Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 37

„Нека не ти почива раката“

„Нека не ти почива раката“

Наутро сеј го семето свое и до вечерта нека не ти почива раката (ПРОП. 11:6)

ПЕСНА 68 Да го сееме семето — веста за Царството

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Како зборовите од Проповедник 11:6 можат да се применат на проповедањето на добрата вест?

ВО НЕКОИ земји, луѓето спремно ја прифаќаат добрата вест — како едвај да чекале да ја чујат! Но, во други земји, општо земено, луѓето не се многу заинтересирани ни за Бог ни за Библијата. Како реагираат повеќето во твоето место? Без оглед на нивната реакција, Јехова очекува да продолжиме да проповедаме сѐ додека тој не каже дека делото е завршено.

2 Бог веќе има точно одредено време кога проповедничкото дело ќе заврши. И „тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14, 36). Додека да дојде тој момент, како може да постапуваме во склад со зборовите: „Нека не ти почива раката“? * (Прочитај Проповедник 11:6.)

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Во претходната статија видовме кои четири работи можат да ни помогнат делотворно да ја проповедаме добрата вест како „рибари на луѓе“ (Мат. 4:19). Во оваа статија ќе разгледаме три начини на кои можеме да си ја зајакнеме решеноста да проповедаме сеедно со какви тешкотии се соочуваме. Ќе видиме зошто е важно 1) да се посветиме на проповедањето, 2) да бидеме стрпливи и 3) да имаме цврста вера.

ПОСВЕТИ СЕ НА ПРОПОВЕДАЊЕТО

4. Зошто треба да останеме посветени на делото што ни го доверил Јехова?

4 Кога зборувал за последните денови, Исус им кажал на своите ученици кои настани ќе се случуваат и какви ќе бидат луѓето во тоа време. Тој знаел дека тие работи би можеле да им го одвлечат вниманието од проповедањето. Затоа ги поттикнал да „бдеат“ (Мат. 24:42). Исус спомнал дека некои работи во времето на Ное ги спречиле луѓето да обрнат внимание на неговото предупредување за Потопот (Мат. 24:37-39; 2. Пет. 2:5). Бидејќи и денес живееме во слични околности, сакаме да даваме сѐ од себе за да останеме посветени на делото што ни го доверил Јехова.

5. Според Дела 1:6-8, во колкава мера требало да се извршува делото на проповедање?

5 Исус претскажал дека неговите ученици ќе проповедаат за Царството долго по неговата смрт, и тоа во многу поголема мера (Јован 14:12). Кога тој умрел, некои негови ученици се вратиле на рибарењето. А откако воскреснал, им помогнал со чудо да фатат многу риби. Во таа прилика, јасно им ставил до знаење дека ништо друго не е поважно од тоа да проповедаат и да ги поучуваат другите (Јован 21:15-17). Пред да се вознесе на небото, Исус им кажал на учениците дека делото на сведочење што тој го започнал ќе се врши не само во Израел, туку по целиот свет. (Прочитај Дела 1:6-8.) Со години подоцна, тој му дал видение на апостол Јован за да му покаже што ќе се случува во „денот на Господарот“. * Меѓу другото, Јован видел дека, под ангелско водство, вечната добра вест ќе се проповеда „на секој народ и племе и јазик и народност“ (Отк. 1:10; 14:6). Тоа навистина било величествено видение! Јасно е дека Јехова сака да учествуваме во ова неповторливо дело на сведочење сѐ додека тоа не се заврши.

6. Што ќе ни помогне да останеме посветени на проповедањето?

6 Ќе останеме посветени на проповедањето ако размислуваме што сѐ прави Јехова за да ни помага во тоа. На пример, тој ни обезбедува изобилна духовна храна во облик на печатени и електронски публикации, аудиоснимки, видеоклипови и емисии на нашата интернет-телевизија. Замисли, на нашата интернет-страница има информации на повеќе од 1.000 јазици! (Мат. 24:45-47). Во еден свет кој е поделен на политичка, верска и економска основа, повеќе од осум милиони Божји слуги се вистински обединети во едно меѓународно братство. На пример, во петок, на 19 април 2019 год., Јеховините сведоци низ целиот свет можеа заедно да гледаат еден видеоклип за дневниот стих. Таа вечер, на Спомен-свеченоста по повод одбележувањето на Христовата смрт беа присутни 20.919.041 лице. Поттикнати сме да продолжиме со сета душа да проповедаме кога размислуваме дека имаме чест да бидеме дел од исполнувањето на ова современо чудо!

Исус бил решен да сведочи за вистината, и не дозволил ништо да му го одвлече вниманието (Види во пасус 7)

7. Како може примерот на Исус да ни помогне да останеме посветени на проповедањето?

7 Ќе останеме посветени на проповедањето и ако го следиме примерот на Исус. Тој не дозволил ништо да му го одвлече вниманието од неговата главна задача — да сведочи за вистината (Јован 18:37). Исус не допуштил Сатана да го измами кога му ги понудил „сите царства на светот и нивната слава“ ниту, пак, паднал на искушение кога другите сакале да го направат цар (Мат. 4:8, 9; Јован 6:15). Не дозволил да го понесе желбата по материјално богатство ниту, пак, се исплашил од жестокото противење (Лука 9:58; Јован 8:59). А што ќе ни помогне нам да не ни биде одвлечено вниманието кога ќе се соочиме со испити на верата? Тоа што ќе се сетиме на советот на апостол Павле, кој ги поттикнал христијаните да го следат примерот на Исус за да не се уморат и да не се откажат (Евр. 12:3).

БИДИ СТРПЛИВ

8. Што е стрпливоста, и зошто ни е потребна особено денес?

8 Стрпливиот човек може смирено да чека сѐ додека не се смени некоја ситуација. Сеедно дали чекаме да им дојде крај на некои тешки околности или долго време очекуваме да ни се исполни некоја желба, треба да бидеме стрпливи. Пророкот Авакум копнеел да му биде ставен крај на насилството во Јуда (Авак. 1:2). Учениците на Исус се надевале дека Царството „веднаш ќе биде воспоставено“ и дека ќе ги избави од власта на Римјаните (Лука 19:11). Ние копнееме по денот кога Божјето Царство ќе го отстрани сето зло и ќе го воспостави праведниот нов свет (2. Пет. 3:13). Но, мора да бидеме стрпливи и да чекаме на времето што го одредил Јехова. Да разгледаме на кои начини тој нѐ учи да бидеме стрпливи.

9. Од кои примери се гледа дека Јехова е стрплив?

9 Јехова е совршен пример за стрпливост. Тој му дал на Ное доволно време за да ја изгради арката и да ги предупреди луѓето за претстојниот Потоп (2. Пет. 2:5; 1. Пет. 3:20). Јехова го слушал Авраам кога тој повеќе пати му поставил прашања во врска со неговата одлука да ги уништи злобните жители на Содом и Гомор (1. Мој. 18:20-33). Со векови, Бог покажувал извонредна стрпливост кон неверниот израелски народ (Неем. 9:30, 31). И денес гледаме колку тој е стрплив со тоа што им дава на сите луѓе доволно време да се покаат (2. Пет. 3:9; Јован 6:44; 1. Тим. 2:3, 4). Од неговиот пример сфаќаме колку е важно да бидеме стрпливи додека проповедаме и додека ги поучуваме другите. Јехова исто така нѐ учи да бидеме стрпливи преку една споредба што е запишана во неговата Реч.

Исто како еден трудољубив но стрплив земјоделец, спремни сме да чекаме нашиот труд да роди плод (Види во пасуси 10-11)

10. Според Јаков 5:7, 8, што учиме од примерот на земјоделецот?

10 Прочитај Јаков 5:7, 8. Од примерот на земјоделецот учиме што значи да се биде стрплив. Точно е дека некои растенија растат брзо. Но, на повеќето од нив — особено на оние што даваат род — им треба подолго време за да созреат. Во Израел, овој период на созревање траел отприлика шест месеци. Земјоделецот го сеел семето откако ќе поминеле раните есенски дождови, а го собирал родот откако ќе поминеле доцните пролетни дождови (Мар. 4:28). Мудро е да бидеме стрпливи како него. Но, ова не е секогаш лесно.

11. Како стрпливоста ни помага во службата?

11 Несовршените луѓе обично сакаат брзо да видат резултати од својот труд. Сепак, ако сакаме нашата градина да роди, мора постојано да се грижиме за неа. Треба да копаме, да садиме, да полеваме и да го корнеме плевелот. Слично на тоа, мора постојано да вложуваме труд и кога ги поучуваме луѓето. Треба време за да им помогнеме да ги искоренат своите предрасуди и да научат да се грижат за другите. Ако сме стрпливи, нема да се обесхрабриме кога ќе наидеме на потешкотии. Дури и кога интересентот е спремен да прави некои промени, мора да покажуваме стрпливост. Не може со сила да му всадиме вера. Понекогаш дури и учениците на Исус не ги сфаќале веднаш неговите поуки (Јован 14:9). Не смееме да заборавиме дека, иако ние садиме и залеваме, Бог е тој што дава да расте (1. Кор. 3:6).

12. Како може да покажуваме стрпливост кога им сведочиме на членовите на нашето семејство?

12 Треба да покажуваме стрпливост и кога им сведочиме на нашите блиски од семејството. Во тоа може да ни помогне начелото од Проповедник 3:1, 7. Таму пишува дека има „време за молчење и време за зборување“. Со своето добро однесување, може да им сведочиме без зборови. Од друга страна, треба да бидеме спремни да ја искористиме секоја можност да им зборуваме за вистината (1. Пет. 3:1, 2). Додека ревносно проповедаме и поучуваме, ние се трудиме да бидеме стрпливи со сите луѓе — вклучувајќи ги и членовите на нашето семејство.

13-14. Чиј пример на стрпливост би можеле да го следиме?

13 Можеме да учиме како да бидеме стрпливи од примерот на некои Божји слуги од минатото и од нашево време. Иако копнеел да му биде ставен крај на злото, Авакум покажал стрпливост кога рекол: „На своето стражарско место ќе стојам“ (Авак. 2:1). Апостол Павле кажал дека едвај чека да ја доврши својата служба. Сепак, продолжил темелно да сведочи за добрата вест (Дела 20:24).

14 Размисли за еден брачен пар кој дипломирал на Школата Гилеад. Тие биле испратени да служат во земја каде што имало само неколку Сведоци и каде што главната религија не е христијанска. Многу малку луѓе биле заинтересирани да ја проучуваат Библијата. За разлика од нив, некои браќа и сестри од истиот клас на Гилеад кои служеле во други земји им раскажувале за многуте лица со кои ја проучувале Библијата и кои се крстиле. И покрај тоа, овој брачен пар продолжил стрпливо да проповеда иако немало посебен одѕив на подрачјето. По цели осум години откако почнале со својата служба на ова навидум неприемливо подрачје, тие биле пресреќни кога еден од оние со кои ја проучувале Библијата се крстил. Што им е заедничко на верните Божји слуги од минатото и денес? Тие не ја изгубиле ревноста — не дозволиле раката да им почива — и Јехова ја наградил нивната стрпливост. Да се угледаме „на оние што поради својата вера и стрпливост го наследуваат она што е ветено“ (Евр. 6:10-12).

ЗАЦВРСТИ СИ ЈА ВЕРАТА

15. Како верата ја зајакнува нашата решеност да проповедаме?

15 Бидејќи имаме вера во пораката што ја проповедаме, ние спремно ја споделуваме со што е можно повеќе луѓе. Освен тоа, имаме доверба во ветувањата што Бог ги дал во својата Реч (Пс. 119:42; Иса. 40:8). Гледаме како некои библиски пророштва се исполнуваат пред наши очи. Сме виделе како луѓето си го подобруваат животот кога почнуваат да ги применуваат библиските совети. Сето ова уште повеќе нѐ уверува дека секој човек треба да ја чуе добрата вест за Царството.

16. Во склад со Псалм 46:1-3, како верата во Јехова и во Исус ни помага да бидеме уште порешени да проповедаме?

16 Исто така, ние имаме вера во Јехова, кој е изворот на пораката што ја проповедаме, како и во Исус, кого тој го поставил за Цар на своето Царство (Јован 14:1). Без разлика со што ќе се соочиме, Јехова секогаш ќе ни биде прибежиште и сила. (Прочитај Псалм 46:1-3.) Освен тоа, уверени сме дека Исус го води проповедничкото дело од небото, со помош на силата и власта што му ги дал Јехова (Мат. 28:18-20).

17. Наведи пример кој ни покажува зошто треба да продолжиме да проповедаме.

17 Бидејќи имаме вера, ние сме сигурни дека Јехова ќе го благослови нашиот труд, понекогаш и на неочекувани начини (Проп. 11:6). На пример, секој ден илјадници луѓе поминуваат покрај нашите штандови и колички за сведочење. Дали овој метод на проповедање е делотворен? Да. Во Нашата служба за Царството од ноември 2014 год. пишуваше за една млада студентка која сакала да напише есеј за Јеховините сведоци. Иако не успеала да најде сала за состаноци, таа наишла на штанд за литература во близина на универзитетот, каде што нашла и материјал за својот есеј. На крајот, оваа девојка станала Јеховин сведок и сега служи како општ пионер. Ваквите искуства нѐ поттикнуваат да продолжиме да проповедаме бидејќи покажуваат дека сѐ уште има луѓе кои треба да ја слушнат пораката за Царството.

БИДИ РЕШЕН ДА „НЕ ТИ ПОЧИВА РАКАТА“

18. Зошто сме сигурни дека проповедничкото дело ќе биде завршено во времето што го одредил Јехова?

18 Може да бидеме уверени дека проповедањето за Царството ќе биде завршено навреме. Размисли за она што се случило во деновите на Ное. Јехова докажал дека секогаш знае кога е најдоброто време за да направи нешто. Околу 120 години однапред, Јехова одредил кога точно ќе започне Потопот. Неколку децении подоцна, тој му дал задача на Ное да изгради арка. Веројатно цели 40 или 50 години пред да дојде Потопот, Ное напорно работел. Иако луѓето не сакале да го слушаат, тој продолжил да ги предупредува сѐ додека Јехова не му рекол дека е време да ги внесе животните во арката. А потоа, точно навреме, Јехова ја затворил вратата (1. Мој. 6:3; 7:1, 2, 16).

19. Што можеме да очекуваме ако не дозволиме да ни „почива раката“?

19 Наскоро Јехова ќе ни стави до знаење дека проповедничкото дело е завршено. Тој ќе ја „затвори вратата“ на светот на Сатана и ќе ги „отвори портите“ на праведниот нов свет. Дотогаш, да го следиме примерот на Ное, Авакум и на другите кои не дозволиле да им „почива раката“. Да останеме посветени на проповедањето, да бидеме стрпливи и да имаме цврста вера во Јехова и во неговите ветувања.

ПЕСНА 75 „Еве ме мене, испрати ме!“

^ пас. 5 Претходната статија ги поттикна интересентите што добро напредуваат во духовен поглед да ја прифатат поканата на Исус и да станат „рибари на луѓе“. Во оваа статија ќе разгледаме три начини на кои сите објавители, и поновите и искусните, можат да си ја зајакнат решеноста да продолжат да проповедаат сѐ додека Јехова не каже дека делото е завршено.

^ пас. 2 ПОЈАСНУВАЊЕ: Во оваа статија, изразот „нека не ти почива раката“ значи дека треба да бидеме решени да ја проповедаме добрата вест сѐ додека Јехова не каже дека делото е завршено.

^ пас. 5 „Денот на Господарот“ започнал кога Исус бил поставен за Цар во 1914 год., и ќе трае сѐ до крајот на неговото илјадагодишно владеење.