Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 39

Кога некој твој близок ќе го напушти Јехова

Кога некој твој близок ќе го напушти Јехова

Колку пати... му нанесуваа болка (ПС. 78:40, 41)

ПЕСНА 102 Да им помагаме на слабите!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1. Како може да влијае врз нас ако е исклучен некој од нашите најблиски?

 ДАЛИ некој од твоите најблиски е исклучен од собранието? Тоа може да биде многу болно. Една сестра по име Хилда * вели: „Кога маж ми почина по 41 година брак, мислев дека тоа е најлошото нешто што можеше да ми се случи. Но, кога син ми ја напушти вистината и ги остави жената и децата, тоа го доживеав многу, многу потешко“.

Јехова е свесен колкава болка чувствуваш ако некој твој близок престанал да му служи (Види во пасуси 2-3) *

2-3. Според Псалм 78:40, 41, како се чувствува Јехова кога неговите слуги ќе го напуштат?

2 Помисли колку тешко му било на Јехова кога некои ангели кои биле дел од неговото семејство го напуштиле (Јуда 6). И замисли колкава болка чувствувал кога Израелците, кои многу ги сакал, одново и одново се бунеле против него. (Прочитај Псалм 78:40, 41.) Биди уверен дека на нашиот небесен Татко му е тешко и кога некој твој близок ќе го напушти. Тој е свесен за твојата тага и сочувствува со тебе. Затоа ќе се погрижи да ги добиеш охрабрувањето и поддршката кои ти се потребни.

3 Во оваа статија ќе разгледаме што може да правиме за да ја добиеме Јеховината помош доколку некој наш близок е исклучен. Исто така, ќе видиме како може да им помагаме на други во собранието кои се во ваква ситуација. Но, најпрво да видиме од какво негативно размислување треба да се чуваме.

НЕМОЈ ДА СЕ ОБВИНУВАШ СЕБЕСИ

4. Како се чувствуваат многу родители ако нивното дете го напуштило Јехова?

4 Ако нивното сакано дете е исклучено, родителите честопати се измачуваат со мислата дека не направиле доволно за да му помогнат да остане во вистината. Откако неговиот син бил исклучен, еден брат по име Лука рекол: „Се обвинував себеси. Дури имав и кошмари. Понекогаш плачев, и срцето ми се кинеше од болка“. Елизабет, една сестра чиј син исто така бил исклучен, честопати се прашувала: „Каде згрешив како мајка?“ Освен тоа, таа рекла: „Сметав дека не направив доволно за да ја всадам вистината во срцето на мојот син“.

5. Чија вина е кога некој ќе го напушти Јехова?

5 Секогаш треба да имаме на ум дека Јехова му дал слободна волја на секого од нас. Тоа значи дека сами избираме дали ќе му бидеме послушни или не. Некои деца, чии родители не биле добар пример, одлучиле да му служат на Јехова и верно го прават тоа. Од друга страна, некои деца, чии родители давале сѐ од себе да им помогнат да го засакаат Јехова, подоцна одлучиле да ја напуштат вистината. Од ова гледаме дека секој од нас мора самиот да одлучи дали ќе му служи на Јехова (Ис. Нав. 24:15). Затоа, родители, ако вашето дете ја напуштило вистината, немојте да се обвинувате себеси!

6. Како може да се одрази врз децата ако еден од родителите го напушти Јехова?

6 Понекогаш, може да случи еден од родителите да ја напушти вистината, па дури и своето семејство (Пс. 27:10). Тоа може да биде многу болно за децата, кои својот родител го сметале за најдобар пример. Естира, чиј татко бил исклучен, вели: „Често плачев бидејќи знаев дека тој не беше одвлечен од вистината, туку свесно одлучи да го напушти Јехова. Го сакам татко ми, и затоа, кога беше исклучен, постојано се грижев дали е добро. Дури имав и панични напади“.

7. Што чувствува Јехова за младите чиј родител е исклучен?

7 Драги млади, ако еден од вашите родители е исклучен, многу ни е жал поради она што го доживувате. Бидете уверени дека Јехова е свесен колкава болка чувствувате. Тој ве сака и многу го цени тоа што продолжувате верно да му служите. А и ние — вашите браќа и сестри — многу ве сакаме и ве цениме. Исто така, имајте на ум дека вие не сте виновни за одлуките на вашите родители. Како што веќе спомнавме, Јехова му дал на секого од нас право да избере дали ќе му служи или не. Секој поединец кој му го заветувал својот живот на Јехова и се крстил има одговорност да го „носи својот товар“ (Гал. 6:5).

8. Што можат да прават останатите членови на семејството додека чекаат оној што е исклучен да се врати кај Јехова? (Види ја и рамката „ Врати се кај Јехова“.)

8 Ако некој што го сакаш ја напуштил вистината, сосема е нормално да се надеваш дека еден ден ќе се врати кај Јехова. Што можеш да правиш во меѓувреме? Давај сѐ од себе за да останеш духовно јак. Ако го правиш тоа, ќе бидеш добар пример за останатите членови на семејството, а можеби дури и за исклучениот. Тоа ќе ти помогне и да имаш сила да се носиш со твојата болка. Да разгледаме некои практични работи што можат да ти помогнат да задржиш цврста вера.

ШТО МОЖЕШ ДА ПРАВИШ ЗА ДА ОСТАНЕШ ДУХОВНО ЈАК

9. Како можеш да црпиш сила од Јехова? (Види ја и рамката „ Стихови кои можат да те утешат ако некој твој близок го напуштил Јехова“.)

9 Задржи добри духовни навики. Многу е важно да продолжиш да се зајакнуваш и себеси и другите во семејството. Како можеш да го правиш тоа? Црпи сила од Јехова така што секојдневно ќе ја читаш Божјата Реч и ќе размислуваш за неа и така што редовно ќе присуствуваш на христијанските состаноци. Јоана, чиј татко и чија сестра ја напуштиле вистината, вели: „Многу ме смирува кога читам за некои библиски личности, како што се Авигеја, Естира, Јов, Јосиф и Исус. Нивниот пример ме исполнува со позитивни мисли кои ми ја ублажуваат болката. А многу ме охрабруваат и песните од нашата организација“.

10. Според Псалм 32:6-8, што може да правиме кога се чувствуваме потиштено или вознемирено?

10 Сподели ги со Јехова сите твои грижи. Кога се чувствуваш потиштено или вознемирено, не престанувај да му се молиш. Сесрдно моли го нашиот грижлив Бог да ти помогне да гледаш на ситуацијата од негова гледна точка, како и да ти даде разборитост и да те поучи за „патот по кој треба да одиш“. (Прочитај Псалм 32:6-8.) Се разбира, може да биде многу болно да му кажеш на Јехова како навистина се чувствуваш. Но, тој потполно ја разбира болката во твоето срце. Јехова многу те сака и те поттикнува да му го излееш срцето (2. Мој. 34:6; Пс. 62:7, 8).

11. Според Евреите 12:11, зошто треба да имаме доверба во начинот на кој Јехова со љубов нѐ укорува? (Види ја и рамката „ Исклучувањето — израз на Јеховината љубов“.)

11 Поддржувај ја одлуката на старешините. Исклучувањето е еден начин на кој Јехова со љубов исправа некого. Тоа е за доброто на сите, вклучувајќи го и оној што направил грев. (Прочитај Евреите 12:11.) Некои од собранието можеби зборуваат дека старешините не донеле исправна одлука во врска со нечие исклучување. Но, имај на ум дека тие што зборуваат така обично не сакаат да ги спомнат негативните работи за исклучениот. Да не заборавиме дека ние едноставно ги немаме сите факти. Затоа, мудро е да имаме доверба дека старешините кои учествувале во правниот одбор се труделе многу внимателно да ги следат библиските начела и да судат „во името на Јехова“ (2. Лет. 19:6).

12. Како на некои им користело тоа што го поддржувале Јеховиниот укор?

12 Со тоа што ќе ја поддржуваш одлуката на старешините, дури можеш да му помогнеш на некој твој близок кој е исклучен да се врати кај Јехова. Елизабет, која ја спомнавме претходно, вели: „Ни беше многу тешко тоа што немавме никаков контакт со нашиот возрасен син. Но, откако се врати кај Јехова, тој призна дека заслужил да биде исклучен. Подоцна, тој кажа дека извлекол важни поуки. Сфатив дека укорот од Јехова е секогаш исправен“. Нејзиниот сопруг, Марк, додава: „Многу подоцна, нашиот син ми кажа дека една од причините зошто сакал да се врати во вистината е тоа што воопшто не контактиравме со него. Многу сум среќен што Јехова ни помогна да бидеме послушни“.

13. Што може да ти ја ублажи емоционалната болка?

13 Зборувај со пријатели кои можат да разберат како се чувствуваш. Дружи се со зрели христијани кои можат да ти помогнат да задржиш позитивен став (Изр. 12:25; 17:17). Јоана, која ја спомнавме претходно, вели: „Се чувствував осамено. Но, тоа што зборував со доверливи пријатели многу ми помогна“. Меѓутоа, што ако некој во собранието ти каже нешто што ќе те повреди?

14. Зошто треба да се поднесуваме еден со друг и спремно да си простуваме?

14 Покажувај стрпливост кон твоите браќа и сестри. Не можеме да очекуваме дека секој ќе го каже исправното нешто во секоја ситуација (Јак. 3:2). Сите сме несовршени, и затоа немој да бидеш изненаден ако некој не знае што да каже или, пак, дури каже нешто со кое ненамерно ќе те повреди. Имај го на ум советот на апостол Павле: „Поднесувајте се еден со друг и спремно простувајте си еден на друг, ако некој има жалба против некого“ (Кол. 3:13). Една сестра чиј син бил исклучен вели: „Јехова ми помогна да им простам на браќата кои, сакајќи да ме охрабрат, всушност, ме повредија“. Но, што може да направи собранието за да им помогне на членовите на семејството на некој што е исклучен?

СОБРАНИЕТО МОЖЕ ДА ПОМОГНЕ

15. Како можеме да им помогнеме на членовите на семејството на кои им бил исклучен некој близок?

15 Биди љубезен и обѕирен кон членовите на семејството на кои неодамна им бил исклучен некој близок. Една сестра по име Миријам признава дека, откако брат ѝ бил исклучен, се чувствувала многу вознемирено кога требало да оди на состаноците. Таа вели: „Се плашев што ќе кажат другите. Но, имаше многу браќа и сестри кои исто така беа тажни поради она што се случи. Тие не кажуваа ништо лошо за брат ми. Благодарение на нив, не бев оставена сама да се борам со тагата“. Една друга сестра вели: „Откако нашиот син беше исклучен, нашите драги пријатели доаѓаа да нѐ утешат. Некои ни рекоа дека не знаеле што да кажат. Едни плачеа со мене, а други ми испратија охрабрувачки писма. Она што го направија неизмерно многу ми значеше!“

16. Како може собранието и понатаму да пружа помош и поддршка?

16 Продолжи да ги поддржуваш членовите на семејството кои верно му служат на Јехова. На нив им се потребни твојата љубов и охрабрување повеќе од кога и да било порано (Евр. 10:24, 25). Понекогаш, членовите на семејството на некој што е исклучен забележуваат дека некои од собранието ги избегнуваат и се однесуваат со нив како и тие да се исклучени. Воопшто не би сакале да им оставаме таков впечаток! Особено младите чии родители ја напуштиле вистината имаат потреба да ги охрабруваме и пофалуваме. Марија, чиј сопруг бил исклучен и го напуштил семејството, вели: „Некои од собранието доаѓаа кај нас дома и ми помагаа околу готвењето и проучувањето со децата. Тие ја чувствуваа мојата болка и плачеа со мене. Освен тоа, застануваа во моја одбрана кога некои кажуваа неточни работи за мене. Ваквите браќа и сестри ми беа вистинска поткрепа!“ (Рим. 12:13, 15).

Собранието може да им пружи љубов и поддршка на членовите на семејството на некој што е исклучен (Види во пасус 17) *

17. На кои начини можат старешините сочувствително да пружаат поддршка?

17 Старешини, користете ја секоја прилика за да ги зајакнете членовите на семејството кои продолжуваат верно да му служат на Јехова. Вие имате посебна одговорност да ги тешите соверниците на кои им е исклучен некој близок (1. Сол. 5:14). Преземајте иницијатива да ги охрабрите така што ќе зборувате со нив пред и по состаноците. Посетувајте ги и молете се за нив. Одете заедно во служба, а понекогаш поканете ги на вашата Семејна вечер. Духовните пастири треба да се грижат за Јеховините овчички кои тажат и да им покажуваат сочувство, љубов и внимание (1. Сол. 2:7, 8).

НЕ ГУБИ НАДЕЖ И ПРОДОЛЖИ ДА ИМАШ ДОВЕРБА ВО ЈЕХОВА

18. Според 2. Петрово 3:9, како гледа Бог на оние што престанале да му служат?

18 Јехова „не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“. (Прочитај 2. Петрово 3:9.) Дури и некој да направил сериозен грев, неговиот живот сѐ уште е скапоцен за Бог. Не заборавај дека Јехова платил висока цена — откупната жртва на својот сакан Син — за секого од нас. Јехова со љубов се обидува да им помогне на оние што го напуштиле повторно да се вратат кај него. Тој се надева дека ќе го направат тоа, како што се гледа од споредбата на Исус за изгубениот син (Лука 15:11-32). Многумина кои ја напуштиле вистината, подоцна се вратиле кај својот грижлив небесен Татко. А браќата и сестрите од собранието со радост ги пречекале. Елизабет, која ја спомнавме претходно, чувствувала неизмерна радост кога нејзиниот син повторно бил примен во собранието. Таа вели: „Навистина го ценам тоа што многумина нѐ охрабруваа да не губиме надеж“.

19. Зошто можеме и понатаму да имаме доверба во Јехова?

19 Можеме секогаш да имаме доверба во Јехова. Тој никогаш не бара од нас нешто што ќе ни наштети. Јехова е великодушен и сочувствителен Татко кој има голема љубов кон сите што го сакаат и му служат. Биди уверен дека тој нема да те напушти кога си во очај (Евр. 13:5, 6). Марк, кого го спомнавме претходно, вели: „Јехова никогаш не нѐ напушти. Сфативме дека тој секогаш ни помага кога минуваме низ тешки периоди“. Јехова и понатаму ќе ти дава сила „која ја надминува нормалната“ (2. Кор. 4:7). Ти можеш да останеш верен и да не ја изгубиш надежта дури и ако некој твој близок го напуштил Јехова.

ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот

^ пас. 5 Навистина е многу болно кога некој што го сакаме ќе престане да му служи на Јехова. Во оваа статија ќе видиме како се чувствува нашиот Бог кога ќе се случи вакво нешто. Ќе разгледаме што може да им помогне на членовите на семејството на оној што е исклучен да се носат со болката и да останат духовно силни. Исто така, ќе видиме како сите во собранието можат да му пружат утеха и помош на семејството.

^ пас. 1 Некои имиња во оваа статија се сменети.

^ пас. 79 ОПИС НА СЛИКАТА: Жената и децата на еден брат чувствуваат голема болка затоа што тој ги напушта и нив и Јехова.

^ пас. 81 ОПИС НА СЛИКАТА: Двајца старешини доаѓаат кај едно семејство за да пружат утеха и охрабрување.