СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 38
Биди достоен за доверба
Кој оди наоколу и клевети, открива тајни, а кој е верен, ги чува (ИЗР. 11:13)
ПЕСНА 101 Да бидеме сложни и единствени
КРАТОК ПРЕГЛЕД *
1. По што може да знаеме дека некој човек е достоен за доверба?
ЕДЕН човек што е достоен за доверба се труди да си стои на зборот и секогаш да ја кажува вистината (Пс. 15:4). Луѓето знаат дека можат да се потпрат на него. Ние сакаме нашите браќа и сестри да гледаат така на нас. Што може да ни помогне да ја заслужиме нивната доверба?
2. Како може да покажеме дека сме достојни за доверба?
2 Не можеме да ги натераме другите да имаат доверба во нас. Довербата мора да се заслужи. Таа може да се спореди со парите. Тешко се стекнува, а лесно се губи. Без сомнение, Јехова ја заслужува нашата доверба. Ние можеме секогаш да имаме доверба во него бидејќи „тој е верен во сите свои дела“ (Пс. 33:4). И, тој очекува од нас да го следиме неговиот пример (Еф. 5:1). Сега ќе го разгледаме примерот на некои слуги на Јехова кои се угледале на својот небесен Татко и покажале дека се достојни за доверба. Исто така, ќе видиме кои пет особини ќе ни помогнат да ја заслужиме довербата на другите.
УЧИ ОД ВЕРНИТЕ СЛУГИ НА ЈЕХОВА
3-4. Како пророкот Даниел покажал дека е достоен за доверба, и кои прашања би можеле да си ги поставиме?
3 Пророкот Даниел бил одличен пример за човек во кого другите можеле да имаат доверба. Иако бил одведен во ропство во Вавилон, тој брзо станал познат како човек кој е достоен за доверба. Луѓето стекнале уште поголема доверба во него кога со помошта од Јехова ги протолкувал соништата на вавилонскиот цар Навуходоносор. Во една прилика, Даниел требало да му пренесе на царот една непријатна порака — дека Јехова има намера да го казни. За тоа била потребна храброст бидејќи Навуходоносор бил познат како избувлив и насилен човек (Дан. 2:12; 4:20-22, 25). Многу години подоцна, Даниел повторно покажал дека другите можат да имаат доверба во него кога точно протолкувал една необична порака која се појавила на ѕидот на царската палата во Вавилон (Дан. 5:5, 25-29). Подоцна, Медиецот Дариј и управителите кои тој ги поставил исто така забележале дека Даниел е извонреден човек (Дан. 6:3, 4). Тие сфатиле дека Даниел бил достоен за доверба и дека не можело да му се најде ниту некаков пропуст ниту нешто нечесно. Навистина, дури и владетелите кои не му служеле на Јехова сфатиле дека можат да имаат доверба во овој Божји слуга.
4 Додека размислуваме за примерот на Даниел, можеме да се прашаме: „Какво мислење имаат за мене луѓето кои не се Јеховини сведоци? Дали сум познат како некој што совесно ги исполнува своите обврски и во кого може да се има доверба?“ Зошто вреди да си ги поставиме овие прашања? Затоа што, кога луѓето можат да имаат доверба во нас, му носиме слава на Јехова.
5. Зошто Ананија бил познат како човек во кого може да се има доверба?
5 Во 455 год. пр.н.е., откако повторно ги изградил ѕидините на Ерусалим, управителот Неемија барал луѓе во кои можел да има доверба дека добро ќе се грижат за градот. Меѓу другите, тој го избрал и Ананија, кнезот на Тврдината. Во врска со Ананија, во Библијата го пишува следново: „Тој беше доверлив човек кој се боеше од вистинскиот Бог повеќе отколку мнозина други“ (Неем. 7:2). Љубовта кон Јехова и стравот да не го разочара, го поттикнале Ананија сериозно да гледа на секоја задача што му била дадена. Истите работи можат да ни помогнат и нам совесно да ја извршуваме службата за Бог.
6. Како Тихик покажал дека е пријател во кој Павле можел да има доверба?
6 Да го разгледаме примерот и на Тихик, еден брат во кој апостол Павле имал голема доверба. Кога бил во куќен притвор, Павле можел да се потпре на помошта од Тихик за кого рекол дека е „верен слуга во Господарот“ (Еф. 6:21, 22). Павле имал доверба во него дека не само што ќе им однесе писмо на браќата во Ефес и Колоси, туку и дека ќе ги охрабри и утеши. Тихик нѐ потсетува на верните браќа кои се грижат за нашите духовни потреби денес (Кол. 4:7-9).
7. Што можеш да научиш од примерот на старешините и слуга-помошниците во твоето собрание?
7 Ние денес многу ги цениме нашите старешини и слуга-помошници бидејќи се достојни за доверба. Исто како Даниел, Ананија и Тихик, тие гледаат сериозно на своите одговорности. На пример, кога присуствуваме на состанокот Нашиот живот и служба, ние воопшто не се сомневаме дека сите точки на програмата се веќе однапред доделени. А и старешините се многу благодарни што можат да имаат доверба дека браќата и сестрите ќе ги подготват и ќе ги изнесат своите задачи. Исто така, кога ќе поканиме некој интересент да дојде на состанокот кој се одржува за време на викендот, не се сомневаме дека ќе има некој брат кој ќе одржи јавно предавање. А сигурни сме и дека во салата за состаноци ќе бидат достапни публикациите кои ни се потребни за службата на проповедање. Овие верни браќа добро се грижат за нас, и затоа сме му благодарни на Јехова што ги имаме. Но, како можеме ние да покажеме дека сме достојни за доверба?
НЕ ОТКРИВАЈ ДОВЕРЛИВИ РАБОТИ
8. Иако е добро да се интересираме за другите, сепак на што треба да внимаваме? (Изреки 11:13).
8 Ние ги сакаме нашите браќа и сестри, и затоа сакаме да знаеме како се. Но мора да ја почитуваме нивната приватност. Некои христијани од првиот век биле познати како луѓе кои „озборуваат, се мешаат во туѓи работи и зборуваат што не би требало“ (1. Тим. 5:13). Секако, ние не сакаме да бидеме како нив. Но, да претпоставиме дека некој ќе ни каже некои лични работи и ќе нѐ замоли тоа да остане меѓу нас. На пример, една сестра можеби ќе ни каже за некој свој здравствен проблем или за некој друг проблем со кој се соочува и ќе нѐ замоли да не зборуваме за тоа со другите. Треба да ја почитуваме нејзината желба. * (Прочитај Изреки 11:13.) Сега да разгледаме неколку ситуации во кои е важно да бидеме доверливи.
9. Како членовите на семејството можат да покажат дека се достојни за доверба?
9 Во семејството. Секој член на семејството има одговорност да не им открива на другите приватни работи кои се случуваат во кругот на семејството. На пример, една сестра која е во брак можеби има навика која му е смешна на нејзиниот сопруг. Дали тој ќе зборува за тоа со другите ако е свесен дека на тој начин ќе ја посрамоти? Се разбира дека нема. Тој ја сака својата жена и никогаш не би направил нешто со што би ја повредил (Еф. 5:33). Тинејџерите сакаат другите да постапуваат со нив со одредена мера почит. Важно е родителите да бидат свесни за ова. Тие не треба да ги понижуваат своите деца така што ќе зборуваат со другите за нивните грешки (Кол. 3:21). И децата треба да научат да бидат доверливи, односно да не откриваат надвор од семејниот круг лични работи со кои би ги посрамиле другите членови на семејството (5. Мој. 5:16). Ако секој член на семејството внимава да не им открива на другите работи кои се случуваат во кругот на семејството, тие ќе се чувствуваат поблиски едни со други.
10. Што е вклучено во тоа да бидеме вистински пријатели? (Изреки 17:17).
10 Во кругот на пријателите. Понекогаш, секој од нас има потреба да му се довери на некој свој близок пријател. Но, тоа не е секогаш лесно. Можеби ни е тешко да зборуваме со другите за нашите најдлабоки чувства, и затоа би биле многу повредени ако дознаеме дека некој наш пријател им открил на другите нешто што сме му го кажале во доверба. Од друга страна, многу го цениме пријателот кој знае да го држи во доверба она што ќе му го кажеме. Тој е вистински пријател. (Прочитај Изреки 17:17.)
11. а) Како старешините и нивните сопруги покажуваат дека се достојни за доверба? б) Што учиме од еден старешина кој не му открива на своето семејство доверливи работи за собранието? (Види ја сликата.)
11 Во собранието. Старешините кои се познати по тоа дека се доверливи, за своите соверници се „како засолниште од ветер и како прибежиште од бура“ (Иса. 32:2). Знаеме дека со нив можеме да зборуваме слободно за сѐ, бидејќи сме уверени дека тоа нема да му го пренесат на некој друг. Ние не им вршиме притисок да ни откријат работи кои им се кажани во доверба. Освен тоа, ги цениме сопругите на нашите старешини бидејќи тие не се обидуваат да извлечат доверливи информации од своите сопрузи. Всушност, и за нив е голем благослов тоа што нивните сопрузи не им откриваат лични информации за браќата и сестрите. Сопругата на еден старешина вели: „Благодарна сум што мојот сопруг не ми открива доверливи информации во врска со оние кај кои оди на пастирски посети или за оние на кои им е потребна помош од старешините. Тој не ми ги кажува дури ни нивните имиња. Го ценам тоа што не сум оптоварена со проблеми за кои не можам ништо да сторам. Затоа можам слободно да зборувам со сите во собранието. И можам да разговарам со мојот сопруг за моите најдлабоки чувства и проблеми бидејќи сум сигурна дека тоа ќе остане само меѓу нас“. Се разбира, сите ние сакаме да бидеме познати како луѓе кои се достојни за доверба. Сега ќе разгледаме пет особини кои можат да ни помогнат да ја постигнеме таа цел.
РАЗВИВАЈ ОСОБИНИ КОИ ЌЕ ТИ ПОМОГНАТ ДА БИДЕШ ДОСТОЕН ЗА ДОВЕРБА
12. Објасни зошто љубовта е темелот за доверба.
12 Љубовта е темелот за доверба. Исус рекол дека двете најголеми заповеди се да го сакаме Јехова и да ги сакаме нашите ближни (Мат. 22:37-39). Љубовта кон Јехова нѐ поттикнува да го следиме неговиот совршен пример и да се трудиме да бидеме достојни за доверба. На пример, љубовта кон нашите браќа и сестри нѐ поттикнува да не им го пренесуваме на другите она што ни го кажале во доверба. Никогаш не би сакале да откриеме нешто со што ќе им наштетиме, ќе ги посрамотиме или ќе им нанесеме болка (Јован 15:12).
13. Како може понизноста да ни помогне да бидеме достојни за доверба?
13 Понизноста ќе ни помогне да бидеме достојни за доверба. Еден христијанин кој е понизен не се обидува да ги воодушеви другите така што секогаш ќе биде првиот кој ќе им каже некоја нова информација (Фил. 2:3). Тој не привлекува внимание кон себеси така што им дава до знаење на другите дека има информација која не смее да им ја открие. Освен тоа, ако сме понизни, нема да шириме лични гледишта или шпекулации за работи кои се поврзани со Библијата, а за кои нема објаснување во неа или во нашите публикации.
14. Како разборитоста ни помага да бидеме достојни за доверба?
14 Разборитоста ќе му помогне на еден христијанин да процени кога е „време за молчење“, а кога е „време за зборување“ (Проп. 3:7). Во некои култури се вели: „Зборувањето е сребро, но молчењето е злато“. Со други зборови, понекогаш е подобро да молчиме отколку да зборуваме. Во склад со тоа, во Изреки 11:12 пишува: „Вистински разборитиот човек молчи“. Да разгледаме еден пример. Еден искусен старешина честопати го замолуваат да им помага на други собранија кога треба да решаваат тешки проблеми. Еден друг старешина за него вели: „Тој внимава никогаш да не открие доверливи информации за други собранија“. Бидејќи овој старешина е разборит, другите старешини во неговото собрание го почитуваат. Тие се сигурни дека тој нема да им открие на другите доверливи работи од нивното собрание.
15. Наведи пример кој покажува како искреноста може да ни помогне да ја стекнеме довербата на другите.
15 Искреноста е уште една особина која ни е потребна за другите да имаат доверба во нас. Ние имаме доверба во некој што е искрен бидејќи знаеме дека тој секогаш ќе ни ја каже вистината (Еф. 4:25; Евр. 13:18). На пример, да речеме дека сакаш да ги подобриш своите вештини на поучување. Затоа замолуваш некого да внимава како го изнесуваш твојот говор за време на состанокот со цел да ти даде корисни предлози за тоа како би можел да се подобриш. Кого би го избрал за тоа — некој што секогаш ти го кажува она што сакаш да го чуеш или некој што секогаш љубезно, но отворено ти ја кажува вистината? Одговорот е очигледен. Библијата вели: „Подобар е отворен укор отколку скриена љубов. Ударите на оној што те сака се израз на верност“ (Изр. 27:5, 6). Иако во почетокот може да ни биде тешко да го прифатиме искрениот совет на некој пријател, тоа ќе ни користи на долги патеки.
16. Како Изреки 10:19 покажува дека ни е потребно самосовладување?
16 Самосовладувањето е уште една особина која ни е неопходна за да ја стекнеме довербата на другите. Таа особина ни помага да молчиме кога сме под притисок да откриеме работи кои ни биле кажани во доверба. (Прочитај Изреки 10:19.) На пример, може да ни биде тешко да покажуваме самосовладување кога користиме социјални мрежи. Ако не сме внимателни, би можеле ненамерно да им откриеме доверливи информации на многу луѓе. А кога тие информации ќе се пренесат по електронски пат, немаме никаква контрола врз тоа како ќе бидат искористени или колку голема штета ќе предизвикаат. Самосовладувањето, исто така, ни помага да молчиме кога противниците ќе се обидат да нѐ наведат да откриеме информации кои би можеле да ги доведат во опасност нашите браќа и сестри. Ова би можело да се случи ако нѐ испрашува полицијата во земја каде што нашето дело е забрането или ограничено. Во вакви и во други ситуации, можеме да го примениме начелото: „На устата ќе си ставам нарилник како стража“ (Пс. 39:1). Треба да бидеме доверливи со сите луѓе сеедно дали тоа се членовите на нашето семејство, нашите пријатели, браќата и сестрите или кој и да било друг. А за тоа ни е потребно самосовладување.
17. Како можеме да придонесеме во собранието да владее меѓусебна доверба?
17 Многу сме благодарни што Јехова ни помогнал да бидеме дел од едно братство кое се состои од луѓе кои се сакаат и имаат доверба едни во други. Сите имаме одговорност да ја стекнеме довербата на нашите браќа и сестри. Кога секој од нас се труди да покажува љубов, понизност, разборитост, искреност и самосовладување, придонесува во собранието да владее меѓусебна доверба. Градењето доверба е постојан процес. Затоа, да го следиме примерот на нашиот Бог, Јехова, и постојано да покажуваме дека сме достојни за доверба.
ПЕСНА 123 Верно се држиме за теократскиот ред
^ Ако сакаме другите да имаат доверба во нас, прво мора да покажеме дека сме достојни за доверба. Во оваа статија ќе видиме зошто меѓусебната доверба е многу важна и кои особини ќе ни помогнат да бидеме личности во кои другите ќе можат да имаат доверба.
^ Ако дознаеме дека некој во собранието направил тежок грев, треба да го поттикнеме да побара помош од старешините. Ако тој не го направи тоа, тогаш ние треба да ги известиме старешините бидејќи сакаме да му бидеме верни на Јехова и на христијанското собрание.
^ ОПИС НА СЛИКАТА: Еден старешина не му открива на своето семејство доверливи работи за собранието.