Префрли се на текстот

Префрли се на содржината

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

Уживам да учам за Јехова и да ги поучувам другите за него

Уживам да учам за Јехова и да ги поучувам другите за него

ДОДЕКА растев во Истон (Пенсилванија, САД), бев решен да одам на факултет за да станам некој и нешто. Уживав во учењето и добро ми одеше на часовите по математика и природни науки. Во 1956 год., една организација за човекови права ми даде 25 долари бидејќи имав највисоки оценки меѓу учениците од црната раса. Подоцна, ги сменив моите цели. Зошто?

КАКО ГО ЗАПОЗНАВ ЈЕХОВА

Во почетокот на 1940-тите, моите родители почнаа да ја проучуваат Библијата со Јеховините сведоци. Тие прекинаа со проучувањето, но мајка ми и понатаму ги добиваше списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Во 1950 год., во Њујорк се одржа меѓународен конгрес, и моето семејство присуствуваше на него.

Кратко потоа, брат Лоренс Џефрис почна да нѐ посетува. Тој се трудеше да нѐ поучи за вистината. Во почетокот му приговорив за тоа што Јеховините сведоци не учествуваат во политика и не служат војска. Му реков дека, доколку сите во Америка би одбиле да одат во војна, непријателите би можеле да ја нападнат нашата земја и да ја освојат. Брат Џефрис стрпливо ми одговори: „Доколку сите во Америка би му служеле на Јехова Бог и непријателите би ги нападнале, што мислиш што би направил Јехова?“ Неговиот одговор на ова и на некои други прашања ми помогна да сфатам дека моите приговори беа неосновани. Тоа ме поттикна уште повеќе да се интересирам за библиската вистина.

Моето крштавање

Со часови читав постари броеви од Стражарска кула и Разбудете се! кои мајка ми ги имаше ставено во подрумот. Со текот на времето сфатив дека ја пронајдов вистината и ја прифатив понудата од брат Џефрис да ја проучувам Библијата. Исто така, почнав редовно да присуствувам на состаноците. Уживав во она што го учев и станав објавител на добрата вест. Моите цели се сменија бидејќи сфатив дека е близу „големиот ден на Јехова“ (Соф. 1:14). Повеќе не сакав да одам на факултет, туку да ги поучувам другите за библиската вистина.

Средното училиште го завршив на 13 јуни 1956 год., и три дена подоцна се крстив на еден покраински собир. Воопшто не бев свесен колку многу благослови ќе добијам затоа што го посветив мојот живот на тоа да учам за Јехова и да ги поучувам другите за него.

ПОЧНУВАМ СО ПИОНЕРСКА СЛУЖБА

Шест месеци по моето крштавање, почнав да служам како општ пионер. Во Служба за Царството од декември 1956 год. имаше статија со наслов: „Можеш ли да служиш онаму каде што има поголема потреба?“ Тој поттик важеше и за мене. Сакав да помагам онаму каде што малкумина ја проповедаат добрата вест (Мат. 24:14).

Се преселив во Еџфилд (Јужна Каролина). Во тоа собрание имаше само четири објавители. Со мене бројот порасна на пет. Состаноците ги одржувавме во дневната соба во куќата на еден брат. Секој месец поминував 100 часа во службата на проповедање. Бев зафатен бидејќи предводев во службата на проповедање и држев говори во собранието. Интересно е тоа што колку повеќе бев зафатен толку повеќе учев за Јехова.

Една жена со која ја проучував Библијата беше сопственик на капела во Џонстон, едно гратче оддалечено неколку километри. Таа ми даде работа со скратено работно време, која многу ми беше потребна. И ни дозволи да користиме една мала зграда како сала за состаноци.

Брат Џоли Џефрис, синот на братот кој проучуваше со мене, се досели од Бруклин (Њујорк), и заедно служевме како пионери. Живеевме во една мала камп-приколка која еден брат ни ја даде да ја користиме.

Во јужниот дел на Америка, платите беа ниски. Заработувавме по два до три долара на ден. Еднаш, ги потрошив последните парички за да купам храна во една продавница, и само што излегов ми пристапи еден човек и ме праша: „Дали сакаш работа? Ќе ти плаќам по долар на час“. Работата траеше три дена и требаше да чистам на едно градилиште. Ми беше очигледно дека Јехова ми помага да останам во Еџфилд. Сепак, успеав да отидам на меѓународниот конгрес кој се одржа во 1958 год. во Њујорк.

На нашата венчавка

На вториот ден од конгресот се случи нешто посебно. Ја запознав Руби Ведлингтон, која служеше како општ пионер во Галатин (Тенеси). Бидејќи и двајцата сакавме да служиме како мисионери, присуствувавме на состанокот за школата Гилеад кој се одржа на тој конгрес. Подоцна, почнав да се допишувам со Руби. А по некое време, бев поканет да одржам јавно предавање во Галатин. Ја искористив таа прилика да ја побарам за жена. Потоа се префрлив во собранието на Руби, и се венчавме во 1959 год.

СЛУЖАМ ВО ПОГОЛЕМА МЕРА ВО СОБРАНИЕТО

Кога имав 23 години, во Галатин бев именуван за слуга на собранието (што сега се нарекува координатор на старешинството). Нашето собрание беше првото кое брат Чарлс Томпсон го посети како покраински надгледник. Тој имаше многу големо искуство. Сепак, ме праша какви потреби имаат браќата и сестрите, и како другите покраински надгледници се грижеа за собранието. Од него научив дека е добро да се поставуваат прашања и да се добијат сите факти пред да се донесе некоја одлука.

Во мај 1964 год., бев поканет да присуствувам на Школата за именувани браќа која се одржа во Саут Ленсинг (Њујорк), и која траеше еден месец. Браќата кои ја водеа оваа школа всадија во мене силна желба да учам уште повеќе за Јехова и да станувам поблизок со него.

СЛУЖАМ КАКО ПОКРАИНСКИ И ОБЛАСТЕН НАДГЛЕДНИК

Бев поканет да почнам да служам како покраински надгледник од јануари 1965 год. Јас и Руби бевме доделени во покраина која се протегаше на едно големо подрачје од Ноксвил (Тенеси) па речиси до Ричмонд (Вирџинија). Во неа имаше собранија од државите Северна Каролина, Кентаки и Западна Вирџинија. Во тоа време, во јужниот дел од САД постоеја закони за расна сегрегација и затоа браќата црнци не можеа да се состануваат со браќата белци. Јас ги посетував само црнечките собранија. Браќата во тие собранија немаа многу во материјален поглед. Затоа научивме да го делиме она што го имавме со тие што беа посиромашни. Еден искусен покраински надгледник ми даде една важна поука: „Кога ќе посетиш некое собрание, однесувај се како брат, а не како шеф со другите. Ќе им помогнеш само ако те чувствуваат како свој брат“.

Еднаш, кога посетивме едно мало собрание, Руби почна да ја проучува Библијата со една млада жена која имаше едногодишна ќеркичка. Кога никој во собранието не можеше да проучува со оваа жена, Руби го правеше тоа преку писма. Следниот пат кога го посетивме тоа собрание, жената дојде на сите состаноци. Кога таму се доселија две специјални пионерки, тие продолжија да проучуваат со неа, и таа наскоро се крсти. Околу 30 години подоцна, во 1995 год., во Бетелот во Патерсон, една млада сестра ѝ пристапи на Руби. Тоа беше ќерката на жената со која Руби проучуваше. Ќерката и нејзиниот сопруг присуствуваа на 100. клас од школата Гилеад.

Втората покраина во која служевме беше во Централна Флорида. Во тоа време ни беше потребна кола. Затоа купивме една по многу поволна цена. Но уште првата седмица се расипа еден дел од моторот, а немавме пари за поправка. Сепак, му се јавив на еден брат за кој мислев дека би можел да ни помогне во врска со колата. Братот замоли еден од неговите работници да ја поправи, но не сакаше да му платиме за поправката. Братот само рече: „Не ми должите ништо“. Тој дури ни даде една сума пари како поклон. Тоа за нас беше прекрасен пример за тоа како Јехова се грижи за своите слуги. Ова нѐ поттикна и нас да бидеме дарежливи кон другите.

Секогаш кога ќе посетевме некое собрание, престојувавме во домот на некој од браќата. Така стекнавме голем број добри пријатели. Еден ден, на машината за пишување го оставив извештајот за собранието кој сѐ уште не беше довршен. Вечерта, кога се вратив, открив дека тригодишниот син на нашите домаќини ми „помогнал“ да го довршам извештајот. Со години се шегував со него за тоа.

Во 1971 год., добив писмо во кое бев известен дека ќе служам како областен надгледник во Њујорк. Бевме шокирани! Кога се преселивме таму имав само 34 години и бев првиот областен надгледник во тој град кој беше црнец. Браќата таму срдечно ме пречекаа.

Како областен надгледник, со задоволство ги поучував другите за Јехова секоја седмица на некој покраински собир. Голем број од покраинските надгледници беа поискусни од мене. Еден од нив го држеше говорот за моето крштавање. Еден друг брат, Теодор Џерес, подоцна стана член на Водечкото тело. Исто така, имаше голем број искусни браќа кои служеа во Бетелот во Бруклин. Бев многу благодарен што покраинските надгледници и браќата од Бетел направија да се чувствувам пријатно. Лично се уверив дека овие браќа беа грижливи пастири кои се потпираа на Божјата Реч и верно ја поддржуваа организацијата. Поради нивната понизност ми беше многу полесно да служам како областен надгледник.

ПОВТОРНО СЛУЖАМ КАКО ПОКРАИНСКИ НАДГЛЕДНИК

Во 1974 год., Водечкото тело постави други покраински надгледници да служат како обласни надгледници, а јас повторно почнав да служам како покраински надгледник. Бевме испратени да служиме во Јужна Каролина. За среќа, во тоа време веќе немаше потреба собранијата и покраините да бидат поделени на црнци и белци, и тоа многу ги израдува браќата.

Кон крајот на 1976 год., бевме испратени да служиме во една покраина во Џорџија помеѓу Атланта и Колумбус. Живо се сеќавам на погребниот говор кој го одржав за пет деца кои беа црнци и кои загинаа кога неколку луѓе подметнаа пожар во нивниот дом. Нивната мајка беше повредена и заврши во болница. Голем број Јеховини сведоци, и црнци и белци, постојано доаѓаа во болницата за да ги утешат родителите. Со свои очи видов колку голема љубов покажуваа браќата. Таквото сочувство може да им помогне на Божјите слуги да се справат со најтешките неволји.

ПОЧНУВАМЕ СО БЕТЕЛСКА СЛУЖБА

Во 1977 год., бевме замолени да дојдеме во Бетелот во Бруклин на неколку месеци за да помогнеме со еден проект. Кога проектот беше речиси при крај, двајца членови на Водечкото тело ме прашаа дали јас и Руби би сакале да останеме во Бетел. Ја прифативме поканата.

Цели 24 години служев во Одделението за служба, каде што браќата честопати одговараат на тешки и осетливи прашања кои ги добиваат од старешините и покраинските надгледници. Низ годините, Водечкото тело даваше голем број упатства во склад со библиските начела. На темел на овие упатства, Одделението за служба дава одговор на прашањата што ги добива. Исто така, овие упатства се темел за обуката што ја добиваат покраинските надгледници, старешините и пионерите. Оваа обука им помогна на многумина да растат во духовен поглед, а тоа пак придонесе да се зајакне Јеховината организација.

Од 1995 год. до 2018 год., посетив разни подружници како претставник на главното седиште, што порано се нарекуваше зонски надгледник. Имав можност да се состанам со членови на Одборите на подружниците, со бетелци и со мисионери, со цел да ги охрабрам и да им помогнам во врска со некои нивни тешкотии. А Руби и јас секогаш се охрабрувавме од искуствата што ни ги раскажуваа браќата и сестрите. На пример, во 2000 год. ја посетивме Руанда. Бевме длабоко трогнати кога слушавме како браќата и членовите на бетелското семејство го преживеале геноцидот во 1994 год. Многу од нив изгубиле некој од своите најблиски. И покрај сето тоа што го доживеале, овие браќа и сестри покажуваа вера, надеж и радост.

На 50-годишнината од нашиот брак

Веќе имаме повеќе од 80 години. Во изминатите 20 години служам како член на Одборот на подружницата во САД. Никогаш не добив факултетско образование, но го добив најголемото можно образование од Јехова и од неговата организација. Ова ме оспособи да ги поучувам другите за библиските вистини кои носат вечни благослови (2. Кор. 3:5; 2. Тим. 2:2). Видов како библиската порака им помага на другите да си го подобрат животот и да се зближат со својот Творец (Јак. 4:8). Секогаш кога можеме, јас и Руби ги поттикнуваме другите да ја ценат честа да учат за Јехова и да ги поучуваат другите за вистината. Тоа е најголемата чест што може да ја има еден слуга на Јехова!