Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 40

„Чувај го она што ти е доверено“

„Чувај го она што ти е доверено“

Тимотеј, чувај го она што ти е доверено (1. ТИМ. 6:20)

ПЕСНА 29 Да бидеме достојни за твоето име

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Според 1. Тимотеј 6:20, што му било доверено на Тимотеј?

СИГУРНО некогаш сме дале некому некои наши вредни работи за да ни ги чува. На пример, некои што заминуваат на одредено време во друга земја понекогаш му ја оставаат својата куќа на чување на некој пријател или роднина. Веројатно го прават тоа бидејќи сметаат дека тој ќе ја одржува и совесно ќе се грижи за неа. Сеедно дали станува збор за куќа или за нешто друго, секој од нас знае што значи да довери некому вредни работи.

2 Прочитај 1. Тимотеј 6:20. Апостол Павле го потсетил Тимотеј дека му било доверено нешто многу скапоцено — му била откриена Божјата намера за човештвото. Освен тоа, му била дадена чест да ја проповеда Божјата реч, односно добрата вест (2. Тим. 4:2, 5). Павле го поттикнал Тимотеј да го чува она што му било доверено. Исто како на Тимотеј, и нам Јехова ни доверил нешто скапоцено. Што е тоа, и зошто мора да го чуваме?

ДОВЕРЕНИ НИ СЕ СКАПОЦЕНИ ВИСТИНИ

3-4. Од кои причини библиските вистини се скапоцени?

3 Јехова ни помогнал да ги разбереме вистините од неговата Реч, Библијата. Тие се скапоцени бидејќи ни помагаат да имаме добар однос со Јехова и да го најдеме патот до вистинска среќа. Кога ги прифаќаме и живееме во склад со нив, повеќе не им робуваме на лажните учења и можеме да бидеме чисти во морален поглед (1. Кор. 6:9-11).

4 Вистините од Божјата Реч се скапоцени и од една друга причина — Јехова им ги открива само на понизните луѓе кои исправно гледаат на вечниот живот (Дела 13:48). Таквите лица признаваат дека денес тие вистини ги открива „верниот и разборит роб“ (Мат. 11:25; 24:45). Ние сме свесни дека не би можеле сами да ги разбереме, а тие се толку скапоцени што ништо друго не може да се спореди со нив (Изр. 3:13, 15).

5. Што друго ни доверил Јехова?

5 Јехова исто така ни дал чест да им ја кажуваме на другите вистината за него и за неговата намера (Мат. 24:14). Пораката што ја пренесуваме е бесцената бидејќи им помага на луѓето да станат дел од Јеховиното семејство и им дава можност да добијат вечен живот (1. Тим. 4:16). Сеедно дали имаме голем или мал удел во службата, ние го поддржуваме најважното дело што се извршува во нашево време (1. Тим. 2:3, 4). За нас е огромна чест да бидеме Божји соработници! (1. Кор. 3:9).

ДОБРО ЧУВАЈ ГО ОНА ШТО ТИ Е ДОВЕРЕНО!

Тимотеј решително ја бранел вистината иако некои други отстапиле од неа (Види во пасус 6)

6. Што се случило со некои христијани во првиот век кои не биле доволно внимателни?

6 Во времето на Тимотеј, некои христијани престанале да ја ценат честа да бидат Божји соработници. На пример, Димас го засакал светот и се откажал од можноста да служи заедно со Павле (2. Тим. 4:10). Фигел и Ермоген веројатно престанале да му служат на Јехова затоа што се плашеле дека ќе бидат прогонувани исто како Павле (2. Тим. 1:15). Именеј, Александар и Филет станале отпадници и отстапиле од вистината (1. Тим. 1:19, 20; 2. Тим. 2:16-18). Очигледно едно време сите овие луѓе го сакале Јехова, но престанале да ги ценат скапоцените работи кои им биле доверени.

7. Кои методи ги користи Сатана против нас?

7 Како Сатана се обидува да нѐ наведе да се откажеме од богатството што ни го доверил Јехова? Да разгледаме некои од методите што тој ги користи. Преку забавата и медиумите, Сатана се обидува да влијае врз нашите вредности, размислувања и однесување со цел да нѐ натера да престанеме да го сакаме Јехова и да ги слушаме неговите закони. Освен тоа, го користи прогонството или притисокот од околината за да нѐ заплаши и да нѐ натера да престанеме да проповедаме. Исто така, за да нѐ наведе да се откажеме од вистината, Ѓаволот се обидува да нѐ намами да го слушаме „противречното таканаречено спознание“ кое го шират отпадниците (1. Тим. 6:20, 21).

8. Што учиш од она што му се случило на Даниел?

8 Ако не сме внимателни, би можеле постепено да се оддалечиме од Јехова. Размисли за она што му се случило на Даниел, * кој многу сакал да игра видеоигри. Тој објаснува: „Почнав да играм видеоигри кога имав десет години. Во почетокот, тие не беа опасни. Но, со текот на времето, почнав да играм насилни и демонски видеоигри“. На крајот, го правел тоа по 15 часа на ден. Даниел вели: „Длабоко во себе бев свесен дека тој вид игри, како и времето што го трошев на нив, ме оддалечуваа од Јехова. Но се убедував дека нема да имам лоши последици ако не живеам според библиските мерила“. Јасно е дека, ако не внимаваме, забавата може полека да нѐ одвлече од вистината. Ако ни се случи такво нешто, може да ги изгубиме скапоцените работи што ни ги дал Јехова.

КАКО ДА ЈА ЧУВАМЕ ВИСТИНАТА ШТО НИ Е ДОВЕРЕНА

9. Според 1. Тимотеј 1:18, 19, каков поттик му дал Павле на Тимотеј?

9 Прочитај 1. Тимотеј 1:18, 19. Павле го споредил Тимотеј со војник, и го поттикнал да води „добра војна“. Тоа не била дословна, туку духовна војна. Во кои погледи христијаните се како војници кои се борат? Какви особини треба да развиваме како Христови војници? Да разгледаме пет поуки што може да ги извлечеме од споредбата на Павле. Тие ќе ни помогнат да ја зачуваме вистината што ни е доверена.

10. Зошто е важно да му бидеме оддадени на Бог?

10 Биди му оддаден на Бог. Добриот војник е лојален. Тој со сите сили ќе се бори да ги заштити луѓето што ги сака или работите што му се важни. Павле го поттикнал Тимотеј да му биде оддаден на Бог, односно да му биде приврзан со сето срце (1. Тим. 4:7). Колку е посилна нашата љубов и оддаденост кон Бог, толку ќе биде поголема и нашата желба да ја зачуваме вистината што ни е доверена (1. Тим. 4:8-10; 6:6).

По еден долг и напорен ден, можеби ќе треба да се натераме да одиме на состанок. Но, ќе бидеме благословени поради тоа! (Види во пасус 11)

11. Зошто ни е потребна самодисциплина?

11 Биди самодисциплиниран. За да биде секогаш спремен за битка, војникот мора да биде самодисциплиниран. Тимотеј можел успешно да се спротивстави на влијанието на Сатана затоа што го послушал советот на Павле запишан во 2. Тимотеј 2:22. Тој се борел со погрешните желби, развивал убави особини и поминувал време со соверниците. За тоа му била потребна самодисциплина. И нам ни е потребна оваа особина за да ги победиме нашите грешни желби (Рим. 7:21-25). Освен тоа, ни треба самодисциплина за да ја соблечеме старата личност и да ја облечеме новата (Еф. 4:22, 24). А кога сме уморни по некој долг и напорен ден, понекогаш мора да се натераме да одиме на состанок (Евр. 10:24, 25).

12. Што ќе ни помогне уште подобро да ја користиме Библијата?

12 За добро да го користи оружјето, војникот мора редовно да вежба. Слично на тоа, и ние треба да научиме вешто да ја користиме Божјата Реч (2. Тим. 2:15). Состаноците ни помагаат во тоа. Но, за да ги увериме другите дека библиската вистина може многу да им користи, мора самите редовно да ја проучуваме Божјата Реч. На тој начин ја зајакнуваме нашата вера. Ова не значи само да ја читаме Библијата. Треба и да размислуваме за прочитаното и да истражуваме во нашите публикации. Така ќе можеме добро да ги разбереме библиските стихови и ќе знаеме како да ги примениме и да ги објасниме (1. Тим. 4:13-15). Ако го правиме ова, ќе можеме да ја користиме Божјата Реч и за да ги поучуваме другите. Ова не значи дека е доволно само да им прочитаме некој библиски стих. Треба и да им помогнеме да го разберат неговото значење и да сфатат како може да им користи. Според тоа, ако редовно ја проучуваме Библијата, ќе можеме уште подобро да ја користиме за да ги поучуваме другите (2. Тим. 3:16, 17).

13. Во склад со Евреите 5:14, зошто мора да развиваме способност за согледување?

13 Развивај способност за согледување. Војникот мора да ги предвиди опасностите за да може да ги избегне. И ние мора да научиме да ги препознаваме опасните ситуации и да преземеме сѐ што е потребно за да ги избегнеме (Изр. 22:3; прочитај Евреите 5:14). На пример, треба мудро да избираме како ќе се забавуваме и рекреираме. На телевизија и во филмовите честопати се прикажува неморал. Ако гледаме такво нешто, тоа може полека да ја ослабне нашата љубов кон Јехова. Знаеме дека тој го мрази неморалот, и дека оние што постапуваат неморално се повредуваат и себеси и другите (Еф. 5:5, 6).

14. Како способноста за согледување му помогнала на Даниел?

14 Даниел, кој играл насилни и демонски видеоигри, постепено сфатил дека тоа е сериозен проблем. Затоа истражувал во нашите публикации за да види како да го надмине. Како влијаело тоа врз него? Тој престанал да игра вакви игри. Се одјавил од онлајн-игрите и ги прекинал сите контакти со другите играчи. Даниел вели: „Наместо да играм видеоигри, почнав да се рекреирам во природа и да се дружам со браќата и сестрите од собранието“. Сега тој служи како пионер и старешина.

15. Зошто измислиците што ги шират отпадниците се опасни?

15 Исто како Тимотеј, и ние мора да сфатиме колку се опасни лажните информации кои ги шират отпадниците (1. Тим. 4:1, 7; 2. Тим. 2:16). На пример, тие можеби шират измислици за нашите браќа или се обидуваат кај нас да посеат сомнежи во врска со Јеховината организација. Таквите лаги можат да ни ја поткопаат верата. Не смееме да дозволиме да бидеме измамени од таа пропаганда. Зошто? Бидејќи тие измислени прикаски ги шират „луѓе со расипан ум, кои ја немаат вистината во себе“. Нивна цел е да започнат препирки и караници (1. Тим. 6:4, 5). Тие сакаат да поверуваме во нивните клевети и сакаат кај нас да се развијат сомнежи во врска со нашите браќа.

16. Од што треба да се чуваме?

16 Чувај се од работи кои можат да ти го одвлечат вниманието. Како „добар војник на Христос Исус“, Тимотеј морал да остане посветен на службата наместо да дозволи вниманието да му биде одвлечено од материјални работи или од некои други лични цели (2. Тим. 2:3, 4). Исто како Тимотеј, и ние не смееме да дозволиме кај нас да се развие желба да имаме повеќе во материјален поглед. „Примамливото богатство“ би можело да ни ја задуши љубовта кон Јехова, како и нашето ценење за неговата Реч и желбата да им зборуваме на другите за неа (Мат. 13:22). Мора да се трудиме да водиме едноставен живот, и да го користиме нашето време и сила за да го бараме „најнапред царството“ (Мат. 6:22-25, 33).

17-18. Како можеме да си го зачуваме пријателството со Јехова?

17 Биди подготвен брзо да преземеш нешто. Војникот треба однапред да знае како да се заштити од некоја ненадејна опасност. Ако сакаме да го зачуваме она што ни го доверил Јехова, треба брзо да реагираме кога ќе наидеме на опасност. Што може да ни помогне во тоа? Треба однапред да размислиме што ќе правиме ако се најдеме во опасна ситуација.

18 Да наведеме еден пример. Кога има некој јавен настан, пред да почне програмата, на присутните обично им се кажува да проверат каде е најблискиот излез. Зошто? За да можат веднаш да излезат во случај на опасност. На сличен начин, треба однапред да размислиме кој би бил најдобриот „излез“ ако неочекувано наидеме на неморални или насилни сцени или, пак, на отпаднички материјал. Такво нешто може да се случи кога сме на интернет или кога гледаме телевизија. Ако сме однапред подготвени за вакви ситуации, ќе можеме брзо да реагираме за да останеме чисти во Јеховини очи и да си го зачуваме пријателството со него (Пс. 101:3; 1. Тим. 4:12).

19. Какви благослови ќе имаме ако ги зачуваме скапоцените работи што ни ги доверил Јехова?

19 Мора да ги чуваме скапоцените работи што ни ги доверил Јехова — прекрасните библиски вистини и честа да ги поучуваме луѓето за нив. Така ќе имаме чиста совест, ќе водиме исполнет живот и ќе се радуваме што можеме да им помагаме на другите да го запознаат Јехова. Со негова помош, ќе успееме да го зачуваме она што ни го доверил (1. Тим. 6:12, 19).

ПЕСНА 127 Каква личност треба да бидам

^ пас. 5 Ние имаме голема чест да ја знаеме вистината и да ги поучуваме другите за неа. Оваа статија ќе ни помогне никогаш да не престанеме да ја цениме таа чест.

^ пас. 8 Името е сменето.