Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 39

Дали твоето име е во „книгата на животот“?

Дали твоето име е во „книгата на животот“?

Пред него почна да се пишува книга на сеќавањето за оние што се бојат од Јехова (МАЛ. 3:16)

ПЕСНА 61 Напред, Сведоци!

КРАТОК ПРЕГЛЕД *

Низ вековите, Јехова постојано додавал имиња во „книгата на животот“ (види во пасуси 1-2)

1. Според Малахија 3:16, каква книга пишува Јехова, и што содржи таа?

 ВЕЌЕ илјадници години, Јехова пишува една посебна книга. Оваа книга се состои од имиња. Првото име кое е запишано во неа е името на првиот верен сведок, Авел * (Лука 11:50, 51). Низ вековите, Јехова постојано додавал имиња во неа, и денес таа содржи милиони имиња. Во Библијата, оваа книга е наречена „книга на сеќавањето“, „книгата на животот“ и „свитокот на животот“. Во оваа статија ќе го користиме изразот „книгата на животот“. (Прочитај Малахија 3:16; Отк. 3:5; 17:8.)

2. Чии имиња се запишани во книгата на животот, и што треба да направиме за и нашето име да биде запишано во неа?

2 Оваа посебна книга ги содржи имињата на сите оние што се бојат од Јехова, односно му служат со стравопочит, и кои го сакаат и го ценат неговото име. Тие ќе имаат можност да добијат вечен живот. И нашето име може да биде запишано во таа книга ако стекнеме близок личен однос со Јехова на темел на откупната жртва на неговиот Син, Исус Христос (Јован 3:16, 36). Секој од нас сака неговото име да се најде во таа книга, без разлика дали имаме надеж за вечен живот на небото или на Земјата.

3-4. а) Дали ќе живееме вечно ако нашето име моментално е запишано во книгата на животот? Објасни. б) Што ќе разгледаме во оваа и во следната статија?

3 Дали ова значи дека сите оние чии имиња се запишани во оваа книга сигурно ќе добијат вечен живот? Одговорот на ова прашање се гледа во зборовите кои Јехова му ги кажал на Мојсеј, а се наоѓаат во 2. Мојсеева 32:33. Јехова рекол: „Оној што ми згрешил ќе го избришам од својата книга“. Значи, имињата кои моментално се запишани во таа книга можат да бидат избришани. Тоа е како Јехова да ги напишал нивните имиња со молив (Отк. 3:5). Мора да дадеме сѐ од себе за нашето име да остане во таа книга сѐ додека, така да се каже, тоа не биде трајно запишано во неа со мастило.

4 Поради ова, можеби ни се појавуваат неколку прашања. На пример, што вели Библијата за оние чии имиња се запишани во книгата на животот, како и за оние чии имиња не се запишани таму? Кога ќе добијат вечен живот оние чии имиња се наоѓаат во таа книга? Што е со оние кои умреле без да имаат прилика да го запознаат Јехова? Дали нивните имиња ќе може да бидат запишани во таа книга? Овие прашања ќе бидат одговорени во оваа и во следната статија.

ЧИИ ИМИЊА СЕ ВО КНИГАТА?

5-6. а) Според Филипјаните 4:3, чии имиња се запишани во книгата на животот? б) Кога нивните имиња ќе бидат трајно запишани во книгата на животот?

5 Чии имиња се запишани во оваа симболична книга? За да одговориме на ова прашање, ќе разгледаме пет групи на луѓе. На некои од нив имињата им се запишани во книгата на животот, а на некои не.

6 Првата група се состои од оние што биле избрани да владеат со Исус на небото. Дали нивните имиња веќе се наоѓаат во книгата на животот? Да. Од зборовите кои апостол Павле им ги напишал на своите соработници во Филипи се гледа дека имињата на помазаниците кои се поканети да владеат со Исус уште сега се во книгата на животот. (Прочитај Филипјаните 4:3.) Но за да може нивните имиња и понатаму да бидат запишани во таа книга, тие мора да останат верни. Кога ќе го добијат своето конечно запечатување, нивните имиња ќе бидат трајно запишани во книгата. Ова ќе се случи пред да умрат или пред да започне големата неволја (Отк. 7:3).

7. Според Откровение 7:16, 17, кога ќе бидат трајно запишани во книгата на животот имињата на оние кои се дел од големото мноштво?

7 Втората група е големото мноштво од други овци. Дали нивните имиња сега се запишани во книгата на животот? Да (Отк. 7:14). Дали нивните имиња сѐ уште ќе бидат во книгата на животот и откако ќе го преживеат Армагедон? Да. Исус рекол дека овие кротки поединци ќе отидат „во вечен живот“ (Мат. 25:46). Но тоа не значи дека по Армагедон тие веднаш ќе добијат вечен живот. Нивните имиња, така да се каже, сѐ уште ќе бидат запишани со молив во книгата на животот. Во текот на илјадагодишното владеење, Исус „ќе ги пасе и ќе ги води на извори на води на животот“. На крајот, тие што ќе го следат водството на Исус ќе бидат прогласени за верни слуги на Јехова и нивните имиња ќе бидат трајно запишани во книгата на животот. (Прочитај Откровение 7:16, 17.)

8. Чии имиња не се запишани во книгата на животот, и што ќе се случи со нив?

8 Третата група се јарците, кои ќе бидат уништени во Армагедон. Нивните имиња не се во книгата на животот. Исус за нив рекол дека „ќе отидат во вечна смрт“ (Мат. 25:46). И Павле, под водство на светиот дух, напишал дека тие „ќе бидат казнети со вечно уништување“ (2. Сол. 1:9; 2. Пет. 2:9). Истото може да се каже и за сите оние низ вековите кои намерно грешеле против светиот дух. И тие нема да добијат вечен живот, туку се казнети со вечно уништување. Сосема е јасно дека тие нема да воскреснат (Мат. 12:32; Мар. 3:28, 29; Евр. 6:4-6). Сега, да разгледаме две групи луѓе кои ќе бидат воскреснати на Земјата.

ОНИЕ ШТО ЌЕ ВОСКРЕСНАТ

9. Според Дела 24:15, кои две групи луѓе ќе воскреснат на Земјата, и каква разлика постои помеѓу нив?

9 Библијата зборува за две групи луѓе, „праведните“ и „неправедните“, кои ќе воскреснат со можност да живеат засекогаш на Земјата. (Прочитај Дела 24:15.) „Праведните“ се оние кои верно му служеле на Јехова додека биле живи. Од друга страна, во „неправедните“ спаѓаат оние кои не му служеле на Јехова. Всушност, повеќето од нив воопшто не постапувале праведно. Бидејќи и двете групи ќе воскреснат, може ли да се каже дека нивните имиња се запишани во книгата на животот? За да одговориме на тоа прашање, да ја разгледаме секоја од тие групи посебно.

10. Зошто ќе воскреснат „праведните“, и каква одговорност ќе имаат некои од нив? (Види ја и статијата „Прашања од читателите“ во овој број во врска со воскресението на Земјата.)

10 Четвртата група се „праведните“. Додека биле живи, нивните имиња биле запишани во книгата на животот. Дали нивните имиња биле избришани од таа книга кога умреле? Не, бидејќи тие се сѐ уште „живи“ во Јеховиното сеќавање. Јехова „не е Бог на мртвите, туку на живите, зашто за него сите тие се живи“ (Лука 20:38). Ова значи дека, кога ќе воскреснат за живот на Земјата, имињата на праведните и понатаму ќе бидат во книгата на животот иако, така да се каже, сѐ уште „со молив“ (Лука 14:14). Без сомнение, некои од овие воскреснати поединци ќе ја имаат одговорноста да служат како „кнезови по целата земја“ (Пс. 45:16).

11. Каква помош ќе им биде потребна на „неправедните“ за да можат нивните имиња да бидат запишани во книгата на животот?

11 На крајот, ќе ја разгледаме петтата група луѓе, „неправедните“. Додека биле живи, тие не постапувале праведно, можеби затоа што не ги знаеле Јеховините закони. Од таа причина, нивните имиња не биле запишани во книгата на животот. Но Бог ќе ги воскресне и со тоа ќе им даде можност нивните имиња да бидат запишани во таа книга. На овие луѓе ќе им биде потребна голема помош. Пред да умрат, некои од нив во својот живот правеле ужасни, одвратни работи. Затоа, тие ќе треба да бидат поучени како да живеат според Јеховините праведни мерила. За таа цел, Божјето Царство ќе го организира најголемото образовно дело во човечката историја.

12. а) Кој ќе ги поучува неправедните? б) Што ќе се случи со оние кои нема да сакаат да го применат она што го учат?

12 Кој ќе ги поучува неправедните? Големото мноштво и воскреснатите праведници. За да можат имињата на неправедните да бидат запишани во книгата на животот, тие ќе мора да станат пријатели со Јехова и да му го заветуваат својот живот. Исус Христос и помазаниците внимателно ќе ги набљудуваат неправедните од небото за да видат дали го применуваат она што го учат (Отк. 20:4). Секој што нема да сака да се смени и покрај сета помош што ја добива ќе биде отстранет, дури и да има 100 години (Иса. 65:20). Јехова и Исус можат да ги читаат срцата и никому нема да му дозволат да направи каква и да било штета во новиот свет (Иса. 11:9; 60:18; 65:25; Јован 2:25).

ВОСКРЕСЕНИЕ ЗА ЖИВОТ И ЗА СУД

13-14. а) Како во минатото ги разбиравме зборовите на Исус запишани во Јован 5:29? б) Што треба да имаме на ум во врска со тие зборови?

13 Исус исто така зборувал за оние што ќе бидат воскреснати на Земјата. На пример, тој рекол: „Доаѓа часот во кој сите оние што се во гробовите ќе го чујат неговиот глас и ќе излезат — оние што правеле добро, за воскресение за живот, а оние што правеле зло, за воскресение за осуда“ (Јован 5:28, 29). Што мислел Исус со овие зборови?

14 Во минатото, сметавме дека зборовите на Исус се однесуваат на постапките кои воскреснатите ќе ги прават откако ќе воскреснат. Со други зборови, сметавме дека некои ќе оживеат и ќе прават добро, додека други ќе оживеат и ќе прават зло. Но, забележи дека Исус не рекол дека оние што ќе излезат од гробовите ќе прават добро или ќе прават зло. Тој користел минато време. Исус зборувал за оние што „правеле добро“ и за оние што „правеле зло“. Од ова се гледа дека станува збор за постапки кои ги правеле пред да умрат. Ова е логично бидејќи никому во новиот свет нема да му биде дозволено да прави зло. Според тоа, јасно е дека злото што го правеле неправедните се однесува на лошите работи што ги правеле пред да умрат. Тогаш, како треба да ги разбереме зборовите на Исус во врска со „воскресение за живот“ и „воскресение за осуда“?

15. Кој ќе добие „воскресение за живот“, и зошто?

15 Праведните, односно оние што правеле добри работи пред да умрат, ќе добијат „воскресение за живот“ бидејќи нивните имиња веќе биле запишани во книгата на животот. Ова значи дека воскресението на „оние што правеле добро“ кое е спомнато во Јован 5:29 е исто со воскресението на „праведните“ кое е спомнато во Дела 24:15. Точно е дека според Римјаните 6:7, кога некој ќе умре, неговите гревови му се бришат. Но вреди да се забележи дека неговата верна служба не се брише. Значи, имињата на праведните сѐ уште се наоѓаат во книгата на животот (Евр. 6:10). Се разбира, и откако ќе воскреснат, праведните треба да останат верни за да можат нивните имиња да останат во книгата на животот.

16. На што се однесува изразот „воскресение за осуда“?

16 Што е со оние кои правеле лоши работи пред да умрат? Иако нивните гревови биле избришани со нивната смрт, тие сепак не му служеле на Јехова додека биле живи. Нивните имиња не се запишани во книгата на животот. Значи, воскресението на „оние што правеле зло“ е исто со воскресението на „неправедните“ кое е спомнато во Дела 24:15. Тие ќе добијат „воскресение за осуда“, односно за суд. * На неправедните ќе им се суди во таа смисла што Исус и помазаниците ќе го набљудуваат нивното однесување и ќе дадат проценка за нив (Лука 22:30). Ќе биде потребно време за да се процени дали тие лица се достојни за нивните имиња да бидат запишани во книгата на животот. Само ако овие неправедни лица го отфрлат својот поранешен начин на живот и му го заветуваат својот живот на Јехова, ќе може нивните имиња да бидат запишани во книгата на животот.

17-18. Што ќе треба да прават сите оние што ќе воскреснат на Земјата, и за кои „дела“ станува збор во Откровение 20:12, 13?

17 Сеедно дали претходно биле праведни или неправедни, сите воскреснати ќе треба да им бидат послушни на законите што се наоѓаат во новите свитоци што ќе бидат отворени во текот на илјадата години. Апостол Јован опишал што видел во едно видение: „Ги видов мртвите, големите и малите, како стојат пред престолот, и свитоци се отворија. А се отвори и еден друг свиток — свитокот на животот. И мртвите беа судени според нивните дела на темел на она што е напишано во свитоците“ (Отк. 20:12, 13).

18 На темел на кои „дела“ ќе им се суди на воскреснатите? Дали тоа се делата што ги правеле пред да умрат? Не! Како што спомнавме претходно, нивните гревови се бришат со нивната смрт. Според тоа, „нивните дела“ што се спомнати во Откровение не може да се однесуваат на делата што ги правеле пред да умрат. Напротив, тоа мора да се однесува на делата што ќе ги прават откако ќе бидат поучени во новиот свет. Дури и верните Божји слуги како што биле Ное, Самоил, Давид и Даниел ќе мора да учат за Исус Христос и да покажат вера во неговата жртва. Колку повеќе ќе треба да го прават тоа неправедните!

19. Што ќе се случи со оние кои ја отфрлаат оваа извонредна можност?

19 Што ќе се случи со оние кои ја отфрлаат оваа извонредна можност? Во Откровение 20:15 пишува: „Секој што не се најде запишан во книгата на животот, беше фрлен во огненото езеро“. Значи, тие ќе бидат уништени засекогаш. Затоа, многу е важно да дадеме сѐ од себе за нашето име да биде запишано во книгата на животот и да остане таму!

Еден брат учествува во големото образовно дело што ќе се одвива во текот на илјадагодишното владеење (види во пасус 20)

20. Кое извонредно дело ќе се извршува во текот на илјадагодишното владеење? (Види ја сликата на насловната страница.)

20 Колку интересен период ќе биде илјадагодишното владеење! Во тоа време ќе се извршува најголемото образовно дело во човечката историја. Но исто така, во тој период, Исус и помазаниците ќе го набљудуваат однесувањето на праведните и на неправедните и ќе им судат (Иса. 26:9; Дела 17:31). А како ќе се спроведе ова образовно дело? Следната статија ќе ни помогне уште подобро да го разбереме и да го цениме ова извонредно дело.

ПЕСНА 147 Ветен ни е вечен живот

^ Во оваа статија ќе разгледаме едно појаснување на нашето поранешно разбирање во врска со зборовите на Исус запишани во Јован 5:28, 29. Во овие стихови се зборува за две воскресенија. Прво, се зборува за „воскресение за живот“. Второ, се зборува и за „воскресение за осуда“, кое на изворниот јазик може да значи воскресение за суд. Ќе видиме на што се однесуваат тие воскресенија и кој е вклучен во секое од нив.

^ Оваа книга почнала да се пишува уште од „настанувањето на светот“. Во овој израз, зборот „свет“ се однесува на луѓето кои имаат можност да бидат откупени од гревот (Мат. 25:34; Отк. 17:8). Според тоа, праведниот Авел очигледно е првиот човек чие име е запишано во книгата на животот.

^ Претходно објаснувавме дека изразот кој е преведен со „осуда“ укажува на нешто негативно, односно на казна. На изворниот јазик, зборот кој е преведен со „осуда“ има пошироко значење. Иако може да укажува на осуда, односно на казна, се чини дека во овој контекст Исус мислел на поширокото значење на зборот. Еден библиски речник објаснува дека овој збор укажува на процес во кој некој е набљудуван за да се даде „проценка за него“.