послушни на Јехова? И, што можат старешините, татковците и мајките да научат од примерите на управителот Неемија, цар Давид и Марија, мајката на Исус? Во оваа статија ќе го дознаеме одговорот на овие прашања.

ЗОШТО ПОНЕКОГАШ НИ Е ТЕШКО ДА МУ БИДЕМЕ ПОСЛУШНИ НА ЈЕХОВА

4-5. Според Римјаните 7:21-23, зошто понекогаш ни е тешко да му бидеме послушни на Јехова?

4 Една причина зошто понекогаш ни е тешко да му бидеме послушни на Јехова е тоа што сме несовршени и имаме вродена склоност да бидеме непослушни. Кога Адам и Ева не го послушале Бог и јаделе од забранетиот плод, тие одлучиле самите да одредуваат што е добро а што зло (1. Мој. 3:22). Исто како Адам и Ева, повеќето луѓе денес не му се послушни на Бог и сакаат самите да одлучуваат што е исправно, а што погрешно.

5 Иако ние не сме како нив бидејќи го познаваме и го сакаме Јехова, понекогаш ни е тешко да му бидеме послушни. И апостол Павле се соочил со овој проблем. (Прочитај Римјаните 7:21-23.) Како Павле, ние сакаме да го правиме она што е исправно во Јеховини очи. Но мора постојано да се бориме со склоноста да постапуваме неисправно.

6-7. Поради која друга причина понекогаш ни е тешко да му бидеме послушни на Јехова? Наведи пример.

6 Друга причина зошто понекогаш ни е тешко да му бидеме послушни на Јехова е влијанието на културата во која сме пораснале. Живееме меѓу луѓе што имаат ставови кои се спротивни на она што ни го вели Јехова. Затоа треба постојано да се бориме да не размислуваме исто како нив. Да разгледаме само еден пример.

7 Во некои места, младите се под голем притисок да заработуваат многу пари. Една сестра по име Мери * се соочила со таков проблем. Пред да го запознае Јехова, таа студирала на еден од најдобрите факултети во нејзината земја. Семејството на Мери ѝ вршело притисок да најде добро платена и угледна работа. И таа го посакувала тоа. Но, откако го запознала и го засакала Јехова, Мери ги сменила своите цели. Сепак, и понатаму мора да се бори со себе. Таа вели: „Понекогаш ќе добијам некоја понуда за работа од која можам да заработам многу пари, но за која знам дека ќе ме спречи да му служам на Јехова онака како што му служам сега. Поради начинот на кој бев воспитана, сѐ уште ми е тешко да одбијам таква понуда. Мора многу да го молам Јехова да ми помогне да му одолеам на искушението да прифатам работа што би можела да ме спречи да му го давам најдоброто во службата“ (Мат. 6:24).

8. Што ќе разгледаме сега?

8 Како што веќе спомнавме, кога сме му послушни на Јехова, тоа е за наше добро. Но оние што имаат одреден авторитет, како што се старешините, татковците и мајките, имаат уште една причина да му бидат послушни на Бог — со својата послушност можат да им помогнат на другите. Да разгледаме неколку примери од Библијата што покажуваат како да го користиме авторитетот на начин што го радува Јехова.

ШТО МОЖАТ СТАРЕШИНИТЕ ДА НАУЧАТ ОД НЕЕМИЈА

Старешините помагаат во одржувањето на салата за состаноци, исто како што Неемија помагал во обновата на ерусалимските ѕидини (Види во пасуси 9-11) *

9. Со какви проблеми се соочил Неемија?

9 Јехова им доверил на старешините важна одговорност да се грижат за неговиот народ (1. Пет. 5:2). Тие можат многу да научат од начинот на кој Неемија постапувал со Јеховините слуги. Како управител на Јуда, тој имал голем авторитет (Неем. 1:11; 2:7, 8; 5:14). Размисли за некои од проблемите со кои се соочил. Неемија дознал дека Евреите го оскверниле храмот и дека не ги поддржувале левитите како што било пропишано со Законот. Тие го прекршувале законот и со тоа што не ја држеле саботата, а некои од мажите стапиле во брак со жени од другите народи. Како постапил управителот Неемија во оваа тешка ситуација? (Неем. 13:4-30).

10. Како постапувал Неемија со Божјиот народ?

10 Неемија не му наметнувал на Божјиот народ свои мерила, бидејќи со тоа би го злоупотребил авторитетот што го има. Напротив, тој барал водство од Јехова така што сесрдно му се молел. Исто така, го поучувал народот за Јеховиниот Закон (Неем. 1:4-10; 13:1-3). Освен тоа, Неемија понизно соработувал со своите браќа така што им помагал да ги обноват ѕидините на Ерусалим (Неем. 4:15).

11. Според 1. Солуњаните 2:7, 8, како треба старешините да постапуваат со браќата и сестрите во собранието?

11 Старешините можеби нема да се соочат со истите проблеми како Неемија, но можат да го следат неговиот пример на многу начини. На пример, многу се трудат да им помагаат на браќата и сестрите. Исто така, старешините не сметаат дека се подобри од другите поради авторитетот што го имаат. Напротив, тие нежно се грижат за собранието. (Прочитај 1. Солуњаните 2:7, 8.) Затоа што се понизни и вистински ги сакаат другите, старешините зборуваат љубезно со нив. Ендру, еден искусен старешина, вели: „Забележав дека кога еден старешина се однесува љубезно и пријателски со браќата и сестрите, тоа позитивно влијае врз нив. Овие особини ги поттикнуваат да соработуваат со старешините“. Еден друг долгогодишен старешина по име Тони, вели: „Се трудам да го применам советот од Филипјаните 2:3 и секогаш да ги сметам другите за поголеми од себе. Ова ми помага да не се однесувам како диктатор“.

12. Зошто е важно старешините да бидат понизни?

12 Старешините мора да бидат понизни, исто како што Јехова е понизен. Иако е Владетел на целата вселена, Јехова „се наведнува“ и „од правот го подига бедниот“ (Пс. 18:35; 113:6, 7). Освен тоа, Библијата ни кажува дека на Јехова му се одвратни гордите (Изр. 16:5).

13. Зошто еден старешина треба да внимава што кажува и како го кажува тоа?

13 Еден старешина кој му е послушен на Јехова треба да внимава што кажува и како го кажува тоа. Во спротивно, можеби ќе зборува грубо со некој што не покажува почит кон него (Јак. 1:26; Гал. 5:14, 15). Ендру, старешината што го спомнавме претходно, вели: „Сум бил во ситуации кога сум сакал грубо да зборувам со некој брат или сестра за кој ми се чинело дека не ме почитува како старешина. Но, размислував за примерите на верни Божји слуги од Библијата, и тоа ми помогна да сфатам колку е важно да бидам понизен и кроток“. Старешините покажуваат дека му се послушни на Јехова со тоа што љубезно и со почит зборуваат со соверниците од собранието, во кои спаѓаат и другите старешини (Кол. 4:6).

ШТО МОЖАТ ТАТКОВЦИТЕ ДА НАУЧАТ ОД ЦАР ДАВИД

14. Каква улога им дал Јехова на татковците, и што очекува тој од нив?

14 Јехова одредил таткото да биде глава на семејството, и затоа од него очекува да ги поучува и да ги воспитува своите деца (1. Кор. 11:3; Еф. 6:4). Но ова не значи дека татковците можат да го користат својот авторитет како што сакаат. Јехова е Творецот на семејството и затоа татковците ќе му поднесат сметка за начинот на кој постапуваат со своето семејство (Еф. 3:14, 15). Татковците ја покажуваат својата послушност кон Јехова така што го користат авторитетот на начин што го радува Бог. Тие можат многу да научат од животот на цар Давид.

Понизноста на еден татко се гледа од начинот на кој се моли (Види во пасуси 15-16) *

15. Зошто цар Давид е добар пример за татковците?

15 Јехова го поставил Давид за глава на своето семејство но и на целиот израелски народ. Како цар, Давид имал голема моќ. Во неколку прилики, тој го злоупотребил својот авторитет и направил сериозни грешки (2. Сам. 11:14, 15). Но Давид го прифатил укорот од Јехова и така покажал дека му е послушен. Во молитва му кажал на Јехова како се чувствува (Пс. 51:1-4). Освен тоа, бил понизен и прифаќал совети и од мажи и од жени (1. Сам. 19:11, 12; 25:32, 33). Давид учел од своите грешки и најважно во животот му било да му служи на Јехова.

16. Што можат татковците да научат од Давид?

16 Што можете вие татковци да научите од примерот на Цар Давид? Немојте да го злоупотребувате авторитетот што ви го дал Јехова. Признавајте ги своите грешки и прифаќајте ги советите на темел на Библијата што ќе ви ги дадат другите. Ако правите така, вашето семејство ќе ве почитува поради тоа што сте понизни. Кога се молите заедно со своето семејство, кажете му ги на Јехова вашите најдлабоки чувства. Така семејството ќе чуе колку многу го сакате Бог и колку ви е потребна неговата помош и водство. А пред сѐ, најважна во животот нека ви биде службата за Јехова (5. Мој. 6:6-9). Вашиот добар пример е еден од најскапоцените подароци што можете да му го дадете на вашето семејство.

ШТО МОЖАТ МАЈКИТЕ ДА НАУЧАТ ОД МАРИЈА

17. Каква улога им дал Јехова на мајките?

17 Јехова и на мајките им дал важна улога во семејството, како и одреден авторитет врз децата (Изр. 6:20). Всушност, зборовите и постапките на мајката можат да влијаат врз нејзините деца до крајот на нивниот живот (Изр. 22:6). Да видиме што можат мајките да научат од Марија, мајката на Исус.

18-19. Што можат да научат мајките од примерот на Марија?

18 Марија многу добро го познавала Светото писмо. Таа имала длабока почит кон Јехова и имала блиско пријателство со него. Била спремна да го следи водството од Јехова, иако ова значело дека животот ќе ѝ се смени од корен (Лука 1:35-38, 46-55).

Ако една мајка е уморна или изнервирана, можеби ќе треба многу да се напрега за да покажува љубов кон членовите на семејството (Види во пасус 19) *

19 Вие, мајки, можете да го следите примерот на Марија на неколку важни начини. Како? Прво, треба да си го чувате пријателството со Јехова така што лично ќе ја проучувате Библијата и редовно самите ќе се молите. Второ, треба да бидете спремни да правите промени во животот за да го радувате Јехова. На пример, можеби сте пораснале во семејство во кое родителите лесно избувнувале и зборувале грубо со децата. Затоа можеби сте мислеле дека е сосема нормално и вие така да постапувате со своите деца. Дури и откако сте дознале како Јехова сака да постапувате со децата, можеби сѐ уште ви е тешко да останете смирени и стрпливи со нив. Тоа особено ви е тешко кога сте уморни, а тие не ви се послушни (Еф. 4:31). Во такви ситуации, многу е важно да го молите Јехова да ви помогне. Една мајка по име Лидија вели: „Понекогаш морам многу да се молам за да не кажам нешто грубо кога син ми не е послушен. Ми се случува да запрам на сред реченица и во себе да му се помолам на Јехова да ми помогне. Молитвата ми помага да останам смирена“ (Пс. 37:5).

20. Какви тешкотии имаат некои мајки, и како можат да ги надминат?

20 Друга тешкотија со која се соочуваат некои мајки е тоа што им е тешко да им покажат на своите деца дека ги сакаат (Тит 2:3, 4). Многу од тие мајки пораснале во семејство каде што нивните родители не биле блиски со децата. Ако ова било случај и со тебе, не мора да ја правиш истата грешка како твоите родители. Една мајка што му е послушна на Јехова може да научи како да им покажува љубов на своите деца. Точно е дека може да ѝ биде тешко да ги смени своите мисли, чувства и постапки. Но може да успее во тоа, а таквите промени ќе ѝ користат нејзе и на нејзиното семејство.

И ПОНАТАМУ БИДИ МУ ПОСЛУШЕН НА ЈЕХОВА

21-22. Според Исаија 65:13, 14, какви благослови добиваат оние што му се послушни на Јехова?

21 Цар Давид знаел колку е корисно да му биде послушен на Јехова. Тој напишал: „Јеховините наредби се исправни, го веселат срцето, Јеховината заповед е чиста, им дава сјај на очите. Тие го опоменуваат твојот слуга. Тој што се држи за нив, прима голема награда“ (Пс. 19:8, 11). Денес, можеме да ја видиме разликата меѓу оние што му се послушни на Јехова и оние што ги отфрлаат неговите мудри совети. Оние што му се послушни на Јехова „воскликнуваат од радост во срцето“. (Прочитај Исаија 65:13, 14.)

22 Кога старешините, татковците и мајките му се послушни на Јехова, имаат поубав живот, посреќни семејства, а собранието е обединето. И најважно од сѐ, со тоа го радуваат срцето на Јехова (Изр. 27:11). Зарем има поголем благослов од тоа?

ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред

^ пас. 5 Во оваа статија ќе видиме зошто треба да му бидеме послушни на Јехова. Исто така, ќе видиме што можат старешините, татковците и мајките да научат од примерите на управителот Неемија, цар Давид и Марија, мајката на Исус.

^ пас. 1 ПОЈАСНУВАЊЕ: Зборот послушност има негативно значење за оние што се принудени да му бидат послушни некому. Но, Божјите слуги самите избираат да му бидат послушни на Јехова, и затоа не гледаат на послушноста како на нешто негативно.

^ пас. 7 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 62 ОПИС НА СЛИКИТЕ: Еден старешина учествува во одржувањето на салата за состаноци заедно со својот син, исто како што Неемија помагал околу обновата на ѕидините на Ерусалим.

^ пас. 64 ОПИС НА СЛИКАТА: Еден татко му се моли на Јехова во име на семејството.

^ пас. 66 ОПИС НА СЛИКАТА: Едно дете со часови игра видеоигри, а не ги завршил домашните или училишните обврски. Мајка му, иако е уморна од работа, го опоменува смирено и без да го навреди.