Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 35

Цени ги постарите браќа и сестри

Цени ги постарите браќа и сестри

Седата коса е прекрасна круна (ИЗР. 16:31)

ПЕСНА 138 Седата коса е прекрасна

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

1-2. а) Според Изреки 16:31, како треба да гледаме на постарите браќа и сестри кои верно му служат на Јехова? б) Кои прашања ќе ги разгледаме во оваа статија?

 ВО ЕДЕН национален парк во Арканзас (САД) посетителите можат да најдат дијаманти на површината на земјата. Но, бидејќи овие дијаманти не се обработени, многумина можат да поминат покрај нив без воопшто да се свесни дека пред нив се наоѓа скапоцено богатство.

2 Слично на тие дијаманти, постарите браќа и сестри кои верно му служат на Јехова се како скапоцено богатство. Божјата Реч ја споредува нивната седа коса со круна. (Прочитај Изреки 16:31; 20:29.) Сепак, лесно може да се случи да не ги забележиме овие скапоцени браќа и сестри. Помладите кои ќе ја препознаат вредноста на постарите можат да добијат нешто многу повредно од дословно богатство. Во оваа статија ќе го разгледаме одговорот на следниве три прашања: Зошто Јехова ги смета за скапоцени постарите браќа и сестри кои верно му служат? Каква улога имаат овие браќа и сестри во Јеховината организација? Што треба да направиме за да извлечеме корист од нивниот пример?

ЗОШТО ПОСТАРИТЕ БРАЌА И СЕСТРИ СЕ СКАПОЦЕНИ ЗА ЈЕХОВА

Постарите браќа и сестри кои верно му служат на Јехова се скапоцени и за него и за неговиот народ (Види во пасус 3)

3. Според Псалм 92:12-15, зошто Јехова ги смета за скапоцени постарите браќа и сестри кои верно му служат?

3 Јехова Бог ги смета за скапоцени постарите браќа и сестри кои верно му служат. Тој ја познава нивната внатрешна личност и ги цени нивните прекрасни особини. Тој се радува кога постарите ја споделуваат со помладите мудроста која ја стекнале во текот на долгите години верна служба (Јов 12:12; Изр. 1:1-4). Јехова многу ја цени и нивната истрајност (Мал. 3:16). Иако се соочувале со проблеми во животот, тие сепак задржале цврста вера во него. Нивната надеж за иднината сега е посилна отколку што била кога ја запознале вистината. Јехова ги сака и затоа што продолжуваат да го објавуваат неговото име дури и во староста. (Прочитај Псалм 92:12-15.)

4. Што може да ги охрабри нашите постари браќа и сестри?

4 Ако си навлегол во поодминати години, биди уверен дека Јехова го памти сето она што си го правел за него во минатото (Евр. 6:10). Ревносно си учествувал во делото на проповедање, и нашиот небесен Татко многу се радува на тоа. Си покажал истрајност и покрај проблемите, вклучувајќи ги и оние кои ти нанеле голема болка. Цврсто си се држел за библиските праведни мерила, верно си извршувал важни задачи во Јеховината организација и си обучувал други. Си давал сѐ од себе да останеш во чекор со многуте промени кои ги направила Божјата организација. Си ги поддржувал и си ги храбрел оние што се во полновремена служба. Јехова Бог многу те сака затоа што си му верен. Тој ветува дека „нема да ги остави оние што му се лојални“ (Пс. 37:28). Исто така, тој го дал следново уверување: „И кога ќе ви побели косата ќе ве поддржувам“ (Иса. 46:4). Затоа, немој да мислиш дека поради тоа што си во поодминати години повеќе немаш важна улога во Јеховината организација. Биди уверен дека твојата улога е многу важна!

ПОСТАРИТЕ СЕ ВАЖНИ ЗА ЈЕХОВИНАТА ОРГАНИЗАЦИЈА

5. Што треба постарите да имаат на ум?

5 Постарите можат да бидат корисни во Јеховината организација на многу начини. Иако можеби ја немаат истата сила како порано, тие имаат големо искуство кое го стекнале со текот на годините. Јехова може и понатаму да ги користи на разни начини. Тоа ќе го видиме од примерите што ќе ги разгледаме — и од минатото и од нашево време.

6-7. Наведи примери од Библијата за тоа како Јехова наградил некои постари лица затоа што верно му служеле.

6 Во Библијата се зборува за луѓе кои верно му служеле на Јехова и во својата старост. На пример, Мојсеј имал околу 80 години кога почнал да служи како Јеховин пророк и како водач на израелскиот народ. Кога Даниел веројатно имал преку 90 години, Јехова сѐ уште го користел како пророк. А и апостол Јован веројатно имал повеќе од 90 години кога под водство на светиот дух ја напишал книгата Откровение.

7 Меѓутоа, многу други верни слуги на Јехова не извршувале некоја истакната задача, и поради тоа можеби луѓето не ги забележувале. Сепак, Јехова ги забележал и ги наградил за нивната верност. На пример, Симеон, кој бил „праведен и богобојазлив“, само кратко се спомнува во Библијата. Но, Јехова добро го познавал и му укажал чест така што му дозволил да го види Исус како бебе и да каже пророштво во врска со него и со неговата мајка (Лука 2:22, 25-35). Размисли и за пророчицата Ана, која била вдовица. Таа имала 84 години, но никогаш не изостанувала од храмот. Бидејќи покажала верност со тоа што редовно одела во храмот, Јехова богато ја наградил. И таа имала можност да го види Исус како бебе. И Симеон и Ана биле скапоцени за Јехова (Лука 2:36-38).

Сестра Дидер, која сега има повеќе од 80 години, и понатаму верно му служи на Јехова (Види во пасус 8)

8-9. Што направила една сестра откако станала вдовица?

8 И во поново време, многу од постарите браќа и сестри кои верно му служат на Јехова се одличен пример за помладите. Да го разгледаме примерот на сестра Лоис Дидер, која почнала да служи како специјален пионер во Канада кога имала само 21 година. Таа и нејзиниот сопруг, Џон, поминале повеќе години служејќи во патувачкото дело. Потоа, служеле во Бетелот во Канада преку 20 години. Кога Лоис имала 58 години, таа и Џон добиле покана да служат во Украина. Каква одлука донеле? Дали сметале дека се премногу стари за да служат во друга земја? Тие ја прифатиле задачата, и Џон бил именуван да служи како член на Одборот на подружницата во Украина. Седум години подоцна тој починал, а Лоис одлучила да остане на доделената задача. Таа сега има 81 година и сѐ уште верно му служи на Јехова како член на бетелското семејство во Украина, кое многу ја сака.

9 Вдовиците како Лоис можеби не се толку забележливи како во времето кога нивниот сопруг бил жив. Но, тоа што се вдовици не ја намалува нивната вредност. Јехова многу ги цени сестрите кои со години ги поддржувале своите сопрузи и кои сѐ уште верно му служат (1. Тим. 5:3). Освен тоа, тие се вистинско охрабрување и за помладите.

10. Зошто брат Тони е одличен пример за нас?

10 И многуте верни постари браќа и сестри кои живеат во домови за стари лица се скапоцени за Јехова. На пример, еден брат по име Тони сега живее во таков дом. Тој се крстил во Пенсилванија (САД) во август 1942 год., на 20-годишна возраст. Кратко потоа бил осуден на две и пол години затвор бидејќи одбил да служи војска. Тој и жена му Хилда имале две деца кои ги пораснале во вистината. Низ годините Тони служел во три собранија како претседавачки надгледник (кој сега се нарекува координатор на старешинството) и како надгледник на покраински собири. Тој посетувал еден затвор каде што одржувал состаноци и водел библиски курсеви. Сега Тони има 98 години и сѐ уште прави сѐ што може за да му служи на Јехова и да соработува со локалното собрание.

11. Како може да покажеме дека ги цениме браќата и сестрите кои живеат во домови за стари лица?

11 Како може да покажеме дека ги цениме постарите браќа и сестри кои живеат во домови за стари лица? Старешините може да се погрижат тие да бидат вклучени во собраниските активности онолку колку што тоа е возможно. Можеме и лично да покажеме дека се грижиме за нив така што ќе ги посетиме или ќе им се јавиме. Сакаме особено да им обрнеме внимание на постарите кои живеат во дом за стари лица далеку од нивното собрание. Треба да внимаваме да не ги забораваме овие постари браќа и сестри. На некои од нив можеби не им лесно да зборуваат за себеси или, пак, сметаат дека тоа не е соодветно. Но, ако одвојуваме време за нив, им поставуваме прашања и стрпливо слушаме додека ни раскажуваат за убавите искуства што ги имале во службата за Јехова, ќе бидеме многу охрабрени.

12. Какви браќа и сестри има во нашето собрание?

12 Можеби не сме свесни дека и во нашето собрание има постари браќа и сестри кои со својата верна служба оставаат одличен пример за нас. Една сестра по име Хариет со децении верно му служела на Јехова во едно собрание во Њу Џерси (САД). Кога отишла да живее со својата ќерка, се преселила во ново собрание. Браќата од тоа собрание одвоиле време да ја запознаат и виделе колку многу вреди оваа сестра. Тие биле многу охрабрени додека Хариет им раскажувала случки од службата на проповедање од времето кога првпат ја запознала вистината во 1920-тите. Во тоа време, секогаш кога проповедала, со себе носела четка за заби — да ѝ се најде во случај да ја уапсат. Всушност, во 1933 год. таа два пати била ставана во затвор по една седмица. За тоа време, нејзиниот сопруг, кој не бил Сведок но ја поддржувал, се грижел за нивните три мали деца. Ваквите верни постари браќа и сестри како Хариет навистина заслужуваат да ги цениме.

13. Што научивме во врска со тоа како гледа Јеховината организација на постарите?

13 Нашите постари браќа и сестри се многу важни за Јехова и за неговата организација. Низ годините тие виделе како Бог на разни начини ја благословил својата организација, а и нив лично. Од грешките што ги направиле во животот, тие извлекле важни поуки. Гледај на постарите како на извор на мудрост и учи од нивното искуство (Изр. 18:4). Ако одвојуваш време за да ги запознаеш, твојата вера ќе се зајакне и ќе научиш многу работи од нив.

ИЗВЛЕЧИ КОРИСТ ОД ПРИМЕРОТ НА ПОСТАРИТЕ

Исто како што на Елисеј му користело тоа што поминувал време со Илија, така и браќата и сестрите можат да извлечат корист од искуствата што им ги раскажуваат оние што долги години му служат на Јехова (Види во пасуси 14-15)

14. На што се поттикнати помладите во 5. Мојсеева 32:7?

14 Преземи иницијатива за да зборуваш со постарите. (Прочитај 5. Мојсеева 32:7.) Можеби тие повеќе не гледаат добро, побавно се движат или отежнато зборуваат. Но, тие сѐ уште се млади во срцето и си стекнале „добро име“ кај Јехова (Проп. 7:1). Имај на ум зошто Јехова ги смета за скапоцени и продолжи и понатаму да им покажуваш ценење. Биди како Елисеј, кој упорно настојувал да остане со Илија во текот на последниот ден што можеле да бидат заедно. Елисеј трипати му рекол на Илија: „Нема да те оставам“ (2. Цар. 2:2, 4, 6).

15. Кои прашања би можеле да им ги поставиме на постарите?

15 Покажи искрен интерес кон постарите така што ќе им поставуваш прашања (Изр. 1:5; 20:5; 1. Тим. 5:1, 2). Би можел да ги прашаш: „Кога беше помлад, што те увери дека си ја пронашол вистината? Како она што си го доживеал ти помогнало да станеш поблизок со Јехова? Што ти помогнало да останеш радосен во службата?“ (1. Тим. 6:6-8). Потоа внимателно слушај што имаат да ти кажат.

16. Како може да им користи меѓусебниот разговор на едно постаро и на едно помладо лице?

16 Кога зборуваш со некое постаро лице, и двајцата ќе се охрабрите (Рим. 1:12). Ти ќе бидеш уште поуверен дека Јехова се грижи за своите верни слуги, а постариот брат или сестра ќе се чувствува ценето и со задоволство ќе ти раскажува како Јехова го благословувал низ годините.

17. Зошто може да кажеме дека верните постари браќа и сестри стануваат сѐ поубави со текот на годините?

17 Со текот на годините физичката убавина обично се губи, но оние што му се верни на Јехова стануваат сѐ поубави во негови очи (1. Сол. 1:2, 3). Зошто? Затоа што низ годините му дозволиле на Божјиот дух да ги обликува во личности со прекрасни особини. Колку повеќе ги запознаваме нашите постари браќа и сестри и учиме од нив, толку повеќе ќе ги цениме и ќе ги сметаме за скапоцени.

18. Што ќе разгледаме во следната статија?

18 Собранијата се зацврстуваат не само кога помладите покажуваат почит и ценење кон постарите туку и кога постарите го прават тоа кон помладите. Во следната статија ќе видиме како постарите браќа и сестри можат да покажат дека помладите во собранието се скапоцени за нив.

ПЕСНА 144 Гледај ја наградата!

^ пас. 5 Постарите браќа и сестри кои верно му служат на Јехова се како скапоцено богатство. Оваа статија ќе ни помогне да го зголемиме нашето ценење за нив и ќе ни покаже како можеме да извлечеме корист од нивната мудрост и искуство. Исто така, ќе ги увери постарите браќа и сестри дека имаат важно место во Божјата организација.