Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 37

„Ќе ги затресам сите народи“

„Ќе ги затресам сите народи“

Ќе ги затресам сите народи, и ќе дојдат скапоценостите од сите народи (АГЕЈ 2:7)

ПЕСНА 24 Дојдете на Јеховината гора!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. Какво симболично тресење било проречено за нашево време?

 „ОДЕДНАШ, продавниците и старите згради почнаа да се рушат како кули од карти. Сите беа испаничени... Многу луѓе рекоа дека траеше околу две минути, но мене ми се чинеше како цела вечност.“ Ова го кажале некои што го преживеале земјотресот кој го погоди Непал во 2015 год. Ако и ти си доживеал нешто слично, веројатно нема никогаш да го заборавиш.

2 Меѓутоа, во нашево време се одвива едно поинакво тресење кое го чувствуваат сите народи, а не само еден град или една држава. Ова тресење, кое трае веќе со децении, било проречено од страна на пророкот Агеј. Тој напишал: „Вака вели Јехова над војските: ’Уште еднаш — и тоа скоро — ќе ги затресам небото и земјата, морето и копното‘“ (Агеј 2:6).

3. По што се разликува тресењето за кое зборувал Агеј од еден дословен земјотрес?

3 Тресењето за кое зборувал Агеј не е како дословен земјотрес кој носи само уништување. Напротив, тоа тресење дава добри резултати. Самиот Јехова рекол: „Ќе ги затресам сите народи, и ќе дојдат скапоценостите од сите народи, и ќе го наполнам овој дом со слава“ (Агеј 2:7). Што значело ова пророштво за оние што живееле во времето на Агеј? Што значи за нас денес? Во оваа статија ќе го добиеме одговорот на тие прашања, и ќе видиме како можеме и ние да имаме удел во затресувањето на народите денес.

ОХРАБРУВАЧКА ПОРАКА ВО ВРЕМЕТО НА АГЕЈ

4. Зошто Јехова му дал една важна задача на пророкот Агеј?

4 Пророкот Агеј добил една важна задача од Јехова. Но, да видиме што се случувало претходно. Агеј веројатно бил меѓу оние кои од изгнанството во Вавилон се вратиле во Ерусалим во 537 год. пр.н.е. Набрзо откако пристигнале, овие верни слуги на Јехова почнале да го градат Божјиот дом, односно храмот (Езра 3:8, 10). Но за кратко време, ситуацијата се променила. Тие се соочиле со противење од околните народи, и поради тоа се обесхрабриле и престанале со градењето (Езра 4:4; Агеј 1:1, 2). Затоа, во 520 год. пр.н.е. Јехова му дал задача на Агеј да им ја разгори ревноста и да ги поттикне да го довршат храмот * (Езра 6:14, 15).

5. Зошто пораката на Агеј сигурно многу го зајакнала Божјиот народ?

5 Целта на пораката на Агеј била да им ја зајакне на луѓето верата во Јехова. Тој храбро им ги пренел овие зборови на обесхрабрените Евреи: „’Биди силен, народе‘, вели Јехова, ’и фати се за работа!‘ ’Зашто, јас сум со вас‘, вели Јехова над војските“ (Агеј 2:4). Изразот „Јехова над војските“ сигурно многу ги зајакнал Евреите. Јехова заповеда со огромна војска ангели, и затоа тие требало да имаат доверба во него за да успеат.

6. Што ќе се постигнело со тресењето кое го прорекол Агеј?

6 Агеј им пренел на Евреите порака од Јехова дека ќе бидат затресени сите народи. Таа порака многу ги зајакнала оние што престанале со изградбата на храмот, бидејќи дознале дека Јехова ќе ја затресе Персија — светска сила под чија власт биле многу народи. Што ќе се постигнело со тоа тресење? Прво, Божјиот народ ќе ја довршел изградбата на храмот. Потоа, дури и луѓе од другите народи ќе го обожавале Јехова заедно со нив во тој обновен храм. Оваа порака сигурно многу го охрабрила Божјиот народ! (Зах. 8:9).

ДЕЛО СО КОЕ СЕ ТРЕСАТ НАРОДИТЕ ДЕНЕС

Дали имаш целосен удел во проповедничкото дело со кое се затресуваат народите? (Види во пасуси 7-8) *

7. Во какво дело со кое се тресат народите сме вклучени ние денес? Објасни.

7 Какво значење има пророштвото на Агеј за нас денес? Јехова уште еднаш ги затресува сите народи, а овојпат и ние имаме удел во тоа. Размисли за следново. Во 1914 год. Јехова го поставил Исус Христос за Цар на Божјето Царство (Пс. 2:6). Тоа што Царството почнало да владее било лоша вест за светските водачи. Воспоставувањето на Царството значело дека се исполниле „одредените времиња на незнабошците“, односно дека завршил периодот во кој немало владетел на Земјата кој го претставувал Јехова (Лука 21:24). Од таа причина, Јеховините слуги, особено од 1919 год. им кажуваат на сите дека Божјето Царство е единствената надеж за човештвото. Проповедањето на оваа добра вест за Царството го тресе целиот свет (Мат. 24:14).

8. Според Псалм 2:1-3, како реагира поголемиот дел од народите на пораката за Царството?

8 Како реагираат луѓето на оваа порака? Повеќето реагираат негативно. (Прочитај Псалм 2:1-3.) Таа порака ги вознемирува народите. Тие не го прифаќаат владетелот што Јехова го поставил, и не ја сметаат за „добра вест“ пораката за Царството што ја проповедаме. Некои влади дури и го забраниле проповедничкото дело. Иако мнозина од владетелите на овие народи тврдат дека му служат на Бог, тие не сакаат да се откажат од својата власт. Исто како во времето на Исус, и владетелите денес му се противат на Јеховиниот помазаник така што ги напаѓаат неговите верни следбеници (Дела 4:25-28).

9. Како реагира Јехова на тоа што народите ја отфрлаат пораката за Царството?

9 Како реагира Јехова на тоа што народите ја отфрлаат пораката за Царството? Псалм 2:10-12 ни го дава одговорот. Таму стои: „Затоа, цареви, постапете разборито! Прифатете го укорот, вие судии на земјата! Служете му на Јехова со страв и радувајте се со трепет! Поздравете го синот за Бог да не се разгневи и пропаста да не ве тргне од патот, зашто Божјата лутина лесно пламнува. Среќни се сите на кои Бог им е засолниште“. На оние што му се противат, Јехова од љубов им дава време да ја донесат исправната одлука. Тие сѐ уште можат да се сменат и да го прифатат Јеховиното Царство. Но, преостанува уште малку време. Живееме во „последните денови“ на овој поредок (2. Тим. 3:1; Иса. 61:2). Никогаш не било поитно луѓето да ја дознаат вистината и да почнат да му служат на Јехова.

НЕКОИ РЕАГИРААТ ПОЗИТИВНО

10. Каква позитивна реакција е проречена во Агеј 2:7-9?

10 Некои луѓе реагираат позитивно на симболичното тресење кое го прорекол Агеј. Тој рекол дека, како резултат на таквото тресење, скапоценостите од сите народи, односно искрените луѓе, ќе почнат да му служат на Јехова. * (Прочитај Агеј 2:7-9.) Исаија и Михеј исто така прорекле дека ова ќе се случува „во последните денови“ (Иса. 2:2-4; Мих. 4:1, 2).

11. Како реагирал еден брат кога за првпат ја слушнал пораката за Царството?

11 Да видиме како пораката со која се затресуваат народите влијаела врз еден брат по име Кен, кој сега служи во главното седиште. Тој сѐ уште се сеќава како влијаела врз него пораката за Царството, која за првпат ја чул пред околу 40 години. Кен вели: „Кога првпат ја слушнав вистината од Божјата Реч, се израдував што дознав дека живееме во последните денови на овој поредок. Сфатив дека, за да му угодам на Бог и да добијам вечен живот, морав да престанам да бидам дел од овој несигурен свет и цврсто да застанам на Јеховината страна. Веднаш одлучив да го направам тоа и му се помолив на Јехова. Го оставив светот зад себе и почнав да го поддржувам Божјето Царство, кое нуди вистинска сигурност и не може ништо да го затресе“.

12. Како Јеховиниот духовен храм се исполнува со слава во текот на овие последни денови?

12 Очигледно е дека Јехова го благословува својот народ. Во текот на овие последни денови гледаме огромен пораст во бројот на оние што почнуваат да му служат. Во 1914 год. имаше само неколку илјади објавители, а сега има повеќе од осум милиони. Освен тоа, милиони други лица секоја година ја одбележуваат Спомен-свеченоста заедно со нас. На тој начин, земните дворови на Јеховиниот духовен храм, односно сето она што тој го подготвил за да можеме да му служиме на прифатлив начин, се полнат со скапоценостите од сите народи. Исто така, Јеховиното име се прославува со тоа што овие искрени лица прават промени во животот и ја облекуваат „новата личност“ (Еф. 4:22-24).

Божји слуги низ целиот свет радосно учествуваат во проповедањето на добрата вест за Божјето Царство (Види во пасус 13)

13. Кои други пророштва се исполнуваат со тоа што расте бројот на оние што почнуваат да му служат на Јехова? (Види ја сликата на насловната страница.)

13 Со ваквиот пораст на Божјиот народ се исполнуваат и други пророштва, како што е пророштвото запишано во Исаија, поглавје 60. Во 22. стих од ова поглавје пишува: „Од малиот ќе стане илјада, и од незначителниот — силен народ. Јас, Јехова, ќе го забрзам тоа кога ќе дојде време“. Бидејќи сѐ повеќе луѓе почнуваат да му служат на Јехова, се постигнува нешто многу убаво. Овие скапоцени поединци имаат најразлични вештини и способности кои ги користат во делото за Царството, како и спремен дух да ја проповедаат добрата вест. На тој начин Јеховиниот народ има корист од она што Исаија го нарекол „млекото на народите“ (Иса. 60:5, 16). Благодарение на трудот што го вложуваат браќата и сестрите, добрата вест се проповеда во 240 земји, а нашата литература се издава на преку 1.000 јазици.

ВРЕМЕ ЗА ЕДНА ВАЖНА ОДЛУКА

14. Каква одлука мора да донесат луѓето?

14 Во ова време на крајот, проповедањето на пораката со која се тресат народите ги принудува луѓето да донесат една одлука — дали ќе го поддржат Божјето Царство или ќе ја положат својата доверба во владите на овој свет. Тоа е одлука која секој ќе мора да ја донесе. Јеховините слуги се послушни на законите што ги носат властите во нивната земја, но остануваат потполно неутрални во поглед на политичките работи на овој свет (Рим. 13:1-7). Тие знаат дека Царството е единственото вистинско решение за проблемите на луѓето. Тоа Царство не е дел од овој свет (Јован 18:36, 37).

15. Како книгата Откровение покажува дека верноста на Божјите слуги ќе биде ставена на испит?

15 Од книгата Откровение дознаваме дека верноста на Божјите слуги ќе биде ставена на испит во последните денови. Тоа значи дека и понатаму ќе се соочуваме со силно противење и прогонство. Владите на овој свет го бараат од нас она што му припаѓа на Бог, односно нашата исклучителна оддаденост, и ги прогонуваат оние што одбиваат да застанат на нивна страна (Отк. 13:12, 15). Тие ги присилуваат „сите луѓе, малите и големите, богатите и сиромасите, слободните и робовите, да примат жиг на десната рака или на челото“ (Отк. 13:16). Во минатото, робовите биле обележувани со жиг за да се знае на кого му припаѓаат. Слично на тоа, и во нашево време од секого се очекува да прими симболичен жиг на раката или на челото, односно да покаже со своите постапки и со своите мисли дека ги поддржува владите на овој свет.

16. Зошто е важно уште денес да даваме сѐ од себе за да му бидеме верни на Јехова?

16 Дали ќе го прифатиме овој симболичен жиг и ќе ги поддржиме политичките влади? Оние што одбиваат да го примат се соочуваат со тешкотии и опасности. Книгата Откровение ни кажува дека никој нема да може „ниту да купува ниту да продава освен оној што го има жигот“ (Отк. 13:17). Но, ние како Божји народ знаеме што ќе им направи Бог на оние што ќе го примат жигот (Отк. 14:9, 10). Наместо тој жиг, ние во симболична смисла ќе имаме напишано на раката „Јеховин“ (Иса. 44:5). Сега е вистинското време цврсто да стоиме на страната на Јехова. Ако му останеме верни, тој со радост ќе потврди дека му припаѓаме нему!

ПОСЛЕДНОТО ТРЕСЕЊЕ

17. Што треба да имаме на ум во врска со стрпливоста на Јехова?

17 Во текот на овие последни денови, Јехова покажува голема стрпливост. Тој не сака никој да биде уништен (2. Пет. 3:9). Бог на сите им дава можност да се покаат и да одлучат да му служат. Но, неговата стрпливост има граници. Оние што ја отфрлаат ваквата можност ќе се најдат во ситуација слична на онаа во која се нашол фараонот во времето на Мојсеј. Јехова му рекол на фараонот: „Досега веќе можев да ја испружам раката и да испратам чума врз тебе и врз твојот народ за да те снема од земјата. Но те оставив жив за да ти ја покажам својата моќ и да се објави моето име по целата земја“ (2. Мој. 9:15, 16). На крајот, сите народи ќе дознаат дека Јехова е единствениот вистински Бог (Езек. 38:23). Како ќе се случи тоа?

18. а) За какво тресење станува збор во Агеј 2:6, 20-22? б) Од каде знаеме дека зборовите на Агеј ќе се исполнат во иднина?

18 Прочитај Агеј 2:6, 20-22. Неколку векови по смртта на Агеј, апостол Павле под водство на светиот дух истакнал дека тие зборови ќе се исполнат во иднина. Тој напишал: „Сега тој ветува: ’Уште еднаш ќе ги затресам не само земјата туку и небото‘. А зборовите ’уште еднаш‘ значат дека ќе биде отстрането она што може да се потресе, односно она што не го направил Бог, за да може да остане она што не може да се потресе“ (Евр. 12:26, 27, Превод Нов свет, ревидирано издание на англиски од 2013). За разлика од тресењето кое се спомнува во Агеј 2:7, ова тресење ќе значи и вечно уништување за оние кои, исто како фараонот, одбиваат да го прифатат Јехова како Владетел.

19. Што нема да се затресе, и од каде го знаеме тоа?

19 Што нема да се затресе, односно отстрани? Павле продолжува: „Бидејќи треба да добиеме царство кое не може да се затресе, да останеме достојни на Божјата незаслужена доброта, преку која можеме да му служиме на Бог така како што е по негова волја, со страв и со страхопочит“ (Евр. 12:28). Откако ќе заврши тоа последно и разорно тресење, само Божјето Царство ќе остане незатресено. Тоа ќе продолжи да стои цврсто на своите темели! (Пс. 110:5, 6; Дан. 2:44).

20. Каква одлука мора да донесат луѓето, и како можеме да им помогнеме?

20 Нема време за губење. Луѓето мора да одлучат: или ќе продолжат да го поддржуваат овој свет и ќе бидат уништени, или ќе изберат да живеат во склад со Божјата волја и ќе добијат вечен живот (Евр. 12:25). Со нашето проповедање можеме да им помогнеме на луѓето да ја донесат исправната одлука во однос на ова важно прашање. Да се трудиме да им помогнеме на колку што е можно повеќе скапоцени поединци да застанат на страната на Божјето Царство. И постојано да ги имаме на ум зборовите на нашиот Господар, Исус: „Оваа добра вест за царството ќе биде проповедана по целиот свет, за сведоштво на сите народи, и тогаш ќе дојде крајот“ (Мат. 24:14).

ПЕСНА 40 На кој бог му припаѓаме?

^ пас. 5 Во оваа статија ќе добиеме појаснето разбирање на стихот од Агеј 2:7. Ќе дознаеме како можеме да учествуваме во едно важно дело кое ги затресува сите народи. А ќе видиме и дека на ова дело некои луѓе реагираат позитивно, а некои негативно.

^ пас. 4 Знаеме дека Агеј успешно ја извршил задачата што ја добил од Јехова бидејќи храмот бил завршен до 515 год. пр.н.е.

^ пас. 10 Ова е промена во разбирањето. Порано сметавме дека тоа што искрените лица се привлечени кон Јехова не е резултат на тресењето на народите. Види во „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 мај 2006.

^ пас. 63 ОПИС НА СЛИКАТА: Агеј ги поттикнува Божјите слуги да бидат ревносни и да ја довршат изградбата на храмот; Божји слуги од поново време ревносно ја објавуваат Божјата порака. Еден брачен пар проповеда во врска со последното тресење што ќе се случи во иднина.