Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 38

Постапувај мудро во време на мир

Постапувај мудро во време на мир

Во земјата владееше мир. Никој не завојува со него во тие години, зашто Јехова му даваше мир (2. ЛЕТ. 14:6)

ПЕСНА 60 Дело што живот значи

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Кога може да биде тешко да му служиме на Јехова?

ШТО мислиш, кога е потешко да му служиш на Јехова — кога имаш сериозни проблеми или кога сѐ оди релативно добро? Кога се соочуваме со тешкотии, обично веднаш бараме помош од него. Но, што правиме кога немаме проблеми? Дали понекогаш забораваме колку е важно да му служиме на Бог? Јехова ги предупредил Израелците дека би можело да им се случи вакво нешто (5. Мој. 6:10-12).

Цар Аса презел решителни мерки против идолопоклонството (Види во пасус 2) *

2. Каков пример ни дал цар Аса?

2 Цар Аса ни дал одличен пример. Тој постапувал мудро така што целосно се потпирал на Јехова. Аса му служел на Бог и во тешки времиња и кога сѐ било мирно. Во Божјата Реч пишува: „Срцето на Аса му беше потполно оддадено на Јехова сѐ додека беше жив“ (1. Цар. 15:14). Меѓу другото, тој ја покажал својата оддаденост така што му ставил крај на идолопоклонството во Јуда. За него, Библијата вели: „Ги отстрани жртвениците на туѓите богови и обредните височинки, ги искрши светите столбови и ги исече обредните диреци“ (2. Лет. 14:3, 5). Аса ја тргнал и својата баба Мааха од нејзината висока положба во царството бидејќи го поттикнувала народот да му се клања на еден идол (1. Цар. 15:11-13).

3. Што ќе разгледаме во оваа статија?

3 Освен што ги отстранил идолите на лажните богови, Аса направил и нешто повеќе. Тој му помогнал на народот во Јуда повторно да му служи на Јехова на исправен начин. Затоа Бог им дал мир. * Библијата вели дека, во текот на десет години од царувањето на Аса, во земјата владеел мир (2. Лет. 14:1, 4, 6). Во оваа статија ќе видиме како тој го искористил овој мирен период. Потоа ќе го разгледаме примерот на христијаните од првиот век кои, исто како цар Аса, искористиле еден сличен мирен период. На крајот, ќе го добиеме одговорот на следново прашање: Ако живееш во земја каде што можеш без пречки да му служиш на Јехова, како би можел мудро да го искористиш тоа време на мир?

КАКО АСА ГО ИСКОРИСТИЛ МИРНИОТ ПЕРИОД

4. Според 2. Летописи 14:2, 6, 7, како Аса го искористил мирниот период?

4 Прочитај 2. Летописи 14:2, 6, 7. Аса му кажал на народот дека Јехова е тој што дал да има мир во целата земја. Но, не сметал дека во тој мирен период треба да се опуштат. Напротив, почнал да гради градови, ѕидини, кули и порти. Аса му рекол на народот: „Земјата сѐ уште е наша“. Со тоа сакал да каже дека во земјата која им ја дал Бог немало непријатели кои би можеле да ги спречат слободно да се движат и да градат. Аса го поттикнал народот да го искористи тој мирен период.

5. Зошто Аса ја зајакнал својата војска?

5 Цар Аса го искористил таквиот мир и за да ја зајакне својата војска (2. Лет. 14:8). Дали ова значи дека немал доверба во Јехова? Не. Напротив, Аса знаел дека, како цар, тој е должен да го подготви народот за неволјите со кои би можеле да се соочат во иднина. Освен тоа, бил свесен дека мирниот период во Јуда нема да трае до недоглед. И навистина било така.

КАКО ПРВИТЕ ХРИСТИЈАНИ ГИ КОРИСТЕЛЕ МИРНИТЕ ПЕРИОДИ

6. Како првите христијани ги користеле мирните периоди?

6 Иако христијаните во првиот век честопати биле прогонувани, имало и периоди кога живееле во релативен мир. Што правеле тогаш? Тие верни Божји слуги ја проповедале добрата вест без престан. Во книгата Дела се вели дека оделе „во стравот од Јехова“. Бидејќи продолжиле да проповедаат, нивниот број постојано растел. Очигледно Јехова ги благословил затоа што ревносно му служеле во тоа време на мир (Дела 9:26-31).

7-8. Како Павле и некои други христијани ги искористиле можностите што им се укажале?

7 Христијаните во првиот век ја користеле секоја можност да ја објавуваат добрата вест. На пример, додека апостол Павле бил во Ефес, му се укажала прилика да им проповеда на многу луѓе, и затоа останал подолго време во тој град (1. Кор. 16:8, 9).

8 На Павле и на некои други христијани им се укажала многу поволна можност да проповедаат кога бил расчистен спорот околу обрежувањето во 49 год. од н.е. (Дела 15:23-29). Откако оваа одлука им била пренесена на собранијата, учениците продолжиле уште поревносно да ја објавуваат „добрата вест за Јеховината реч“ (Дела 15:30-35). Каков бил резултатот? Библијата вели: „Собранијата се зацврстуваа во верата и од ден на ден растеа“ (Дела 16:4, 5).

КАКО ДА ГО ИСКОРИСТИМЕ МИРНИОТ ПЕРИОД ДЕНЕС

9. Каква е ситуацијата во многу земји денес, и што треба да се прашаме?

9 Денес во многу делови од светот може да проповедаме без пречки. Дали живееш во земја каде што има слобода на вероисповед? Ако да, прашај се: „Како ја користам оваа слобода?“ Во овие возбудливи последни денови, Јеховината организација го извршува најголемото проповедничко дело во човечката историја (Мар. 13:10). Ова му отвора многу можности на Јеховиниот народ.

Мнозина биле богато благословени затоа што решиле да служат во друга земја или да им сведочат на луѓе кои зборуваат друг јазик (Види во пасуси 10-12) *

10. На што нѐ поттикнува 2. Тимотеј 4:2?

10 Како можеш да го искористиш мирниот период? (Прочитај 2. Тимотеј 4:2.) Зошто не ги преиспиташ своите околности за да видиш дали ти или некој друг во семејството би можел да проповеда во зголемена мера, па дури и да служи како пионер? Сега не е време да трупаме богатство или материјални поседи — работи од кои нема да имаме никаква корист во големата неволја (Изр. 11:4; Мат. 6:31-33; 1. Јов. 2:15-17).

11. Што направиле некои за да им проповедаат на колку што е можно повеќе луѓе?

11 Многу објавители научиле нов јазик за да можат да го користат кога проповедаат и кога ги поучуваат другите за Јехова. Божјата организација им ја дава потребната поддршка така што обезбедува библиски публикации на сѐ повеќе јазици. На пример, во 2010 год., нашата литература излегуваше на околу 500 јазици. Денес излегува на повеќе од 1.000 јазици!

12. Како се чувствуваат луѓето кога ја слушаат пораката за Царството на својот мајчин јазик? Наведи пример.

12 Како се чувствуваат луѓето кога ја слушаат вистината од Божјата Реч на својот мајчин јазик? Да го разгледаме примерот на една сестра која присуствувала на регионален конгрес во Мемфис (Тенеси, САД). Конгресната програма била изнесена на кинјаруанда, јазик кој главно се зборува во Руанда, во Конго (Киншаса) и во Уганда. По конгресот, оваа сестра чиј мајчин јазик е кинјаруанда, рекла: „Откако се преселив во САД пред 17 години, првпат ја разбрав целата конгресна програма!“ Очигледно, таа била длабоко трогната затоа што ја слушала програмата на својот мајчин јазик. Ако ти дозволуваат околностите, можеш ли да научиш друг јазик за да им помогнеш на некои луѓе на твоето подрачје? Дали можеби ќе бидат поспремни да ја сослушаат пораката од Библијата ако им зборуваш на нивниот мајчин јазик? Твојот труд сигурно ќе се исплати.

13. Како нашите браќа во Русија го искористија периодот на мир?

13 Во некои земји, нашите браќа не можат слободно да проповедаат затоа што владите наметнуваат строги ограничувања на нашето дело. На пример, размисли за браќата во Русија. Откако со децении беа прогонувани, тие добија законско признание во март 1991 год. Во тоа време, во Русија имаше околу 16.000 објавители. Дваесет години подоцна, тој број порасна на 160.000! Јасно е дека нашите браќа постапија мудро и ја искористија можноста слободно да проповедаат. За жал, тој период на мир не траеше долго. Иако денес се во поинакви околности, нивната ревност за службата не згаснува. Тие и понатаму прават сѐ што можат за да му служат на Јехова.

МИРНИОТ ПЕРИОД НЕМА ДА ТРАЕ ДОЛГО

Откако Аса сесрдно се помолил, Јехова му дал победа над една огромна непријателска војска (Види во пасуси 14-15)

14-15. Како Јехова ја употребил својата моќ за да му помогне на Аса?

14 Во времето на Аса, на мирниот период му дошол крај. Една огромна војска од милион војници дошла да го нападне од Етиопија. Нивниот заповедник Зара бил сигурен дека ќе ја победи Јуда. Но, цар Аса не се потпирал на бројноста на својата војска туку на својот Бог, Јехова. Тој се молел: „Помогни ни, Јехова, Боже наш, зашто на тебе се потпираме и во твое име излеговме против ова мноштво!“ (2. Лет. 14:11).

15 Иако етиопската војска била речиси двојно поголема, Аса знаел дека Јехова е моќен и дека може да му помогне на својот народ. И, Бог не го разочарал — етиопската војска доживеала срамен пораз (2. Лет. 14:8-13).

16. Од каде знаеме дека мирниот период нема да трае долго?

16 Иако не знаеме што точно ќе се случи со секого од нас во иднина, знаеме дека мирот во кој денес уживаат Божјите слуги нема да трае долго. Всушност, Исус прорекол дека неговите ученици ќе бидат мразени од сите народи (Мат. 24:9). И апостол Павле рекол дека „сите што сакаат да живеат оддадено на Бог во единство со Христос Исус, ќе бидат прогонувани“ (2. Тим. 3:12). Сатана е многу гневен, и ќе се залажуваме ако си мислиме дека ќе успееме да ги избегнеме последиците од неговиот гнев (Отк. 12:12).

17. Како нашата вера можеби ќе биде испитана?

17 Во блиска иднина, сите ние ќе се соочиме со испити на верата. Наскоро „ќе има голема неволја каква што немало од почетокот на светот до сега“ (Мат. 24:21). Во тоа време, можеби членовите на семејството ќе се свртат против нас и можно е нашето дело да биде забрането (Мат. 10:35, 36). Дали и ти, слично на Аса, ќе имаш доверба дека Јехова ќе ти помогне и ќе те заштити?

18. Според Евреите 10:38, 39, што ќе ни помогне да бидеме подготвени кога ќе заврши периодот на мир?

18 Јехова уште сега духовно нѐ зајакнува и нѐ подготвува за она што ни претстои. Под негово водство, „верниот и разборит роб“ ни обезбедува здрава духовна „храна во вистинско време“ за да останеме непоколебливи (Мат. 24:45). Но, секој од нас мора да го направи својот дел за да си ја зацврсти верата во Јехова. (Прочитај Евреите 10:38, 39.)

19-20. Во склад со 1. Летописи 28:9, кои прашања треба да си ги поставиме, и зошто?

19 Исто како цар Аса, треба да го бараме Јехова (2. Лет. 14:4; 15:1, 2). Ние сме почнале да го бараме Бог кога сме го запознале и кога сме се крстиле. Ја користиме секоја можност за да си ја зајакнеме љубовта кон него. За да провериме каде стоиме во овој поглед, би можеле да се прашаме: „Дали редовно присуствувам на состаноците?“ Тие ни ја даваат потребната сила за да продолжиме да му служиме на Јехова и ни пружаат прилика да се храбриме со нашите браќа и сестри (Мат. 11:28). Исто така, би можеле да се прашаме: „Дали редовно ја проучувам Библијата?“ Ако живееш заедно со семејството, дали одвојувате време секоја седмица за семејно проучување? Ако живееш сам, дали одвојуваш време за лично проучување? И дали даваш сѐ од себе за да проповедаш и да ги поучуваш другите?“

20 Зошто е добро да си ги поставиме овие прашања? Библијата вели дека Јехова ги испитува нашите мисли и нашето срце, и затоа и ние треба да го правиме тоа. (Прочитај 1. Летописи 28:9.) Ако видиме дека треба да направиме некои промени во нашите цели, ставови или размислување, да го молиме Јехова да ни помогне во тоа. Сега е време да се подготвиме за испитите што ни претстојат. Не дозволувај ништо да те спречи мудро да го користиш овој период на мир!

ПЕСНА 62 Нова песна

^ пас. 5 Дали живееш во земја каде што можеш слободно да му служиш на Јехова? Ако да, како го користиш таквиот мирен период? Во оваа статија ќе видиме како можеш да го следиш примерот на Аса, кој бил цар на Јуда, како и примерот на христијаните во првиот век. Тие мудро го искористиле периодот во кој имало мир.

^ пас. 3 ПОЈАСНУВАЊЕ: Зборот „мир“ не значи само дека нема војна. Хебрејскиот збор укажува на добро здравје, безбедност и благосостојба.

^ пас. 57 ОПИС НА СЛИКАТА: Цар Аса ја тргнал својата баба од нејзината висока положба бидејќи го поттикнувала народот да им служи на лажни богови. Неговите верни поданици го следеле неговиот пример и ги уништиле идолите.

^ пас. 59 ОПИС НА СЛИКАТА: Една брачна двојка која ревносно му служи на Бог си го поедноставува животот за да служи онаму каде што има поголема потреба од објавители.